Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да задржиме позитивно гледиште за себеси

Како да задржиме позитивно гледиште за себеси

„Ако човек живее и многу години, нека се радува во сите нив“ (ПРОП. 11:8)

1. Кои благослови ни ги дава Јехова затоа што сака да бидеме среќни?

ЈЕХОВА сака да бидеме среќни и затоа нѐ опсипува со многу благослови. Како прво, ни подарил живот. Ние можеме да го користиме овој скапоцен дар за да го славиме Бог бидејќи Тој нѐ привлекол кон себе (Пс. 144:15; Јован 6:44). Јехова нѐ уверува во својата љубов и ни помага истрајно да му служиме (Ерем. 31:3; 2. Кор. 4:16). Ние навистина уживаме во духовен рај затоа што Тој ни дава изобилство духовна храна, како и браќа и сестри кои многу нѐ сакаат. Освен тоа, имаме и скапоцена надеж за иднината.

2. Со што се измачуваат некои верни Божји слуги?

2 Иако има многу причини да бидеме среќни, некои верни Божји слуги се измачуваат со негативни мисли. Можеби си мислат дека Јехова не ги цени и дека службата што ја вршат нема никаква вредност во негови очи. Тие браќа и сестри кои постојано се борат со негативни чувства воопшто не помислуваат дека можат да се радуваат на „многу години“. За нив животот е само една бескрајна низа од мрачни денови (Проп. 11:8).

3. Што може да предизвика негативни чувства кај нас?

 3 Зошто овие браќа и сестри се преплавени со негативни чувства? Можеби причината за тоа е некое разочарување, болест или, пак, старост (Пс. 71:9; Изр. 13:12; Проп. 7:7). Освен тоа, секој христијанин мора да биде свесен дека срцето е измамливо, и поради тоа може да нѐ осудува иако Бог е задоволен од нас (Ерем. 17:9; 1. Јов. 3:20). Исто така, Ѓаволот изнесува лажни обвиненија против Божјите слуги. Оние што размислуваат како него би можеле да нѐ наведат да мислиме дека сме безвредни за Бог, исто како што неверниот Елифаз му кажал на Јов. Но, ова било — и сѐ уште е — чиста лага (Јов 4:18, 19).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во својата Реч, Јехова нѐ уверува дека ќе биде со оние што чекорат „низ долината на смртната сенка“ (Пс. 23:4). Библијата е еден начин на кој тој ни покажува дека е со нас. Таа ‚има голема сила од Бог за да го урне она што е цврсто утврдено‘. Ова значи дека може да ги урне дури и нашите погрешни ставови и негативни размислувања (2. Кор. 10:4, 5). Да видиме како со помош на Библијата можеме да стекнеме и да задржиме позитивен став. Ова може да ти користи тебе лично, а и да ти помогне да ги охрабриш другите.

КОРИСТИ ЈА БИБЛИЈАТА ЗА ДА СТЕКНЕШ ПОЗИТИВЕН СТАВ

5. Што ќе ни помогне да стекнеме позитивен став?

5 Апостол Павле навел нешто што може да ни помогне да стекнеме позитивен став. Тој ги поттикнал христијаните во Коринт со следниве зборови: „Испитувајте дали сте во верата“ (2. Кор. 13:5). „Верата“ се сите христијански верувања што се наоѓаат во Библијата. Ако нашите зборови и постапки се во склад со нив, тогаш покажуваме дека сме „во верата“. Се разбира, не можеме да избереме кои учења ќе ги следиме, а кои не. Мора да го прифатиме сето она што сме го научиле од Библијата (Јак. 2:10, 11).

6. Зошто треба да се преиспитуваме за да видиме ‚дали сме во верата‘? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

6 Можеби се плашиш да се преиспиташ на ваков начин, особено ако сметаш дека нема да го положиш испитот. Но, Јеховиното гледиште е поважно од нашето, а неговото размислување е многу повисоко од нашето (Иса. 55:8, 9). Тој ги испитува своите слуги, но не со цел да ги осуди туку да ги открие нивните добри особини и да им помогне. Ако се преиспиташ со помош на Божјата Реч за да видиш ‚дали си во верата‘, ќе почнеш да се гледаш така како што те гледа Бог. Ова може да ти помогне да престанеш да мислиш дека си безвреден за Јехова и да се увериш дека си скапоцен во Негови очи, токму како што вели Библијата. Тоа ќе биде исто како да си ги тргнал завесите во една мрачна соба за да можат сончевите зраци да продрат во неа.

7. Како може да ни користи примерот на верните луѓе спомнати во Библијата?

7 Еден добар начин за да се преиспиташ е да размислуваш за примерот на верните луѓе кои се спомнати во Библијата. Спореди ги нивните околности и чувства со твоите, и размисли како ќе си постапел да си бил на нивно место. Да разгледаме три примери што покажуваат како Библијата може да ти потврди дека ‚си во верата‘ и да ти помогне да стекнеш позитивно гледиште за себеси.

СИРОМАШНАТА ВДОВИЦА

8, 9. а) Во какви околности се наоѓала сиромашната вдовица? б) Со какви негативни чувства можеби се борела вдовицата?

8 Додека бил во храмот во Ерусалим, Исус забележал како една сиромашна вдовица пушта прилог. Од нејзиниот пример може да научиме како да задржиме позитивно гледиште за себеси и покрај нашите ограничувања. (Прочитај Лука 21:1-4.) Размисли за нејзините околности. Освен што чувствувала болка поради  загубата на својот сопруг, таа живеела во општество во кое верските водачи ‚ги проголтувале куќите на вдовиците‘ наместо да им помагаат на таквите беспомошни лица (Лука 20:47). Оваа вдовица била толку сиромашна што можела да пушти само две лепти — сума која еден работник ја заработувал за неколку минути.

9 Обиди се да замислиш како се чувствувала таа кога влегла во храмскиот двор држејќи во раката само две парички. Дали можеби размислувала за тоа дека нејзиниот дар е многу помал во споредба со она што можела да го даде кога маж ѝ бил жив? Додека гледала колку големи прилози пуштаат другите, дали чувствувала срам мислејќи си дека она што таа може да го пушти нема никаква вредност? Дури и да имала такви чувства, оваа вдовица сепак го направила она што можела за да го поддржи обожавањето на вистинскиот Бог.

10. Како Исус покажал дека вдовицата е скапоцена за Бог?

10 Исус покажал дека и вдовицата и нејзиниот прилог биле скапоцени за Јехова. Тој рекол дека таа ‚пуштила повеќе од сите богати луѓе‘. Иако мнозина дале многу поголеми прилози од оваа вдовица, Исус ја пофалил токму неа. Оние кои подоцна ги броеле парите и ги виделе лептите што ги пуштила воопшто не биле свесни колку многу му значат на Јехова тие две парички и колку е скапоцена за него вдовицата што ги дала. Но, не било важно што мислат другите за неа, па дури ни што мисли таа за себе. Најважно било Божјето гледиште. Како може овој извештај да ти послужи да испиташ дали си „во верата“?

Што учиш од примерот на сиромашната вдовица? (Види во пасуси 8-10)

11. Што можеш да научиш од извештајот за вдовицата?

11 Твоите околности можат многу да влијаат врз она што можеш да му го дадеш на Јехова. Затоа што се стари или болни, некои можат да поминуваат многу малку време во службата на проповедање. Дали поради тоа треба да мислат дека не вреди да го запишат тоа време во својот извештај за службата? Дури и ако си помлад и ако имаш добро здравје, можеби си мислиш дека она што ти го правиш е само  капка во море ако се спореди со сите часови што Божјиот народ му ги посветува секоја година на Јехова. Сепак, од извештајот за сиромашната вдовица учиме дека Јехова го цени и најмалото нешто што го правиме за него, особено ако се наоѓаме во тешки околности. Размисли за својата служба во текот на минатата година. Дали си морал да направиш големи жртви за да поминеш еден од тие часови во службата? Ако да, биди уверен дека Јехова многу го цени она што си го направил за него во текот на тој час. Кога и ти, слично на сиромашната вдовица, правиш сѐ што можеш за Бог, докажуваш дека навистина си „во верата“.

‚ЗЕМИ ЈА МОЈАТА ДУША‘

12-14. а) Со какви негативни чувства се борел Илија? б) Зошто Илија се чувствувал така?

12 Пророкот Илија му бил лојален на Јехова и имал силна вера. Сепак, во еден момент бил толку потиштен што го молел Бог да му го скрати животот, велејќи: „Доста ми е! Јехова, земи ја сега мојата душа“ (1. Цар. 19:4). Оние што никогаш не се нашле во таква очајна состојба би можеле да кажат дека зборовите на Илија биле „непромислени“ (Јов 6:3). Но, тој навистина се чувствувал така. Што направил Јехова? Наместо да го прекори својот пророк затоа што сакал да умре, тој му помогнал.

13 Зошто Илија се борел со такви чувства? Кратко пред тоа, тој направил чудо со кое покажал дека Јехова е вистинскиот Бог, а потоа биле погубени 450 пророци на Ваал (1. Цар. 18:37-40). Веројатно Илија се надевал дека сега израелскиот народ ќе му се врати на својот Бог, но тоа не се случило. Преку еден гласник, злобната царица Језавела му порачала дека ќе го убие. За да си го спаси животот, Илија побегнал на југ преку Јуда и стигнал во пустината (1. Цар. 19:2-4).

14 Додека бил таму сам, тој почнал да размислува дека залудно служел како пророк, и му рекол на Јехова: „Не сум подобар од своите прататковци“. Што сакал да каже со ова? Дека се чувствувал безвредно како што се безвредни коските и правот што останале од неговите мртви предци. Всушност, тој се испитал според сопствените мерила и заклучил дека е чисто промашување — дека нема никаква вредност ни за Јехова ни за кој и да е друг.

15. Како Бог го уверил Илија дека сѐ уште е скапоцен за Него?

15 Но, Семоќниот го гледал Илија со сосема поинакви очи. Јехова и понатаму го сметал за скапоцен и презел чекори за да го увери во тоа. Тој испратил ангел за да го зајакне. Освен тоа, се погрижил Илија да има доволно храна и вода за да закрепне и да го издржи 40-дневното патување до планината Хорив. Исто така, љубезно го исправил неговиот погрешен заклучок дека нема ниту еден Израелец што му останал верен на Јехова. Забележи дека Бог му дал и нови задачи на својот пророк, а тој ги прифатил. Благодарение на помошта што ја добил од Јехова, Илија продолжил со нови сили да му служи како пророк (1. Цар. 19:5-8, 15-19).

16. На кои начини Јехова веројатно ти помагал досега?

16 Она што се случило со Илија може да те увери дека си „во верата“ и да те поттикне да имаш позитивно гледиште за себеси. Прво, размисли на кои сѐ начини Јехова ти помагал досега. Дали некој негов слуга, можеби старешина или друг зрел христијанин, ти помогнал кога ти било тешко? (Гал. 6:2). Дали си почувствувал дека Јехова се грижи за тебе кога си бил духовно закрепнат преку Библијата, нашите публикации или состаноците? Следниот пат кога ќе добиеш помош на некој од овие начини, сети се кој е, всушност, Тој што ти помага, и заблагодари му се во молитва (Пс. 121:1, 2).

17. Што цени Јехова кај своите слуги?

17 Второ, не заборавај дека нашето  негативно гледиште може да биде погрешно. Она што е најважно е како гледа Бог на нас. (Прочитај Римјаните 14:4.) Јехова нѐ цени затоа што сме му оддадени и верни, и нашата вредност не зависи од тоа колку правиме за него. Освен тоа, слично како Илија, можеби и ти си направил многу повеќе за Јехова отколку што си мислиш. Најверојатно има некои браќа и сестри во собранието на кои си им помогнал иако можеби и не си свесен за тоа. А и многу луѓе на подрачјето чуле за вистината затоа што си се трудел да им проповедаш.

18. Што докажува задачата што ти ја дал Јехова?

18 И трето, гледај на секоја задача од Јехова како на доказ дека тој е со тебе (Ерем. 20:11). Исто како Илија, можеби и ти ќе се разочараш затоа што ти се чини дека немаш успех во службата или не можеш да ги достигнеш целите што си ги поставил. И покрај тоа, сѐ уште ја имаш најголемата можна чест — да ја проповедаш добрата вест и да го носиш Божјето име. Дај сѐ од себе да му останеш верен на Јехова. Тогаш, како што рекол Исус, ќе можеш да ‚се радуваш со својот господар‘ (Мат. 25:23).

‚МОЛИТВАТА НА СТРАДАЛНИКОТ‘

19. Во каква состојба се наоѓал писателот на Псалм 102?

19 Писателот на Псалм 102 западнал во тежок очај. Тој бил „потиштен“ и страдал од голема физичка и емоционална болка — едноставно немал сили да се справи со проблемите (Пс. 102, натпис). Од неговите зборови се гледа дека не можел да мисли на ништо друго освен на сопствените чувства и на својата болка и осаменост (Пс. 102:3, 4, 6, 11). Тој бил уверен дека Јехова ќе го отфрли (Пс. 102:10).

20. Како може да му помогне молитвата на некој што се бори со негативни чувства?

20 Сепак, овој псалмист сѐ уште можел да го користи својот живот за да го слави Јехова. (Прочитај Псалм 102:19-21.) Како што се гледа од Псалм 102, дури и оние кои се „во верата“ понекогаш страдаат и не можат да мислат на ништо друго освен на својата болка. Псалмистот се чувствувал „како самотна птица на покрив“. Во неговата осаменост, единствено друштво му правеле неговите проблеми (Пс. 102:7). Ако некогаш се чувствуваш вака, излеј му го своето срце на Јехова како што направил псалмистот. Молитвите на страдалникот — односно твоите молитви — можат да ти помогнат да се избориш со негативните чувства. Јехова ветува дека ‚ќе обрне внимание на молитвата на бедните, и дека нема да ја презре нивната молитва‘ (Пс. 102:17). Имај доверба во тоа ветување.

21. Како може некој што се бори со негативни чувства да има попозитивно гледиште за себеси?

21 Псалм 102 исто така покажува како може да имаме попозитивно гледиште за себеси. Псалмистот решил да размислува за своето пријателство со Јехова (Пс. 102:12, 27). Тој се утешил од сознанието дека Јехова секогаш ќе ги поддржува своите слуги кога ќе се најдат во неволја. Затоа, ако моментално те притискаат негативни чувства и поради тоа не можеш да му служиш на Бог толку колку што би сакал, моли се во врска со тоа. Но, немој да се молиш само за излез од проблемите, туку и ‚да се објавува името на Јехова‘ (Пс. 102:20, 21).

22. Како може секој од нас да го радува Јехова?

22 Значи, можеме да ја користиме Библијата за да си докажеме дека сме „во верата“ и дека сме скапоцени за Јехова. Најверојатно во сегашниов свет нема да можеме да се ослободиме од сите негативни чувства и понекогаш сигурно ќе се обесхрабриме. Сепак, секој од нас може да го радува Јехова и да добие спасение ако верно истрае во својата служба (Мат. 24:13).