Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Од нашата архива

,Најубавата можна порака‘

,Најубавата можна порака‘

„ЗА ШТО служат овие?“, прашал Џорџ Неш, покажувајќи кон еден куп трупци долги околу 18 метри кои ги нашле во едно складиште во Саскатун (Саскачивен, Канада). Одговорот бил дека од нив се правеле сигнални кули во текот на Првата светска војна. Подоцна брат Неш раскажал: „Си помислив дека не би било лошо со нив да конструираме радио-кули. Така се роди идејата за теократска радиостаница“. Само една година подоцна — во 1924 — нашата програма била пуштена во етер. Ова била една од првите радиостаници во Канада на која се емитувале религиозни теми.

Бидејќи Канада е голема, скоро исто колку Европа, било идеално да им се сведочи на луѓето преку радио. „Благодарение на нашите емисии, вистината допре до многу луѓе со кои не можевме лично да контактираме“, рекла Флоренс Џонсон, која работела во радиостаницата во Саскатун. „Радиото во тоа време беше новитет, и луѓето сакаа да слушаат сѐ што се пушташе во етерот“. До 1926 год., Истражувачите на Библијата (како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци) имале свои радиостаници во четири градови во Канада. *

Што се емитувало во текот на овие радиопрограми? Песни што ги пееле браќа и сестри од локалното собрание во придружба на инструменти, па дури и на мал оркестар. Освен тоа, браќата држеле говори и воделе библиски дискусии. Ејми Џонс, која учествувала во тие дискусии, рекла: „Кога ќе одев во служба и ќе се претставев на врата, некои станари велеа: ‚А, Ве знам, Ве слушав на радио‘“.

Истражувачите на Библијата во Халифакс (Нова Шкотска) почнале да емитуваат еден нов вид радиоемисија — контактна програма во живо во која слушателите можеле да се јават и да постават прашања во врска со Библијата. „Оваа програма наиде на извонреден одѕив“, напишал еден брат. „Имаше толку многу јавувања, што не можевме да одговориме на сите.“

Исто како апостол Павле, и Истражувачите на Библијата наишле на различни реакции на пораката што ја пренесувале (Дела 17:1-5). На некои слушатели им се допаѓало она што го слушале. На пример, додека ја слушал програмата, Хектор Маршал чул дека се спомнуваат книгите Студии на Светото писмо, и веднаш нарачал шест тома. Подоцна тој напишал: „Си мислев дека овие книги ќе ми помогнат да поучувам подобро на часовите по веронаука што ги давав во мојата црква“. Но, откако го прочитал првиот том, Хектор решил да ја напушти црквата. Станал ревносен проповедник и му служел верно на Јехова сѐ до својата смрт во 1998 год. Откако го слушнал говорот со наслов „Царството, надеж на светот“, кој се емитувал и во источна Нова Шкотска, полковникот Џ. А. Мекдоналд му го кажал следново на еден брат: „Жителите на островот Кејп Бретон вчера ја слушнаа најубавата порака што досега стигнала во овој дел на светот!“

Но, свештениците збеснале. Некои католици во Халифакс се заканувале дека ќе ја кренат во воздух радиостаницата што емитувала програма на Истражувачите на Библијата. Подбуцнати од верските водачи, во 1928 год. властите неочекувано решиле да не им ги продолжат дозволите за вршење радиодифузна дејност на станиците кои биле сопственост на Истражувачите на Библијата. Во знак на протест против оваа одлука, браќата и сестрите раздале една печатена порака со наслов Кој го поседува етерот? И покрај тоа, владините службеници одбиле да им ја продолжат дозволата.

Дали ова ја згаснало ревноста на малата група Јеховини слуги во Канада? „Во почетокот се чинеше дека непријателот извојува голема победа“, рекла Изабел Вејнрајт. „Но, јас знаев дека Јехова можеше да ги спречи ако сакаше да продолжиме да сведочиме преку радио. Штом го дозволи тоа, сигурно сакаше да се приспособиме на еден друг многу подобар начин на проповедање на добрата вест за Царството.“ Наместо да сведочат главно преку радио, Истражувачите на Библијата во Канада ги насочиле своите напори да им проповедаат на луѓето во нивните домови. Сепак, радиото одиграло многу важна улога во пренесувањето на ‚најубавата можна порака‘ (Од нашата архива во Канада).

^ пас. 4 За да сведочат преку радио, браќата во Канада им плаќале и на други радиостаници да ја емитуваат библиската порака.

[Слики на страница 32]

(1) Радиостаницата во Едмонтон (Алберта) (2) Еден брат ги средува електричните кабли на трансмитерот во Торонто (Онтарио)

[Слика на страница 32]

(3) Студиото во Саскатун (Саскачивен)

[Истакната мисла на страница 32]

„Имаше толку многу јавувања, што не можевме да одговориме на сите“