Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Еве, јас сум со вас во сите денови“

„Еве, јас сум со вас во сите денови“

„Еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (МАТ. 28:20)

1. а) Раскажи ја накратко споредбата за пченицата и каколот. б) Како Исус го објаснил значењето на оваа споредба?

 ВО ЕДНА од своите споредби за Царството, Исус зборувал за еден земјоделец кој посеал добро семе пченица на својата нива и за еден непријател што посеал какол меѓу пченицата. Иако каколот ја обраснал нивата и се намножил повеќе од пченицата, земјоделецот им заповедал на своите робови да ги остават да ‚растат двете заедно до жетвата‘. За време на жетвата, каколот требало да биде уништен, а пченицата да биде собрана. Самиот Исус го објаснил значењето на оваа споредба. (Прочитај Матеј 13:24-30, 37-43.) Што ни открива таа? (Види ја рамката  „Пченицата и каколот“.)

2. а) Што е претставено со она што се случува на нивата на земјоделецот? б) Кој дел од споредбата ќе го разгледаме во оваа статија?

2 Она што се случува на нивата на тој земјоделец покажува како и кога Исус ќе ја собере целата пченица — помазаните христијани кои ќе владеат заедно со него во неговото Царство. Сеењето започнало на Педесетница 33 год. од н.е. Собирањето ќе заврши откако помазаниците кои се живи на крајот на овој поредок ќе го добијат конечното запечатување и потоа ќе бидат земени на небото (Мат. 24:31; Отк. 7:1-4). Исто како што од една планина се пружа панорамски поглед на целата околина, така и споредбата за пченицата и каколот ни дава општ преглед на некои настани поврзани со Царството кои се случуваат во период од околу 2.000 години. Во својата споредба, Исус спомнува три временски периоди — сеење, раст и жнеење. Во оваа статија, нашето внимание главно ќе го насочиме на жетвата. a

ПОД БУДНОТО ОКО НА ИСУС

3. а) Што се случило по првиот век од н.е.? б) Според Матеј 13:28, кое прашање го поставиле робовите, и кого го претставуваат тие? (Види ја и фуснотата.)

3 Во почетокот на вториот век од н.е., ‚се појавил каколот‘, односно лажните христијани (Мат. 13:26). До четвртиот век од н.е., овие христијани кои биле слични на какол станале многу побројни од помазаните христијани. Во споредбата, робовите побарале дозвола од својот господар да го искорнат каколот b (Мат. 13:28). Што им одговорил тој?

4. а) Што дознаваме од одговорот на Господарот, односно Исус? б) Кога можело да се види кои христијани припаѓаат на „пченицата“?

4 Во врска со пченицата и каколот, Исус рекол: „Нека растат двете заедно до жетвата“. Од овие негови зборови доаѓаме до заклучок дека, од првиот век па сѐ досега, на Земјата секогаш имало „пченица“, односно помазани христијани. Тоа се гледа и од следново уверување што подоцна Исус им го дал на своите ученици: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20). Значи, тој ветил дека ќе ги штити помазаните христијани во сите денови сѐ до времето на крајот. Сепак, бидејќи низ вековите имало толку многу лажни христијани, односно „какол“, не знаеме точно кој сѐ припаѓал на „пченицата“ во тој долг временски период. Но, неколку децении пред почетокот на жетвата, веќе можело да се види кои христијани припаѓаат на „пченицата“. Како дошло до тоа?

ГЛАСНИК ШТО ‚ГО РАСЧИСТУВА ПАТОТ‘

5. Како се исполнило пророштвото на Малахија во првиот век?

5 Со векови пред Исус да ја даде споредбата за пченицата и каколот, под водство на Јеховиниот дух Малахија прорекол некои од настаните на кои укажува таа споредба. (Прочитај Малахија 3:1-4.) Јован Крстител бил ‚гласникот кој го расчистил патот‘ (Мат. 11:10, 11). Кога тој дошол во 29 год. од н.е., наближило времето на суд за израелскиот народ. Исус бил вториот гласник, односно „гласникот на сојузот“. Тој го очистил храмот во Ерусалим на почетокот и на крајот од својата служба на Земјата (Мат. 21:12, 13; Јован 2:14-17). Според тоа, делото на очистување што го извршил Исус опфаќало одреден период.

6. а) Како се исполнило пророштвото на Малахија во нашево време? б) Во кој период Исус го прегледал духовниот храм? (Види ја и фуснотата.)

6 Како се исполнило пророштвото на Малахија во нашево време? Во неколкуте децении пред 1914 год., Ч. Т. Расел и неговите блиски соработници извршиле едно важно дело слично на она што го вршел Јован Крстител. Тие ги изнеле на видело библиските вистини кои долго време биле скриени од луѓето. Истражувачите на Библијата го разбрале вистинското значење на Христовата откупна жртва, ја разоткриле лагата за пеколот и почнале да објавуваат дека наскоро ќе завршат времињата на незнабошците. Но, во тоа време имало многу религиозни групи кои тврделе дека го следат Христос. Затоа, едно клучно прашање кое требало да се одговори било: Која од тие групи била „пченицата“? За да го одговори ова прашање, Исус дошол да го прегледа духовниот храм во 1914 год. Таа проверка и очистување траеле одреден период — од 1914 год. до првата половина на 1919 год. c

ПРОВЕРКА И ОЧИСТУВАЊЕ НА ПОМАЗАНИЦИТЕ

7. Што открил Исус кога ја започнал проверката во 1914 год.?

7 Што открил Исус кога ја започнал проверката? Тој нашол една мала група ревносни Истражувачи на Библијата кои повеќе од 30 години ги трошеле својата сила и своите средства за да им проповедаат на другите. d Колку мора да биле радосни Исус и ангелите кога виделе дека тие релативно малку, но цврсти класови пченица не биле задушени од каколот на Сатана! Сепак, имало потреба овие ‚синови на Леви‘, односно помазаниците, да бидат очистени (Мал. 3:2, 3; 1. Пет. 4:17). Зошто?

8. Што се случувало по 1914 год.?

8 При крајот на 1914 год., некои Истражувачи на Библијата биле разочарани затоа што не биле земени на небото. Во текот на 1915 и 1916 год., се појавило противење надвор од организацијата кое го забавило проповедничкото дело. Згора на тоа, по смртта на брат Расел во октомври 1916 год., се јавило противење и внатре во организацијата. Четворица од седумте директори на Watch Tower Bible and Tract Society се побуниле против одлуката брат Ратерфорд да предводи во делото. Тие се обиделе да предизвикаат поделби меѓу браќата, но во август 1917 год. го напуштиле Бетелот. Ова е еден начин на кој била прочистена организацијата. Освен тоа, некои Истражувачи на Библијата подлегнале на стравот од човек и престанале да му служат на Бог. Сепак, во целина, спремно се подложиле на прочистувањето од страна на Исус и ги направиле потребните промени. Затоа тој пресудил дека тие се вистински христијани, односно „пченицата“, а ги отфрлил сите лажни христијани кои биле дел од Истражувачите на Библијата, како и сите оние што припаѓале на црквите на христијанскиот свет (Мал. 3:5; 2. Тим. 2:19). Што се случило потоа? За да го добиеме одговорот, да се вратиме на споредбата за пченицата и каколот.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ОТКАКО ПОЧНУВА ЖЕТВАТА?

9, 10. а) Што ќе разгледаме во врска со жетвата? б) Што најпрво се случило откако започнала жетвата?

9 Исус рекол: „Жетвата е свршетокот на овој поредок“ (Мат. 13:39). Таа почнала во 1914 год. Да разгледаме пет настани што Исус прорекол дека ќе се случуваат во тоа време.

 10 Прво, ќе биде собран каколот. Исус рекол: „Во времето на жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови“. По 1914 год., ангелите почнале да го ‚собираат каколот‘, односно лажните христијани, одвојувајќи ги од помазаните ‚синови на царството‘ (Мат. 13:30, 38, 41).

11. По што се разликуваат вистинските христијани од лажните до ден-денес?

11 Додека траело собирањето на каколот, разликата меѓу него и пченицата станувала сѐ појасна (Отк. 18:1, 4). До 1919 год., станало очигледно дека Големиот Вавилон паднал затоа што повеќе немал влијание врз Божјиот народ. По што особено се разликувале вистинските христијани од лажните? По проповедањето. Оние што предводеле во делото на Истражувачите на Библијата сѐ повеќе истакнувале колку е важно секој да ја проповеда пораката за Царството. На пример, во една брошурка со наслов ‚Оние на кои им е доверено делото‘, која излегла во 1919 год., сите помазани христијани биле поттикнати да проповедаат од куќа до куќа. Во неа пишувало: „Иако делото што нѐ очекува е огромно, тоа е на Господарот, и тој ќе ни даде сила да го извршиме. Ти имаш чест да учествуваш во него“. Каков бил одѕивот? Во Стражарска кула од 1922 год. пишувало дека оттогаш натаму Истражувачите на Библијата проповедале во уште поголема мера. За кратко време, службата од куќа до куќа станала главно обележје на тие верни христијани. И до ден-денес вистинските христијани се препознаваат по тоа дело.

12. Кога почнува собирањето на „пченицата“?

 12 Второ, ќе биде собрана пченицата. Исус им заповеда на своите ангели: „Соберете ја пченицата во мојот амбар“ (Мат. 13:30). Од 1919 год., почнува собирањето на помазаниците во прочистеното христијанско собрание. А помазаните христијани кои ќе бидат живи на крајот од овој поредок ќе бидат конечно собрани кога ќе ја добијат својата награда на небото (Дан. 7:18, 22, 27).

13. Што покажува Откровение 18:7 во врска со денешниот став на блудницата, односно Големиот Вавилон, во кој спаѓа и христијанскиот свет?

 13 Трето, ќе има плач и чкртање со заби. Што се случува откако ангелите го врзуваат каколот во снопови? Во врска со оние што се претставени со каколот, Исус вели: „Таму ќе плачат и ќе чкртаат со забите“ (Мат. 13:42). Дали ова се случува денес? Не. Денес христијанскиот свет, како дел од големата блудница, сѐ уште си вели: „Седам како царица, и не сум вдовица, и нема да видам тага“ (Отк. 18:7). Всушност, христијанскиот свет смета дека ги држи работите под контрола, па дури и дека е „како царица“ која има силно влијание врз политичките водачи. Денес оние што се претставени со каколот воопшто не плачат туку се фалат. Но, ова наскоро ќе се смени.

Наскоро ќе ѝ дојде крај на блиската соработка меѓу политичарите и христијанскиот свет (Види во  пасус 13)

14. а) Кога и зошто лажните христијани „ќе чкртаат со забите“? б) Како нашето ново разбирање на Матеј 13:42 е во склад со Псалм 112:10? (Види ја фуснотата.)

14 Во текот на големата неволја, откако целокупната организирана лажна религија ќе биде уништена, нејзините поранешни приврзаници ќе бараат место да се скријат, но нема да најдат сигурно засолниште (Лука 23:30; Отк. 6:15-17). Кога ќе сфатат дека им нема спас, тие ќе плачат во очај и „ќе чкртаат со забите“ од гнев. Во склад со пророштвото на Исус за големата неволја, во тој мрачен период, тие горко „ќе заплачат“ e (Мат. 24:30; Отк. 1:7).

15. Што ќе се случи со каколот, и кога?

 15 Четврто, каколот ќе биде фрлен во вжарена печка. Исус рекол дека ангелите „ќе ги фрлат [сноповите какол] во вжарена печка“ (Мат. 13:42). Ова укажува на уништување. Според тоа, тие поранешни приврзаници на лажната религија претставени со каколот ќе бидат уништени во последната фаза на големата неволја — Армагедон (Мал. 4:1).

16, 17. а) Кој е последниот настан што Исус го спомнува во својата споредба? б) Од каде знаеме дека тој настан ќе се исполни во иднина?

 16 Петто, праведниците ќе светат. Исус го завршува пророштвото велејќи: „Тогаш праведниците ќе светат како сонце во царството на својот Татко“ (Мат. 13:43). Кога и каде ќе се случи тоа? Овие зборови ќе се исполнат во иднина. Овде Исус укажува на иден настан што ќе се случи на небото, а не на нешто што денес се случува на Земјата. f Да разгледаме две причини кои водат до овој заклучок.

17 Прво, да видиме кога ќе се случи тоа. Исус рекол: „Тогаш праведниците ќе светат“. Зборот „тогаш“ очигледно се однесува на настанот кој Исус штотуку го спомнал, односно на времето кога ‚каколот ќе биде фрлен во вжарена печка‘. Ова ќе се случи во последната фаза од големата неволја. Според тоа, и помазаниците очигледно ‚ќе светат‘ во истото време во иднина. Второ, каде ќе се случи тоа? Исус рекол дека праведниците ќе ‚светат во царството‘. Што значи ова? Сите верни помазаници кои сѐ уште ќе бидат на Земјата откако ќе помине првата фаза на големата неволја веќе ќе го имаат добиено конечното запечатување. А потоа, како што претскажал Исус, тие ќе бидат собрани на небото (Мат. 24:31). Таму ќе светат „во царството на својот Татко“. Кратко по битката Армагедон, тие ќе учествуваат во „свадбата на Јагнето“ како дел од неговата радосна невеста (Отк. 19:6-9).

КАКО НИ КОРИСТИ СПОРЕДБАТА НА ИСУС

18, 19. На кои начини ни користи нам лично тоа што подобро ја разбираме споредбата за пченицата и каколот?

18 Како ни користи тоа што подобро ја разбираме споредбата за пченицата и каколот? На три начини. Прво, ни помага да сфатиме зошто Јехова сѐ уште не ги уништил злобните. Тој ги поднесува како ‚садови на гневот‘ за да ги подготви „садовите на милосрдноста“, односно помазаниците кои се претставени со пченицата g (Рим. 9:22-24). Второ, ја зајакнува нашата доверба во Јехова. Додека се приближува крајот, нашите непријатели уште пожестоко ќе се борат против нас, ‚но нема да нѐ надвладеат‘. (Прочитај Еремија 1:19.) Исто како што ги чувал помазаниците низ вековите, нашиот небесен Татко, заедно со Исус и ангелите, ќе биде со нас „во сите денови“ сѐ до крајот (Мат. 28:20).

19 Трето, оваа споредба ни помага да сфатиме кој е претставен со пченицата. Зошто ова е многу важно? Затоа што ќе ни помогне да одговориме на следново прашање што го поставил Исус во своето пророштво за последните денови: „Кој е верниот и разборит роб?“ (Мат. 24:45). Одговорот ќе го разгледаме во следните две статии.

 

a Пасус 2: За да се потсетиш на значењето на другите делови од споредбата, те поттикнуваме да ја прочиташ статијата „Праведниците ќе светат како сонце“, која излезе во Стражарска кула од 15 март 2010, страници 19-21, пасуси 1-9.

b Пасус 3: Со оглед на тоа што апостолите на Исус умреле, а помазаниците на Земјата се претставени со пченицата а не со робовите, овие робови очигледно ги претставуваат ангелите. Подоцна, во објаснувањето на споредбата, Исус кажува дека оние што го собираат каколот се ангелите (Мат. 13:39).

c Пасус 6: Ова објаснување е промена во разбирањето. Досега мислевме дека Исус го прегледал храмот во 1918 год.

d Пасус 7: Од 1910 до 1914 год., Истражувачите на Библијата разделиле речиси 4 милиони книги и над 200 милиони трактати и брошурки.

e Пасус 14: Ова е ново објаснување на Матеј 13:42. Порано во нашите публикации пишуваше дека лажните христијани веќе со децении ‚плачат и чкртаат со забите‘ затоа што „синовите на царството“ ги разоткриваат како ‚синови на Злобниот‘ (Мат. 13:38). Но, во Псалм 112:10, Библијата го спомнува чкртањето со забите кога зборува за оние што ги чека уништување.

f Пасус 16: Во Даниел 12:3 се вели дека „оние што се разборити [помазаните христијани] ќе блескаат како сјајниот небесен свод“. Додека сѐ уште се на Земјата, тие блескаат со тоа што учествуваат во проповедничкото дело. Но, во Матеј 13:43 станува збор за нешто друго. Овој стих укажува на времето кога силно ќе светат во небесното Царство. Порано мислевме дека и двата стиха се поврзани со проповедањето.