Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Козметиката во библиски времиња

Козметиката во библиски времиња

Откако ќе се искапела, жената ја мачкала својата омекната кожа со ароматично масло. Потоа ја отворала богато украсената кутија полна со малечки шишенца и садчиња направени од стакло, слонова коска, школка или камен. Во нив имало најразлични масла и парфеми со пријатни ароми на балсам, кардамон, цимет, темјан, мед, смирна и слично.

Од кутијата вадела неколку специјално обликувани лажички и плитки и длабоки чинивчиња. Со нив ги мешала козметичките средства што ги избрала за тој ден. Огледувајќи се во бронзено огледало, внимателно го почнувала својот третман за разубавување.

ИЗГЛЕДА дека уште од најстари времиња жените многу сакале да изгледаат убаво. Цртежите во древните гробници, фреските и мозаиците покажуваат дека луѓето во Месопотамија и Египет многу користеле козметика. Богато исцртаните очи во облик на бадем, кои може да се видат на сликите на кои се прикажани Египќанки, предизвикувале голем восхит.

Но, како било со Израелците? Дали жените во древниот Израел користеле козметички средства? И ако користеле, какви биле тие? Се разбира, нема цртежи на гробници и фрески од древниот Израел на кои можеме да се осврнеме. Но, некои извештаи од Библијата, како и разни археолошки предмети пронајдени во библиските земји, може да ни дадат барем мал увид во употребата на козметички средства во библиски времиња.

Приборот што се користел

При ископувањата низ целиот Израел биле пронајдени голем број предмети поврзани со употребата на козметички средства и парфеми. Меѓу нив имало камени бокалчиња и палети за ситнење и мешање на козметички средства, шишенца за парфеми во облик на морков, алабастерни садчиња за помада и рачни огледала од полирана бронза. На една лажичка од слонова коска имало изрезбано листови од палма на едната страна од рачката и женска глава опкружена со гулаби на другата страна.

На побогатите жени изгледа дека им биле омилени козметичките кутивчиња направени од декорирани школки. Во Египет и на археолошките наоѓалишта во Ханаан биле откриени тенки козметички лажички направени од слонова коска или дрво. Некои лажички биле во форма на девојки што пливаат и во различни други сложени дизајни. Сето ова потврдува дека во тоа време козметичките средства имале широка примена.

За очите

Во Библијата пишува дека една од ќерките на Јов се викала „Керен-Апух“. На хебрејски јазик тоа име може да значи „рог за црна боја (за очи)“, односно сад или кутивче во кое се чувала шминка, можеби сенка за очи (Јов 42:14). Името на оваа девојка можеби укажува на нејзината убавина, но укажува и на употребата на козметика во тоа време.

Интересно е тоа што, кога во Библијата ќе се спомне шминкањето на очите, тоа секогаш е поврзано со жени кои биле на лош глас како, на пример, злобната царица Језавела и неверниот Ерусалим, кого пророците Еремија и Езекиел го споредиле со блудница (2. Царевите 9:30; Еремија 4:30; Езекиел 23:40). Судејќи според големиот број стаклени и камени кутивчиња со тенки стапчиња за нанесување на сенка за очи пронајдени на археолошките локалитети, јасно е дека многу жени во неверниот Израел — особено оние со кралско потекло и оние што биле богати — имале навика да употребуваат многу шминка и други козметички средства.

Мирисливо масло за света и за секојдневна употреба

Правењето и користењето на парфеми од маслиново масло имаат долга историја во древниот Израел. Во библиската книга 2. Мојсеева е запишан рецепт за правење на свето мирисливо масло што го користеле свештениците додека вршеле служба во храмот. Тоа претставувало смеса од цимет, смирна и други ароматични билки (2. Мојсеева 30:22-25). Во Ерусалим, археолозите пронашле една просторија за која веруваат дека е работилница од првиот век од н.е., во која се изработувале парфеми и темјан што се користел во храмот. Во Библијата често се спомнуваат мирисливи масла, кои се употребувале и во храмот и во секојдневниот живот (2. Летописи 16:14; Лука 7:37-46; 23:56).

Бидејќи во тој дел од светот немало доволно вода, парфимираните масла биле одлично дополнение во одржувањето на хигиената. Маслото не се користело само како заштита за кожата на тоа топло и суво време туку имало и козметичка намена (Рут 3:3; 2. Самоилова 12:20). Пред да се појави пред царот Ахасвер, Еврејката Естира имала 12-месечен „спа“ третман — 6 месеци масажи со масло од смирна и 6 месеци масажи со масло од балсам (Естира 2:12).

Парфемите или мирисливите масла биле скапоцени стоки што вределе колку среброто и златото. Кога царицата од Сава го посетила славниот цар Соломон, меѓу вредните подароци што му ги однела имало злато, скапоцени камења и балсам (1. Царевите 10:2, 10). Кога цар Езекија им се пофалил на пратениците од Вавилон со богатствата во својот дом, покрај среброто, златото и оружјето гордо ги покажал и ‚балсамот и скапоценото масло‘ (Исаија 39:1, 2).

Од различните цветови, овошни плодови, лисја, смоли или кори од дрвјата можеле да се добијат само мали количества парфем или масло. Во Библијата се спомнуваат многу од овие ароматични билки, како што се алоето, балсамот, бделиумот, трската, касијата, циметот, темјанот, смирната, шафранот и нардот. Некои од нив вирееле на тоа поднебје, во Јорданската Долина. Други се увезувале преку прочуените трговски патишта од Индија, Јужна Арабија и од други земји.

Загадочниот балсам

Балсамот се спомнува во Библијата во извештаите за царицата Естира, за царицата од Сава и за царот Езекија. Во 1988 год., во една пештера близу Кумран, на западниот брег на Мртвото Море, бил пронајден мал сад со масло. Ова откритие дало повод за многу шпекулации. Дали тоа бил последниот примерок од прочуениот балсам? Истражувачите немаат точен одговор. До ден-денес некои одгледувачи се обидуваат повторно да ги добијат растенијата од кои некогаш се правел надалеку прочуениот балсам.

Според доказите, изгледа дека балсамот што се спомнува во Библијата се одгледувал во близина на Ен-Геди. Со ископувањата биле пронајдени печки, садови и различни метални и коскени предмети што датираат од шестиот век пр.н.е., слични на оние што се користеле за правење парфеми во други места. Повеќето изучувачи сметаат дека балсамовата грмушка потекнува од Арабија или од Африка. Аромата се добивала од сокот на растението. Балсамот толку се ценел што методите на одгледување и производство се чувале во тајност.

Балсамот се користел дури и за подмитување во политиката. На пример, историчарот Јосиф напишал дека Марко Антониј набавил цел насад од овие скапоцени билки и ѝ го дал како подарок на египетската кралица Клеопатра. Римскиот историчар Плиниј спомнал дека за време на Еврејската војна во првиот век од н.е., еврејските војници се обиделе да го уништат балсамот за да спречат Римјаните да го запленат.

Преку Библијата и преку археолошките откритија можеме барем малку да ѕирнеме во начинот на кој се правеле и се користеле козметичките средства во библиски времиња. Наместо да ја осуди употребата на козметиката и на другите средства за разубавување, Библијата вели дека при нивното користење треба да се покажува скромност и разумност (1. Тимотеј 2:9). Апостол Петар истакнал дека она што е ‚драгоцено во Божји очи‘ е „мирниот и благ дух“. Со оглед на променливите стилови и мода, ова е убав совет за сите христијанки, без оглед на нивната возраст (1. Петрово 3:3, 4).