Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

,Однесувајте се како помали‘

,Однесувајте се како помали‘

„Оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“ (ЛУКА 9:48)

1, 2. Каков совет им дал Исус на апостолите, и зошто?

ВО 32 год. од н.е., Исус и неговите апостоли се наоѓале во Галилеја. Тогаш некои од апостолите почнале да се расправаат кој од нив е најголем. Лука, писателот на едно евангелие, пишува: „Почнаа да размислуваат кој од нив би можел да биде најголем. А Исус знаеше што размислуваат во своето срце, па зеде едно дете, го стави покрај себе и им рече: ‚Кој го прима ова дете во мое име, ме прима и мене, а кој ме прима мене, го прима и оној што ме испрати. Зашто, оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем‘“ (Лука 9:46-48). Исус стрпливо им помогнал на своите ученици да сфатат дека треба да бидат понизни.

2 Дали советот што им го дал во врска со понизноста бил во склад со ставот на Евреите во првиот век? Не. Во една книга која зборува за општествените услови во тоа време, се вели дека меѓу тогашните Евреи постојано се поставувало прашањето кој е поголем бидејќи тие придавале посебна важност на положбата што некој ја имал во општеството (Theological Dictionary of the New Testament). Но, Исус ги поттикнал своите апостоли да бидат поинакви од луѓето околу нив.

3. а) Што значи некој да се однесува како помал, и зошто не е лесно да го правиме тоа? б) Кои прашања ќе бидат одговорени во оваа статија?

3 Грчкиот збор преведен со „помал“ значи скромен, понизен, неважен, безначаен, без никаква моќ или влијание. Исус ги поучил своите апостоли дека треба да бидат понизни и скромни како деца. Советот што им го дал на своите ученици во првиот век важи и за вистинските христијани денес. Можеби ни е тешко да се однесуваме како помали — особено во некои ситуации. Бидејќи сме несовршени, склони сме да бидеме горди и сакаме да бидеме подобри од другите. Освен тоа, под влијание на Сатановиот свет, во кој владее натпреварувачки дух, би можеле да станеме себични и спремни да ги газиме и да ги искористуваме оние околу нас. Што ќе ни помогне да се однесуваме како помали? Во која смисла е ‚голем‘ оној што се однесува како помал? На кои полиња од животот треба да се трудиме да покажуваме понизност?

„О ДЛАБОЧИНО НА БОЖЈЕТО БОГАТСТВО, МУДРОСТ И ЗНАЕЊЕ!“

4, 5. Што ќе нѐ поттикне да развиваме понизност? Наведи пример.

4 Што ќе ни помогне да бидеме понизни? Добро е да размислуваме за тоа колку е величествен Јехова во споредба со нас. Библијата вели дека „неговиот разум е неиспитлив“ (Иса. 40:28). Во врска со Јеховината возвишеност, апостол Павле го напишал следново: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта!“ (Рим. 11:33). Овие зборови биле запишани пред 2.000 години. Иако луѓето денес имаат многу поголемо знаење од тогаш, она што го кажал Павле сѐ уште е точно. Сеедно колкаво знаење сме стекнале, ние никогаш нема да престанеме да учиме за Јехова, за неговите дела и за неговите патишта. Ова треба да ни помогне да останеме понизни.

5 На пример, на Лео * му помогнало да биде понизен тоа што сфатил дека никогаш нема да знае сѐ за Божјите созданија. Како млад, тој бил воодушевен од науката. Бидејќи сакал да научи што е можно повеќе за вселената, студирал астрофизика. Но, сфатил дека науката не може да им ги одговори на луѓето сите прашања во врска со вселената. Затоа се префрлил на правен факултет. Со текот на времето, станал јавен обвинител, а потоа и судија. Подоцна, тој и жена му почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци, ја прифатиле вистината и станале Божји слуги. Што му помогнало на Лео да се однесува како помал иако имал високо образование? Тој вели: „Тоа што сфаќам дека, без разлика колку сме научиле за Јехова и за вселената, секогаш ќе имаме да учиме уште многу“.

6, 7. а) Каков извонреден пример за понизност ни дава Јехова? б) Во која смисла некој може да биде ‚голем‘ благодарение на Божјата понизност?

6 Друго нешто што ни помага да бидеме понизни е тоа што и самиот Јехова покажува понизност. Размисли за следново: „Ние сме Божји соработници“ (1. Кор. 3:9). Замисли си! Севишниот Јехова Бог ни укажува чест со тоа што ни дава можност да ја вршиме нашата служба користејќи ја неговата Реч, Библијата. Иако Јехова е тој што дава да расте семето што сме го посадиле и што го залеваме, ние имаме чест да соработуваме со него во ова дело (1. Кор. 3:6, 7). Зарем тоа не е извонреден пример на понизност? Неговиот пример навистина треба да нѐ поттикне да се однесуваме како помали!

7 Давид бил восхитен од Божјата понизност. Тој во песна му го рекол следново на Јехова: „Ти ми го даваш својот штит на спасението, твојата понизност ме прави голем“ (2. Сам. 22:36). Давид бил свесен дека можел да направи толку големи дела во Израел само благодарение на тоа што Јехова ‚се наведнал‘, односно покажал понизност така што му обрнал внимание и му помагал (Пс. 113:5-7). Истото важи и за нас. Зарем имаме некои особини, способности или одговорности што ‚не сме ги примиле‘ од Јехова? (1. Кор. 4:7). Оној што се однесува како помал е голем во таа смисла што станува уште поскапоцен слуга на Јехова (Лука 9:48). Да видиме што значи ова.

‚ОНОЈ ШТО СЕ ОДНЕСУВА КАКО ПОМАЛ Е ГОЛЕМ‘

8. Каков став ќе имаме кон Јеховината организација ако сме понизни?

8 Оние што се понизни служат со радост во Божјата организација и ги поддржуваат сите одлуки и активности во собранието. На пример, размисли за Петра, една девојка чии родители се Јеховини сведоци. Бидејќи не сакала никој да ѝ кажува што да прави, таа го напуштила собранието. Со години подоцна, повторно почнала да доаѓа на состаноци. Сега е среќна што е дел од Јеховината организација и спремно соработува со сѐ што се прави во собранието. Што ѝ помогнало да го смени својот став? Таа вели: „Сфатив дека, за да се чувствувам убаво во Божјата организација, потребни се две многу важни особини — понизност и скромност“.

9. Каков став има понизниот христијанин кон духовната храна што ја добиваме, и зошто е уште поскапоцен поради тоа?

9 Понизниот христијанин е благодарен од срце за сѐ што добива од Јехова, вклучувајќи ја и духовната храна. Затоа трудољубиво ја проучува Библијата и внимателно ги чита списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Многу Јеховини слуги имаат обичај да ја прочитаат секоја нова публикација пред да ја остават на полицата. Кога покажуваме дека сме понизни и благодарни со тоа што ги читаме и проучуваме нашите публикации, стануваме поблиски со Јехова и тој може уште повеќе да нѐ користи во својата служба (Евр. 5:13, 14).

10. На кој начин може да се однесуваме како помали во собранието?

10 Оној што се однесува како помал е „голем“ и на друг начин. Во секое собрание има оспособени мажи кои се именувани да служат како старешини под водство на Јеховиниот свет дух. Тие ги организираат собраниските состаноци, службата на проповедање и се грижат како пастири за собранието. Кога се однесуваме како помали со тоа што спремно го поддржуваме сето она што тие го прават, ние придонесуваме за радоста, мирот и единството во собранието. (Прочитај Евреите 13:7, 17.) А ако ти служиш како старешина или слуга-помошник, дали покажуваш понизност со тоа што си благодарен за таа одговорност која ти ја доверил Јехова?

11, 12. Кој став ќе ни помогне да бидеме уште поскапоцени за Јеховината организација, и зошто?

11 Оној што се однесува како помал е „голем“, односно уште поскапоцен за Јеховината организација, бидејќи поради таквиот став Бог може да го користи во поголема мера. Исус морал да ги советува учениците да се однесуваат како помали бидејќи некои од нив биле под влијание на ставовите кои преовладувале во тогашниот свет. Во Лука 9:46 се вели дека апостолите ‚почнале да размислуваат кој од нив би можел да биде најголем‘. Дали и ние би можеле да почнеме да си мислиме дека на некој начин сме подобри од нашите браќа, па и од другите луѓе? Ние треба да се разликуваме од луѓето во овој свет, кои се горделиви и себични. Кога се однесуваме како помали и ја ставаме Јеховината волја на прво место, нашите браќа и сестри се чувствуваат убаво во наше друштво.

12 Ако сфатиме што сакал да каже Исус кога го дал советот да се однесуваме како помали, ќе бидеме поттикнати да покажуваме понизност на сите полиња од животот. Сега да обрнеме внимание на три полиња.

ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ЗА ДА СЕ ОДНЕСУВАШ КАКО ПОМАЛ

13, 14. Како можат брачните другари да се однесуваат како помали, и како може тоа да влијае врз бракот?

13 Во бракот. Многу луѓе денес инсистираат само на своите права, и спремни се да го добијат она што мислат дека им следува дури и ако со тоа ги газат правата на другите. Но, оној што е понизен го има ставот на кој нѐ поттикнал Павле. Во своето писмо до Римјаните, тој напишал: „Да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Рим. 14:19). Оној што се однесува како помал се труди да биде во мир со сите, а особено со својот сакан брачен другар.

14 На пример, можеби мажот сака да се рекреира на поинаков начин од жената. Можеби тој сака во слободното време да остане дома и да си чита нешто. Жената, пак, можеби повеќе сака да излезат да прошетаат или да одат некаде на гости. Зарем нема да ѝ биде полесно да го почитува својот сопруг ако види дека тој е понизен и дека не го прави само она што нему му одговара туку ги зема предвид и нејзините желби? А мажот уште повеќе ќе ја сака и ќе ја цени својата сопруга ако види дека таа не настојува секогаш да биде по нејзино туку размислува и за она што тој го сака. Брачните другари стануваат поблиски кога секој од нив се однесува како помал. (Прочитај Филипјаните 2:1-4.)

15, 16. Според Псалм 131, каков поттик им дал Давид на Израелците? Како треба да влијае ова врз нашиот став?

15 Во собранието. Многу луѓе во светот мислат дека веднаш мора да го добијат она што го сакаат. Тие се нестрпливи и не сакаат да чекаат ни малку. Кога сме понизни, полесно ни е да го чекаме Јехова, односно да имаме доверба во него. (Прочитај Псалм 131:1-3.) Таквиот став ќе ни донесе многу благослови. Ќе се чувствуваме безбедни, смирени и среќни. Ништо чудно што Давид ги охрабрил Израелците стрпливо да го чекаат својот Бог!

16 Ако понизно го чекаш Јехова, и ти ќе имаш внатрешен мир како што имал Давид (Пс. 42:5). Можеби сакаш да служиш како старешина за да можеш уште повеќе да им помагаш на браќата во собранието (1. Тим. 3:1-7). Се разбира, со помош на светиот дух, најпрво треба да дадеш сѐ од себе да ги развиеш особините што треба да ги има еден старешина. Но, што ако мора да чекаш подолго од некои други? Оној што се однесува како помал стрпливо чека да добие поголеми одговорности во собранието. Тој продолжува радосно да му служи на Јехова и со задоволство ја врши секоја задача што му е доделена.

17, 18. а) Каков ќе биде резултатот ако бараме прошка од другите, а и самите сме спремни да простиме? б) Кој совет ни е даден во Изреки 6:1-5?

17 Во нашите односи со другите. На повеќето луѓе им е тешко да се извинат. Но, Божјите слуги се однесуваат како помали со тоа што си ги признаваат грешките и бараат прошка од другите. Освен тоа, спремни се и самите да простат кога некој ќе им згреши ним. Гордоста води до расправии и раздор, а простувањето помага во собранието да владее мир.

18 Можеби ќе треба да ‚се понижиме‘ така што искрено ќе се извиниме. Тоа би било случај ако, на пример, во некоја ситуација не сме успеале да си го одржиме зборот поради некои непредвидени околности. Иако можеби и другата страна сноси извесна вина, понизниот христијанин размислува за својот пропуст и спремен е да го признае. (Прочитај Изреки 6:1-5.)

19. Зошто треба да бидеме благодарни што Библијата нѐ советува да се однесуваме како помали?

19 Многу сме благодарни што Библијата нѐ советува да се однесуваме како помали. Точно, понекогаш не е лесно да бидеме понизни. Но, ако размислуваме колку Јехова е повозвишен од нас, а сепак покажува понизност, тоа може да нѐ поттикне да ја развиеме оваа прекрасна особина. Така ќе бидеме уште поскапоцени слуги на Јехова. Затоа, да дадеме сѐ од себе да се однесуваме како помали.

^ пас. 5 Имињата се сменети.