Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Угледајте се на нивната вера

„Примерна жена“

„Примерна жена“

РУТ била клекната крај снопот јачмен што го ожнеала дента. Ноќта полека се спуштала врз полињата околу Витлеем, и многу од работниците веќе оделе кон портата на малото гратче сместено на врвот на блискиот рид. Можеме да си замислиме колку уморна мора да била по цел ден работа. Сепак, не престанала. Продолжила да ги чука класовите со мал стап или пиралка за да паднат зрната. И покрај сѐ, денот поминал добро — дури и подобро отколку што можела да си замисли.

Дали работите конечно се смениле за оваа млада вдовица? Пред некое време таа решила да оди кај што ќе оди и нејзината свекрва, Ноемина, заколнувајќи ѝ се дека ќе остане со неа и дека Јехова, Богот на кој му служи Ноемина, ќе биде и нејзин Бог. Заедно, овие две ужалени жени отишле од Моав во Витлеем, каде што Моавката Рут видела дека Јеховиниот закон им го чувал достоинството и ги заштитувал сиромашните во Израел, па дури и туѓинците. * А сега гледала луѓе од Јеховиниот народ, што од мали нозе биле поучувани за тој закон, како на дело покажуваат вера во Бог и добрина кои биле како мевлем за нејзиното рането срце.

Еден од нив бил Вооз, богат постар човек на чии полиња таа доприбирала. Овој ден, тој ја пофалил со татковски тон. Не можела а да не се насмевне во себе кога низ мислите ѝ поминале неговите љубезни зборови за грижата што ја покажувала кон остарената Ноемина и затоа што избрала да побара засолниште под закрилата на вистинскиот Бог, Јехова (Рут 2:11-13).

Сепак, Рут можеби се прашувала што ја чека понатаму во животот. Поради тоа што била сиромашна туѓинка која немала ниту маж ниту дете, како ќе се прехранела себеси и Ноемина во годините што доаѓале? Ќе можеле ли да преживеат само од доприбирање? И кој ќе се грижел за неа кога ќе остарела? Нормално е да ја измачувале вакви немирни мисли. И во денешниве тешки економски услови, мнозина имаат слични грижи. Но, како што ќе видиме, Рут е убав пример за тоа како верата ни помага во вакви тешки моменти.

Што е вистинско семејство?

Откако ги исчукала зрната од снопот и ги собрала на куп, Рут видела дека имала околу една ефа јачмен, односно 22 литри. Товарот што требало да го понесе можеби тежел околу 14 килограми! Таа веројатно го врзала во парче ткаенина, го ставила на глава и, додека сонцето полека се скривало зад планините, тргнала назад за Витлеем (Рут 2:17).

Ноемина се израдувала кога нејзината мила снаа си дошла дома, а веројатно и подвикнала од изненаденост кога видела колку многу јачмен донела Рут. Таа зела и малку од преостанатата храна што Вооз им ја дал на жетварите, па двете седнале да поткаснат. Ноемина прашала: „Каде доприбираше денес и каде работеше? Нека биде благословен оној што погледнал на тебе!“ (Рут 2:19). Остарената Ноемина имала остро око, тешкиот товар што го донела Рут бил доказ дека некој покажува голема добрина кон оваа млада вдовица.

Почнале да си муабетат, и Рут ѝ раскажала на Ноемина колку добар кон неа бил Вооз. Трогната, Ноемина одговорила: „Нека го благослови Јехова, кој не ги лиши од својата добрина ниту живите ниту мртвите!“ (Рут 2:19, 20). Зад добрината на Вооз таа го гледала Јехова, кој ги поттикнува своите слуги да бидат дарежливи и ветува дека ќе ги награди за нивната добрина * (Изреки 19:17).

Ноемина ја посоветувала Рут да го послуша Вооз и да продолжи да доприбира на неговите полиња заедно со девојките од неговиот дом за да не ја вознемируваат на некоја друга нива. Рут ја послушала. Исто така, продолжила „да живее со својата свекрва“ (Рут 2:22, 23). Овие зборови откриваат уште една извонредна особина на Рут — љубовта. Нејзиниот пример нѐ поттикнува да се прашаме дали покажуваме ценење кон нашите најблиски во семејството така што им помагаме секогаш кога имаат потреба. Таквата љубов сигурно нема да остане незабележана од Јехова.

Но, дали воопшто може да се рече дека Ноемина и Рут биле семејство? Во некои култури се смета дека семејство во вистинска смисла на зборот е она во кое има маж, жена, син, ќерка, дедо, баба итн. Но, Ноемина и Рут нѐ потсетуваат дека оние што му служат на Јехова може да имаат срдечен однос меѓу себе заради кој, колку ѝ да е мало нивното семејство, ќе зрачи со топлина, добрина и љубов. Дали ти си го цениш семејството? Исус ги потсетил своите следбеници дека христијанското собрание може да биде како семејство дури и за оние што немаат свое семејство (Марко 10:29, 30).

„Тој е еден од нашите откупители“

Рут доприбирала на нивите на Вооз од жетвата на јачменот околу април па сѐ до жетвата на пченицата околу јуни. Како што одминувало времето, Ноемина без сомнение сѐ повеќе размислувала што може да направи за својата сакана снаа. Во Моав, Ноемина била повеќе од сигурна дека нема да може да ѝ помогне на Рут да најде друг маж (Рут 1:11-13). Но, сега почнувала да размислува поинаку. Затоа ѝ рекла на Рут: „Ќерко, не треба ли да ти побарам мирен дом за да ти биде добро?“ (Рут 3:1). Во тоа време било вообичаено родителите да му најдат брачен другар на своето дете, а Рут ѝ станала како ќерка на Ноемина. Затоа, сакала да ѝ најде „мирен дом“, односно да си има кров над глава и маж кој ќе ја чува и штити. Но, што можела да направи Ноемина?

Кога Рут за првпат го спомнала Вооз, Ноемина рекла: „Тој човек ни е роднина. Тој е еден од нашите откупители“ (Рут 2:20). Што значело тоа? Во Законот што Бог им го дал на Израелците имало посебни одредби за семејствата кои поради сиромаштија или смртен случај ќе се нашле во неволја. Ако некоја жена останела вдовица пред да има деца, била посебно скршена од тага затоа што не оставила потомство, што значело дека името на нејзиниот маж ќе биде заборавено. Но, Божјиот закон дозволувал неговиот брат да се ожени со вдовицата за таа да може да роди дете, кое ќе го носи името на покојниот сопруг и ќе го наследи семејниот имот * (5. Мојсеева 25:5-7).

Ноемина имала план. Можеме само да си замислиме колку била изненадена младата Рут додека Ноемина ѝ го кажувала! Законот на Израелците веројатно сѐ уште не ѝ бил доволно познат на Рут, и без сомнение многу од неговите обичаи може да ѝ биле далечни. И покрај тоа, таа толку многу ја почитувала Ноемина, што внимателно го слушала секој нејзин збор. Она што Ноемина ја советувала да го направи можеби ѝ изгледало чудно или срамно — па дури и понижувачко  — но, Рут ја послушала. Понизно рекла: „Ќе направам сѐ како што ми велиш“ (Рут 3:5).

Понекогаш на младите им е тешко да го послушаат советот на оние што се постари или поискусни од нив. Лесно е да се помисли дека постарите не можат да ги разберат тешкотиите и проблемите со кои се соочуваат младите. Рут, со својот пример на понизност, нѐ потсетува дека ќе бидеме богато наградени ако ја слушаме мудроста од постарите, кои нѐ сакаат и ни го мислат најдоброто. Но, каков совет ѝ дала Ноемина, и дали Рут навистина била наградена за тоа што го послушала?

Рут на гумното

Една вечер Рут отишла на гумното — рамно, натапкано земјиште на кое земјоделците го носеле житото за вршење и веење. Тоа обично се наоѓало на некоја падина или на врвот на некој рид, каде што во квечерините дувало ветре. За да го одвојат зрното од сламата и плевата, работниците користеле големи вили или лопати со кои го фрлале житото во воздух, при што ветрот ја одвејувал плевата, која била полесна, а зрната, кои биле потешки, паѓале долу.

Рут незабележливо набљудувала додека се привршувала работата таа вечер. Вооз го надгледувал вршењето на житото, кое полека станувало голем куп. Откако слатко се најал, легнал на едниот крај на купот. Веројатно ова било обичај за да се спречи некој да го украде скапоцениот род. Рут видела дека Вооз си легнал. Дошло време да постапи според советот на Ноемина.

Срцето почнало брзо да ѝ чука додека полека се приближувала со тивки чекори. Видела дека тој цврсто спие. Затоа, како што ѝ рекла Ноемина, дошла до неговите нозе, му ги открила и легнала крај нив. Потоа чекала. Времето течело. На Рут сигурно ѝ се чинело дека поминала цела вечност. Некаде околу полноќ Вооз се разбудил. Стресувајќи се од студот тој се подисправил, веројатно за повторно да си ги покрие нозете. Тогаш забележал дека таму има некој. Во Библијата читаме: „Виде жена како лежи кај неговите нозе“ (Рут 3:8).

„Која си ти?“, ја прашал. Рут, можеби со растреперен глас, одговорила: „Јас сум Рут, твојата робинка. Рашири го скутот над својата робинка, зашто ти си откупител“ (Рут 3:9). Некои денешни толкувачи се обидуваат да им придадат сексуална конотација на зборовите и постапките на Рут, но не земаат предвид два едноставни факти. Прво, Рут постапувала според обичаите во тоа време, а многу од нив денеска не можеме да ги сфатиме. Затоа би било погрешно на нејзините постапки да се гледа низ искривената призма на сегашните ниски морални мерила. Второ, реакцијата на Вооз јасно покажува дека во неа гледал морално чиста жена која е за пофалба.

Вооз ѝ возвратил со благ, смирен тон кој сигурно ја утешил Рут. Тој ѝ рекол: „Јехова да те благослови, ќерко! Добротата што ја покажуваш сега е подобра од онаа првата, зашто не отиде да бараш млади мажи, било да се сиромашни било да се богати“ (Рут 3:10). Изразот „онаа првата“ се однесува на добротата што ја покажала Рут кога се вратила со Ноемина во Израел и се грижела за неа. Изразот „сега“ се однесува на она што моментално го правела. Вооз бил свесен дека една млада жена како Рут можела лесно да си бара сопруг меѓу младите мажи, без разлика дали се богати или сиромашни. Наместо тоа, таа сакала да покаже добрина не само кон Ноемина туку и кон нејзиниот починат маж со тоа што ќе го продолжи името на починатиот во неговата родна земја. Не е тешко да се види зошто несебичноста на оваа млада жена му оставила толку силен впечаток на Вооз.

Вооз продолжил: „А сега, ќерко, не плаши се! Ќе направам за тебе сѐ што ќе кажеш, зашто секој во мојот град знае дека си примерна жена“ (Рут 3:11). За него би било чест да се ожени со Рут, и веројатно не се изненадил сосема кога таа побарала да ѝ биде откупител. Меѓутоа, Вооз бил праведен човек и не сакал да се води само по своите лични интереси. Ѝ рекол на Рут дека има уште еден откупител кој бил во уште поблиско сродство со семејството на починатиот сопруг на Ноемина. Вооз имал намера прво да разговара со тој човек и да му даде можност да ѝ стане маж на Рут.

Вооз ѝ рекол на Рут пак да легне и да одмори додека не осамне утрото, а потоа незабележано да си замине. Тој сакал да го зачува нејзиниот, како и својот углед, затоа што луѓето би можеле да дојдат до погрешен заклучок дека се случило нешто неморално меѓу нив. Рут повторно легнала крај неговите нозе, веројатно поспокојна затоа што Вооз толку љубезно ѝ одговорил. Потоа, додека сѐ уште било мрак, Вооз добро ѝ ја наполнил наметката со јачмен, и таа се вратила во Витлеем.

Колку мило мора да ѝ било на Рут кога ќе се присетела на зборовите што ѝ ги кажал Вооз — дека меѓу луѓето е позната како „примерна жена“! Без сомнение таков глас стекнала поради тоа што имала силна желба да го запознае Јехова и да му служи. Исто така, покажала голема добрина и чувствителност кон Ноемина и нејзиниот народ со тоа што спремно ги прифатила обичаите што сигурно ѝ биле сосема непознати. Ако имаме вера како Рут, ќе покажуваме длабока почит кон другите кои имаат поинаков менталитет и обичаи. На тој начин и ние ќе бидеме добар пример за другите.

Мирен дом за Рут

„Дали си тоа ти, ќерко моја?“, рекла Ноемина кога Рут стигнала дома. Веројатно така прашала затоа што било темно, но Ноемина сакала и да дознае дали се случило нешто што ќе води до брак со Вооз или, пак, сѐ е по старо. Рут брзо ѝ раскажала на својата свекрва што се случило меѓу неа и Вооз. Исто така ѝ го дала великодушниот подарок јачмен што Вооз го испратил за Ноемина * (Рут 3:16, 17).

Мудро, Ноемина ѝ рекла на Рут да остане дома тој ден и да чека наместо да оди да доприбира на полињата. Потоа ја уверила: „Тој човек нема да се смири додека не ја заврши таа работа уште денес“ (Рут 3:18).

Ноемина била потполно во право во врска со Вооз. Тој отишол на градската порта, каде што обично се собирале градските старешини, и чекал додека таму не поминал најблискиот роднина. Пред сведоци, Вооз му понудил да биде откупител со тоа што ќе се ожени за Рут. Но тој одбил, тврдејќи дека така ќе си го упропасти своето наследство. Тогаш, Вооз избрал за сведоци неколкумина од оние што биле на градската порта и кажал дека тој ќе биде откупител со тоа што ќе го купи имотот на починатиот маж на Ноемина, Елимелех, и ќе ја земе за жена Рут, вдовицата на Малон, синот на Елимелех. Вооз изразил надеж дека со тоа ќе ‚го подигне името на умрениот врз неговото наследство‘ (Рут 4:1-10). Вооз навистина бил праведен и несебичен човек.

Тој се оженил со Рут. Потоа читаме: „Јехова ѝ даде да забремени, па роди син“. Жените во Витлеем ја благословувале Ноемина и ја фалеле Рут велејќи дека вреди повеќе од седум синови. Подоцна, како што знаеме, синот на Рут станал предок на славниот цар Давид (Рут 4:11-22). Давид, пак, му бил предок на Исус Христос (Матеј 1:1). *

Рут била навистина благословена, како што била и Ноемина, која го чувала детето како свое. Животот на овие две жени до ден-денес е силен доказ дека Јехова Бог е свесен за тешкотиите низ кои минуваат сите оние што напорно работат за да си го прехранат семејството и истрајно му служат со неговиот избран народ. Тој не пропушта да ги награди верните луѓе кои, како Рут, оставаат прекрасен пример со своето однесување.

^ пас. 10 Како што рекла Ноемина, Јехова е добар не само кон живите, туку дури и кон оние што веќе не се меѓу нив. Ноемина останала и без сопруг и без двата сина. Рут го изгубила сопругот. Сигурно и на двете многу им недостасувале тројцата мажи. Секој што ќе покажел добрина кон Ноемина и Рут, всушност, покажувал добрина кон мажите, кои сигурно ќе сакале овие кротки жени да бидат добро згрижени.

^ пас. 15 Правото да се ожени со една вдовица и да го наследи имотот најпрво го имале браќата на починатиот, а потоа најблискиот роднина (4. Мојсеева 27:5-11).

^ пас. 28 Вооз ѝ дал на Рут шест мери со неодредена тежина, можеби за да укаже дека, исто како што по шесте работни дена следи ден за одмор, така и деновите на макотрпна работа за Рут како вдовица наскоро ќе завршат со „одмор“, затоа што ќе има сигурен дом и маж кој ќе се грижи за неа. Од друга страна, шесте мери — најверојатно преполни лопати — можеби биле сета тежина што Рут можела да ја понесе со себе.

^ пас. 31 Рут е една од четирите жени кои Библијата ги спомнува во семејната лоза на Исус. Меѓу нив е и Раав, која му била мајка на Вооз (Матеј 1:3, 5, 6). Како Рут, и таа не била Израелка.