Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ‚ревносно правиш добри дела‘?

Дали ‚ревносно правиш добри дела‘?

‚Христос Исус се дал себеси за нас, за да исчисти за себе народ што го избрал, кој ревносно прави добри дела‘ (ТИТ 2:13, 14)

1, 2. Каква посебна чест имаме како Јеховини сведоци? Како гледаш ти на тоа?

МНОЗИНА сметаат дека е огромна чест да добијат признание за некое свое достигнување. На пример, некои добиле Нобелова награда затоа што вложувале големи напори за да воспостават мир помеѓу две завојувани страни. Но, нам Бог ни укажува далеку поголема чест — тој нѐ испраќа кај луѓето како свои застапници, односно амбасадори, за да им помогнеме да се помират со него.

2 Како Јеховини сведоци, ние сме единствените луѓе на Земјата на кои им е укажана таква чест. Под водство на Бог и на Христос, ние ги молиме другите ‚да се помират со Бог‘ (2. Кор. 5:20). Преку нас, Јехова ги привлекува луѓето кон себе. На тој начин, на милиони лица во повеќе од 235 земји им било помогнато да станат Божји пријатели и да стекнат надеж за вечен живот (Тит 2:11). Ние ревносно ги повикуваме ‚сите што сакаат, да земат бесплатно од водата на животот‘ (Отк. 22:17). Како Божји слуги, со право сме наречени народ кој „ревносно прави добри дела“, затоа што многу ја цениме задачата што ни ја дал Бог и ја вршиме со сета душа (Тит 2:14). Да видиме како нашата ревност ни помага да ги привлечеме луѓето кон Јехова. Еден начин на кој го правиме тоа е со нашето проповедање.

БИДИ РЕВНОСЕН КАКО ЈЕХОВА И ИСУС

3. Во што нѐ уверуваат зборовите од Исаија 9:7?

3 Во Исаија 9:7 пишува дека Божјиот Син ќе владее како Цар и дека ќе направи многу добри работи за луѓето. Сето ова ќе може да го постигне благодарение на „ревноста на Јехова над војските“. Овие зборови нѐ уверуваат дека нашиот небесен Татко навистина сака да ги спаси луѓето и дека прави сѐ што е потребно за да го стори тоа. Бидејќи Јехова е ревносен Бог, и ние треба со сета душа да ѝ се посветиме на службата што ни ја доверил, и да ја извршуваме со голема воодушевеност и жар. Нашата горлива желба да им помогнеме на луѓето да го запознаат Бог е одраз на Јеховината ревност. Затоа, како Божји соработници, добро е да се прашаме дали даваме сѐ од себе да ја проповедаме добрата вест во склад со своите околности (1. Кор. 3:9).

4. На кој начин Исус дал совршен пример за ревност и истрајност во службата?

4 Да размислиме и за ревноста што ја покажал Исус во службата. Иако мнозина му се противеле и сакале да го убијат, тој ревносно и истрајно сведочел за вистината сѐ до крајот на својот живот на Земјата (Јован 18:36, 37). Додека се ближело времето на неговата маченичка смрт, тој со уште поголема решеност и жар им помагал на другите да го запознаат Јехова.

5. Како Исус постапил во склад со споредбата за смоквата?

5 На пример, во есента 32 год. од н.е., Исус кажал една споредба за човек кој во своето лозје имал смоква која не родила плод три години. На крајот, му рекол на оној што му го обработувал лозјето да ја исече смоквата, но тој го замолил да му даде уште некое време за да ја наѓубри со надеж дека сепак ќе даде плод во иднина. (Прочитај Лука 13:6-9.) Исус имал само мал број ученици кои во тоа време биле плод на неговото проповедање. Но, во склад со споредбата за смоквата, тој го искористил краткото време што му преостанало — околу шест месеци — за да проповеда уште повеќе во Јудеја и Переја. Неколку дена пред да биде погубен, Исус заплакал од жал за своите сонародници кои не ја прифатиле пораката што им ја проповедал (Мат. 13:15; Лука 19:41).

6. Зошто треба да проповедаме во уште поголема мера?

6 Со оглед на тоа што живееме длабоко во времето на крајот, зарем не треба да дадеме сѐ од себе за да проповедаме во уште поголема мера? (Прочитај Даниел 2:41-45.) Навистина е голема чест што сме Јеховини сведоци! Ние сме единствените луѓе на Земјата кои можат да им објаснат на другите како ќе бидат решени проблемите што го измачуваат човештвото. Една новинарка неодамна напишала дека е невозможно да се одговори на прашањето: „Зошто на добрите луѓе им се случуваат лоши работи?“ Но, Библијата го дава одговорот на ова прашање, а ние како христијани имаме должност и чест да им го кажеме на сите што се спремни да слушаат. Затоа, да дозволиме ‚духот да нѐ поттикнува на ревност‘ додека ја вршиме задачата што ни ја доверил Бог (Рим. 12:11). Ако ревносно проповедаме, Јехова ќе го благослови нашиот труд, и така ќе можеме да им помогнеме на луѓето да го запознаат и да го засакаат.

НАШАТА САМОПОЖРТВУВАНОСТ МУ НОСИ СЛАВА НА ЈЕХОВА

7, 8. Како го славиме Јехова со тоа што сме самопожртвувани?

7 Павле доживеал разни неволји додека проповедал — поминал многу „бессони ноќи“ и понекогаш трпел глад (2. Кор. 6:5). Исто како него, и многу наши соверници прават слични жртви. Пионерите ја ставаат службата на прво место во животот иако мнозина од нив мораат сами да се издржуваат. И нашите мисионери ‚се излеваат како жртва налевница‘ додека им служат на луѓето во други земји (Фил. 2:17). Старешините понекогаш немаат време да јадат или не можат да спијат додека се грижат за Јеховините овци. А нашите постари и болни браќа и сестри прават сѐ што можат за да одат на состаноците и да учествуваат во службата. Зарем срцето не ни е исполнето со ценење кога размислуваме за сите тие самопожртвувани Божји слуги? Дури и другите луѓе забележуваат колку ни е важна службата кога гледаат колкави жртви правиме за да ја извршуваме.

8 Еден читател што не е Јеховин сведок испратил писмо до еден весник во Англија, во кое го напишал следново: „Народот ја губи верата во религиите... А што прават свештениците по цел ден? Сигурно не одат да разговараат со луѓето како што правел Христос... Очигледно, единствената религија што се грижи за другите се Јеховините сведоци, кои одат кај луѓето и ја проповедаат вистината“. Со тоа што сме самопожртвувани, ние му носиме слава на Јехова Бог во овој себичен свет (Рим. 12:1).

9. Што може да нѐ поттикне ревносно да правиме добри дела во службата?

9 Но, што треба да направиме ако увидиме дека не ја вршиме службата со ист жар како порано? Добро е да размислуваме за она што Јехова го постигнува преку проповедањето. (Прочитај Римјаните 10:13-15.) Луѓето ќе се спасат само ако со вера го повикуваат неговото име. Но, за да го сторат тоа, мора да им проповедаме. Ако сме свесни за ова, ќе бидеме поттикнати и понатаму ревносно да правиме добри дела и да даваме сѐ од себе за да ја објавуваме добрата вест за Царството.

НАШЕТО ДОБРО ОДНЕСУВАЊЕ ГИ ПРИВЛЕКУВА ЛУЃЕТО КОН БОГ

10. Зошто може да се каже дека нашето добро однесување ги привлекува луѓето кон Јехова?

10 Иако е многу важно да бидеме ревносни во службата, тоа само по себе не е доволно за да ги привлече луѓето кон Бог. Втората работа што ќе им помогне да се зближат со Јехова е нашето христијанско однесување. Павле нагласил колку е важно да внимаваме како се однесуваме кога напишал: „Во ништо не даваме никаква причина за спрепнување, за да нема што да ѝ се приговори на нашата служба“ (2. Кор. 6:3). Со својот изградувачки говор и добро однесување го украсуваме учењето на Бог, и така може да ги поттикнеме луѓето да сакаат да му служат на Јехова (Тит 2:10). Всушност, честопати има позитивни резултати кога искрените лица гледаат дека Божјите слуги го следат примерот на Христос.

11. Зошто треба да го преиспитуваме своето однесување и да се молиме во врска со тоа?

11 Исто како што со доброто однесување може да ги привлечеме луѓето кон вистината, така и со лошото однесување може да ги одвратиме од Бог. Затоа, сеедно дали сме на работа, дома или на училиште, треба да се трудиме да не направиме нешто поради кое другите би имале приговор на нашата служба или постапување. Ако намерно правиме грев, последиците би можеле да бидат катастрофални (Евр. 10:26, 27). Оваа отрезнувачка мисла треба да нѐ наведе внимателно да го преиспитуваме своето однесување и да се молиме во врска со тоа. Додека моралните мерила на овој свет опаѓаат, искрените луѓе сѐ појасно ќе ја гледаат ‚разликата меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи‘ (Мал. 3:18). Сето ова покажува колку е важно добро да се однесуваме ако сакаме да им помогнеме на другите да се помират со Бог.

12-14. Како влијае врз другите тоа што му остануваме верни на Бог и покрај противењето? Наведи пример.

12 Во своето второ послание до Коринќаните, Павле напишал дека бил прогонуван, тепан и фрлан в затвор затоа што луѓето се противеле на неговото проповедање. (Прочитај 2. Коринќаните 6:4, 5.) Кога сме истрајни и покрај тоа што доживуваме испити на верата, тоа може да ги поттикне другите да ја прифатат вистината. Да наведеме еден пример: Пред неколку години имало обид да се истребат Јеховините сведоци од една област во Ангола. Двајца Сведоци и 30 заинтересирани лица кои оделе на нашите состаноци биле опколени, а потоа и камшикувани до крв од една толпа противници. Меѓу овие невини жртви имало и жени и деца. Противниците ги присилиле локалните жители да го гледаат камшикувањето со цел да ги заплашат за да не ги слушаат Јеховините сведоци. Но, подоцна многу од луѓето што биле очевидци на тоа малтретирање побарале да ја проучуваат Библијата со Сведоците! Браќата продолжиле да проповедаат и, како резултат на тоа, Јехова ги благословил и мнозина ја прифатиле вистината.

13 Овој пример покажува дека другите може да бидат поттикнати да го запознаат Бог кога гледаат дека цврсто се држиме за библиските мерила. Без сомнение, многумина се помириле со Бог поради храброста што ја покажале Петар и другите апостоли (Дела 5:17-29). И нашите соученици, колеги или роднини можеби ќе ја прифатат вистината кога ќе видат дека храбро се соочуваме со противење.

14 Речиси секој ден, нашите браќа во некој дел од светот доживуваат прогонство. На пример, поради својот неутрален став, во Ерменија се затворени околу 40 браќа, а веројатно во следните месеци ќе бидат уапсени десетици други. Во Еритреја лежат в затвор 55 Јеховини слуги, а некои од нив се постари од 60 години. Во Јужна Кореја, веќе 60 години властите ги затвораат нашите браќа поради нивната вера. Во моментот таму се затворени околу 700 Сведоци. Да го молиме Јехова да им дава сила на сите прогонувани браќа да му останат верни, за да му донесат слава, и со својот пример да ги поттикнат правдољубивите луѓе да ја прифатат вистината (Пс. 76:8-10).

15. Како нашата чесност може да ги привлече другите кон вистината? Наведи пример.

15 И нашата чесност може да ги привлече луѓето кон вистината. (Прочитај 2. Коринќаните 6:4, 7.) На пример, размисли за следново искуство: Една сестра сакала да плати билет кога влегла во автобус, но една нејзина познајничка ѝ рекла дека нема потреба бидејќи ќе се вози само кратко. Сестрата ѝ објаснила дека треба да се плати билет, дури и за само една станица. Откако таа жена се симнала од автобусот, шоферот се свртел кон сестрата, и ја прашал: „Да не сте Јеховин сведок?“ „Да, од каде знаете?“, одговорила таа. „Ви го слушнав разговорот, и знам дека Јеховините сведоци се едни од ретките луѓе што секогаш купуваат билет и се чесни во сѐ“. Неколку месеци подоцна, еден човек ѝ пристапил на сестрата во Салата на Царството, и ја прашал: „Се сеќавате на мене? Јас сум шоферот што зборуваше со Вас за билетот. Кога видов како постапивте, решив да ја проучувам Библијата со Сведоците“. Тоа што сме познати како чесни луѓе ги поттикнува другите да имаат доверба во добрата вест што ја проповедаме.

СЛАВИ ГО БОГ СО СВОИТЕ ОСОБИНИ

16. Што може да се случи кога покажуваме долготрпеливост, љубов и доброта? Што прават лажните верски водачи?

16 Можеме да ги привлечеме луѓето кон Јехова и кога покажуваме особини како што се долготрпеливост, љубов и доброта. Некои од оние што нѐ набљудуваат можеби ќе посакаат да дознаат нешто повеќе за Јехова, за неговата намера и за неговиот народ. Вистинските христијани имаат сосем поинаков став и однесување од лицемерните верски водачи кои само носат маска на побожност. Некои од тие водачи се збогатиле на сметка на своите стада, користејќи голем дел од прилозите на верниците за да си купуваат луксузни куќи и автомобили. Еден таков верски водач дури направил куќичка со вграден клима-уред за своето куче! Всушност, на мнозина што тврдат дека се следбеници на Христос воопшто не им паѓа на памет ‚бесплатно да даваат‘ (Мат. 10:8). Слично на отпадничките свештеници во древниот Израел, тие ‚поучуваат за плата‘, а многу од она што го поучуваат воопшто не се темели на Библијата (Мих. 3:11). Со своето лицемерство не му помагаат никому да се помири со Бог.

17, 18. а) Како го славиме Јехова кога ги покажуваме неговите особини? б) Зошто сакаш и понатаму ревносно да правиш добри дела?

17 За разлика од нив, ние ги поучуваме луѓето за вистината од Библијата и се трудиме да им правиме добри дела на ближните. Кога го гледаат тоа, некои посакуваат да станат Божји пријатели. На пример, кога еден пионер проповедал од врата до врата, му отворила постара вдовица која веднаш го одбила велејќи дека не е заинтересирана. Таа му рекла дека, баш кога заѕвонил, била качена на скала во кујната за да смени сијалица. „Опасно е сама да го правите тоа“, ѝ рекол братот, а потоа ја сменил сијалицата и си заминал. Кога синот на оваа жена дознал што се случило, толку бил воодушевен што се обидел да го најде овој брат за да му се заблагодари. На крајот, прифатил да ја проучува Библијата.

18 Зошто си решен ревносно да правиш добри дела? Можеби затоа што знаеш дека, кога ревносно проповедаш и кога правиш сѐ во склад со Божјата волја, го славиш Јехова и можеш да им помогнеш на другите да се спасат. (Прочитај 1. Коринќаните 10:31-33.) Друга причина зошто ревносно им сведочиме на другите и се однесуваме како што им прилега на вистински христијани е тоа што сакаме да ја покажеме својата љубов кон Бог и кон ближните (Мат. 22:37-39). Ако ревносно правиме добри дела, уште денес ќе чувствуваме вистинска радост и задоволство. Освен тоа, можеме со нетрпение да го очекуваме денот кога сите луѓе ќе го слават нашиот Творец, Јехова, и ревносно ќе му служат.