Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Семејна вечер — како да ја направите поинтересна?

Семејна вечер — како да ја направите поинтересна?

Еден татко од Бразил вели: „Толку многу се внесуваме во разговорите на Семејната вечер што ако не им кажам на моите дека е време да завршиме нѐ фаќа доцна навечер“. Друг татко од Јапонија вели дека неговото десетгодишно синче не ни забележува колку време поминало откако почнале да проучуваат и не сака да завршат. Тој вели: „На син ми многу му е интересно и затоа е толку радосен“.

Се разбира, Семејната вечер не им е интересна на сите деца. Еден татко од Того од лично искуство кажува: „Семејната вечер не треба да биде досадна“. Ако е досадна, дали тоа е можеби поради начинот на кој се одржува? За многу семејства семејното проучување е радосен настан, исто како што саботата била радосен настан за Израелците (Иса. 58:13, 14).

Многу татковци увиделе дека за семејството да ужива во проучувањето треба да владее опуштена атмосфера. Ралф, кој има три ќерки и еден син, вели дека нивната Семејна вечер повеќе наликува на обичен разговор во кој сите се вклучени, отколку на класично проучување. Сепак, факт е дека нема секогаш да успееш на сите да им го задржиш вниманието. Една мајка признава: „Многу сакам да го направам семејното проучување интересно, ама понекогаш едноставно немам сила“. Како може Семејната вечер да биде поинтересна?

ПРИСПОСОБЛИВОСТ И РАЗНОВИДНОСТ

„Мора да бидеме приспособливи“, вели еден татко од Германија кој има две деца. Наталија, мајка на две деца, кажува: „За нашето семејство најдобро е на Семејната вечер да има различни активности“. Многу семејства вклучуваат неколку различни работи во Семејната вечер. Клејтон од Бразил, кој е татко на двајца тинејџери,  вели: „Ова го прави проучувањето поживо и секој член од семејството може да биде вклучен“. Ако постои голема разлика во возраста на децата, родителите треба да ги земат предвид потребите на секое дете. Тоа можат да го сторат така што на Семејната вечер ќе прават различни работи. Родителите можат да изберат што и како ќе се проучува.

Што прават некои семејства за да имаат поразновидни активности за време на Семејната вечер? Некои почнуваат така што му пеат песни на Јехова. Хуан од Мексико вели: „Пеењето придонесува за пријатна атмосфера и ни помага да се сконцентрираме на материјалот што треба да го проучуваме“. Неговото семејство избира песни кои се поврзани со некоја од темите што ќе ги разгледуваат.

Шри Ланка

Голем број семејства читаат заедно еден дел од Библијата. За да биде интересно, секој го чита текстот на различен библиски лик. Еден татко од Јапонија признава дека на почеток му било малку чудно да ја чита Библијата на ваков начин. Но, двајцата синови биле многу радосни кога гледале како татко им и мајка им уживаат во она што го прават на Семејната вечер заедно со нив. Други, пак, ги одглумуваат библиските настани. Роџер од Јужноафриканската Република, кој има два сина, кажува: „Децата честопати забележуваат некои работи од библискиот извештај што ние како родители не сме ги виделе“.

Јужноафриканска Република

Друга можност е заедно да изработите некаков проект, на пример, да направите макета на Ноевата арка или на Соломоновиот храм. Може да ви биде многу интересно додека истражувате. На пример, едно петгодишно девојче од Азија живее со своите родители и со баба ѝ. Во нивната дневна соба направиле игра за мисионерските патувања на апостол Павле. Некои семејства си направиле игри на темел на настаните запишани во книгата 2. Мојсеева. Разновидноста „внесе свежина во нашата Семејна вечер, но и во нашето семејство“, вели Доналд од Того, кој има 19 години. Дали ти паѓа на ум некој интересен проект што може да го изработите на Семејната вечер?

САД

ПОТРЕБНА Е ПОДГОТОВКА

Иако Семејната вечер треба да биде интересна, важно е да биде и поучна. Затоа е потребно сите да се подготвуваат. Понекогаш децата не можат долго време да седат и да бидат сконцентрирани. Затоа, таткото треба внимателно да размисли што би било интересно за децата и добро да се подготви. Еден татко вели: „Кога сум подготвен, сите извлекуваат поголема корист“. Друг татко од Германија однапред му кажува на семејството што ќе прават на Семејната вечер во наредните седмици. Едно семејство со шест мали деца од Бенин понекогаш на Семејната вечер гледа некој од филмовите на нашата организација. Како се подготвуваат? Таткото однапред им дава лист со прашања. Овие примери ни покажуваат дека подготовката им помага на сите да извлечат поголема корист од семејното проучување.

Кога сите во семејството однапред знаат што ќе се разгледува, можат да зборуваат за таа тема во текот на седмицата. Така едвај ќе чекаат да дојде Семејната вечер. И ако секој има своја задача, ќе се чувствува убаво што може да придонесе проучувањето да биде интересно.

ДА СЕ ОДРЖУВА РЕДОВНО

На многу семејства не им е лесно редовно да ја одржуваат Семејната вечер.

Голем број татковци мора многу да работат за да си го прехранат семејството. На пример, еден татко од Мексико излегува од дома во шест часот наутро и не се враќа пред осум часот навечер. Понекогаш, Семејната вечер ќе треба да се одложи поради некој друг теократски настан, како што е посетата на покраинскиот надгледник или обласниот конгрес.

И покрај тоа, семејството треба да биде решено редовно да ја одржува Семејната вечер. Лоис од Того, која има единаесет години, го вели следново: „Иако понекогаш почнуваме подоцна поради нешто што се случило во текот на денот, никогаш не го откажуваме семејното проучување“. Добро е да се договорите да ја имате Семејната вечер на почетокот од седмицата. Така, ако се случи нешто непредвидено, ќе можете да ја одржите друг ден од истата седмица.

Зошто семејното проучување го нарекуваме Семејна вечер посветена на Јехова? Затоа што во таа прилика го славиме Јехова. Сите заедно како семејство му принесуваме на Бог „плод од усните свои“ (Оси. 14:2). Семејната вечер нека биде радосна прилика за целото семејство и „Јеховината радост“ нека биде „ваша тврдина“ (Неем. 8:9, 10).