Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова е спремен да прости — што значи тоа за тебе?

Јехова е спремен да прости — што значи тоа за тебе?

‚Јехова е Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, простува престап, вина и грев‘ (2. МОЈ. 34:6, 7)

1, 2. а) Што учиме за Бог од начинот на кој постапувал со израелскиот народ? б) Кое прашање ќе биде одговорено во оваа статија?

ВО ВРЕМЕТО на Неемија, една група левити признале во јавна молитва дека нивните прататковци постојано одбивале да ги слушаат Јеховините заповеди. Но, Јехова секогаш одново покажувал дека е „Бог кој простува, кој е добар и милосрден, бавен на гнев и полн со милост“. Тој продолжил да покажува незаслужена доброта кон Израелците кои во времето на Неемија се вратиле во својата родна земја по долги години изгнанство (Неем. 9:16, 17).

2 Добро е секој од нас да се праша: ‚Што значи за мене лично тоа што Јехова е спремен да прости?‘ За да одговориме на ова важно прашање, да видиме како Бог им простил на цар Давид и на цар Манасија, и што значело тоа за нив.

ДАВИД НАПРАВИЛ ТЕШКИ ГРЕВОВИ

3-5. Какви тешки гревови направил Давид?

3 Иако бил богобојазлив човек, Давид сепак направил тешки гревови. Два од нив биле поврзани со една брачна двојка, Урија и Витсавеа. Сите тројца сноселе многу болни последици. Но, од начинот на кој Бог го исправил Давид можеме да научиме многу за спремноста на Јехова да прости. Да видиме што се случило.

4 Цар Давид ја испратил израелската војска да ја опколи Рава, престолнината на Амонците, која се наоѓала на 80-ина километри источно од Ерусалим, од другата страна на реката Јордан. Во меѓувреме, додека една ноќ се шетал на покривот на царскиот дворец во Ерусалим, тој здогледал една жена како се капе. Жената била Витсавеа, а нејзиниот маж во тоа време бил на бојното поле. Толку му се допаднала на Давид, што тој заповедал да ја доведат кај него во дворецот каде што направил прељуба со неа (2. Сам. 11:1-4).

5 Кога подоцна дознал дека Витсавеа останала бремена, тој му заповедал на својот војсководец Јоав да го испрати нејзиниот маж во Ерусалим. Откако Урија дошол кај него, Давид упорно го наговарал да си оди дома, надевајќи се дека ќе легне со својата жена. Но, Урија никако не сакал да го послуша. Затоа, царот тајно му напишал писмо на Јоав да го постави Урија „напред, каде што битката е најжестока“, и да нареди војската да се повлече од него и да го остави сам. Бидејќи така бил многу лесен плен, маж ѝ на Витсавеа загинал во битката, токму како што испланирал Давид (2. Сам. 11:12-17). На тој начин, царот не само што направил прељуба, туку и дал налог да се убие невин човек.

ДАВИД СЕ КАЕЛ

6. Што презел Бог откако Давид згрешил? Што ни открива тоа за Јехова?

6 Се разбира, Јехова видел сѐ што се случило. Ништо не може да се скрие од неговиот поглед (Изр. 15:3). Иако царот подоцна се оженил со Витсавеа, ‚она што го направил било зло во очите на Јехова‘ (2. Сам. 11:27). Што презел Бог во врска со овие тешки гревови на Давид? Тој го испратил пророкот Натан кај царот. Бидејќи е Бог кој простува, Јехова сакал да покаже милост, но најпрво морал да види дали Давид навистина се кае. Зарем не е утешно што Бог бил спремен да постапи на таков начин? Тој не го присилил Давид да признае што направил, туку го испратил Натан да му каже една споредба за да може царот да сфати колку биле тешки гревовите што ги направил. (Прочитај 2. Самоилова 12:1-4.) Така Јехова можел да открие што навистина чувствувал Давид.

7. Како реагирал Давид кога ја чул споредбата на Натан?

7 Со споредбата што ја кажал, Натан го побудил чувството за правда кај Давид. Царот толку се разгневил на богатиот човек од приказната што му рекол на Натан: „Како што е жив Јехова, човекот што го направил тоа заслужува смрт!“ Освен тоа, рекол дека на жртвата на таа неправда треба да ѝ се надомести загубата. Но, следните зборови на Натан го погодиле како гром од ведро небо. „Ти си тој човек“, му рекол пророкот. А потоа му кажал и кои ќе бидат последиците од неговите постапки — „мечот“ немало да се оддалечи од домот на Давид и зло ќе го погодело неговото семејство. Освен тоа, јавно ќе бил понижен за своите гревови. Давид сфатил колку тежок грев направил и покајнички признал: „Му згрешив на Јехова“ (2. Сам. 12:5-14).

ДАВИД СЕ МОЛЕЛ И БОГ МУ ПРОСТИЛ

8, 9. Што открива Псалм 51 за најдлабоките чувства на Давид, и што учиме од овој псалм за Јехова?

8 Подоцна Давид го составил Псалм 51 од кој јасно се гледа колку жалел поради тоа што го направил. Тој го преколнувал Јехова да не го отфрли. Освен што ги признал своите гревови, тој покажал дека од дното на душата се кае за тоа што го сторил. На Давид му било најважно пријателството со Бог. Тој му признал на Јехова: „Тебе, тебе ти згрешив и го направив она што е зло во твои очи“. А потоа го молел: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух... Врати ми ја радоста на твоето спасение и разбуди во мене желба да ја вршам твојата волја“ (Пс. 51:1-4, 7-12). Дали и ти исто толку искрено и отворено зборуваш со Јехова за своите грешки?

9 Јехова не го поштедил Давид од болните последици на неговите гревови. Поради тоа што го направил, тој имал проблеми до крајот на својот живот. Сепак, Јехова му простил затоа што неговото срце било „скршено и здробено“. Давид навистина искрено се каел. (Прочитај Псалм 32:5; Пс. 51:17.) Семоќниот Бог не го гледа само гревот туку и вистинските причини и мотиви поради кои некој згрешил. Затоа не дозволил човечки судии да ги осудат Давид и Витсавеа на смрт, како што пропишувал Мојсеевиот закон, туку им покажал милост со тоа што го зел случајот во свои раце (3. Мој. 20:10). Подоцна, Бог дури и го поставил нивниот син Соломон за следен цар на Израел (1. Лет. 22:9, 10).

10. а) Од која друга причина можеби Јехова му простил на Давид? б) Што треба да прави некој за Јехова да му прости?

10 Друга можна причина зошто Јехова му простил на Давид е тоа што и самиот Давид пред тоа покажал милост кон Саул (1. Сам. 24:4-7). Исус јасно кажал дека Јехова постапува со нас исто како што ние постапуваме со другите. Тој рекол: „Не судете, за да не бидете судени. Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди. И со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Мат. 7:1, 2). Колку е утешно да знаеме дека Јехова е спремен да ги прости нашите гревови, дури и да се толку тешки како прељуба или убиство! Но, тој ќе го направи тоа само ако ние самите им простуваме на другите, ако му ги признаеме своите гревови, и ако го смениме својот став кон нашите лоши постапки. Јехова ги закрепнува оние кои искрено се каат. (Прочитај Дела 3:19.)

МАНАСИЈА НАПРАВИЛ ТЕШКИ ГРЕВОВИ, НО СЕ ПОКАЈАЛ

11. Какви зли дела направил Манасија?

11 Во Библијата има уште еден извештај што покажува до која мера Јехова е спремен да простува. Околу 360 години откако Давид станал цар, во Јуда почнал да владее Манасија и царувал 55 години. Во текот на своето владеење, тој го правел она што е зло во Божји очи, и Јехова го осудил поради сите одвратни гревови што ги направил. Меѓу другото, Манасија му подигнал жртвеници на Ваал, ѝ се клањал на „сета небесна војска“, изгорел некои од своите синови во оган и го наведувал народот да се занимава со магии и гатање. Тој навистина ‚правел многу зла пред Јехова‘! (2. Лет. 33:1-6).

12. Како Манасија му се вратил на Јехова?

12 На крајот, Манасија бил заробен и фрлен во затвор во Вавилон. Можеби таму се сетил на следниве зборови што Мојсеј им ги кажал на Израелците: „Кога ќе бидеш во неволја и кога, на крајот од тие денови, ќе те снајдат сите овие зборови, тогаш ќе му се вратиш на Јехова, својот Бог, и ќе го послушаш неговиот глас“ (5. Мој. 4:30). Манасија навистина му се вратил на Јехова. Како? Тој ‚многу се понизил‘ и се трудел да го смилостиви Јехова така што постојано му се молел (2. Лет. 33:12, 13). (Види на 21. страница.) Во Библијата не е запишано што точно кажал Манасија во тие молитви, но најверојатно биле слични на молитвата на цар Давид која е запишана во Псалм 51. Како и да е, знаеме дека Манасија од корен го сменил својот став.

13. Зошто Јехова му простил на Манасија?

13 Како одговорил Јехова на молитвите на Манасија? „Тој ја чу неговата молитва и ја услиши неговата молба со која го молеше за милост“, вели Библијата. Исто како Давид, и Манасија сфатил колку биле тешки неговите гревови и искрено се покајал. Затоа Бог му простил, и дозволил повторно да владее како цар во Ерусалим. Како резултат на тоа, ‚Манасија сознал дека Јехова е вистинскиот Бог‘ (2. Лет. 33:13). Многу е утешно што од овој пример исто така учиме дека Јехова е милосрден и дека им простува на оние што вистински се каат!

ДАЛИ ЈЕХОВА СЕКОГАШ ПРОСТУВА?

14. Под кој услов Јехова ќе им прости на грешниците?

14 Повеќето слуги на Јехова нема никогаш да имаат потреба да го молат да им прости толку тешки гревови како што биле гревовите на Давид и на Манасија. Сепак, тоа што Јехова им простил на овие два цара ни помага да сфатиме дека Бог е спремен да прости дури и големи гревови доколку грешникот навистина се кае.

15. Од каде знаеме дека Јехова не им ги простува секогаш гревовите на сите луѓе?

15 Се разбира, тоа не значи дека Јехова секогаш им ги простува гревовите на сите луѓе. На пример, да го споредиме ставот на Давид и на Манасија со ставот на своеглавиот народ на Израел и Јуда. Кога Давид згрешил, Бог го испратил Натан кај него за да му даде можност да се покае. Давид бил многу благодарен за тоа и навистина се покајал. Кога се нашол во неволја, и Манасија бил поттикнат искрено да се покае. Но, честопати жителите на Израел и на Јуда не се каеле. Затоа Јехова не им простил. Наместо тоа, постојано им ги праќал своите пророци за да им стави до знаење како гледа на нивната непослушност. (Прочитај Неемија 9:30.) Дури и откако еврејските изгнаници се вратиле од Вавилон во својата родна земја, Јехова продолжил да им испраќа верни гласници, како што биле свештеникот Езра и пророкот Малахија. Кога постапувал во склад со Јеховината волја, народот бил многу радосен (Неем. 12:43-47).

16. а) Што се случило со израелскиот народ затоа што одбил да се покае за своите гревови? б) Каква можност им дава Јехова на некои родени Израелци денес?

16 Додека живеел на Земјата, Исус покажал дека има исто гледиште како Јехова кога ги кажал следниве трогателни зборови: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што се испратени кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како што квачката ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте. Еве, вашиот дом се напушта и ви се остава вам“ (Мат. 23:37, 38). Јехова го отфрлил грешниот и непокајнички израелски народ и го заменил со духовниот Израел (Мат. 21:43; Гал. 6:16). Дали тоа значи дека ги отфрлил сите родени Израелци? Не. Тој е спремен да им прости и да им покаже милост на поединци од овој народ, но под услов да покажат вера во Бог и во откупната жртва на Исус Христос со која биле заменети сите животински жртви (1. Јов. 4:9, 10). А во текот на воскресението на Земјата, Јехова ќе биде спремен да им прости дури и на оние кои умреле без да имаат можност да се покаат за своите гревови (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).

КАКО ВЛИЈАЕ ВРЗ НАС ТОА ШТО ЈЕХОВА Е СПРЕМЕН ДА ПРОСТИ?

17, 18. Што е потребно за Јехова да ни прости?

17 Со оглед на тоа што Јехова е спремен да ни прости, што треба да правиме ние? Јасно е дека треба да покажеме ист став како Давид и Манасија. Треба да признаеме дека сме грешни, да се покаеме за своите гревови и искрено да го молиме Јехова да ни прости и да создаде чисто срце во нас (Пс. 51:10). Ако сме направиле некој тежок грев, треба да зборуваме со старешините за да ни помогнат (Јак. 5:14, 15). Без разлика на нашите грешки или гревови, утешно е да имаме на ум дека Јехова е таков како што го опишал Мојсеј — „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев“. Јехова не се променил (2. Мој. 34:6, 7).

18 Користејќи една многу живописна споредба, Јехова им ветил на Израелците дека потполно ќе ги избрише нивните гревови, и дека она што било „црвено“ ќе стане бело како „снег“. (Прочитај Исаија 1:18.) Тогаш, што значи за нас тоа што Јехова е спремен да ни прости? Тоа значи дека ќе ја отстрани секоја трага од нашите гревови под услов да се покаеме и да бидеме благодарни што ни простил.

19. Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Како можеме и ние спремно да им простуваме на другите исто како што простува Јехова? Како може да им простиме дури и на оние што направиле тешки гревови, но искрено се каат поради тоа? Следната статија ќе ни помогне да ги преиспитаме нашите чувства за да можеме во уште поголема мера да бидеме како нашиот Татко, Јехова, кој е ‚добар и спремен да прости‘ (Пс. 86:5).

[Слика на страница 24]

Благодарение на тоа што Јехова му простил, Манасија се вратил како цар во Ерусалим