Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОД НАШАТА АРХИВА

Кралот бил воодушевен!

Кралот бил воодушевен!

ВО АВГУСТ 1936 год., Роберт и Џорџ Низбет го посетиле кралот Собуза II во неговата резиденција. Таму, од својата кола со разглас, најпрво му пуштиле музички снимки, а потоа и снимени говори од брат Џ. Ф. Ратерфорд. Кралот бил воодушевен. „Ни беше многу непријатно кога тој побара да ги купи грамофонот, плочите и звучниците кои ги користевме за да ја пренесуваме пораката за Царството“, објаснил Џорџ.

Роберт му рекол на кралот дека му е жал што нема да може да го стори тоа бидејќи тие работи не се за продажба. Зошто? Затоа што опремата не била нивна туку на некој друг. Кралот сакал да дознае кој бил тој.

„Опремата му припаѓа на друг цар“, одговорил Роберт. Тогаш Собуза прашал: „А кој е тој цар?“ „Тоа е Исус Христос, Царот на Божјето Царство“, одговорил Роберт.

„О, тој е голем Цар“, рекол Собуза со длабока почит. „Не би сакал да земам нешто што му припаѓа нему.“

Роберт напишал: ‚Бев многу изненаден од врховниот поглавар, кралот Собуза. Одлично зборуваше англиски, но без трошка вообразеност или гордост. Беше многу пристаплив и отворен човек. Разговаравме околу 45 минути кај него, додека Џорџ пушташе музика надвор.

Но, најинтересно беше кога подоцна истиот ден го посетивме Државното училиште на Свазиленд. Таму му сведочевме на директорот, кој многу внимателно нѐ слушаше. Кога спомнавме дека имаме грамофон и му понудивме да пуштиме снимки за да можат да ги слушнат сите во училиштето, тој беше пресреќен. Веднаш повика околу стотина ученици да испоседнат на тревата за да слушаат. Дознавме дека момчињата во тоа средно школо учеле земјоделство, градинарство, столарство, градежништво, англиски и математика, а девојчињата биле поучувани како да се грижат за децата, како да водат домаќинство и да вршат други корисни активности. Подоцна разбравме дека училиштето го основала бабата на врховниот поглавар‘.

Уште во 1933 год., кралот Собуза со задоволство ги слушал пионерите кои го посетувале во неговата резиденција. Во една прилика, тој дури ја собрал својата гарда од 100 воини за да слушаат снимки од пораката за Царството. Освен тоа, се претплатил на нашите списанија и земал од нашата литература. За кратко време, кралот имал речиси целосна теократска библиотека! Тој успеал да ја зачува иако британската колонијална влада ја забранила нашата литература за време на Втората светска војна.

Кралот Собуза II продолжил да ги прима Сведоците во својата резиденција во Лобамба, па дури поканувал и некои свештеници за да ги слушаат библиските говори. Додека еден тамошен Сведок по име Хелви Мешази зборувал за Матеј поглавје 23, една група свештеници се разгневиле и сакале да го натераат да седне и да замолчи. Но, кралот ги спречил во тоа, и го замолил брат Мешази да продолжи. Освен тоа, им рекол на присутните да си ги запишат сите библиски стихови што нашиот брат ги спомнал во говорот!

Откако во друга прилика слушале говор од еден пионер, четворица свештеници изјавиле: „Повеќе не сме свештеници туку Јеховини сведоци!“ Потоа го прашале пионерот дали може да им даде книги какви што имал кралот.

Од 1930-тите па сѐ до својата смрт во 1982 год., кралот Собуза покажувал почит кон Јеховините сведоци и не дозволувал да бидат прогонувани поради тоа што не ги држеле обичаите во Свазиленд. Сведоците имале многу причини да му бидат благодарни, и искрено жалеле кога тој починал.

Во почетокот на 2013 год., во Свазиленд имаше над 3.000 објавители на Царството. Во оваа земја, во која живеат нешто повеќе од еден милион луѓе, соодносот меѓу бројот на Сведоци и жители изнесува 1:384. Повеќе од 260 пионери служат во 90 собранија, а на Спомен-свеченоста во 2012 год. присуствуваа 7.496 лица. Очигледно, таму сѐ уште има голем потенцијал за пораст. Сепак, темелите за делото на Царството биле поставени уште при тие први посети на Свазиленд во 1930-тите. (Од нашата архива во Јужноафриканската Република.)