Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Посветени сте од Јехова

Посветени сте од Јехова

‚Вие сте испрани и посветени‘ (1. КОР. 6:11)

1. За кои проблеми дознал Неемија откако се вратил во Ерусалим? (Види ја сликата погоре.)

ЖИТЕЛИТЕ на Ерусалим се вознемирени. Зошто? Еден туѓинец кој му се противи на Јехова престојува во една просторија во храмот. Левитите ја оставиле својата служба. Еврејските старешини тргуваат на денот за одмор наместо да му го посветат на Јехова. Многу Израелци стапуваат во брак со не-Евреи. Ова се само некои од проблемите за кои дознава Неемија кога се враќа во Ерусалим по 443 год. пр.н.е. (Неем. 13:6).

2. Како Израел станал свет народ?

2 Речиси илјада години пред тоа, во 1513 год. пр.н.е., Израелците спремно изјавиле дека ќе му бидат послушни на Бог. Тие рекле: „Ќе ги вршиме сите заповеди што ги даде Јехова“ (2. Мој. 24:3). Затоа тој ги посветил, односно ги одвоил како свој избран народ. Тоа навистина било огромна чест! Четириесет години подоцна, Мојсеј ги потсетил: „Ти си свет народ пред Јехова, својот Бог. Тебе те избра Јехова, твојот Бог, меѓу сите народи што се на лицето на земјата за да бидеш негов народ, негова најмила сопственост“ (5. Мој. 7:6).

3. Во каква духовна состојба се наоѓале Евреите кога Неемија по вторпат дошол во Ерусалим?

3 За жал, Израелците не си го одржале ветувањето. Иако секогаш имало поединци кои верно му служеле на Бог, повеќето Евреи не биле спремни да ја вршат Неговата волја и само се преправале дека се свети. Затоа Јехова дозволил да бидат одведени во заробеништво во Вавилон. По неколку децении, еден верен остаток се вратил во Ерусалим за повторно да го изгради храмот и градот. Околу сто години по нивното враќање, Неемија по вторпат дошол во Ерусалим. Но, дотогаш Израелците повторно ја занемариле службата за Јехова и нивната ревност за вистинското обожавање згаснала.

4. Што треба да правиме за да останеме свети ако сакаме Јехова да нѐ користи во својата служба?

4 Како народ, и денешните слуги на Јехова се посветени од Бог исто како што биле Израелците. И помазаните христијани и оние од ‚големото мноштво‘ се свети, односно одвоени за света служба (Отк. 7:9, 14, 15; 1. Кор. 6:11). Но, Израелците го изгубиле својот посебен однос со Јехова затоа што не останале свети. Не сакаме и нам да ни се случи истото. Што треба да правиме за да останеме свети ако сакаме Јехова и понатаму да нѐ користи во својата служба? Од Неемија, поглавје 13, ќе дознаеме четири работи кои ќе ни помогнат во тоа: 1) треба да се чуваме од лошо друштво; 2) треба да го поддржуваме Јеховиното дело; 3) треба да ги ставаме духовните работи на прво место и 4) треба да бидеме препознатливи како вистински христијани. Да ги разгледаме овие точки една по една.

ЧУВАЈ СЕ ОД ЛОШО ДРУШТВО

5, 6. Кои биле Елијасив и Товиј? Зошто можеби Елијасив се дружел со Товиј?

5 Прочитај Неемија 13:4-9. Бидејќи сме опкружени со лоши влијанија, не е лесно да останеме свети, односно чисти во Божји очи. Да го разгледаме примерот на Елијасив, кој паднал под лошото влијание на Товиј. Елијасив бил првосвештеник, а Товиј бил Амонец и најверојатно бил службеник на персискиот цар во Јудеја. Кога Неемија првпат дошол во Ерусалим и ги поттикнал Евреите да ги изградат ѕидовите околу градот, Товиј и неговите соработници настојувале да ги спречат во нивната намера (Неем. 2:10). Освен тоа, Законот забранувал Амонци да стапнат на подрачјето на храмот (5. Мој. 23:3). Тогаш, зошто подоцна првосвештеникот Елијасив уредил за Товиј една трпезарија во храмскиот двор?

6 Тие двајца станале многу блиски пријатели. Товиј и неговиот син, Јоанан, се ожениле за Еврејки, и многу Израелци зборувале добро за Товиј (Неем. 6:17-19). Еден од внуците на Елијасив, Манасија, се оженил со ќерката на Санавалат, управителот на Самарија, кој му бил близок пријател на Товиј (Неем. 13:28). Можеби поради ваквите блиски врски, првосвештеникот Елијасив дозволил еден неверник и противник да влијае врз него. Но, Неемија покажал дека му е лојален на Јехова со тоа што ја исфрлил од трпезаријата сета покуќнина на Товиј.

7. На кој начин сите Божји слуги се трудат да останат свети?

7 Бидејќи сме народ кој му е заветуван на Бог, нам ни е најважно секогаш да му бидеме лојални на Јехова. Но, ако не се држиме за неговите праведни мерила, нема да бидеме свети во негови очи. Не смееме да дозволиме семејните врски да нѐ заслепат и да нѐ наведат да ги занемариме библиските начела. Христијанските старешини донесуваат одлуки кои се во склад со Јеховиното размислување, и не дозволуваат да се поведат по своето лично мислење или чувства (1. Тим. 5:21). Тие многу внимаваат да не направат нешто со што би можеле да си го расипат својот однос со Бог (1. Тим. 2:8).

8. Кои работи треба да ги имаме на ум во врска со нашето друштво?

8 Не треба да заборавиме дека „лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Кор. 15:33). Некои наши роднини можеби не влијаат добро врз нас. Токму тоа му се случило на Елијасив. Додека се граделе ѕидовите на Ерусалим, тој му дал добар пример на народот така што го поддржувал Неемија и работел заедно со него (Неем. 3:1). Но, со текот на времето, под лошото влијание на Товиј и на други лица, очигледно Елијасив почнал да прави работи поради кои станал нечист во Јеховини очи. Ние треба да се дружиме со оние што ќе нѐ поттикнуваат да правиме добри работи, на пример, да ја читаме Библијата, и да одиме на состаноци и во служба. Особено ги сакаме и цениме членовите на нашето семејство кои нѐ охрабруваат да го правиме она што е исправно.

ПОДДРЖУВАЈ ГО ЈЕХОВИНОТО ДЕЛО

9. Каква била состојбата во храмот? Што направил Неемија за да ги исправи работите?

9 Прочитај Неемија 13:10-13Се чини дека, до времето кога Неемија се вратил во Ерусалим, во храмот не стигнувале речиси никакви прилози. Поради тоа, левитите морале да работат на нивите и престанале да ги вршат своите должности во храмот. Неемија ги обвинил намесниците за ваквата состојба. Очигледно, тие не ги исполнувале своите одговорности — или не ги собирале десеттините од народот, или не го доставувале во храмот она што било донесено (Неем. 12:44). Затоа Неемија презел мерки за повторно да се собираат десеттините. Тој поставил доверливи мажи да ги надгледуваат храмските складишта и да им ги даваат прилозите на левитите.

10, 11. Како можеме да го поддржуваме Јеховиното дело?

10 Што учиме од ова? Потсетени сме дека имаме можност да ‚му искажуваме чест на Јехова со нашиот имот‘ (Изр. 3:9). Кога даваме прилози за да го поддржуваме неговото дело, ние всушност му го даваме на Јехова она што веќе му припаѓа (1. Лет. 29:14-16). Можеби си мислиме дека нашите прилози се многу мали, но ако ги даваме од срце, Јехова со радост ќе ги прифати (2. Кор. 8:12).

11 Со години, едно големо семејство секоја седмица канело на ручек една постара брачна двојка специјални пионери. Иако семејството било со осум деца, мајката имала обичај да каже: „Ако има храна за десет, ќе има и за дванаесет!“ Можеби се чини дека еден ручек седмично не е голема работа. Но, овие пионери биле многу благодарни за гостопримството што им било укажано. Заедничкото дружење му донело голем благослов и на семејството. Пионерите раскажувале искуства и ги храбреле децата да напредуваат во духовен поглед. Подоцна сите деца започнале со полновремена служба.

12. Каков убав пример даваат именуваните браќа во собранието?

12 Што друго учиме од овој извештај за Неемија? Исто како него, именуваните браќа денес го поддржуваат теократскиот ред. На тој начин им помагаат на другите во собранието. Така го следат и примерот на апостол Павле. Тој го поддржувал обожавањето на вистинскиот Бог и давал корисни упатства. На пример, дал неколку практични предлози за тоа како да се собираат прилози (1. Кор. 16:1-3; 2. Кор. 9:5-7).

СТАВИ ГИ ДУХОВНИТЕ РАБОТИ НА ПРВО МЕСТО

13. Што правеле некои Евреи на денот за одмор?

13 Прочитај Неемија 13:15-21. Ако се преокупираме со материјални работи, би можеле да си го нарушиме односот со Јехова. Според 2. Мојсеева 31:13, седмичниот ден за одмор требало да ги потсетува Израелците дека се свет народ. На тој ден, семејствата требало да го обожаваат Бог, да се молат и да размислуваат за неговиот Закон. Но, за некои Евреи во времето на Неемија денот за одмор бил како и секој друг ден — тие продолжувале да работат и да тргуваат. Обожавањето на Јехова го ставиле во втор план. Кога видел што се случува, Неемија заповедал да се затворат градските порти вечерта на шестиот ден, и ги избркал трговците од другите земји пред да започне денот за одмор.

14, 15. а) Што може да ни се случи ако трошиме премногу време за да заработиме пари? б) Како може да влеземе во Божјата починка?

14 Од примерот на Неемија учиме дека не треба да трошиме премногу време за да заработиме пари. Во спротивно, световната работа — особено ако уживаме во неа — би можела да ни го одврати вниманието од духовните активности. Сети се, Исус рекол дека не можеме да им робуваме на двајца господари. (Прочитај Матеј 6:24.) Неемија можел да заработи многу пари и да го користи времето за да тргува со Тирците или со другите. Но, што правел тој додека престојувал во Ерусалим? (Неем. 5:14-18). Давал сѐ од себе за да им помага на своите браќа и да го посвети Јеховиното име. Слично и денес, старешините и слугите-помошници ги трошат своето време и сила за да помагаат во собранието. Нивните браќа ги сакаат поради тоа. Ова придонесува меѓу Божјиот народ да владеат љубов, мир и сигурност (Езек. 34:25, 28).

15 Иако од христијаните не се бара да држат седмичен ден за одмор, апостол Павле рекол дека „на Божјиот народ му останува саботната починка“. Тој додал: „Оној што влегува во Божјата починка, и самиот си отпочинал од своите дела, како и Бог од своите“ (Евр. 4:9, 10). Како христијани, може да влеземе во Божјата починка ако сме му послушни на Јехова и ако постапуваме во склад со неговата намера. Дали ти и твоето семејство го ставате Бог на прво место со тоа што ја одржувате Семејната вечер, одите на состаноци и учествувате во службата на проповедање? Нашиот работодавач или колегите можеби не сфаќаат колку ни се важни овие работи. Затоа можеби ќе треба да бидеме решителни и јасно да им ставиме до знаење дека за нас духовните активности се на прво место во животот. Во симболична смисла, ќе треба да ‚ги избркаме Тирците и да ги затвориме градските порти‘ за да им обрнеме најголемо внимание на светите работи. Бидејќи Јехова нѐ посветил како свој народ, добро е да се прашаме: ‚Дали со начинот на кој живеам покажувам дека сум одвоен за Јеховината служба?‘ (Мат. 6:33).

БИДИ ПРЕПОЗНАТЛИВ КАКО ВИСТИНСКИ ХРИСТИЈАНИН

16. Зошто Израелците во времето на Неемија биле во опасност да се претопат со другите народи?

16 Прочитај Неемија 13:23-27. Во времето на Неемија, Израелците се женеле со туѓинки. Кога првпат бил во Ерусалим, тој ги натерал старешините писмено да се обврзат дека нема да земаат жени од другите народи (Неем. 9:38; 10:30). Но, неколку години подоцна, дознал дека Евреите не само што се женеле со туѓинки, туку биле и во опасност да се претопат со другите народи и да не бидат препознатливи како Божји свет народ! Децата што ги имале со тие туѓинки не знаеле ниту да зборуваат ниту да читаат хебрејски. Кога ќе пораснеле, дали ќе се сметале за Израелци или, пак, за Азотци, Амонци или Моавци? Штом не знаеле хебрејски, како ќе можеле да го разберат Божјиот закон? Како ќе можеле да го запознаат Јехова и да изберат да му служат нему наместо на лажните богови на кои им служеле нивните мајки? Било потребно итно да се преземат мерки за да се спречи такво нешто, и Неемија го сторил токму тоа (Неем. 13:28).

17. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да имаат личен однос со Јехова?

17 И ние денес треба да правиме сѐ што е потребно за да им помогнеме на нашите деца да се однесуваат и да зборуваат како вистински христијани. Родители, прашајте се: ‚Колку добро го зборуваат моите деца „чистиот јазик“ на библиската вистина? (Соф. 3:9). Дали во нивниот говор се гледа влијанието на Божјиот дух или на духот на светот?‘ Немојте веднаш да се разочарате ако сфатите дека има место за подобрување. Треба време за да се научи еден јазик, особено ако некои други работи ни го одземаат вниманието. Вашите деца се изложени на огромни притисоци од околината. Затоа, користете ја Семејната вечер, како и други прилики, за стрпливо да им помагате да развијат близок однос со Јехова (5. Мој. 6:6-9). Потсетувајте ги колку е добро за нив да бидат поинакви од светот на Сатана (Јован 17:15-17). И дајте сѐ од себе за вистината да продре во нивното срце.

18. Зошто христијанските родители можат најдобро да им помогнат на своите деца да му се заветуваат на Бог?

18 На крајот, секое дете ќе донесе лична одлука дали ќе му служи на Бог. Сепак, родителите можат да им бидат од голема помош на своите деца со тоа што ќе им дадат добар пример, ќе им постават јасни граници и ќе разговараат со нив за последиците од нивните одлуки. Родители, никој не може подобро од вас да им помогне на вашите деца да му се заветуваат на Јехова. Помогнете им да ги развијат особините по кои ќе бидат препознатливи како вистински христијани. Се разбира, сите ние треба да внимаваме да не ги изгубиме своите симболични „облеки“, односно особините и мерилата по кои се препознаваме како Христови следбеници (Отк. 3:4, 5; 16:15).

ЈЕХОВА ЌЕ ‚СЕ СЕТИ НА НАС ПО ДОБРО‘

19, 20. Како Јехова може да ‚се сети на нас по добро‘?

19 Малахија, пророк кој живеел во времето на Неемија, рекол дека пред Јехова ‚почнала да се пишува книга на сеќавањето за оние што се бојат од Него и што размислуваат за Неговото име‘ (Мал. 3:16, 17). Бог никогаш нема да ги заборави оние кои имаат страхопочит кон него и кои покажуваат љубов кон неговото име (Евр. 6:10).

20 Неемија се молел: „Сети се на мене по добро, Боже мој!“ (Неем. 13:31). Исто како Неемија, нашите имиња ќе бидат во Божјата книга на сеќавањето ако и понатаму се чуваме од лошо друштво, ако го поддржуваме Јеховиното дело, ако ги ставаме духовните работи на прво место и ако останеме препознатливи како вистински христијани. Затоа, ‚да се испитуваме дали сме во верата‘ (2. Кор. 13:5). Ако дадеме сѐ од себе за да останеме дел од Јеховиниот свет народ, тој ќе ‚се сети на нас по добро‘.