Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

На корупцијата ќе ѝ дојде крај!

На корупцијата ќе ѝ дојде крај!

„Надевај се на Јехова и држи се за неговиот пат... Кога злите ќе бидат истребени, ти ќе го видиш тоа“ (ПСАЛМ 37:34)

ДАЛИ и ти, како многу други луѓе, стравуваш дека корупцијата е неизбежна појава и дека никогаш нема целосно да се искорени? Ако да, нормално е да се чувствуваш така. Низ историјата, луѓето пробале секаков можен облик на владеење. Сепак, никогаш не успеале трајно да ја искоренат корупцијата. Има ли некаква надеж дека ќе дојде време кога сите луѓе ќе постапуваат чесно?

Утешно е што Библијата дава потврден одговор! Таа вели дека наскоро Бог ќе ја исчисти Земјата од корупција. Како ќе го направи тоа? Преку своето Царство — една небесна влада која целосно ќе ја преобрази Земјата. Тоа е истото Царство за кое Исус ги поучил своите следбеници да се молат. Во молитвата позната како Оченаш, Исус рекол: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10, Превод на МПЦ).

Во врска со Владетелот на тоа Царство, Исус Христос, во Библијата е проречено: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите. Од угнетување и од насилство ќе ја откупи нивната душа“ (Псалм 72:12-14). Забележи дека Исус сочувствува со оние што се жртви на корупција и дека ќе стори нешто во врска со угнетувањето! Зар тоа не е многу утешно?

Во рацете на тој сочувствителен и моќен Владетел, Божјето Царство ќе ја исчисти Земјата од корупција. Како? На тој начин што ќе ги отстрани трите причини за корупција.

Влијанието на гревот

Засега сите мора да се бориме со грешните склоности што нѐ тераат да постапуваме себично (Римјаните 7:21-23). Сепак, сѐ уште има добри луѓе кои сакаат да го прават она што е исправно. Тие покажуваат вера во откупната вредност на Исусовата пролеана крв и затоа може да им бидат простени гревовите * (1. Јованово 1:7, 9). Таквите луѓе ќе може да извлечат корист од Божјиот најголем чин на љубов, за кој читаме во Јован 3:16: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“.

За оние што имаат доверба во него, Бог ќе направи нешто навистина прекрасно. Во новиот свет што ќе дојде, тој ќе ги отстрани сите траги од гревот и ќе овозможи верните луѓе постепено да станат совршени и праведни (Исаија 26:9; 2. Петрово 3:13). Никогаш повеќе гревот нема да наведува некого да биде корумпиран. Кога ќе владее Божјето Царство, верните луѓе ќе бидат ослободени од ропството на корупцијата.

Влијанието на злобниот свет во кој живееме

За жал, многумина денес намерно ги угнетуваат другите. Ги искористуваат понижените и сиромашните и ги наведуваат и другите да бидат корумпирани. На таквите Библијата им ја дава следнава опомена: „Злосторникот нека го остави својот пат и злобниот нека ги остави своите мисли“. Ако таквите корумпирани лица се покајат, Библијата ветува дека ‚Бог ќе им прости великодушно‘ (Исаија 55:7).

Меѓутоа, Бог ќе мора да ги отстрани сите што намерно одбиваат да се променат. Преку Божјето Царство ќе се исполни следново ветување што е запишано во Библијата: „Надевај се на Јехова и држи се за неговиот пат... Кога злите ќе бидат истребени, ти ќе го видиш тоа“ * (Псалм 37:34). Кога непоправливо злобните луѓе ќе ги нема, оние што верно му служат на Бог нема повеќе да бидат жртви на корупцијата.

Влијанието на Сатана Ѓаволот

Најзакоравен грешник е Сатана Ѓаволот. Треба да бидеме многу благодарни што Јехова наскоро ќе му постави граници на Сатана и нема да му дозволи да влијае врз луѓето. На крајот, Бог ќе го уништи Сатана. Никогаш повторно тој злобен монструм нема да ги наведува луѓето да бидат корумпирани.

Точно, идејата дека Бог ќе ги отстрани сите причини за корупција можеби звучи како чиста фантазија. Можеби се прашуваш: ‚Дали Бог воопшто може да направи такви промени? Ако може, зошто досега не го сторил тоа?‘ Ова се добри прашања на кои Библијата ни дава задоволувачки одговори. * Би било убаво самиот да испиташ што вели таа за нашата блиска иднина, кога корупцијата ќе биде искоренета засекогаш.

^ пас. 8 Нешто повеќе за откупната вредност на Исусовата смрт можеш да прочиташ во 5. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 12 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.