Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Зошто нашиот живот има вистинска смисла

Зошто нашиот живот има вистинска смисла

ВЕДНАШ откако се роди син ми Гери во 1958 год., знаев дека нешто не е во ред со него. Лекарите успеаја да ја воспостават дијагнозата дури по десет месеци, а по пет години специјалистите во Лондон ја потврдија. Девет години по Гери, ја родив Луиз. Многу ми беше тешко кога испитувањата покажаа дека кај неа има многу полоши симптоми отколку кај него.

„Вашите две деца имаат Барде-Бидл синдром * и, за жал, за таа болест нема лек“, љубезно ми кажаа лекарите. Во тоа време, не се знаеше многу за ова ретко наследно заболување. Вообичаени симптоми се оштетување на видот кое може да заврши со слепило, прекумерна телесна тежина, поголем број прсти на рацете или на нозете, пречки во развојот, проблеми со рамнотежата, дијабетес, остеоартритис и нарушување на функцијата на бубрезите. Ми беше јасно дека нема да ми биде лесно да се грижам за децата. Едно неодамнешно истражување покажа дека еден од 125.000 луѓе во Британија страда од ова заболување, а многу други го имаат во поблага форма.

ЈЕХОВА НИ СТАНА „СИГУРНА ТВРДИНА“

Кратко откако стапив во брак, имав прилика да разговарам со една жена која беше Јеховин сведок. Веднаш сфатив дека тоа што ми го кажува е вистината. Но, мојот сопруг воопшто не беше заинтересиран. Поради неговата работа, постојано моравме да се селиме, па не можев да одам на состаноци. И покрај тоа, продолжив да ја читам Библијата и да му се молам на Јехова. Многу ми беа утешни зборовите од Псалмите, каде што се вели дека „Јехова ќе биде за угнетениот сигурна тврдина на високо место, сигурна тврдина на високо место во време на неволја“ и дека ‚нема да ги остави оние што го бараат‘ (Пс. 9:9, 10).

Бидејќи Гери имаше слаб вид, на шестгодишна возраст го испративме во специјално училиште на јужниот брег на Англија. Тој честопати ми се јавуваше кога нешто го мачеше, и така можев да му објаснам некои основни библиски начела. Кога по неколку години се роди Луиз, јас се разболев од мултиплекс склероза и фибромиалгија. Гери се врати дома на 16 години. Но, видот сѐ повеќе му се влошуваше, и во 1975 год. потполно ослепе. Во 1977 год., маж ми нѐ напушти.

Кратко откако се врати Гери, почнавме да одиме на состаноци во едно собрание со многу грижливи браќа и сестри, и јас се крстив во 1974 год. Многу бев благодарна што еден старешина му помогна на Гери да ги разбере физичките промени низ кои минуваше во пубертетот. Другите Сведоци ми помагаа околу домашните обврски, и по некое време, центарот за социјални грижи одобри пет од нив да ни пружаат постојана домашна нега. Тоа беше вистински благослов за нас!

Гери продолжи духовно да напредува, и се крсти во 1982 год. Тој многу сакаше да служи како помошен пионер. Затоа, одлучив да му се придружам, па бевме заедно во оваа служба неколку години. Син ми беше многу среќен кога, по извесно време, нашиот покраински надгледник го праша: „А си размислувал ли за општа пионерска служба, Гери?“ Тоа многу го охрабри, и во 1990 год. стана општ пионер.

Гери имаше две операции за замена на колк, првата во 1999 год., а втората во 2008 год. Но, Луиз имаше многу потешки здравствени проблеми. Се роди слепа, а кога видов дека има шест прсти на едната нога, знаев дека и таа има Барде-Бидл синдром. Испитувањата наскоро потврдија дека има сериозни оштетувања и на многу внатрешни органи. Низ годините, имаше повеќе тешки операции, меѓу кои и пет операции на бубрезите. Исто како Гери, и таа има дијабетес.

Бидејќи е свесна дека може да дојде до компликации, Луиз разговара со хирурзите и анестезиолозите пред да се оперира, и им објаснува зошто одбива да прими крв. Како резултат на тоа, има пријателски односи со медицинскиот персонал кој многу добро се грижи за неа.

ВОДИМЕ ИСПОЛНЕТ ЖИВОТ

Нашиот живот е исполнет со духовни активности. Пред да се појават современите електронски уреди, со часови им читав на Гери и Луиз. А сега, благодарение на CD-ата DVD-јата и снимките од нашата интернет-страница, секој од нас може да проучува и да се подготвува за состаноците во различно време. Исто така, сите можеме да коментираме на нашите состаноци.

Гери понекогаш ги учи напамет одговорите, а кога има говор во Теократската школа за служба, го изнесува со свои зборови. Во 1995 год., беше именуван за слуга-помошник. Тој секогаш е зафатен со нешто во Салата на Царството — им изразува добредојде на браќата и сестрите и помага околу озвучувањето.

Соверниците честопати одат во служба со Гери, и му помагаат така што ја туркаат инвалидската количка која ја користи бидејќи има артритис. Еден брат му помага да води библиска студија со едно заинтересирано лице. Исто така, Гери охрабри една сестра, која беше неактивна 25 години. И интересентот и сестрата сега доаѓаат на христијанските состаноци.

Кога имаше девет години, Луиз научи да плете од баба ѝ, а јас и една од негувателките ја научивме да везе. Бидејќи многу сака да плете и да везе, таа изработува шарени ќебенца за бебиња и за постарите во собранието. Освен тоа, прави и картички кои ги украсува со самолепливи сликички. Браќата и сестрите многу се радуваат кога ќе им даде картичка. Кога имаше околу 13 години, Луиз научи да чука на машина за пишување. А сега редовно контактира со своите пријатели преку имејл со помош на специјален компјутер за слепи лица. Таа се крсти на 17 години. Кога има акции за проповедање, и двете со радост служиме како помошни пионери. Исто како Гери, и Луиз учи напамет библиски стихови со кои ја покажува својата вера во Божјето ветување за новиот свет каде што „ќе им се отворат очите на слепите“ и „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Иса. 33:24; 35:5).

Многу се радуваме што ги знаеме скапоцените вистини од Јеховината Реч! Срцата ни се прелеваат од благодарност поради поддршката што со љубов ни ја дава собранието. Без помошта од браќата и сестрите не би можеле да служиме во толкава мера. Затоа што Јехова ни помага, нашиот живот има вистинска смисла.

^ пас. 5 Ова неизлечливо заболување, кое исто така е познато и како Лоренс-Мун-Барде-Бидл синдром, го добило името според четирите лекари кои го откриле.