Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Старешини, угледајте се на Најголемите Пастири

Старешини, угледајте се на Најголемите Пастири

„Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. ПЕТ. 2:21)

1, 2. а) Каков е резултатот кога пастирите добро се грижат за овците? б) Зошто многу луѓе во времето на Исус биле како овци без пастир?

 НА ОВЦИТЕ им е добро само кога пастирот се грижи за нив. Во една книга во која се зборува за овчарство се вели дека „пастирот кој само го носи стадото на паша, а потоа не му обрнува никакво внимание, за неколку години ќе има многу болни и слаби овци од кои ќе нема никаква корист“. Но, ако добро се грижи за своето стадо, овците ќе бидат силни и здрави.

2 Слично е и со собранието. Кога духовните пастири на Божјето стадо се грижат за секоја овца што им е доверена, тоа влијае врз духовната благосостојба на целото собрание. Библијата вели дека Исус се сожалил на мноштвата ‚бидејќи биле измачени и расеани како овци без пастир‘ (Мат. 9:36). Зошто луѓето се наоѓале во толку жална состојба? Затоа што оние кои биле должни да ги поучуваат за Божјиот закон биле сурови, лицемерни и безобѕирни кон нив. Наместо да им помагаат на членовите на стадото и да се грижат за нивните потреби, израелските верски водачи ‚ставале тешки товари врз плеќите на луѓето‘ (Мат. 23:4).

3. За што треба да бидат свесни собраниските старешини додека ја вршат својата улога на духовни пастири?

3 Денешните христијански пастири — именуваните старешини — имаат сериозна одговорност. Овците за кои се грижат им припаѓаат на Јехова и на Исус, кој за себе рекол дека е „добриот пастир“ (Јован 10:11). Исус ‚скапо ги купил‘ со својата ‚драгоцена крв‘ (1. Кор. 6:20; 1. Пет. 1:18, 19). Тој толку многу ги сака своите овци што спремно го жртвувал својот живот за нив. Старешините никогаш не смеат да заборават дека Божјиот сакан Син, Исус Христос — „големиот пастир на овците“ — е нивниот надгледник. Тие ќе му положат сметка нему за начинот на кој се грижат за стадото (Евр. 13:20).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Како треба христијанските пастири да се однесуваат со овците? Иако членовите на собранието се поттикнати да ‚им бидат послушни на оние што ги предводат‘, Јехова им заповеда на старешините ‚да не господарат над оние што се негова сопственост‘ (Евр. 13:17; прочитај 1. Петрово 5:2, 3). Како можат именуваните старешини да предводат без да господарат над стадото? Со други зборови, како можат да се грижат за потребите на овците без да го злоупотребат авторитетот што Бог им го дал како на надгледници?

„ЌЕ ГИ НОСИ ВО ПАЗУВИТЕ“

5. Каков опис ни е даден за Јехова во Исаија 40:11?

5 Во врска со Јехова, пророкот Исаија рекол: „Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите. Грижливо ќе ги води доилките“ (Иса. 40:11). Овој стих покажува како Јехова се грижи за потребите на слабите и на ранливите членови на собранието. Исто како што пастирот е свесен за конкретните потреби на секоја овца во своето стадо и спремен е во секој миг да ѝ помогне, така и Јехова е свесен за потребите на членовите на собранието и спремно им ја пружа потребната грижа. И, исто како што пастирот понекогаш го носи новороденото јагненце во своите пазуви, така и Јехова — „Таткото на милосрдноста“ — нѐ носи во својата прегратка кога ни е тешко. Тој нѐ теши кога се соочуваме со испити или кога не можеме сами да пребродиме некоја неволја (2. Кор. 1:3, 4).

6. Како може еден старешина да го следи примерот на Јехова?

6 Колку убава поука може да извлечат духовните пастири од нашиот небесен Татко! Исто како Јехова, еден старешина мора да обрнува внимание на потребите на овците. Ако знае со какви проблеми се соочуваат и на кои овци итно им е потребна помош, тој ќе може да им го даде неопходното охрабрување и поддршка (Изр. 27:23). Ова значи дека старешината мора да одвојува време да разговара со своите браќа и сестри. Иако ја почитува нивната приватност, тој будно следи што се случува во собранието, и со љубов се става на располагање ‚да им помага на слабите‘ (Дела 20:35; 1. Сол. 4:11).

7. а) Како постапувале со Божјите овци пастирите во времето на Езекиел и Еремија? б) Каква поука можат да извлечат старешините од тоа што Јехова ги отфрлил неверните пастири?

7 Размисли за ставот на пастирите кои Бог ги осудил во времето на Езекиел и Еремија. Јехова ги отфрлил затоа што не се грижеле за неговите овци како што треба. Тој рекол: „Моите овци станаа плен и... моите овци се храна на сите полски ѕверови, бидејќи немаат пастир, и... моите пастири не ги бараат моите овци, туку пастирите се пасат самите себе, а не ги пасат моите овци“ (Езек. 34:7-10; Ерем. 23:1). Божјата осуда над тие пастири може со право да се примени и на водачите на христијанскиот свет. Но, и христијанските старешини можат да извлечат важна поука од ова. Тие не смеат да го занемаруваат Божјето стадо туку треба со љубов да се грижат за него.

„ВИ ДАДОВ ПРИМЕР“

8. Како старешините можат да го следат извонредниот пример на Исус кога ги советуваат своите браќа?

8 Факт е дека сите сме несовршени. Поради тоа, некои Божји слуги не можат лесно да сфатат што очекува Јехова од нив. Можеби понекогаш донесуваат одлуки кои не се во склад со библиските начела или, пак, постапуваат на начин што покажува дека сѐ уште не се духовно зрели. Како треба да се однесуваат старешините со нив? Треба да бидат стрпливи исто како што бил стрплив Исус со своите ученици кога тие се расправале кој од нив ќе биде најголем во Царството. Тој не им се налутил туку продолжил стрпливо да ги поучува и со љубов да ги советува како да бидат понизни (Лука 9:46-48; 22:24-27). Со тоа што им ги измил нозете, Исус им дал силна поука за понизноста, особина што треба да ја покажуваат и христијанските старешини. (Прочитај Јован 13:12-15; 1. Пет. 2:21.)

9. Кој став на апостолите морал да го исправи Исус?

9 Апостолите Јаков и Јован имале поинаков став од Исус во врска со улогата на духовните пастири. Тие сакале да добијат висока положба во Царството. Но, Исус ги исправил велејќи: „Знаете дека владетелите господарат над народите и големците ги држат под своја власт. А меѓу вас нека не биде така. Напротив, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга“ (Мат. 20:25, 26). Апостолите морале да се борат со желбата ‚да господарат‘ над своите соверници, односно не смееле да ги контролираат и постојано да им кажуваат што треба да прават.

10. а) Што очекува Исус од старешините? б) Каков пример дал апостол Павле?

10 Исус очекува од христијанските старешини да постапуваат со стадото на ист начин како што постапувал тој. Тие мора да бидат спремни да им служат на соверниците, а не да господарат над нив. Апостол Павле имал таков понизен став, бидејќи им го рекол следново на старешините во собранието во Ефес: „Вие знаете како се однесував меѓу вас за сето време, од првиот ден кога стапнав во Азија. Му робував на Господарот со сета понизност“. Тој сакал и тие старешини да бидат понизни и искрено да се трудат да им помагаат на другите. Павле рекол: „Во сѐ ви покажав дека со таква напорна работа морате да им помагате на слабите“ (Дела 20:18, 19, 35). Тој им кажал на Коринќаните дека не е господар на нивната вера туку нивен понизен соработник за тие да бидат радосни (2. Кор. 1:24). Со тоа што бил понизен и многу се трудел да им помага на своите браќа, Павле им дал одличен пример на денешните старешини.

‚ДРЖЕТЕ СЕ ЗА ВЕРОДОСТОЈНИТЕ ЗБОРОВИ‘

11, 12. Како еден старешина може да му помогне на некој соверник да донесе одлука?

11 Еден собраниски старешина мора ‚да се држи за веродостојните зборови‘ додека ги поучува другите (Тит 1:9). Но, тоа го прави „во дух на благост“ (Гал. 6:1). Наместо да ги присилува соверниците да постапуваат на одреден начин, добриот духовен пастир се труди да допре до нивното срце. Кога некој брат треба да донесе важна одлука, старешината би можел да му посочи некои библиски начела. Може да разгледа заедно со него некои информации што излегле на таа тема. Исто така, може да го поттикне објавителот да размисли како одлуката што ќе ја донесе би можела да влијае врз неговиот однос со Јехова. Добро е да му нагласи и колку е важно да го моли Бог за водство пред да одлучи како да постапи (Изр. 3:5, 6). Но, откако ќе разговара со својот соверник за овие работи, старешината ќе остави тој сам да си донесе одлука (Рим. 14:1-4).

12 Христијанските старешини не смеат да им го наметнуваат своето лично мислење на соверниците. Советите што ги даваат мора да се темелат на Библијата. Затоа, многу е важно добро да ја користат Божјата Реч и да се држат за она што стои во неа, бидејќи така нема да го злоупотребат авторитетот што им го дал Бог. На крајот на краиштата, овците им припаѓаат на Јехова и на Исус, и секој во собранието ќе одговара за своите одлуки пред нив (Гал. 6:5, 7, 8).

„БИДЕТЕ МУ ПРИМЕР НА СТАДОТО“

Старешините му помагаат на своето семејство да се подготви за служба (Види во пасус 13)

13, 14. Во кои погледи еден старешина мора да му биде пример на стадото?

13 Откако ги советувал старешините во собранието да ‚не господарат над оние што се Божја сопственост‘, апостол Петар ги поттикнал да му ‚бидат пример на стадото‘ (1. Пет. 5:3). Како може некој старешина да му биде пример на стадото? Да разгледаме две барања кои мора да ги исполни некој брат што „сака да служи како надгледник“. Тој треба да биде „разборит“ и мора „добро да управува со својот дом“. Ако има семејство, мора да биде добар сопруг и татко затоа што, „ако некој не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјето собрание?“ (1. Тим. 3:1, 2, 4, 5). За да ги исполни условите за надгледник, еден брат мора да биде разборит. Ова значи дека треба јасно да ги разбира Божјите начела и да знае како да ги применува во животот. Тој останува смирен во тешки ситуации и не постапува непромислено. Браќата и сестрите во собранието имаат доверба во старешините кои покажуваат вакви особини.

14 Старешините даваат добар пример и со тоа што предводат во проповедањето, исто како Исус. Проповедањето на добрата вест за Царството било важен дел од животот на Исус. Тој им покажал и на своите ученици како да го вршат ова дело (Мар. 1:38; Лука 8:1). Денес објавителите се многу охрабрени кога проповедаат рамо до рамо со старешините. Тие ја гледаат нивната ревност за ова животоспасувачко дело и учат како да го вршат на уште подобар начин. Кога редовно одвојуваат време и вложуваат труд за да ја проповедаат добрата вест и покрај многуте обврски, старешините го поттикнуваат собранието да покажува слична ревност за службата. Тие можат да им дадат добар пример на своите браќа и со тоа што се подготвуваат за состаноците и учествуваат на нив, но и така што имаат удел во други активности, како што се чистењето и одржувањето на Салата на Царството (Еф. 5:15, 16; прочитај Евреите 13:7).

Старешините даваат добар пример во службата на проповедање (Види во пасус 14)

„ПОМАГАЈТЕ ИМ НА СЛАБИТЕ“

15. Наведи некои причини поради кои старешините прават пастирски посети.

15 Еден добар пастир брзо презема нешто за да им помогне на повредените или болните овци. На сличен начин, и старешините треба веднаш да им обрнат внимание на оние што страдаат или им е потребна духовна помош. Понекогаш на постарите и на болните треба да им се помогне со секојдневните обврски, но особено им е потребно охрабрување и утеха од Божјата Реч (1. Сол. 5:14). Младите во собранието можеби исто така се соочуваат со проблеми затоа што се борат со „желбите на младоста“ (2. Тим. 2:22). Старешините им помагаат на сите така што прават пастирски посети. Во текот на таквите посети, тие се трудат да разберат низ какви тешкотии минуваат нивните браќа и ги охрабруваат со соодветни совети од Библијата. Кога старешините навреме им ја пружаат потребната помош на своите браќа и сестри, се избегнуваат поголеми проблеми.

16. Како старешините можат да му помогнат на некој во собранието кој има потреба од духовна помош?

16 Но, што ако некој брат во собранието има сериозен проблем и неговиот однос со Јехова е во опасност? Библискиот писател Јаков напишал: „Болен ли е некој меѓу вас? Нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него и нека го намачкаат со масло во името на Јехова. И молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне. И ако направил гревови, ќе му биде простено“ (Јак. 5:14, 15). Но, дури и ако духовно болниот не „ги повика старешините“, тие треба брзо да преземат нешто за да му помогнат веднаш штом ќе станат свесни за неговата ситуација. Освен тоа, треба да се молат за своите браќа, но и да се молат заедно со нив. Ако ги поддржуваат кога им е тешко, старешините покажуваат дека се добри пастири кои се вистинско духовно освежување за Јеховините овци. (Прочитај Исаија 32:1, 2.)

17. Каква корист има собранието кога старешините го следат примерот на „големиот пастир“?

17 Додека ги извршуваат своите одговорности во Јеховината организација, христијанските старешини даваат сѐ од себе за да го следат примерот на „големиот пастир“, Исус Христос. Овие одговорни браќа му помагаат на собранието да продолжи да се зајакнува и верно да му служи на Бог. Многу сме благодарни што имаме вакви грижливи пастири, и поттикнати сме да го славиме нашиот величествен Пастир, Јехова.