Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЛАГИ ШТО ГО ОЦРНУВААТ БОГ

Вистината може да те ослободи

Вистината може да те ослободи

Еден ден, додека бил во Ерусалим, Исус му зборувал на народот за својот Татко, Јехова, и го открил вистинското лице на верските водачи во негово време (Јован 8:12-30). Од она што го кажал учиме како да ги преиспитаме верските учења што се раширени денес. Исус рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32).

„Останете во моите зборови.“ Така Исус го дал мерилото според кое треба да процениме дали некои верски учења се ‚вистина‘. Секојпат кога ќе чуеш нешто за Бог, прашај се: ‚Дали ова е во склад со Исусовите зборови и со останатиот дел од Светото писмо?‘ Потоа биди како оние кои, откако слушнале што кажал апостол Павле, ‚ги истражувале Писмата‘ за да видат дали тоа што го дознале е точно (Дела 17:11).

Марко, Роса и Рејмонда, кои беа спомнати во првата статија, темелно ги преиспитале своите верувања така што ја проучувале Библијата со Јеховините сведоци. До каков заклучок дошле?

Марко: „Тој што ја проучуваше Библијата со мене и жена ми ја користеше за да ни одговори на секое прашање. Нашата љубов кон Јехова сѐ повеќе растеше, а ни се подобри и бракот!“

Роса: „Во почетокот си мислев дека Библијата е само една филозофска книга во која луѓето се трудат да објаснат каков е Бог. Меѓутоа, со текот на времето, Библијата ми даде одговор на сите прашања. Сега Јехова ми е реален. Тој е личност во која можам да имам доверба“.

Рејмонда: „Го молев Бог да ми помогне да го запознаам. По кратко време, јас и маж ми почнавме да ја проучуваме Библијата. Конечно ја дознавме вистината за Јехова! Чувствувавме бескрајна радост кога сфативме каков Бог е тој“.

Библијата не само што ги разоткрива лагите за Бог туку ни ја открива и вистината за неговите прекрасни особини. Таа е Божја Реч и ни помага „да го спознаеме она што Бог ни го подарил“ (1. Коринќаните 2:12). Увери се и самиот како Библијата може да одговори на некои вообичаени, но сепак многу важни прашања за Бог, за неговата намера и за нашата иднина. Одговорот на некои од тие прашања можеш да го прочиташ на „Библиски учења > Одговор на библиски прашања“ на www.pr418.com/mk. На истата интернет-страница можеш да побараш библиски курс, а за тоа можеш да замолиш и некој Јеховин сведок. Уверени сме дека, ако ја проучуваш Библијата, ќе видиш дека е многу полесно да го сакаш Бог отколку што можеби си мислиш.