Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Донесувај мудри одлуки за да го зачуваш своето наследство

Донесувај мудри одлуки за да го зачуваш своето наследство

„Мразете го злото, држете се за доброто“ (РИМ. 12:9)

1, 2. а) Што ти помогна да одлучиш да му служиш на Бог? б) Кои прашања во врска со нашето наследство ќе ги разгледаме во оваа статија?

МИЛИОНИ луѓе мудро избрале да му служат на Јехова Бог и да го следат примерот на Исус Христос (Мат. 16:24; 1. Пет. 2:21). Кога ние му го заветувавме својот живот на Бог, донесовме една многу важна одлука. Но, не го направивме тоа откако дознавме само некои основни библиски учења на темел на неколку стихови од Божјата Реч. Напротив, длабоко го проучувавме Светото писмо, и тоа ја зајакна нашата вера во наследството што ни го ветил Јехова. Тој ќе им го даде ова наследство на сите што ‚добро ќе го запознаат Него, и оној кого го испратил, Исус Христос‘ (Јован 17:3; Рим. 12:2).

2 За да го зачуваме нашето скапоцено пријателство со Јехова, мора и понатаму да носиме мудри одлуки што ќе го радуваат. Затоа, во оваа статија ќе ги разгледаме следниве важни прашања: Што е нашето наследство? Како треба да гледаме на него? Што треба да правиме за да го добиеме? И, што ќе ни помогне да донесуваме мудри одлуки?

ШТО Е НАШЕТО НАСЛЕДСТВО?

3. Какво наследство ќе добијат а) помазаниците и б) ‚другите овци‘?

3 Еден релативно мал број христијани ќе добијат ‚наследство што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее‘, односно ќе имаат неспоредлива чест да владеат заедно со Христос на небото (1. Пет. 1:3, 4). За да го добијат ова наследство, тие мора да ‚се родат повторно‘ (Јован 3:1-3). А какво наследство ќе добијат милионите „други овци“ на Исус, кои ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство заедно со неговите помазани следбеници? (Јован 10:16). ‚Другите овци‘ ќе го добијат она што го изгубиле Адам и Ева — вечен живот на рајска Земја каде што ќе нема страдање, смрт и тага (Отк. 21:1-4). Кога бил на маченичкиот столб, Исус му рекол на еден злосторник што бил прикован до него: „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43).

4. Какви благослови ни дава Јехова уште денес?

4 Но, и благословите што денес ни ги дава Јехова се дел од нашето наследство. Затоа што покажуваме вера во ‚откупнината што ја платил Христос Исус‘, имаме душевен мир и близок однос со Бог (Рим. 3:23-25). Јасно ги разбираме и прекрасните ветувања кои се запишани во Божјата Реч. Исто така, многу се радуваме што сме дел од едно меѓународно братство во кое владее љубов. Јехова ни дал и огромна чест да сведочиме за него. Навистина имаме многу причини да го цениме нашето наследство!

5. На што се обидува Сатана да ги наведе Божјите слуги, и што ќе ни помогне да се спротивставиме на неговите сплетки?

5 Но, за да го зачуваме нашето прекрасно наследство, мора да се чуваме од замките на Сатана. Тој отсекогаш се обидувал да ги наведе Божјите слуги да донесуваат лоши одлуки поради кои би можеле да го изгубат своето наследство (4. Мој. 25:1-3, 9). Бидејќи знае дека му се ближи крајот, Сатана ги засилува своите обиди да нѐ заведе. (Прочитај Откровение 12:12, 17.) За ‚да им се спротивставиме на Ѓаволовите сплетки‘, мора и понатаму многу да го цениме нашето наследство (Еф. 6:11). Во овој поглед, можеме да извлечеме важни поуки од лошиот пример на Исав, првородениот син на Исак.

НЕМОЈ ДА БИДЕШ КАКО ИСАВ

6, 7. Кој бил Исав, и какво наследство требало да добие тој?

6 Пред околу 4.000 години, на Исак и Ревека им се родиле близнаците Исав и Јаков. Додека растеле, момчињата сѐ повеќе се разликувале еден од друг. Библијата вели: „Исав стана вешт ловец, полски човек, а Јаков беше беспрекорен човек и живееше во шатори“ (1. Мој. 25:27). Хебрејскиот збор преведен со „беспрекорен“, може да значи и „справедлив“ и „незлоблив“.

7 Авраам, кој им бил дедо на Исав и Јаков, умрел кога тие имале 15 години. Но, Јехова не го заборавил ветувањето што му го дал на овој верен човек. Подоцна Бог му го повторил истото ветување и на Исак. Тој му рекол дека сите народи на Земјата ќе се благословат преку потомството на Авраам. (Прочитај 1. Мојсеева 26:3-5.) Со ова ветување, Јехова открил дека Месијата, односно верното „потомство“ спомнато во 1. Мојсеева 3:15, ќе потекнува од лозата на Авраам. Како првороден син на Исак, Исав имал законско право на ова ветување. Тој ќе добиел прекрасно наследство! Но, дали го ценел?

8, 9. а) Каков избор направил Исав во поглед на своето наследство? б) Со години подоцна, што сфатил Исав во врска со својот избор, и како реагирал?

8 Еден ден, кога се вратил од полето, Исав видел како Јаков ‚готви некаква чорба‘. Тогаш тој му рекол на Јаков: „Бргу, дај ми да јадам од тоа црвено јадење, од тоа црвеното што си го сварил, зашто сум уморен!“ Но, Јаков му одговорил: „Продај ми го најпрво своето право на првородство!“ Што направил Исав кога се нашол пред овој избор? Тој рекол: „Што ќе ми е првородството?“ Иако се чини неверојатно, Исав бил спремен да си го продаде првородството за една чинија чорба! За да се осигури дека брат му навистина ќе го стори тоа, Јаков најпрво го натерал да му се заколне. Исав без двоумење се откажал од своето право на првородство. Тогаш ‚Јаков му дал леб и чорба од леќа, и тој јадел и пиел. Потоа станал и си отишол. Така Исав го презрел своето првородство‘ (1. Мој. 25:29-34).

9 Со години подоцна, кога Исак си мислел дека наскоро ќе умре, Ревека се погрижила Јаков навистина да го добие правото на првородство од кое се одрекол Исав. Кога сфатил дека постапил неразумно со тоа што направил погрешен избор, Исав со солзи го молел татка си: „Благослови ме и мене, татко!.. Зарем не остави никаков благослов за мене?“ Кога Исак му рекол дека не може да го смени благословот што веќе му го дал на Јаков, ‚Исав заплакал на глас‘ (1. Мој. 27:30-38).

10. Како гледал Јехова на Исав и на Јаков, и зошто?

10 Што учиме за ставот на Исав од овој извештај? Тој покажал дека му е поважно да ги задоволи своите телесни желби отколку да го зачува своето наследство кое ќе му донело многу благослови во иднина. Исав не го ценел своето право на првородство и очигледно немал вистинска љубов кон Бог. Освен тоа, тој воопшто не размислувал како неговите постапки ќе влијаат врз неговите потомци. За разлика од него, Јаков многу го ценел своето наследство. На пример, кога требало да се ожени, тој го послушал советот на своите родители (1. Мој. 27:46—28:3). Бидејќи ја донел оваа одлука која од него барала голема стрпливост и самопожртвуваност, Јехова ја наградил неговата послушност со тоа што дозволил да стане предок на Месијата. Како гледал Бог на двајцата браќа? Преку пророкот Малахија, Јехова рекол: „Јаков го сакав, а Исав го замразив“ (Мал. 1:2, 3).

11. а) Зошто христијаните денес можат да извлечат поука од извештајот за Исав? б) Зошто Павле го поврзал блудот со постапката на Исав?

11 Христијаните денес можат да научат многу од библискиот извештај за Исав. Апостол Павле ги предупредил соверниците да внимаваат некој од нив ‚да не стане блудник или човек кој не го цени она што е свето, како Исав, кој за едно јадење се одрекол од правата што ги имал како првороден‘ (Евр. 12:16). Оваа опомена важи и за нас. Мора секогаш да ги цениме светите работи за да не нѐ совладаат телесните желби и за да не го изгубиме духовното наследство. Но, зошто Павле го поврзал блудот со постапката на Исав? Затоа што ако, слично на Исав, им дозволиме на телесните желби да нѐ надвладеат, тогаш има поголеми шанси да им се препуштиме на грешните задоволства, како што е блудот, и така да го изгубиме своето духовно наследство.

ПОДГОТВИ СИ ГО СРЦЕТО УШТЕ СЕГА

12. а) Како Сатана ни поставува стапици за да нѐ искуша? б) Кои библиски примери можат да ни помогнат кога сме на искушение да постапиме погрешно?

12 Како Јеховини слуги, сигурно нема намерно да се изложуваме на околности кои би можеле да нѐ доведат во искушение да направиме неморал. Наместо тоа, го молиме Јехова да не дозволи да подлегнеме на искушението кога некој се обидува да нѐ наведе да му бидеме непослушни (Мат. 6:13). Но, додека се трудиме да му останеме верни на Бог во овој расипан свет, Сатана постојано се обидува да ја поткопа нашата духовност (Еф. 6:12). Како бог на овој злобен свет, Ѓаволот добро знае како да ги искористи желбите на несовршените луѓе за да им постави стапици, односно да ги доведе во ситуации во кои лесно би можеле да подлегнат на некое искушение (1. Кор. 10:8, 13). На пример, замисли дека ти се пружа можност да задоволиш некоја своја желба на погрешен начин. Што ќе сториш? Дали ќе бидеш како Исав и ќе речеш: ‚Бргу, дај ми го тоа‘? Или, пак, ќе му се спротивставиш на искушението и ќе побегнеш од него, како што направил Јосиф, синот на Јаков, кога бил искушан од жената на Петефри? (Прочитај 1. Мојсеева 39:10-12.)

13. а) На кој начин денес мнозина постапиле како Јосиф, но како некои постапиле како Исав? б) Што мора да правиме за да не постапиме како Исав?

13 Многу наши браќа и сестри биле во ситуации кога морале да одлучат дали ќе постапат како Исав или како Јосиф. Повеќето направиле мудар избор и го израдувале Јеховиното срце (Изр. 27:11). За жал, имало и такви кои, кога се нашле на искушение, избрале да постапат како Исав, и го довеле во опасност своето духовно наследство. Всушност, секоја година прилично голем број браќа и сестри се укорени или исклучени бидејќи направиле неморал. Затоа е многу важно да го подготвиме нашето срце уште сега — пред да се најдеме во ситуација кога ќе биде испитана нашата верност (Пс. 78:8). Можеме да преземеме најмалку два чекора кои ќе ни помогнат да се заштитиме од искушенијата и да донесуваме мудри одлуки кога ќе се најдеме под притисок да постапиме погрешно.

РАЗМИСЛУВАЈ И ПОДГОТВИ СЕ

14. Кои прашања ќе ни помогнат да го мразиме злото и да го сакаме доброто?

14 Првиот чекор е да размислуваме за последиците од нашите постапки. Колку го цениме нашето духовно наследство зависи многу од тоа колку го сакаме Јехова, кој ни го дава тоа наследство. Впрочем, кога сакаме некого, внимаваме да не му нанесеме болка и се трудиме да правиме сѐ што можеме за тој да биде среќен. Затоа, добро е да одвоиме време и да размислиме какви ќе бидат последиците за нас и за другите ако им попуштиме на нечистите телесни желби. Би требало да се прашаме: ‚Како мојата себична постапка ќе се одрази врз мојот однос со Јехова? Како ќе влијае врз моето семејство? Како ќе влијае врз моите браќа и сестри во собранието? Дали со тоа би ги спрепнал другите? (Фил. 1:10). Вреди ли да платам толку висока цена за само неколку моменти на грешно задоволство? Дали навистина сакам да бидам како Исав, и горко да плачам кога ќе сфатам што сум направил?‘ (Евр. 12:17). Тоа што ќе размислуваме за вакви прашања ќе ни помогне ‚да го мразиме злото‘ и ‚да се држиме за доброто‘ (Рим. 12:9). Ако навистина го сакаме Јехова, ќе даваме сѐ од себе за да го зачуваме нашето наследство (Пс. 73:28).

15. Што ќе ни помогне да бидеме подготвени да се спротивставиме на искушенијата и да го зачуваме својот однос со Бог?

15 Вториот чекор е да се подготвиме за да се спротивставиме на искушението. Јехова ни дава многу работи што ни помагаат да не им подлегнеме на искушенијата и да го зачуваме својот однос со него. Во нив спаѓаат проучувањето на Библијата, христијанските состаноци, службата и молитвата (1. Кор. 15:58). Секогаш кога му го излеваме своето срце во молитва на Јехова и кога учествуваме во службата, ние на некој начин ја зајакнуваме својата одбрана против искушенијата. (Прочитај 1. Тимотеј 6:12, 19.) Колку ќе биде цврст нашиот одбранбен бедем, во голема мера зависи од нас (Гал. 6:7). Ова јасно се гледа од второто поглавје на книгата Изреки.

ПРОДОЛЖИ ДА БАРАШ

16, 17. Што ќе ни помогне да донесуваме мудри одлуки?

16 Во второто поглавје од книгата Изреки сме охрабрени да стекнеме мудрост и способност за расудување. Овие дарови ни помагаат да избереме помеѓу доброто и лошото, и да ги контролираме своите желби наместо да ги задоволиме на погрешен начин. Но, дали ќе успееме или не, зависи од тоа колкав труд сме спремни да вложиме. Библијата објаснува: „Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ако ги зачуваш во себе моите заповеди, ако ја слушаш со увото мудроста и го приклониш срцето кон разборитоста, ако го повикаш разумот и ако ја викнеш проникливоста, ако го побараш сето тоа како сребро и ако трагаш по него како по скриено богатство, тогаш ќе разбереш што значи да се има страв пред Јехова и ќе го пронајдеш знаењето за Бог. Зашто, Јехова дава мудрост, од неговата уста доаѓаат знаењето и проникливоста“ (Изр. 2:1-6).

17 Ако го правиме она што е наведено во овие стихови, ќе можеме да донесуваме мудри одлуки. Успешно ќе им се спротивставиме на искушенијата ако дозволиме Јеховините зборови да го обликуваат нашиот внатрешен човек, ако постојано се молиме за водство и ако продолжиме да го бараме знаењето за Бог како да е скриено богатство.

18. Што си решен да правиш, и зошто?

18 Јехова им дава знаење, разборитост, проникливост и мудрост на оние што се трудат да ги добијат овие дарови. Колку повеќе ги бараме и ги користиме, толку поблиски пријатели ќе бидеме со Јехова, и тоа ќе ни служи како заштита кога ќе се соочиме со некое искушение. Ако сме блиски со Јехова и ако имаме страхопочит кон него, ќе даваме сѐ од себе за да не му згрешиме (Пс. 25:14; Јак. 4:8). Нашето пријателство со Бог и мудроста што тој ни ја дава ќе ни помогнат да носиме мудри одлуки со кои ќе го радуваме неговото срце и ќе го зачуваме нашето наследство.