Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поуки од една длабока молитва

Поуки од една длабока молитва

„Нека е благословено твоето славно име“ (НЕЕМ. 9:5)

1. Кој собир од минатото на Божјиот народ ќе го разгледаме, и кои прашања е добро да си ги поставиме?

 „СТАНЕТЕ, благословувајте го Јехова, својот Бог, од век до век!“ Со овие зборови, левитите го поттикнале Божјиот народ кој бил собран во Ерусалим да му упати заедничка молитва на Јехова. Тоа е една од најдолгите молитви запишани во Библијата (Неем. 9:4, 5). Тој собир се одржал на 24-тиот ден од седмиот еврејски месец, тишри, во 455 год. пр.н.е. Додека ги разгледуваме настаните кои се случувале пред тој посебен ден, добро е да се прашаме: ‚Што правеле редовно левитите, и како тоа придонело празникот да биде изградувачка прилика за сите? Што друго може да научиме од оваа длабока молитва?‘ (Пс. 141:2).

ПОСЕБЕН МЕСЕЦ

2. Каков добар пример ни дале Израелците кои се собрале на плоштадот во Ерусалим?

2 Еден месец пред да се одржи овој собир, Евреите ја довршиле изградбата на ѕидот околу Ерусалим (Неем. 6:15). Божјиот народ ја завршил оваа работа за само 52 дена! А потоа, на првиот ден од новиот месец, тишри, Израелците се собрале за да ги слушаат Езра и другите левити кои го читале и го објаснувале Божјиот закон . Цели семејства, вклучувајќи ги и децата ‚кои можеле да го разберат‘ она што се читало, стоеле на плоштадот „од зори до пладне“. Тие внимателно слушале и размислувале за она што го чуле, па дури и почнале да плачат кога сфатиле дека, како народ, пропуштиле да го држат Божјиот закон (Неем. 8:1-9). Колку убав пример дале за Божјите слуги денес! Иако ние можеби се собираме во удобни Сали на Царството, дали понекогаш ни се случува за време на состанок мислите да ни одлетаат на некои неважни работи? Ако да, добро е да размислиме за примерот на овие древни Израелци.

3. Која заповед ја послушале Израелците?

3 Бидејќи било празник, Јехова не сакал тој ден народот да плаче поради своите гревови туку да се радува (4. Мој. 29:1). Затоа Неемија му рекол на насобраното мноштво: „Одете, јадете најубави јадења и пијте благи пијалаци и испраќајте им храна како подарок на оние за кои не е приготвено ништо, зашто овој ден е свет за нашиот Господар. И не бидете жалосни, зашто Јеховината радост е ваша тврдина“. Народот послушал, и тој ден сите ‚многу се радувале‘ (Неем. 8:10-12).

4. а) Што направиле родовските поглавари? б) Што правеле левитите „од првиот до последниот ден“ на овој Празник на сениците?

4 Следниот ден, сите родовски поглавари се собрале да го проучуваат Законот и да разберат како можат во уште поголема мера да го усогласат својот живот со Божјите заповеди . Така сфатиле дека од 15-тиот до 22-от ден од истиот тој месец, тишри, требало да го слават Празникот на сениците, кој завршувал со свечен собир на осмиот ден. Затоа веднаш почнале со подготовките . Овој празник не бил прославен на таков начин уште од деновите на Исус Навин, и радоста на народот „била многу голема“. Едно важно обележје на овој настан било тоа што „од првиот до последниот ден“ левитите му го читале Божјиот закон на целиот народ (Неем. 8:13-18).

ДЕН ЗА ПРИЗНАВАЊЕ НА ГРЕВОВИТЕ

5. Што направиле Израелците пред левитите да му ја упатат својата длабока молитва на Јехова?

5 Два дена подоцна, на 24 тишри, дошло време народот да ги признае своите гревови. Ова не било ден на гоштавање и радост. Напротив, синовите на Израел постеле и биле облечени во козина за да покажат колку им е жал што го кршеле Божјиот закон. Тоа утро, левитите повторно му го читале Законот на народот околу три часа. А попладнето истиот ден, Израелците ‚ги признавале своите гревови и му се поклонувале на Јехова, својот Бог‘ . На крајот, во името на целиот народ, левитите му ја упатиле својата длабока молитва на Јехова (Неем. 9:1-4).

6. Зошто левитите можеле да му упатат толку длабока молитва на Јехова, и што учиме од нив?

6 Тоа што за време на празникот секој ден го читале Божјиот закон сигурно им помогнало на левитите да му ја кажат оваа молитва на Јехова. Во првите десет стихови, тие ги величале Јеховините дела и особини. А во преостанатиот дел од молитвата, левитите отворено признале дека Израелците не се достојни за Божјата „голема милосрдност“ поради многуте гревови што ги направиле (Неем. 9:19, 27, 28, 31). Што учиме од левитите? Учиме дека треба секојдневно да ја читаме Божјата Реч и да размислуваме за неа бидејќи така му дозволуваме на Јехова да ни зборува. Тогаш ќе имаме повеќе работи за кои ќе можеме да разговараме со него, и нашите молитви ќе бидат подлабоки и посмисловни (Пс. 1:1, 2).

7. Што побарале левитите од Бог, и што учиме од ова?

7 Во својата молитва, левитите спомнале само едно скромно барање. При крајот на молитвата, тие рекле: „Сега, Боже наш, Боже велик и моќен, ти кој влеваш страв, го чуваш сојузот и покажуваш милост, нека не биде незначителна пред твоето лице целата оваа неволја што нѐ снајде нас, нашите цареви, нашите кнезови, нашите свештеници, нашите пророци, нашите прататковци и сиот твој народ, од времето на асирските цареви до денес“ (Неем. 9:32). Левитите ни оставиле добар пример. Пред да му ги изнесеме своите лични барања на Јехова во молитва, треба да го фалиме и да му благодариме.

ТИЕ ГО ФАЛЕЛЕ БОЖЈЕТО ВОЗВИШЕНО ИМЕ

8, 9. а) Со кои понизни зборови левитите ја започнале својата молитва? б) Кои две небесни војски ги спомнале левитите?

8 Левитите биле понизни. Иако кажале таква длабока молитва, тие сепак сметале дека нема зборови со кои би можеле да му ја оддадат на Јехова честа што ја заслужува. Ова се гледа од следниве понизни зборови со кои ја започнале молитвата: „Нека е благословено твоето славно име, возвишено над секој благослов и фалба“ (Неем. 9:5).

9 А потоа продолжиле: „Ти си единствен, Јехова! Ти ги создаде небесата, небото над небесата, и сета нивна војска, земјата и сѐ што е на неа, морињата и сѐ што е во нив, и ти му го одржуваш животот на сето тоа и тебе ти се поклонува небесната војска“ (Неем. 9:6). Овде левитите спомнале некои од прекрасните работи што ги создал Јехова. Тој е Творецот на небесата и на „сета нивна војска“, односно на вселената во која има безброј ѕвезди и галаксии. Исто така, тој ја создал нашата прекрасна планета која има зачудувачка способност да го одржува разновидниот жив свет кој постои на неа. Во молитвата е спомната уште една војска, која се состои од Божји ангели и кои Библијата ги нарекува „небесна војска“ (1. Цар. 22:19; Јов 38:4, 7). Ангелите понизно ја вршат Божјата волја со тоа што им служат на грешни луѓе кои „ќе наследат спасение“ (Евр. 1:14). Тие се навистина извонреден пример за сите што денес обединето му служат на Јехова како добро обучена војска! (1. Кор. 14:33, 40).

10. Што учиме од начинот на кој Бог постапувал со Авраам?

10 Потоа левитите го спомнале она што Бог го направил за Аврам. Кога имал 99 години, Јехова му го сменил името во Авраам, што значи „татко на мноштво“, иако дотогаш немал ниту едно дете со својата жена Сараја, која била неротка (1. Мој. 17:1-6, 15, 16). Бог исто така му ветил на Авраам дека неговото потомство ќе ја наследи земјата Ханаан. Луѓето често ги забораваат своите ветувања, но Јехова секогаш си стои на зборот. Тоа се гледа и од следниве зборови што левитите ги кажале во својата молитва: „Ти си, Јехова, вистински Бог, кој го избра Аврам, го изведе од Ур Халдејски и му го даде името Авраам. И го најде неговото срце верно пред тебе и затоа склучи сојуз со него дека ќе ја добие земјата на Ханаанците... дека неговото потомство ќе ја добие. И ги исполни своите зборови, зашто си праведен“ (Неем. 9:7, 8). Да го следиме и ние примерот на нашиот праведен Бог со тоа што секогаш ќе ги исполнуваме ветувањата што ги даваме (Мат. 5:37).

ЈЕХОВА НАПРАВИЛ ПРЕКРАСНИ РАБОТИ ЗА СВОЈОТ НАРОД

11, 12. а) Што значи името Јехова? б) Како Јехова покажал дека е достоен да го носи своето име?

11 Името Јехова значи „оној што предизвикува да стане“. Тоа покажува дека Бог прави сѐ што е потребно за да ги исполни своите ветувања. Ова јасно се гледа од начинот на кој Јехова постапил со потомците на Авраам кога тие биле робови во Египет. Во тоа време изгледало невозможно целиот народ да биде ослободен и да се насели во Ветената земја. Но, Бог продолжил да го прави сето она што било потребно сѐ додека не го исполнил своето ветување. Со тоа докажал дека само тој е достоен да го носи своето единствено и величествено име, Јехова.

12 Во својата молитва, левитите спомнале некои работи што Јехова ги направил за својот народ: „Ја виде неволјата на нашите прататковци во Египет и го чу нивното викање кај Црвеното Море. И направи знаци и чуда над фараонот, над сите негови слуги и над целиот народ од неговата земја, зашто знаеше дека постапуваа дрско со нив. И си стекна име какво што имаш денес. Го раздвои морето пред нив, така што преминаа по суво среде морето, а нивните прогонители ги фрли во длабочините како камен во силни води... Ти ги покори пред нив жителите на таа земја, Ханаанците... И освоија утврдени градови и плодна земја, и зазедоа куќи полни со секакви добра, ископани бунари, лозја, маслинарници и многу овоштарници, и јадеа, и се наситија, и се згоија, и уживаа во твојата голема доброта“ (Неем. 9:9-11, 24, 25).

13. Што направил Јехова за Израелците откако ги извел од Египет, но како реагирале тие?

13 Бог презел и многу други чекори за да ја исполни својата намера. На пример, кратко откако Израелците излегле од Египет, Јехова им дал закони и ги поучил како да му служат. Во молитвата на левитите стои: „Ти слезе на гората Синај и им зборуваше од небото, и им даде праведни наредби и закон на вистината, добри уредби и заповеди“ (Неем. 9:13). Јехова ги избрал Израелците да бидат негов народ и имал намера да им ја даде во наследство Ветената земја. Затоа ги поучил да се однесуваат на начин со кој ќе покажат дека се достојни да го носат неговото име. Но, по некое време, тие престанале да ги слушаат неговите заповеди. (Прочитај Неемија 9:16-18.)

НА ИЗРАЕЛЦИТЕ ИМ БИЛЕ ПОТРЕБНИ ИСПРАВКИ И УКОР

14, 15. а) Како Јехова милостиво се грижел за Израелците? б) Што учиме од начинот на кој Јехова постапувал со својот избран народ?

14 Во молитвата на левитите се спомнуваат два грева кои ги направиле Израелците кратко откако на гората Синај ветиле дека ќе го држат Божјиот закон. Поради тоа, тие заслужиле да умрат во пустината. Сепак, Бог им покажал милост и продолжил да се грижи за нив. Затоа, левитите го славеле Јехова со следниве зборови: „Во својата голема милосрдност, не ги остави во пустината... Четириесет години ги снабдуваше со храна... Ништо не им недостасуваше. Облеката не им ветвееше и нозете не им отекуваа“ (Неем. 9:19, 21). И денес Јехова ни обезбедува сѐ што ни е потребно за да можеме верно да му служиме. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да му бидеме послушни и да не ја изгубиме верата во него како што ја изгубиле многуте Израелци кои умреле во пустината. Всушност, ‚сето тоа е напишано како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок‘ (1. Кор. 10:1-11).

15 За жал, Израелците кои влегле во Ветената земја не му останале послушни на Бог. Почнале да ги обожаваат ханаанските богови, при што правеле неморал, па дури и ги жртвувале своите деца. Затоа Јехова ги предавал во рацете на околните народи. Но, кога Израелците се каеле, тој милостиво им простувал и ги избавувал од нивните непријатели. Ова се случувало „многу пати“. (Прочитај Неемија 9:26-28, 31.) Левитите признале: „Ти многу години беше стрплив со нив и ги опоменуваше со својот дух преку своите пророци, а тие не слушаа. Најпосле ги предаде во рацете на другите народи“ (Неем. 9:30).

16, 17. а) Како животот на Израелците по враќањето од Вавилон се разликувал од времето кога нивните прататковци првпат се населиле во Ветената земја? б) Што признале Израелците, и што ветиле дека ќе сторат?

16 Жално е што, дури и откако излегле од Вавилон, Израелците повторно му биле непослушни на Јехова. Каков им бил животот откако се вратиле од изгнанството? Левитите го даваат одговорот во својата молитва: „И еве, ние сме денес робови. Во земјата што им ја даде на нашите прататковци за да ги јадат нејзините плодови и нејзините добра, еве, ние сме робови во неа, а нејзиниот добар род оди за царевите што ги постави над нас поради нашите гревови... а ние сме во голема неволја“ (Неем. 9:36, 37).

17 Дали левитите сакале да кажат дека Бог е неправеден кон својот народ затоа што допушта да му се случи такво нешто? Сигурно дека не! Тие признале: „Ти си праведен во сѐ што нѐ снајде, зашто ти постапуваше верно, а ние правевме зло“ (Неем. 9:33). Левитите ја завршиле својата несебична молитва со тоа што свечено му ветиле на Јехова дека народот ќе го држи неговиот Закон. (Прочитај Неемија 9:38; 10:29.) За таа цел, бил заверен писмен документ со печатите на 84 еврејски водачи (Неем. 10:1-27).

18, 19. а) Што ни е потребно ако сакаме да живееме во Божјиот нов свет? б) За што треба да продолжиме да се молиме, и зошто?

18 Ако сакаме да живееме во праведниот нов свет, на сите ни се потребни исправки и укор од Јехова. Апостол Павле прашал: „Кој татко не го укорува својот син?“ (Евр. 12:7). Покажуваме дека ги прифаќаме Божјите совети со тоа што верно продолжуваме да ја вршиме службата и му дозволуваме на неговиот дух да нѐ прочистува. Дури и ако направиме тежок грев, може да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни прости ако навистина се каеме и ако понизно го прифатиме укорот од него.

19 Наскоро, Јехова ќе го прослави своето име на уште повеличествен начин од времето кога ги избавил Израелците од Египет (Езек. 38:23). И, исто како што неговиот древен народ ја наследил Ветената земја, така сите христијани кои до крајот верно ќе му служат ќе влезат во неговиот праведен нов свет (2. Пет. 3:13). Бидејќи нѐ очекува таква прекрасна иднина, да продолжиме да се молиме да се свети Божјето возвишено име. Во следната статија ќе разгледаме уште една молитва која може да ни помогне да го правиме она што е потребно за да го имаме Божјиот благослов сега и засекогаш.