Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Од кои причини Евреите во првиот век биле „во исчекување“ на Месијата?

Во времето на Јован Крстител ‚народот бил во исчекување и сите во своето срце се прашувале за Јован: „Да не е можеби тој Христос?“‘ (Лука 3:15). Зошто Евреите го очекувале Месијата токму во тој период? Има неколку можни причини.

Откако се родил Исус, еден Јеховин ангел им се појавил на овчарите кои ги чувале своите стада во близина на Витлеем. Ангелот им објавил: „Денес во Давидовиот град ви се роди Спасител — Христос, Господарот“ (Лука 2:8-11). Потоа, на ангелот му се придружила „голема небесна војска“, која го фалела Бог велејќи: * „Слава на Бог во висините, а на земјата мир меѓу луѓето што му се по волја!“ (Лука 2:13, 14).

Објавата на ангелите имала силно влијание врз тие понизни овчари. Тие веднаш се упатиле кон Витлеем и, кога ги нашле Јосиф, Марија и малиот Исус, ‚го раскажале она што им било речено за него‘. Што се случило потоа? Библијата вели: „Сите што го слушнаа тоа, се восхитуваа на она што им го кажаа овчарите“ (Лука 2:17, 18). Изразот ‚сите што слушнаа‘ укажува на тоа дека, освен на Јосиф и на Марија, овчарите им ја раскажале веста за раѓањето на Исус и на други луѓе. Додека се враќале од Витлеем, а и откако стигнале во својот дом, овчарите продолжиле ‚да го слават и да го фалат Бог за сето она што го чуле и го виделе, зашто се случило така како што им било речено‘ (Лука 2:20). Тие не ја чувале оваа добра вест само за себе!

Кога Марија го однела својот првороден син во Ерусалим за да му го посвети на Јехова, како што пропишувал Мојсеевиот закон, пророчицата Ана ‚почнала да му заблагодарува на Бог и да им зборува за детето на сите што го чекале избавувањето на Ерусалим‘ (Лука 2:36-38; 2. Мој. 13:12). Значи, веста дека Месијата се појавил продолжила да се шири.

Подоцна, ‚во Ерусалим дошле познавачи на ѕвездите од исток и почнале да се распрашуваат: „Каде е еврејскиот цар кој се роди? Зашто, ја видовме неговата ѕвезда кога бевме на исток и дојдовме да му се поклониме“‘ (Мат. 2:1, 2). Кога го слушнал ова, ‚цар Ирод се вознемирил, а и сиот Ерусалим со него. И ги собрал сите свештенички поглавари и  народни книжници, па ги испрашувал каде треба да се роди Христос‘ (Мат. 2:3, 4). Според тоа, многу луѓе ја чуле веста: Дојде идниот Месија! *

Во Лука 3:15, кој беше цитиран погоре, пишува дека некои Евреи мислеле дека можеби Јован Крстител е Христос. Сепак, Јован им ставил до знаење дека не се во право, кога јасно им кажал: „Оној што доаѓа по мене е посилен од мене. Нему јас не сум достоен да му ги собујам ни сандалите. Тој ќе ве крсти со свет дух и со оган“ (Мат. 3:11). Неговите понизни зборови сигурно ги ставиле Евреите во уште поголемо исчекување.

Дали Евреите во првиот век пресметале кога ќе дојде Месијата на темел на пророштвото за 70-те седмици, кое е запишано во Даниел 9:24-27? Можно е, но не можеме да го потврдиме тоа. Во времето на Исус, луѓето имале различни мислења за тоа како треба да се пресметуваат 70-те седмици, и ниту едно од нив не се совпаѓа со денешното разбирање на тоа пророштво. *

Есените, за кои се смета дека биле еврејска аскетска секта, поучувале дека двајца Месии требало да се појават при крајот на еден период кој требало да трае 490 години. Сепак, не можеме да бидеме сигурни дека своите пресметки ги темелеле на пророштвото на Даниел. Дури и да било така, Евреите сигурно немало да ги земат предвид пресметките на една таква изолирана група.

Во вториот век од н.е., некои Евреи верувале дека 70-те седмици се однесуваат на периодот од уништувањето на првиот храм во 607 год. пр.н.е. до уништувањето на вториот храм во 70 год. од н.е. Други сметале дека ова пророштво на Даниел се исполнило во макавејскиот период во вториот век пр.н.е. Ова покажува дека Евреите не биле согласни околу тоа како треба да се пресметуваат 70-те седмици.

Ако апостолите и другите христијани во првиот век точно го разбрале пророштвото за 70-те седмици, сигурно ќе се осврнеле на него за да потврдат дека Исус Христос бил ветениот Месија и дека дошол токму навреме. Сепак, нема доказ дека го сториле тоа.

Вреди да се забележи и дека писателите на евангелијата честопати спомнувале дека некои пророштва од хебрејските списи се исполниле на Исус Христос (Мат. 1:22, 23; 2:13-15; 4:13-16). Но, ниту еден писател не напишал дека пророштвото за 70-те седмици било поврзано со доаѓањето на Исус.

Сето ова покажува дека не можеме да потврдиме дали луѓето во времето на Исус исправно го разбирале пророштвото за 70-те седмици. Како и да е, во евангелијата се наведени многу други добри причини зашто луѓето биле „во исчекување“ на Месијата.

^ пас. 4 Библијата вели дека ангелите го фалеле Бог, а не дека „пееле“.

^ пас. 7 Можеби ќе се прашаме: ‚Како познавачите на ѕвездите дошле до заклучок дека ѕвездата што се појавила на исток била поврзана со раѓањето на „еврејскиот цар“? Можно ли е да ја чуле веста за раѓањето на Исус додека патувале низ Израел?‘

^ пас. 9 Повеќе информации за нашето денешно разбирање на пророштвото за 70-те седмици има во книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, поглавје 11.