Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Никој не може да им робува на двајца господари

Никој не може да им робува на двајца господари

„Никој не може да им робува на двајца господари... Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (МАТ. 6:24)

1-3. а) Со какви финансиски проблеми се соочуваат многу семејства денес, и како некои се обидуваат да ги решат? (Види ја сликата погоре.) б) Какви грижи околу воспитувањето на децата имаат родителите што сакаат да се преселат на друго место?

„МОЈОТ сопруг, Џејмс, секој ден се враќаше од работа исцрпен, но со платата што ја земаше едвај врзувавме крај со крај“, вели Мерилин. * „Сакав да му го олеснам товарот на маж ми, а сакав и нашиот син да има некои работи што ги имаа неговите врсници.“ Освен тоа, Мерилин сакала да им помогне на другите роднини и да тргне нешто настрана за во иднина. Многу нејзини пријателки се преселиле во други земји за да заработат повеќе пари. Сепак, кога самата размислувала дали да отиде да работи во странство, не била сигурна што да направи. Зошто?

2 Мерилин се плашела од помислата да си го остави семејството, како и духовните активности во кои учествувале заедно. Но, размислувала и за браќата и сестрите кои за некое време ги оставиле најблиските и се преселиле во друга земја. На прв поглед, изгледало дека тие и нивните семејства сѐ уште верно му служат на Јехова. Меѓутоа, Мерилин се прашувала како ќе може да се грижи за Џими кога нема да биде крај него. Дали ќе може преку Интернет да го воспитува својот син и да му помогне да му служи на Јехова? (Еф. 6:4).

 3 Мерилин побарала совет од другите. Нејзиниот маж ѝ рекол дека не би сакал таа да оди, но и дека нема да ја спречи ако одлучи да го направи тоа. Старешините и некои други браќа и сестри од собранието ја советувале да не оди во друга земја, но неколку сестри ја поттикнувале да се пресели. „Ако си ги сакаш мажот и детето, ќе одиш“, ѝ рекле тие. „И таму ќе можеш да му служиш на Јехова.“ Иако сѐ уште не била сигурна во својата одлука, Мерилин се збогувала со Џејмс и Џими и отишла да работи во далечна земја. Таа им ветила: „Брзо ќе се вратам“.

СЕМЕЈНИ ОДГОВОРНОСТИ И БИБЛИСКИ НАЧЕЛА

4. а) Зошто многу луѓе се селат далеку од своето семејство? б) Кој најчесто се грижи за дечињата на родителите што се преселиле?

4 Јехова никогаш не сакал неговите слуги да живеат во крајна беда (Пс. 37:25; Изр. 30:8). И во минатото Божјите слуги се селеле на други места за да ѝ избегаат на сиромаштијата. За семејството да не умре од глад, Јаков ги испратил своите синови во Египет да купат храна * (1. Мој. 42:1, 2). Денес, повеќето од оние што избираат да работат на друго место не ги напуштаат своите домови затоа што немаат пари ни за леб. Сепак, можеби се заглавени во долгови до гуша. Други, можеби живеат во посиромашно место. За да му овозможат на своето семејство повисок животен стандард и поудобен живот, можеби одлучуваат да се преселат за да можат полесно да заработат. Честопати, своите мали дечиња им ги оставаат на едниот родител, на некое од поголемите деца, на бабите и дедовците или на други роднини и пријатели. Иако не им лесно да го остават сопружникот или детето, многумина што решиле да се преселат далеку од дома мислат дека тоа е единственото решение.

5, 6. а) Што рекол Исус за вистинската среќа и сигурност? б) За кои работи ги поучил Исус своите следбеници да се молат? в) На кој начин Јехова нѐ благословува?

5 И во времето на Исус, многу луѓе биле сиромашни и можеби си мислеле дека ќе бидат посреќни и посигурни ако имаат повеќе пари (Мар. 14:7). Но, Исус не сакал тие да имаат доверба во нешто што е привремено. Тој сакал да се потпираат на Јехова, кој може да им даде богатство, односно благослови што ќе траат вечно. Во Проповедта на гората, Исус јасно кажал дека вистинската среќа и сигурност не зависат ниту од материјалните работи ниту од нашето образование, кариера или друго лично постигнување, туку од пријателството со нашиот небесен Татко.

6 Во својата пример молитва Исус нѐ поучил да се молиме за „лебот наш за овој ден“, односно за нашите секојдневни потреби, а не за поудобен живот. На луѓето што го слушале, тој отворено им рекол: „Престанете да собирате богатство на земјата... Туку собирајте си богатство на небото“ (Мат. 6:9, 11, 19, 20). Јехова ни ветува дека ќе нѐ благослови. Можеме да имаме доверба дека тој ќе си го исполни ветувањето. Јехова нѐ благословува на тој начин што нѐ прифаќа и ни го дава тоа што навистина ни е потребно. Не треба да имаме доверба во парите затоа што тие не можат да ни дадат вистинска среќа и сигурност. Ќе бидеме вистински среќни и сигурни само ако имаме доверба во нашиот Татко кој многу нѐ сака. (Прочитај Матеј 6:24, 25, 31-34.)

7. а) Кому Јехова му ја дал одговорноста да ги воспитува децата? б) Зошто и двајцата родители треба да бидат активно вклучени во воспитувањето на децата?

7 Еден начин на кој покажуваме дека најнапред ја бараме Божјата праведност е така што гледаме на семејните одговорности како што гледа Јехова. Мојсеевиот закон содржи едно начело кое важи и за христијаните: Родителите се тие што треба да ги поучуваат своите деца за духовните работи. (Прочитај 5. Мојсеева 6:6, 7.)  Оваа одговорност Бог им ја дал на родителите, а не на бабите и дедовците или на некој друг. Цар Соломон напишал: „Слушај ја, сине мој, поуката на татко ти и не оставај ги упатствата на мајка ти“ (Изр. 1:8). Бог имал намера семејствата да живеат заедно за да можат и двајцата родители да ги поучуваат своите деца и да се грижат за нив (Изр. 31:10, 27, 28). Децата најчесто го следат примерот на своите родители. Кога гледаат како тие му служат на Јехова и кога ги слушаат како зборуваат за него секој ден, и децата учат да го прават истото.

ПОСЛЕДИЦИ ШТО НЕ МОЖАТ ДА СЕ ПРЕДВИДАТ

8, 9. а) До какви промени доаѓа во семејството кога едниот родител живее далеку од дома? б) Како ќе се одрази разделбата во емоционален и во морален поглед врз целото семејство?

8 Пред да се иселат, многумина размислуваат какви ризици и жртви ќе вклучува нивната одлука. Но, не е возможно да се предвидат сите последици што ќе ги претрпи семејството (Изр. 22:3). * Штом си заминала, Мерилин почнала да чувствува силна емоционална болка затоа што се одделила од своите најблиски. Иста болка чувствувале и нејзиниот маж и син. Малиот Џими постојано ја прашувал: „Мамо, зошто ме остави?“ Месеците што планирала да ги помине во странство се претвориле во години. Со текот на времето, таа забележала некои промени во семејството што ја загрижувале. Џими почнал да се повлекува во себе и емоционално да се оддалечува од неа. Со горчина во душата, Мерилин се сеќава: „Веќе не ме сакаше како порано“.

9 Кога семејството не живее заедно, тоа може лошо да се одрази во емоционален и во морален поглед и врз родителите и врз децата. * Колку помали се децата и колку подолга е разделбата толку поголема е штетата. Мерилин му кажала на Џими дека се жртвува за негово добро. Но, Џими мислел дека мајка му го оставила. Во почетокот, му било многу тешко што таа не била со нив. Но, по некое време, кога се враќала да ги види, не можел да го поднесе нејзиното присуство. Како и другите деца кои биле оставени од родителите, Џими мислел дека мајка му повеќе не заслужува да ја сака и да ја слуша. (Прочитај Изреки 29:15.)

Не можеш да си го прегрнеш детето преку Интернет (Види во пасус 10)

10. а) Како може да влијае врз децата тоа што родителите ќе се обидуваат да го надоместат своето отсуство со подароци? б) Што не може да направи еден родител ако не е покрај своето дете?

10 Иако Мерилин се обидувала да го надомести своето отсуство со пари и подароци, сфатила дека така го отуѓува својот син од себе и несвесно го учи  повеќе да ги сака парите отколку семејството и Јехова (Изр. 22:6). „Не се враќај“, ѝ велел Џими на мајка му. „Само праќај ми подароци.“ Мерилин почнала да сфаќа дека не може да го воспитува својот син преку писма, телефон или Интернет. Таа вели: „Преку Интернет, не можеш ниту да го прегрнеш ниту да го бакнеш своето дете за добра ноќ“.

Кога живееш далеку од твојот сопружник, со какви опасности можеби ќе се соочиш? (Види во пасус 11)

11. а) Како влијае врз бракот тоа што еден од сопружниците живее далеку од дома? б) Што ѝ помогнало на Мерилин да сфати дека треба да се врати дома?

11 Мерилин си го нарушила односот и со Јехова и со својот сопруг Џејмс. Одела на состаноци или во служба еднаш седмично, а понекогаш ниту еднаш. Освен тоа, морала да се бори со притисокот од нејзиниот работодавец кој сакал да има интимни односи со неа. Бидејќи немале сопружник на кого можеле да се потпрат кога им било тешко, и Мерилин и Џејмс емотивно се врзале со други луѓе и за малку ќе направеле прељуба. Мерилин сфатила дека и покрај тоа што ниту таа ниту нејзиниот маж не извршиле прељуба, со тоа што живееле одвоено не можеле да ја исполнат библиската одговорност да си ги задоволуваат емоционалните и сексуалните потреби. Не можеле во секое време да си кажат што мислат, нежно да се погледнат, да си се насмевнат, нежно да се допрат или да се прегрнат ниту, пак, да ја исполнат „брачната должност“ (Песна 1:2; 1. Кор. 7:3, 5). Исто така, не можеле да му служат на Јехова како семејство заедно со својот син. „Кога на еден конгрес слушнав дека редовната Семејна вечер е неопходна за да го преживееме Јеховиниот голем ден, сфатив дека мора да се вратам дома“, вели Мерилин. „Морав да го зајакнам мојот однос со Јехова и со семејството.“

ДОБАР СОВЕТ И ЛОШ СОВЕТ

12. Кој библиски совет може да им се даде на оние што живеат далеку од своето семејство?

12 Одлуката на Мерилин да се врати дома предизвикала различни реакции. Старешините од собранието на кое припаѓала тогаш ја пофалиле за нејзината вера и храброст. Но, некои други браќа и сестри кои исто така живееле далеку од своето семејство не мислеле така. Наместо да го следат нејзиниот добар пример, тие се обиделе да ја разубедат. Ѝ рекле: „Нема долго да издржиш дома. Од каде ќе најдете пари за да преживеете?“ Ваквите обесхрабрувачки коментари воопшто не се на место. Всушност, христијаните треба да ги советуваат „помладите жени да си ги сакаат мажите, да си ги сакаат децата, да бидат... примерни домаќинки“ во својот дом „за да не се зборува погрдно за Божјата реч“. (Прочитај Тит 2:3-5.)

13, 14. Кога роднините имаат поинакви очекувања, зошто треба да имаме вера за да го послушаме Јехова? Наведи пример.

13 Многумина од оние што ги оставиле своите семејства за да заработат, пораснале во култура во која најважно  од сѐ е да се почитуваат традицијата и роднините, особено родителите. Еден христијанин мора да има силна вера за да им се спротивстави на општоприфатените обичаи и желби на роднините кога тие се косат со Јеховините мерила.

14 Размисли за тоа што ѝ се случило на Карин. „Кога се роди син ми Дон, јас и маж ми работевме во друга земја и само што започнав да ја проучувам Библијата. Сите во семејството очекуваа дека ќе го испратам моето синче кај моите родители за тие да го чуваат додека ние не застанеме на нозе во финансиски поглед.“ Но, кога Карин решила таа да се грижи за Дон, нејзините роднини и маж ѝ ја понижувале и ѝ велеле дека е мрзлива и дека не сака да работи. „Да бидам искрена, во тоа време не ми беше потполно јасно зошто е погрешно да го испратам Дон на неколку години кај моите“, вели Карин. „Ама бев свесна дека Јехова им ја дал на родителите одговорноста да ги воспитуваат своите деца.“ Кога Карин повторно забременила, нејзиниот маж, кој не е Сведок, сакал таа да абортира. Тоа што претходно донела добра одлука ѝ ја зајакнало верата и ѝ дало сила да постапи како што сака Јехова. Денес, таа, нејзиниот маж и нивните деца се среќни што останале заедно како семејство. Ако Карин одлучела за едното или и за двете деца да се грижи некој друг, исходот ќе бил сосема поинаков.

15, 16. а) Раскажи го искуството на една сестра која неколку години била одвоена од своите родители. б) Зошто Вики решила таа и нејзиниот маж да се грижат за нивната ќерка?

15 Една сестра по име Вики вели: „Неколку години ме чуваше баба ми, а моите родители се грижеа за помалата сестричка. Во периодот кога бев одвоена од татко ми и мајка ми, моите чувства кон нив се променија. На сестра ми воопшто не ѝ беше тешко отворено да зборува со нив, да ги прегрне и да има близок однос со нив. Ама јас не се чувствував блиска со моите родители, дури ни кога станав возрасна. Не ми беше лесно да им покажам како вистински се чувствувам. Со сестра ми им ветивме дека ќе се грижиме за нив кога ќе остарат. Но, јас ќе го правам тоа повеќе од чувство на должност, додека сестра ми од љубов“.

16 „Сега, мајка ми сака јас да ја оставам ќерка ми кај неа, исто како што таа ме остави мене кај баба ми. Но, љубезно ѝ кажав дека нема да го направам тоа“, вели Вики. „Јас и маж ми сакаме ние да го поучуваме нашето дете за Јехова. Не сакам еден ден да станам странец за ќерка ми.“ Вики сфатила дека ќе биде среќна само ако го стави Јехова и неговите мерила пред материјалните работи и пред очекувањата на роднините. Исус јасно кажал: „Никој не може да им робува на двајца господари... и на Бог и на богатството“ (Мат. 6:24; 2. Мој. 23:2).

‚ЈЕХОВА ЌЕ НИ ДАДЕ УСПЕХ‘

17, 18. а) Кои ветувања им ги дава Јехова на своите слуги? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?

17 Нашиот Татко, Јехова, ни ветил дека ќе ни помага да го имаме она што навистина ни е потребно ако најнапред ги бараме Царството и неговата праведност (Мат. 6:33). Тој ни ветува и дека ќе направи „излез“ од проблемите кој нема да бара од нас да ги погазиме библиските мерила, без оглед на тоа во колку тешка ситуација се наоѓаме. (Прочитај 1. Коринќаните 10:13.) Ако му се молиме и го слушаме Јехова, покажуваме дека имаме доверба во него (Пс. 37:5, 7). Тој ќе го забележи нашиот труд и ќе ни го даде тоа што ни е потребно. ‚Јехова ќе ни даде успех‘ во нашиот живот. (Спореди 1. Мојсеева 39:3.)

18 Што може да се стори за да се поправи штетата која настанала низ годините додека семејството било разделено? Како можеш да се грижиш за потребите на твоето семејство без да го напуштиш и да работиш на друго место? И како можеш љубезно да им помогнеш на другите да донесат исправна одлука во овој поглед? Во следната статија ќе ги разгледаме овие прашања.

^ пас. 1 Имињата се сменети.

^ пас. 4 Секој пат кога синовите на Јаков оделе во Египет не ги оставале своите семејства повеќе од три седмици. Подоцна, кога Јаков и неговите синови се преселиле во Египет, со себе ги зеле и своите жени и деца (1. Мој. 46:6, 7).

^ пас. 8 Види ја статијата „Живот во странство — убав сон, сурова реалност“ што излезе во Разбудете се! од февруари 2013.

^ пас. 9 Извештаите од различни земји покажуваат дека, кога некој не живее со својот сопружник или дете затоа што работи на друго место, можат да се појават сериозни проблеми. Некои од нив се: неверство од страна на едниот или на двајцата брачни другари, хомосексуалност или инцест. А кај децата се појавуваат проблеми на училиште, проблематично однесување, агресивност, анксиозност, депресија или самоубиствени мисли.