Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Кои се „синовите на вистинскиот Бог“ за кои во 1. Мојсеева 6:2, 4 се вели дека живееле пред Потопот?

Имаме добри причини да веруваме дека овој израз се однесува на духовни Божји синови. Да разгледаме некои од тие причини.

Во 1. Мојсеева 6:2 пишува: „Синовите на вистинскиот Бог забележаа дека човечките ќерки се убави, па си ги земаа за жени, сите што ќе ги избереа“.

Во Хебрејските списи, изразите „синовите на вистинскиот Бог“ и „Божјите синови“ ги среќаваме во 1. Мојсеева 6:2, 4; Јов 1:6; 2:1; 38:7 и Псалм 89:6. Што дознаваме од овие стихови за „Божјите синови“?

„Синовите на вистинскиот Бог“ кои се спомнати во Јов 1:6 очигледно биле духовни суштества кои се собрале пред Јехова. Меѓу нив бил и Сатана, кој пред тоа ‚ја обиколувал‘ Земјата (Јов 1:7; 2:1, 2). Божјите синови спомнати во Јов 38:4-7, кои ‚воскликнувале од радост‘ кога Бог ‚го положил аголниот камен‘ на Земјата, сигурно биле ангели, бидејќи во тоа време луѓето сѐ уште не биле создадени. И „Божјите синови“ спомнати во Псалм 89:6 во никој случај не се луѓе, туку духовни суштества кои биле на небото со Бог.

Тогаш, кои се „синовите на вистинскиот Бог“ за кои се зборува во 1. Мојсеева 6:2, 4? Според библиските стихови што ги разгледавме, разумно е да заклучиме дека станува збор за духовни Божји синови кои слегле на Земјата.

За некои луѓе е неприфатлива помислата дека ангелите би можеле да имаат желба за полови односи. Зборовите на Исус запишани во Матеј 22:30 покажуваат дека на небото нема ни брак ни полови односи. Сепак, понекогаш ангелите се претворале во луѓе, па дури и јаделе и пиеле (1. Мој. 18:1-8; 19:1-3). Според тоа, логично е да се заклучи дека, ако биле во човечки облик, можеле и да имаат полови односи со жените.

Неколку библиски стихови укажуваат дека некои ангели го направиле токму тоа. На пример, во Јуда 6, 7, гревот на жителите на Содом, кои имале неприродни полови односи, е спореден со гревот на ‚ангелите што не ја задржале својата првобитна положба, туку го напуштиле своето вистинско живеалиште‘. На овие ангели и на жителите на Содом им било заедничко тоа што ‚се оддале на блуд и имале неприродни полови односи‘. А во паралелните стихови во 1. Петрово 3:19, 20, непослушните ангели се спомнуваат во поврзаност со „Ноевите денови“ (2. Пет. 2:4, 5). Значи, непослушните ангели во деновите на Ное се тие што направиле сличен грев како жителите на Содом и Гомор.

Според тоа, „синовите на вистинскиот Бог“ спомнати во 1. Мојсеева 6:2, 4, биле ангели кои се претвориле во луѓе и вршеле неморал со жените.

Библијата вели дека Исус ‚им проповедал на духовите во затвор‘ (1. Пет. 3:19). Што значи ова?

Во врска со овие духови, апостол Петар рекол дека тие ‚некогаш биле непослушни кога Бог стрпливо чекал во Ноевите денови‘ (1. Пет. 3:20). Очигледно, Петар мислел на духовните суштества кои одлучиле да се побунат заедно со Сатана. И Јуда ги спомнува ангелите кои ‚не ја задржале својата првобитна положба, туку го напуштиле своето вистинско живеалиште‘. Во врска со нив, тој вели дека Бог „ги чува во вечни окови и во густа темнина за судот на големиот ден“ (Јуда 6).

Во кој поглед биле непослушни овие духовни суштества во деновите на Ное? Пред Потопот, овие зли духови се претвориле во луѓе иако Бог не им дал никакво овластување да направат такво нешто (1. Мој. 6:2, 4). Освен тоа, овие ангели кои имале полови односи со жените правеле нешто што било неприродно. Бог никогаш немал намера духовните суштества да имаат интимни односи со жени (1. Мој. 5:2). Овие злобни, непослушни ангели ќе бидат уништени во времето што го одредил Бог. Но дотогаш, како што вели Јуда, тие се наоѓаат во „густа темнина“, односно во еден вид духовен затвор.

Кога и на кој начин Исус им проповедал на овие ‚духови во затвор‘? Петар пишува дека ова се случило откако Христос ‚бил оживеан во духот‘ (1. Пет. 3:18, 19). Освен тоа, кога вели дека Исус ‚проповедал‘, Петар користи минато време. Тоа покажува дека Исус им проповедал на тие духови пред Петар да го напише своето прво послание. Според тоа, изгледа дека, некое време откако бил воскреснат, Исус им ја објавил на овие зли духови потполно заслужената казна што ќе ја добијат. Тој не им проповедал порака на надеж туку на осуда (Јона 1:1, 2). Откако му останал верен и лојален на Бог до смрт и потоа бил воскреснат — со што докажал дека Ѓаволот нема власт над него — Исус имал право да им пренесе таква објава на осуда (Јован 14:30; 16:8-11).

Во иднина, тој ќе ги врзе и ќе ги фрли во „бездната“ и Сатана и тие ангели (Лука 8:30, 31; Отк. 20:1-3). Дотогаш овие непослушни духови се во густа духовна темнина, а нивното конечно уништување е неизбежно (Отк. 20:7-10).