Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животна приказна

Пријатели веќе 60 години

Пријатели веќе 60 години

Една летна вечер, во 1951 год., четири момчиња кои имале по дваесетина години возбудено влегле во телефонски говорници во Итака (Њујорк, САД) за да им јават една добра вест на своите домашни во Мичиген, Ајова и Калифорнија.

НЕКОЛКУ месеци пред тоа, во февруари, 122 пионери пристигнале во Саут Ленсинг (Њујорк), за да присуствуваат на 17. клас на школата Гилеад. Меѓу овие идни мисионери биле и Лоел Тарнер, Вилијам (Бил) Кастен, Ричард Келси и Рамон Темплтон. Лоел и Вилијам биле од Мичиген, Ричард бил од Ајова, а Рамон од Калифорнија. Тие брзо се спријателиле.

Околу пет месеци подоцна, била најавена посетата на брат Натан Нор од светското седиште, кој требало да им одржи говор на учесниците на школата. Ова известување предизвикало голема возбуда кај нив. Пред тоа, четворицата пријатели изразиле желба, доколку е можно, да служат заедно во иста земја. Конечно дошол моментот да дознаат каде ќе бидат испратени како мисионери.

Возбудата пораснала кога брат Нор, зборувајќи пред целиот клас, почнал да чита во која земја ќе служи секој од нив. Први на бината биле повикани овие четири момчиња. Иако имале трема, им олеснило кога сфатиле дека сепак ќе останат заедно! А кога брат Нор кажал дека ќе бидат испратени во Германија, нивните изненадени соученици почнале силно да ракоплескаат. Што ја предизвикало таа воодушевеност?

Јеховините сведоци низ целиот свет се восхитувале на верноста што ја покажале Сведоците во Германија во периодот од 1933 год. до крајот на војната, кога Хитлер бил на власт. По Втората светска војна, многумина од овој клас на Гилеад подготвувале пратки со облека и храна за своите браќа во Европа. Божјите слуги во Германија дале извонреден пример за вера, одлучност, храброст и доверба во Јехова. ‚Сега ќе имаме можност лично да се запознаеме со овие драги браќа и сестри‘, помислил Лоел. Ништо чудно што сите биле толку возбудени и морале уште истата вечер да им се јават на своите најблиски!

НА ПАТ ЗА ГЕРМАНИЈА

На 27 јули 1951 год., паробродот Татковина испловил од пристаништето Ист Ривер во Њујорк и ги повел четворицата пријатели на нивното 11-дневно патување до Германија. Брат Алберт Шредер, еден од нивните инструктори на Гилеад, кој подоцна стана член на Водечкото тело, им помогнал да ги научат првите реченици на германски. Бидејќи на бродот имало неколку германски патници, си мислеле дека ќе можат да научат уште нешто. Но, патниците зборувале различни германски дијалекти. Тоа уште повеќе ги збунило!

Нивното патување, на кое сите добиле морска болест, завршило во вторник наутро, на 7 август, кога конечно стапнале на германско тло во Хамбург. Она што го виделе многу ги погодило. Насекаде се гледале траги од војната која завршила само шест години пред тоа. Разжалостени, тие се качиле на воз и цела ноќ патувале до Визбаден, каде што тогаш се наоѓал Бетелот.

Веќе во среда наутро се сретнале со првиот Сведок во Германија, кој имал типично германско име — Ханс! Тој ги префрлил од железничката станица до Бетел, каде што ги пречекала една прилично строга постара сестра која не знаела ни збор англиски. Таа очигледно мислела дека ќе ја разберат ако зборува погласно. Но, нејзиното викање само придонело сите да станат уште понервозни. На крајот се појавил брат Ерих Фрост, кој во тоа време бил слуга на подружницата, и срдечно ги поздравил на англиски. Конечно работите тргнале на подобро!

При крајот на август, четворицата пријатели присуствувале на својот прв конгрес на германски јазик, со мото „Чисто обожавање“, кој се одржал во Франкфурт на Мајна. Имало вкупно 47.432 присутни, а се крстиле 2.373 лица. Тоа уште повеќе ја разгорело ревноста и желбата за проповедање кај овие четворица мисионери. Но, неколку дена подоцна, брат Нор ги известил дека ќе останат да служат во Бетел.

Радоста што им ја носеле задачите била јасен доказ дека Јехова секогаш знае што е најдобро за нас

Бидејќи многу ја сакал мисионерската служба, Рамон еднаш ја одбил поканата да служи во Бетелот во Соединетите Држави. А Ричард и Бил никогаш порано не размислувале за бетелска служба. Но, радоста што им ја носеле задачите кои ги вршеле во Бетел за нив била јасен доказ дека Јехова секогаш знае што е најдобро за нас. Колку е мудро да го следиме неговото водство наместо своите желби. Оној што го сфатил ова ќе биде среќен да служи на секое место и да ја врши секоја задача што ќе му ја даде Јехова.

ФЕРБОТЕН!

Многу членови на германското бетелско семејство биле среќни што кај нив дошле Американци со кои ќе можат да вежбаат англиски. Но, еден ден оваа надеж им била срушена. Додека сите седеле во трпезаријата, брат Фрост почнал да кажува нешто многу сериозно на германски. Повеќето од бетелците седеле како попарени со наведнати глави. Иако новодојдените браќа не можеле да разберат за што се работи, постепено сфатиле дека е нешто во врска со нив. Затоа, кога брат Фрост гласно кажал „ФЕРБОТЕН!“ („Забрането!“), и уште еднаш го нагласил тој збор, им станало непријатно. Со што предизвикале толку остра реакција?

Откако завршиле со јадењето, сите набрзина си заминале во собите. Подоцна, еден брат им објаснил: „За да ни помогнете, мора да знаете германски. Затоа брат Фрост рече дека, сѐ додека не го научите јазикот, ЗАБРАНЕТО Е да зборуваме англиски со вас“.

Членовите на бетелското семејство веднаш го послушале ова упатство. Тоа навистина им помогнало на четворицата пријатели да научат германски. Но, исто така им помогнало да разберат дека советите што ги добиваме од некој грижлив брат обично се за наше добро, иако можеби во почетокот ни е тешко да ги послушаме. Од советот на брат Фрост јасно се гледало дека е заинтересиран за доброто на Јеховината организација и дека ги сака браќата. * Ништо чудно што сите четворица многу го засакале!

ДА УЧИМЕ ОД НАШИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

Примерот на нашите богобојазливи пријатели може да ни помогне да станеме уште поблиски со Јехова. Четворицата мисионери стекнале скапоцени поуки од многуте верни браќа и сестри од Германија. Но, исто така учеле и еден од друг. Ричард објаснува: „Лоел знаеше малку германски и добро се снаоѓаше, но за нас тројцата беше многу потешко. Бидејќи беше и најстар, секогаш го прашувавме него во врска со јазикот и оставивме тој да нѐ предводи“. Рамон си спомнува: „По една година откако дојдовме во Германија, еден брат ни понуди да го поминеме нашиот прв одмор во неговата планинска колиба во Швајцарија. Бев пресреќен што цели две седмици нема да се мачиме да зборуваме германски! Но, не знаев што има на ум Лоел. Тој бараше секое утро да го разгледуваме дневниот стих на германски! Не сакаше да попушти за жива глава. Но, од тоа научивме нешто многу важно — биди им послушен на оние што ти го мислат најдоброто, дури и ако некогаш не се согласуваш со нив. Ваквиот став многу ни помогна низ годините и ни олесни да се подложуваме на водството од нашата организација“.

Четворицата пријатели научиле и меѓусебно да си ги ценат добрите страни, во склад со советот од Филипјаните 2:3, каде што пишува: „Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“. На пример, другите тројца покажувале почит кон Бил со тоа што му ги препуштале задачите кои сметале дека тој може да ги заврши подобро од нив. Лоел вели: „Кога требаше да се расчисти некоја тешка ситуација и да се преземат чекори кои не беа баш пријатни, баравме помош од Бил. Тој знаеше како да се справи со непријатни ситуации. Иако и ние се согласувавме со неговото решение, понекогаш ни недостигаше храброст или способност да постапиме како него“.

СРЕЌНИ БРАКОВИ

Со текот на времето, еден по еден сите решиле да стапат во брак. Љубовта кон Јехова и кон полновремената служба била темелот за нивното пријателство. Затоа биле решени да најдат сопруги на кои Јехова им е на прво место во животот. Од полновремената служба научиле дека давањето навистина повеќе усреќува отколку примањето, и дека личните желби не треба никогаш да им бидат поважни од Божјето Царство. Затоа се ожениле со сестри кои веќе биле во полновремена служба. Од нивната одлука произлегле четири стабилни и среќни бракови.

Еден брак — исто како и едно пријателство — ќе биде цврст и траен само ако Јехова е дел од него (Проп. 4:12). Четворицата пријатели имале убави бракови затоа што секогаш добивале поддршка од своите верни жени. На Бил и на Рамон подоцна им починале сопругите. По некое време, Бил повторно стапил во брак со сестра со која заедно продолжиле во полновремена служба.

Низ годините, Лоел, Бил, Ричард и Рамон служеле на различни места — главно во Германија, Австрија, Луксембург, Канада и САД. Поради тоа, не можеле да се дружат онолку колку што сакале. Но, иако живееле далеку едни од други, останале во контакт, споделувајќи ги и убавите и тажните моменти во животот (Рим. 12:15). Секој што има такви пријатели треба многу да ги цени и да биде благодарен за нив. Тие се скапоцен дар од Јехова (Изр. 17:17). Иако во денешниот свет е многу тешко да се најдат вистински пријатели, тоа не е случај кај Божјите слуги. Како Јеховини сведоци, ние сме дел од едно меѓународно братство и благодарение на тоа можеме да стекнеме многу пријатели од разни делови на светот. Се разбира, наши најголеми пријатели се Јехова Бог и Исус Христос.

На овие четворица пријатели, исто како и на секого од нас, не им било секогаш лесно. Биле погодени од најразлични проблеми: некои од нив се соочиле со болна загуба на брачниот другар, се бореле со тешка болест, се грижеле за остарени родители, се труделе да воспитаат дете без да прекинат со полновремената служба, се справувале со загриженоста и неизвесноста што ги носат новите теократски задачи, а сега и со тешкотиите што сѐ повеќе ги притискаат поради староста. Но, од прва рака сфатиле дека пријателите — и тие што се близу до нас и тие што се далеку — им помагаат на своите соверници успешно да се справат со секој предизвик.

ПРИЈАТЕЛСТВО ШТО ВЕЧНО ЌЕ ТРАЕ

Овие четворица пријатели се крстиле како Јеховини сведоци уште кога биле многу млади — Лоел на 18, Рамон на 12, Бил на 11 и Ричард на 10 години. Освен тоа, започнале со полновремена служба кога имале меѓу 17 и 21 година. Колку убаво што го послушале советот од Проповедник 12:1, каде што пишува: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“.

Ако си крстен млад брат и ако околностите ти дозволуваат, прифати ја Јеховината покана да започнеш со полновремена служба. Тогаш, благодарение на неговата незаслужена доброта, ќе можеш слично на овие браќа радосно да вршиш разни теократски одговорности. Низ годините, тие служеле како покраински, обласни или зонски надгледници; служеле во Бетел, во Одбори на подружници; биле инструктори во Школи за именувани браќа и во Школи за пионери; и држеле говори и на големи и на мали конгреси. Тоа што знаеле дека со својата служба им помагаат на десетици илјади браќа и сестри, им причинувало голема радост. Сето тоа било возможно затоа што, уште како млади, ја прифатиле Јеховината покана да му служат со сета душа (Кол. 3:23).

Денес, Лоел, Ричард и Рамон повторно служат заедно во подружницата во Германија, која сега се наоѓа во Селтерс. За жал, Бил починал во 2010 год., додека служел како специјален пионер во САД. Смртта на едниот пријател му нанела тежок удар на ова посебно пријателство, кое траело речиси 60 години! Но, нашиот Бог, Јехова, никогаш не ги заборава своите пријатели. Уверени сме дека секое пријателство кое привремено било прекинато со смртта ќе биде обновено под власта на Божјето Царство.

„Во текот на сите овие 60 години, немаше ниту една непријатна ситуација меѓу нас“

Кратко пред својата смрт, Бил напишал: „Во текот на сите овие 60 години, немаше ниту една непријатна ситуација меѓу нас. Нашето пријателство отсекогаш беше скапоцено за мене“. Неговите тројца пријатели, кои се цврсто уверени дека нивното пријателство ќе продолжи во новиот свет, додаваат: „Ова е само почеток!“

^ Интересната животна приказна на брат Фрост излезе во Стражарска кула од 15 април 1961, страници 244-249 (англ.).