Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Станувај сѐ поблизок со Јехова

Станувај сѐ поблизок со Јехова

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (ЈАК. 4:8)

1, 2. а) Како Сатана се обидува да ги заведе луѓето? б) Што ќе ни помогне да станеме уште поблиски со Бог?

 ЈЕХОВА БОГ ги создал луѓето со потреба да бидат блиски со него. Но, Сатана сака да размислуваме како што размислува тој — дека Јехова не ни е потребен. Тој ја шири оваа лага уште откако ја измамил Ева во рајската градина (1. Мој. 3:4-6). За жал, низ историјата многу луѓе поверувале дека не им треба Бог.

2 Но, ние не мора да паднеме во оваа стапица на Сатана. „Неговите намери не ни се непознати“ (2. Кор. 2:11). Тој се обидува да нѐ оддалечи од Јехова со тоа што нѐ наведува да направиме погрешен избор. Сепак, како што видовме од претходната статија, можеме да направиме исправен избор во поглед на работата, забавата и семејните врски. Во оваа статија ќе видиме како урамнотеженото гледиште за технологијата, здравјето, парите и гордоста може да ни помогне ‚да му се приближиме на Бог‘ (Јак. 4:8).

ТЕХНОЛОГИЈА

3. Објасни како некој може да ја користи технологијата на добар или на лош начин.

3 Денес насекаде во светот луѓето користат компјутери и други електронски уреди. Тие можат да ни бидат од голема помош ако имаат исправно место во нашиот живот. Но, ако ги користиме на погрешен начин, тогаш можат да нѐ оддалечат од нашиот небесен Татко. На пример, компјутерите се многу корисни. Списанието што го читаш е напишано и отпечатено со помош на компјутери. Тие можат да ни помогнат да истражуваме и да комуницираме со другите, а понекогаш можат да бидат и добар извор на забава. За жал, би можеле да станеме и зависници од компјутерската технологија. Рекламната индустрија се обидува да ги убеди луѓето дека мора да ги имаат најновите производи. Еден младич толку многу посакувал да има еден нов модел на компјутер што си го продал бубрегот за да го купи. Колку неразумно!

4. Што му помогнало на еден брат да престане да седи со часови пред компјутерот?

4 Уште пострашно е некој да си го жртвува добриот однос со Јехова поради погрешната или претерана употреба на технологијата. „Знам дека Библијата вели ‚да си откупуваме време‘ за духовни активности“, вели Јон, христијанин кој има 28 години. * „Но, кога станува збор за компјутери, јас сум си најголем непријател.“ Тој честопати останувал пред компјутер до доцна во ноќта. „Колку поуморен бев, толку потешко ми беше да престанам да се допишувам на Интернет и да прекинам да гледам видеоклипови — кои понекогаш и не беа баш за гледање“, раскажува тој. За да се одвикне од оваа лоша навика, Јон го програмирал компјутерот автоматски да се исклучува кога требало да си легне. (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.)

Родители, помогнете им на вашите деца мудро да ја користат технологијата

5, 6. а) Какви одговорности имаат родителите во однос на своите деца? б) Како родителите можат да им помогнат на децата да имаат изградувачко друштво?

5 Родители, иако не мора да го следите секој чекор на вашите деца, мора да внимавате како го користат компјутерот. Не дозволувајте им да отвораат неморални или спиритистички интернет-страници, да играат насилни видеоигри или да контактираат со лошо друштво. Ако им дозволите да прават сѐ што сакаат само за да не ви пречат, тие можеби ќе заклучат дека она што го прават не е погрешно. Вие сте должни да ги заштитите вашите деца од сѐ што би можело да ги оддалечи од Јехова — сеедно дали се мали или на тинејџерска возраст. Дури и животните ги штитат своите младенчиња од опасности. Замисли си што ќе стори една мечка ако постои опасност некој да ги нападне нејзините мечиња! (Спореди со Осија 13:8.)

6 Помогнете им на вашите деца да се дружат со примерни христијани на различна возраст. И, не заборавајте, вие сте им најпотребни, и затоа треба да поминувате време со нив. Одвојте време заедно да се смеете, да си играте, да работите и ‚да му се приближите на Бог‘. *

ЗДРАВЈЕ

7. Зошто сите сакаме да бидеме здрави?

7 „Како си?“ Ова вообичаено прашање нѐ потсетува на суровата реалност. Бидејќи нашите први родители му дозволиле на Сатана да ги оддалечи од Јехова, сите ние се разболуваме. Болестите му одат во прилог на Сатана бидејќи ни отежнуваат да му служиме на Јехова. А ако умреме, не можеме воопшто да му служиме (Пс. 115:17). Затоа е нормално да правиме сѐ што можеме за да бидеме здрави. * Освен тоа, заинтересирани сме и за здравјето на нашите браќа и сестри.

8, 9. а) Што ќе ни помогне да не одиме во крајности кога станува збор за здравјето? б) Зошто е добро да останеме радосни?

8 Меѓутоа, важно е да не одиме во крајности. Некои зборуваат со поголема воодушевеност за одредени начини на исхрана, лекување или производи отколку за добрата вест за Божјето Царство. Тие можеби најискрено сакаат да им помогнат на другите. Дури и да е така, не е во ред да препорачуваме и да наметнуваме медицински или козметички производи и третмани пред или по состаноците во Салата на Царството или на конгресите. Зошто?

9 Ние се состануваме за да дискутираме за духовни работи и да ја почувствуваме радоста која е плод на светиот дух (Гал. 5:22). Ако во овие прилики даваме совети за здравјето или препорачуваме медицински производи — сеедно дали некој нѐ прашува за тоа или не — ова може да ни го одврати вниманието од духовните работи и да им ја одземе радоста на другите (Рим. 14:17). Секој мора сам да си донесе одлука во врска со своето здравје. Освен тоа, никој нема лек за сите болести. Дури и најдобрите лекари стареат и се разболуваат, и на крајот умираат. Колку и да сме загрижени за нашето здравје, нема да си го продолжиме животот (Лука 12:25). Спротивно на тоа, „веселото срце дејствува добро како лек“ (Изр. 17:22).

10. а) Што е најважно за Јехова? б) Кога ќе бидеме потполно здрави?

10 Исто така, нормално е да водиме сметка и за нашиот изглед. Но, не треба по секоја цена да се трудиме да ги избришеме сите траги што ги носи староста. Тие можат да бидат доказ за нечија зрелост, достоинство и внатрешна убавина. На пример, Библијата вели: „Седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста“ (Изр. 16:31). За Јехова е најважно каков е некој однатре, а не однадвор, и така треба и ние да гледаме на себеси. (Прочитај 1. Петрово 3:3, 4.) Според тоа, дали е мудро да се изложуваме на непотребни или опасни хируршки зафати само за да си го подобриме надворешниот изглед? „Јеховината радост“ е извор на вистинска убавина која зрачи однатре, без оглед на годините или на здравјето (Неем. 8:10). Дури во новиот свет ќе бидеме потполно здрави и ќе ни се обнови младешката убавина (Јов 33:25; Иса. 33:24). Дотогаш треба да носиме мудри одлуки и да имаме вера бидејќи тоа ќе ни помогне да останеме блиски со Јехова додека ги користиме сегашните околности најдобро што можеме (1. Тим. 4:8).

ПАРИ

11. Како парите можат да нѐ оддалечат од Јехова?

11 Не е погрешно човек да има пари ниту да се труди да заработи на чесен начин (Проп. 7:12; Лука 19:12, 13). Но, „љубовта кон парите“ неминовно ќе нѐ оддалечи од Јехова (1. Тим. 6:9, 10). „Грижите од овој свет“ — односно претераната загриженост за материјалните потреби — можат да нѐ задушат во духовна смисла. Исто влијание врз нас може да има и „примамливото богатство“, односно погрешната идеја дека богатството може да ни донесе трајна среќа и сигурност (Мат. 13:22). Исус јасно ставил до знаење дека „никој“ не може да му робува и на Бог и на богатството (Мат. 6:24).

12. На кои начини луѓето сакаат да дојдат до брза и лесна заработка? Што ќе ни помогне да донесеме добра одлука во овој поглед?

12 Погрешното гледиште за парите може да води до погрешно постапување (Изр. 28:20). Водени од желбата за брза и лесна заработка, некои учествувале во игри на среќа. Други се вклучиле во пирамидални или мултилевел маркетинг шеми. За да си го прошират бизнисот, некои се обиделе да ги поттикнат и другите од собранието да се вклучат во него. А други земале заем од браќа во собранието за да започнат некој бизнис надевајќи се на нереално голема добивка. Ако сме алчни, би можеле да прифатиме некоја понуда со која би изгубиле многу пари. Затоа, биди претпазлив. Доколку некоја понуда ти се чини премногу добра за да биде вистинита, веројатно е таква.

13. Во кој поглед Јеховиното гледиште за парите се разликува од гледиштето на светот?

13 Кога ги ставаме на прво место „царството и Божјата праведност“, Јехова го благословува трудот што го вложуваме за да го имаме она што навистина ни е потребно (Мат. 6:33; Еф. 4:28). Тој не сака да заспиваме на состаноците затоа што сме преморени од работа или да седиме во Салата, а да мислиме на пари. Многу луѓе во светот прават сѐ за да заработат многу пари мислејќи дека само така можат да си обезбедат удобен живот и сигурна иднина. Тие обично ги насочуваат и своите деца во истиот правец. Исус покажал дека таквото размислување е неразумно. (Прочитај Лука 12:15-21.) Ова можеби нѐ потсетува на Гиезиј, кој мислел дека може да биде лаком и во исто време да има добар однос со Јехова (2. Цар. 5:20-27).

14, 15. Зошто не треба да се потпираме на парите? Наведи пример.

14 Некои орли, кои уловиле риба што била претешка да ја носат, се удавиле бидејќи не сакале да ја испуштат од канџите. Дали нешто слично може да му се случи на некој христијанин? „Обично сум доста штедлив“, вели еден старешина кој се вика Алекс. „Ако ми се истури малку повеќе шампон, го враќам назад во шишето.“ Тој мислел дека, ако заработи многу пари, ќе може да ја остави работата и да стане пионер. Затоа почнал да истражува како најдобро да ја вложи сета своја заштеда, па дури и зел кредит за да стекне што поголем профит. Но, бизнисот со кој се зафатил, пропаднал. Алекс вели: „Бев решен да најдам начин да си ги вратам парите“. Тој мислел дека, ако биде доволно упорен, можеби сепак ќе успее во тоа.

15 Алекс со месеци не можел да мисли на ништо друго. Му било многу тешко да се концентрира на духовните работи, а не можел ни да спие од грижи. Но, не успеал да си ги врати парите. Ја изгубил сета заштеда и морал да си ја продаде куќата. „Му нанесов голема болка на моето семејство“, признава тој. Сепак, научил една важна лекција. „Сега знам дека секој што ќе положи доверба во светот на Сатана страшно ќе се разочара“ (Изр. 11:28). Ако се потпираме само на нашите инвестиции, заштеда или способност да заработиме пари, ние, всушност, полагаме надеж во „богот на овој свет“ — Сатана (2. Кор. 4:4; 1. Тим. 6:17). Оттогаш Алекс си го поедноставил животот за да може да се посвети на проповедањето на добрата вест. Сега тој и неговото семејство се многу посреќни и имаат уште поблизок однос со Јехова. (Прочитај Марко 10:29, 30.)

ГОРДОСТ

16. На што треба и на што не треба да бидеме горди?

16 Гордоста не е секогаш погрешна. На пример, со право треба да бидеме горди што сме Јеховини сведоци (Ерем. 9:24). Тоа што имаме одредена мера самопочит ни помага да донесуваме добри одлуки и да не ги спуштаме нашите морални мерила. Но, ако придаваме преголема важност на своето мислење или положба, би можеле да се оддалечиме од Јехова (Пс. 138:6; Рим. 12:3).

Наместо да копнееш по некои поголеми одговорности во собранието, уживај во службата!

17, 18. а) Наведи некои библиски примери на понизни и горди луѓе. б) Што му помогнало на еден брат да не дозволи поради гордост да се оддалечи од Јехова?

17 Во Библијата има примери и на горделиви и на понизни луѓе. Цар Давид понизно барал водство од Јехова, и Тој го благословил (Пс. 131:1-3). Но, Бог ги понизил горделивите цареви Навуходоносор и Валтазар (Дан. 4:30-37; 5:22-30). И денес може да се најдеме во ситуации кога нашата понизност ќе биде ставена на испит. Еден слуга-помошник по име Рајан, кој има 32 години, се префрлил во ново собрание. Тој вели: „Очекував дека многу скоро ќе бидам именуван за старешина, но помина цела година, а тоа не се случи“. Дали Рајан бил лут и огорчен сметајќи дека старешините не му покажале доволно почит? Дали престанал да оди на состаноци и дали дозволил гордоста да го оддалечи од Јехова и од Неговиот народ? Што би сторил ти да си бил на негово место?

18 Рајан истражувал во библиските публикации и прочитал сѐ што нашол во врска со неисполнетите очекувања (Изр. 13:12). „Сфатив дека треба да покажувам стрпливост и понизност. Морав да му дозволам на Јехова да ме обликува.“ Наместо да мисли само на себе, Рајан почнал да им помага на другите во собранието и на луѓето што ги среќавал во службата. За кратко време водел неколку напредни библиски студии. „Кога ме именуваа за старешина по една и пол година, се изненадив“, вели тој. „Толку уживав во службата, што веќе воопшто не мислев на тоа“. (Прочитај Псалм 37:3, 4).

ОСТАНИ БЛИЗОК СО ЈЕХОВА!

19, 20. а) Што треба да правиме за да не дозволиме работите што ги разгледавме во овие статии да нѐ оддалечат од Јехова? б) Кои луѓе спомнати во Библијата останале блиски со Јехова?

19 Сите работи што ги разгледавме во овие две статии си имаат свое место во нашиот живот. Горди сме што сме Јеховини сведоци. Здравјето и семејството се меѓу најубавите дарови од Јехова. Парите и световната работа ни помагаат да се грижиме за своите потреби. Рекреацијата нѐ освежува, а технологијата може да биде корисна. Но, ако со овие работи се занимаваме во погрешно време, ако претеруваме со нив или ако поради тоа страда нашата служба за Јехова, би можеле да се оддалечиме од него.

Не дозволувај ништо да те оддалечи од Јехова!

20 Се разбира, Сатана би сакал да ни се случи токму тоа. Но, ти можеш да се заштитиш себеси и своето семејство! (Изр. 22:3). Станувај сѐ поблизок со Јехова и задржи добар однос со него. Во Библијата имаме многу примери од кои можеме да учиме. Енох и Ное ‚оделе со вистинскиот Бог‘ (1. Мој. 5:22; 6:9). Мојсеј ‚останал постојан како да го гледа Невидливиот‘ (Евр. 11:27). Исус постојано добивал помош од Бог затоа што секогаш го правел она што му е по волја на неговиот небесен Татко (Јован 8:29). Следи го примерот на овие Божји слуги. Библијата вели: „Радувајте се секогаш. Молете се непрестајно. За сѐ благодарете“ (1. Сол. 5:16-18). И не дозволувај ништо да те оддалечи од Јехова!

^ пас. 4 Имињата се сменети.

^ пас. 6 Види го специјалното издание на Разбудете се! од октомври 2011, со наслов „Како да се подигаат одговорни деца“.

^ пас. 7 Види ги уводните статии со наслов „Пет чекори до подобро здравје“ во Разбудете се! од март 2011.