Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Читателите прашуваат...

Дали бракот е клуч за да бидеш среќен?

Дали бракот е клуч за да бидеш среќен?

Дали Библијата вели дека мора да си во брак за да бидеш задоволен и среќен? На прв поглед можеби изгледа така. Зошто?

Според извештајот од 1. Мојсеева, Бог видел дека ‚не било добро‘ првиот маж, Адам, да остане сам. Затоа ја создал Ева како „дополнение“ на Адам (1. Мојсеева 2:18). Од ова би можеле да заклучиме дека една личност не е комплетна ако не е во брак. Освен тоа, во многу библиски извештаи бракот е прикажан како извор на благослови и радост. Еден таков пример е извештајот за Рут.

Но, дали целта на тие извештаи е да ни покажат дека христијаните денес не можат да бидат среќни, исполнети или комплетни личности ако не се во брак и немаат деца? Сигурно не. Најкомплетната личност и најисполнетиот човек кој некогаш живеел бил Исус Христос. Сепак, останал неженет до својата смрт. Исус, најмудриот човек што некогаш живеел, ги имал и истите особини како „среќниот Бог“, Јехова (1. Тимотеј 1:11; Јован 14:9). Исус кажал што му треба на еден човек за да биде среќен во овој свет (Матеј 5:1-12). Меѓу работите што ги спомнал, не го вклучил и бракот.

Тогаш, дали Библијата си противречи во врска со ова? Ни најмалку. Да видиме која била намерата на Јехова со бракот. Иако е точно дека тој го основал бракот за да биде извор на радост, блискост и утеха, понекогаш брачното уредување играло клучна улога во исполнувањето на некои аспекти од Божјата волја. На пример, Божјата намера била Адам и Ева да ‚се плодат и да се множат и да ја наполнат земјата‘ (1. Мојсеева 1:28). Ниту Адам ниту Ева не можеле сами да го исполнат она што го рекол Бог. На секој од нив му бил потребен другиот, и секој го дополнувал другиот на посебен начин.

Слично на тоа, и кога станувало збор за нацијата Израел, Јехова сакал Израелците да стапуваат во брак и да имаат деца од посебни причини. Тој сакал неговиот народ да биде многуброен за да не биде надвладеан од непријателите. Исто така, имал намера во племето Јуда да се роди Месијата, кој требало да ги спаси верните луѓе од последиците на гревот и смртта (1. Мојсеева 49:10). Затоа, за верните Израелки било посебна чест да имаат маж и деца, а причина за срам и тага ако немаат.

Како е денес? Дали заповедта ‚да се наполни земјата‘, која Бог ја дал во минатото, ги обврзува христијаните што живеат на нашава пренаселена планета да стапуваат во брак и да имаат деца? Не (Матеј 19:10-12). Ниту, пак, сѐ уште има потреба да се зачува лозата на Месијата или да се заштити народот во кој требало да се роди Спасителот. Тогаш, како треба христијаните денес да гледаат на бракот и на самештвото?

Всушност, и бракот и самештвото се дарови од Бог. Како што знаеме, еден подарок може да биде идеален за еден човек, но да не биде добар за друг. Бракот е свето уредување во кое може да се најде љубов, друштво и стабилна средина за подигање деца. Во исто време, Библијата реално вели дека оние што ќе стапат во брак во овој несовршен свет ќе имаат проблеми, односно „телесни неволји“. Што се однесува до самештвото, Јехова не го гледа како причина за срам или тага. Напротив, во неговата Реч пишува дека самештвото си има свои предности во однос на бракот (1. Коринќаните 7:28, 32-35).

Значи, Библијата изнесува урамнотежено гледиште за бракот и за самештвото. Јехова, оној што го основал брачното уредување и семејството, сака сите негови слуги да бидат среќни и исполнети, независно од тоа дали се самци или се во брак.