Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Учи од Божјата Реч

Зошто Бог го испратил Исус на Земјата?

Зошто Бог го испратил Исус на Земјата?

Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.

1. Каде бил Исус пред Бог да го испрати на Земјата?

Пред да се роди во Витлеем, Исус живеел на небото како духовно суштество. Тој бил првата личност што ја создал Бог и единствениот што бил создаден директно од Бог. Значи, тој со право e наречен Божји единороден Син. На небото често зборувал во името на Бог. Затоа е наречен и Речта. Исто така, му помагал на Бог и учествувал во создавањето на сѐ друго (Јован 1:2, 3, 14). Исус живеел со Бог на небото милијарди години пред да биде создаден човекот. (Прочитај Михеј 5:2; Јован 17:5.)

2. Како Бог го испратил својот Син на Земјата?

Преку светиот дух, Јехова го пренел животот на Исус во утробата на Марија. Затоа Исус бил роден без да има човечки татко. Ангелите им го објавиле неговото раѓање на некои овчари, кои ноќта биле надвор за да ги чуваат своите стада (Лука 2:8-12). Значи, Исус не бил роден среде зима, туку веројатно во почетокот на октомври, кога времето сѐ уште било топло. По некое време, Марија и нејзиниот маж, Јосиф, го одвеле Исус во нивниот дом во Назарет и таму го исчувале. Јосиф се грижел за Исус како да му бил син. (Прочитај Матеј 1:18-23.)

Кога имал околу 30 години, Исус се крстил и Бог јавно кажал дека тој е негов Син. Тогаш Исус го започнал делото за кое Бог го испратил. (Прочитај Матеј 3:16, 17.)

3. Зошто Бог го испратил Исус на Земјата?

Бог го испратил Исус да им ја пренесе вистината на луѓето. Исус им зборувал на другите за Божјето Царство, небесна влада што ќе донесе мир на целата Земја. Им дал надеж дека ќе можат да живеат вечно (Јован 4:14; 18:36, 37). Исто така, ги поучувал луѓето како да бидат вистински среќни (Матеј 5:3; 6:19-21). Им оставил пример кој требало да го следат. Меѓу другото, им покажал како да ја вршат Божјата волја дури и во тешки околности. Кога го малтретирале, не враќал со иста мерка. (Прочитај 1. Петрово 2:21-24.)

Исус ги поучил своите следбеници да покажуваат самопожртвувана љубов. Иако кога живеел на небото имал повластена положба кај својот Татко, тој понизно послушал и дошол на Земјата за да живее меѓу луѓето. Никој освен Исус не можел да ни остави подобар пример како да се сакаме. (Прочитај Јован 15:12, 13; Филипјаните 2:5-8.)

4. Што се постигнало со Исусовата смрт?

Бог го испратил Исус и за да умре за нашите гревови (Јован 3:16). Сите правиме грешки, што значи дека сме несовршени и грешни. Затоа се разболуваме и умираме. За разлика од тоа, првиот човек, Адам, бил совршен. Тој немал грев и никогаш немало да умре или да се разболи. Но, откако му бил непослушен на Бог, го изгубил совршенството. Ние сме го наследиле гревот од Адам заедно со платата за гревот, смртта. (Прочитај Римјаните 5:12; 6:23.)

Исус, кој бил совршен човек, не умрел за своите гревови. Тој умрел за нашите гревови. Исусовата смрт ни овозможува да имаме вечен живот и да го добиеме Божјиот благослов. (Прочитај 1. Петрово 3:18.)