Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Пионерската служба ни го зајакнува односот со Бог

Пионерската служба ни го зајакнува односот со Бог

‚Добро е со песна да се слави нашиот Бог‘ (ПС. 147:1)

1, 2. а) Што се случува кога размислуваме и зборуваме за некој што го сакаме? (Види ја сликата погоре.) б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

КОГА размислуваме и зборуваме за некој што го сакаме, се зајакнува нашето пријателство со него. Истото важи и за нашиот однос со Јехова Бог. Како пастир, Давид поминал многу ноќи под отворено небо. Така можел да ги набљудува ѕвездите и да размислува за својот величествен Творец. Тој напишал: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него, и земниот човек, па да се грижиш за него?“ (Пс. 8:3, 4). А кога размислувал за тоа на каков прекрасен начин Јехова ја исполнува својата намера со духовниот Израел, апостол Павле воскликнал: „О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење!“ (Рим. 11:17-26, 33).

2 Додека учествуваме во службата, ние размислуваме и зборуваме за Јехова, и така стануваме поблиски со него. Многу пионери чувствуваат дека нивната љубов кон Бог станува уште посилна затоа што поминуваат повеќе време во службата. Сеедно дали моментално си пионер или работиш на таа цел, размисли за следново: Како може полновремената служба да ти помогне да го зајакнеш својот однос со Јехова? Ако си пионер, прашај се: ‚Што ќе ми помогне да продолжам со оваа скапоцена служба?‘ Ако сѐ уште не си пионер, прашај се: ‚Какви промени би можел да направам за да започнам со пионерска служба?‘ Да видиме на кои начини полновремената служба може да ни помогне да станеме уште поблиски со Бог.

ПИОНЕРСКАТА СЛУЖБА И НАШИОТ ОДНОС СО БОГ

3. Како ни користи тоа што зборуваме со другите за благословите што ќе ги донесе Царството?

3 Кога зборуваме со другите за благословите што ќе ги донесе Царството, стануваме уште поблиски со Јехова. Кои стихови најмногу сакаш да ги користиш кога одиш од куќа до куќа? Дали можеби Псалм 37:10, 11; Даниел 2:44; Јован 5:28, 29 или Откровение 21:3, 4? Секогаш кога разговараме за овие ветувања со другите, ние самите се потсетуваме дека „секој добар дар и секој совршен подарок“ доаѓа од нашиот великодушен Бог. Ова нѐ зближува со него (Јак. 1:17).

4. Зошто сме уште поблагодарни за Божјата добрина кога им проповедаме на другите?

4 Кога гледаме колку се несреќни и безнадежни луѓето на кои им проповедаме, ние сме уште поблагодарни што ја знаеме вистината. Луѓето во светот не го знаат патот до вистински успех и среќа. Повеќето се загрижени за иднината и немаат никаква надеж. Многумина бараат смисла во животот. Дури и повеќето од оние што се побожни не ја познаваат добро Библијата. Тие се многу слични на луѓето од древната Ниневија. (Прочитај Јона 4:11.) Кога почесто одиме во служба, појасно ја гледаме разликата меѓу бедната духовна состојба на оние на кои им проповедаме и духовниот рај во кој живееме ние како Божји народ (Иса. 65:13). Исто така, се потсетуваме и на Јеховината огромна добрина затоа што сфаќаме дека, освен што се грижи за духовните потреби на своите слуги, тој им дава можност на сите луѓе да добијат утеха и да стекнат вистинска надеж (Отк. 22:17).

5. Како гледаме на своите проблеми кога ги поучуваме другите за вистината?

5 Кога ги поучуваме другите за библиската вистина, помалку се грижиме за нашите лични проблеми. Триша, која е општ пионер, била скршена од болка кога нејзините родители се развеле. Таа вели: „Тоа беше еден од најтешките периоди во мојот живот“. Еден ден особено била тажна и воопшто не ѝ се излегувало од дома. И покрај тоа, одлучила да оди на една библиска студија со три дечиња, кои имале многу проблеми во семејството. Татко им ги напуштил, а нивниот постар брат сурово се однесувал со нив. Триша вели: „Болката што ја чувствував јас не можеше ни оддалеку да се спореди со нивната. Сепак, додека проучувавме, очињата им светеа и тие весело се смееја. Овие деца беа вистински дар од Јехова, особено тој ден“.

6, 7. а) Како нашата вера се зајакнува кога ги поучуваме луѓето за библиските вистини? б) Што чувствуваме кога гледаме како библиските начела им помагаат на интересентите да си го подобрат животот?

6 Кога им помагаме на другите да ги разберат вистините од Библијата, нашата вера уште повеќе се зајакнува. Апостол Павле им го напишал следново на некои Евреи во негово време кои не живееле во склад со она што го проповедале: „Зарем ти, кој учиш други, не се учиш самиот себе?“ (Рим. 2:21). За разлика од таквите Евреи, пионерите, кои обично имаат повеќе можности да ги поучуваат другите, прво се поучуваат себеси. За да можат делотворно да го прават тоа, тие се подготвуваат за секоја студија, а понекогаш и истражуваат за да ги најдат одговорите на некои прашања. Една пионерка по име Џанин објаснува: „Секогаш кога ги поучувам другите за вистината, таа уште подлабоко се врежува во мојот ум и срце. Како резултат на тоа, мојата вера постојано расте“.

7 Кога гледаме како библиските начела им помагаат на интересентите да си го подобрат животот, уште повеќе ја цениме Божјата мудрост (Иса. 48:17, 18). Тоа, пак, ни помага да бидеме уште порешени да ги применуваме тие начела во својот живот. Адријана, која исто така е пионерка, вели: „Кога се потпираат на својот разум, животот на луѓето може да биде хаос. Но, кога ќе почнат да се потпираат на Јеховината мудрост, веднаш има подобрување“. Друг пионер по име Фил вели дека е восхитен кога гледа како Јехова ги менува луѓето кои не можеле да се променат со свои сили.

8. Како се чувствуваме кога соработуваме со браќата и сестрите во службата?

8 Кога соработуваме со нашите браќа и сестри во службата, духовно се зајакнуваме (Изр. 13:20). Повеќето пионери поминуваат доста време во служба со своите соверници. Така имаат повеќе прилики ‚да се храбрат‘ еден со друг (Рим. 1:12; прочитај Изреки 27:17). Една пионерка која се вика Лиза вели: „На работа владее натпреварувачки дух и колегите си завидуваат. Не бираат средства за да напредуваат во кариерата. Освен тоа, секој ден сум принудена да слушам озборување и непристојни разговори. А понекогаш ме исмејуваат и ми се подбиваат затоа што се однесувам поинаку од нив. Но, службата со браќата и сестрите навистина ме охрабрува. Кога се враќам дома навечер, иако сум уморна, се чувствувам освежена“.

9. Какви благослови имаат брачните другари кои служат заедно како пионери?

9 Кога брачните другари служат заедно како пионери, нивниот брак се зацврстува (Проп. 4:12). Медлин, која служи како пионер заедно со својот сопруг, објаснува: „Јас и маж ми зборуваме за тоа како сме си поминале во служба или како да го примениме она што сме го прочитале во Библијата кога разговараме со луѓето. Низ годините, пионерската служба ни помогна да станеме уште поблиски“. Слично нешто вели и Триша, која исто така служи како пионер заедно со својот сопруг: „И двајцата се трудиме да не се задолжуваме, и затоа не се расправаме за пари. Освен тоа, често одиме во служба заедно, и имаме заеднички повторни посети и библиски студии“. Ова им помогнало уште повеќе да го зацврстат својот брак.

10. Што се случува со нашата доверба во Јехова кога го ставаме Царството на прво место и кога гледаме како тој ни помага?

10 Кога го ставаме Царството на прво место, и кога гледаме како Јехова ни помага и ни одговара на молитвите, расте нашата доверба во него. Се разбира, ова важи за сите верни христијани. Но, пионерите се свесни дека можат да останат во полновремена служба само ако потполно се потпираат на Јехова. (Прочитај Матеј 6:30-34.) Еден брат, кој е пионер и заменик на покраинскиот надгледник, се согласил да посети едно собрание кое било оддалечено два и пол часа од нивното место. Тој и жена му, која исто така е пионерка, имале доволно гориво само да стигнат до тоа собрание, но немале за назад, а тој требало да земе плата дури следната седмица. Поради тоа се прашувал дали донел исправна одлука. Но, се молеле и решиле да појдат на посетата. Имале доверба дека Бог ќе се погрижи за нивните потреби. Додека се подготвувале да тргнат, им се јавила една сестра и им рекла дека сака да им подари нешто. Всушност, таа им дала токму толку пари колку што им биле потребни да се вратат. Овој брат вели дека, кога секогаш одново им се случуваат вакви работи, многу јасно гледаат дека Јехова се грижи да имаат сѐ што им е потребно.

11. Кои се некои од благословите што ги имаат пионерите?

11 Пионерите често велат дека, колку поблиски стануваат со Јехова и колку повеќе се трошат во неговата служба, толку поголеми благослови имаат (5. Мој. 28:2). Сепак, пионерската служба си има и свои предизвици. Ниту еден Божји слуга не е имун на проблемите предизвикани со побуната на Адам. Иако некои пионери мораат да ја прекинат службата некое време, честопати има начин да се справат со тешкотиите, па дури и да ги избегнат. Што може да им помогне да продолжат со оваа скапоцена служба?

КАКО ДА СЕ ПРОДОЛЖИ СО ПИОНЕРСКА СЛУЖБА

12, 13. а) Што треба да направи еден пионер ако му е тешко да ја исполни предвидената квота часови? б) Зошто е многу важно пионерите редовно да ја читаат Библијата, да проучуваат и длабоко да размислуваат?

12 Повеќето пионери се многу зафатени. Понекогаш не им е лесно да ги завршат сите работи, и затоа им е потребен добар план (1. Кор. 14:33, 40). Ако на некој пионер му е тешко да ја исполни предвидената квота часови, можеби треба да размисли како го користи времето (Еф. 5:15, 16). Би можел да се праша: ‚Колку време одвојувам за рекреација? Дали трошам многу време на непотребни активности? Дали би можел да сменам нешто со работата?‘ Пионерите треба редовно да се преиспитуваат и да ги прават потребните промени.

13 Многу е важно оној што служи како пионер да одвојува време да ја чита Библијата секој ден, редовно да проучува и длабоко да размислува за она што го чита. Значи, треба да биде самодисциплиниран за да не дозволи неважните активности да му го одземат времето што треба да го посвети на поважните работи (Фил. 1:10). На пример, замисли си како еден пионер се враќа дома откако цел ден бил во служба. Тој има намера да ја искористи вечерта за да се подготви за следниот состанок. Но, најпрво го вклучува компјутерот за да ги прочита мејловите и да одговори на нив. Додека е на интернет, можеби отвора неколку веб-страници за да ги прочита најновите вести и да провери дали има попуст на некои производи што сака да ги купи. Без да биде свесен, веќе поминале два часа, а тој сѐ уште не почнал да се подготвува за состанокот како што имал планирано. Зошто ова може да биде проблем? Па, спортистите мора да водат сметка за своето тело и мора здраво да се хранат ако сакаат да имаат подолга кариера. На сличен начин, и пионерите мораат редовно духовно да се хранат ако сакаат да останат во полновремена служба (1. Тим. 4:16).

14, 15. а) Зошто пионерите треба да водат едноставен живот? б) Што треба да прави еден пионер кога ќе се соочи со проблеми?

14 Искусните пионери се трудат да водат едноставен живот. Исус ги поттикнал своите ученици да имаат едноставно око (Мат. 6:22, фус.). И самиот живеел едноставно за да ја врши својата служба без пречки. Затоа можел да каже: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“ (Мат. 8:20). Пионерите што учат од примерот на Исус имаат на ум дека, ако поседуваат повеќе материјални работи, ќе мора да трошат повеќе време за да ги одржуваат или да ги поправаат.

15 Иако вршат скапоцена служба, пионерите не сметаат дека поради тоа се подобри од другите. Напротив, тие се свесни дека секоја посебна служба што ја вршиме е резултат на Јеховината незаслужена доброта. За да продолжи да служи полновремено, секој пионер мора да има доверба во Јехова (Фил. 4:13). Се разбира, понекогаш пионерите се соочуваат со проблеми (Пс. 34:19). Кога ќе се случи такво нешто, треба да бараат водство од Јехова и да му дозволат да им помогне, наместо веднаш да решат да прекинат со службата. (Прочитај Псалм 37:5.) Кога чувствуваат како Бог со љубов се грижи за нив, тие стануваат уште поблиски со него (Иса. 41:10).

МОЖЕШ ЛИ ДА БИДЕШ ПИОНЕР?

16. Што треба да правиш ако сакаш да бидеш пионер?

16 Ако и ти сакаш да бидеш пионер и да ги почувствуваш благословите од оваа служба, моли го Јехова во врска со тоа (1. Јов. 5:14, 15). Разговарај со оние што служат како пионери. Постави си цели кои ќе ти помогнат да започнеш со оваа служба. Токму тоа го сториле Кит и Ерика. Тие работеле со цело работно време и, наскоро откако стапиле во брак, купиле куќа и нова кола. Тие велат: „Мислевме дека овие работи ќе ни донесат задоволство и среќа — но, се лажевме“. Откако Кит бил отпуштен од работа, почнал да служи како помошен пионер. Тој вели: „Тоа ме потсети на големата радост што ја носи службата“. Тие се спријателиле со една друга брачна двојка пионери кои им помогнале да сфатат дека ќе бидат посреќни ако служат полновремено и ако водат едноставен живот. Што направиле Кит и Ерика? „Направивме список со духовни цели, го ставивме на фрижидерот, и ја штиклиравме секоја цел што ќе ја исполневме“. Со текот на времето, тие станале пионери.

17. Зошто е мудро да размислиш дали можеш да направиш промени за да станеш пионер?

17 Можеш ли да бидеш пионер? Ако сметаш дека тоа моментално не е можно, труди се уште повеќе да се зближиш со Јехова така што ќе правиш сѐ што можеш во службата. Продолжи да се молиш и внимателно размислувај за твоите околности. Можеби ќе сфатиш дека, ако направиш некои промени во животот, сепак ќе успееш да бидеш пионер. Ако започнеш со оваа служба, твојата радост ќе биде многу поголема од секоја жртва што си ја направил. Ќе бидеш среќен затоа што го ставаш Божјето Царство на прво место и затоа што се трошиш за другите (Мат. 6:33). Освен тоа, ќе можеш повеќе да размислуваш и да зборуваш за Јехова, да ја продлабочуваш својата љубов кон него и да го радуваш неговото срце.