Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди храбар — Јехова е твојот помошник!

Биди храбар — Јехова е твојот помошник!

„Исполнети со храброст, можеме да речеме: ‚Јехова е мојот помошник‘“ (ЕВР. 13:6)

1, 2. Со што се соочуваат многумина кои работеле на друго место кога се враќаат дома? (Види ја сликата погоре.)

„КОГА бев во странство, имав добра работа и голема плата“, вели Едуардо. * „Но, кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, сфатив дека, освен што треба да се грижам за материјалните потреби на моите најблиски, уште поважно е да се грижам за нивните духовни потреби. Затоа решив да се вратам дома“ (Еф. 6:4).

2 Едуардо знаел дека со тоа што се вратил кај своето семејство го израдувал Јехова. Но, исто како Мерилин, која беше спомната во претходната статија, и Едуардо морал да вложи време и труд за да ги поправи нарушените односи со својата жена и своите деца. Освен тоа, морал и да го издржува семејството во посиромашна земја. Како ќе заработувал за живот? Каква помош можел да очекува од другите во собранието?

ДА СЕ ЗАЈАКНАТ СЕМЕЈНИТЕ ОДНОСИ И ДУХОВНОСТА

3. Како влијае врз децата тоа што родителите живеат далеку од дома?

3 „Свесен сум дека не бев со моите деца тогаш кога најмногу им беа потребни моето водство и љубов“, си признава Едуардо. „Не бев тука за да им читам библиски приказни, да се молам со нив, да ги гушкам и да си играме заедно“ (5. Мој. 6:7). Неговата најстара ќерка, Ана, кажува:  „Бидејќи татко ми не живееше со нас, мислев дека не ме сака и немав самодоверба. Кога се врати дома, ни беше познат само неговиот лик и глас. Воопшто не ми беше пријатно кога ме прегрна“.

4. Зошто на еден татко кој долго време не бил со семејството може да му е тешко да ја исполни улогата како поглавар?

4 За еден татко кој долго време не е со своето семејство може да биде многу тешко да си ја исполни улогата како поглавар. Жена му на Едуардо, Руби, вели: „Имав двојна улога. Морав да бидам и татко и мајка. Со текот на времето се навикнав јас да ги донесувам повеќето одлуки поврзани со семејството. Кога Едуардо се врати дома, морав да научам што значи една христијанка да му биде вистински подложна на својот маж. Дури и сега, понекогаш треба да се потсетувам дека маж ми е тука“ (Еф. 5:22, 23). Едуардо вели: „Девојчињата беа навикнати да ја прашуваат мајка им за дозвола да направат нешто. Како родители, сфативме дека треба да бидеме сложни пред децата, и дека јас треба да научам да преземам водство како христијански поглавар“.

5. Што направил Едуардо за да го зацврсти односот со семејството, и дали успеал во тоа?

5 Едуардо бил решен да направи сѐ што може за да го зацврсти односот со членовите на своето семејство и да им помогне да си ја зајакнат духовноста. „Сакав да им ја врежам вистината на моите деца и со збор и со пример — не само да им кажам дека го сакам Јехова туку и да им покажам“ (1. Јов. 3:18). Дали Јехова го благословил Едуардо поради тоа што покажал вера? Ана вели: „Работите почнаа да се менуваат кога гледавме колку многу се труди да биде добар татко и повторно да се зближи со нас. Бевме многу радосни кога гледавме колку е спремен да служи во собранието. Светот се обидуваше да нѐ одвлече од Јехова. Но, ние се трудевме да го следиме примерот на нашите родители. Ним вистината им беше поважна од сѐ друго. Тато ни вети дека никогаш повеќе нема да нѐ остави, и навистина беше така. Ако пак си заминеше, веројатно денес немаше да бидам во Јеховината организација“.

ПОКАЖИ РАЗБИРАЊЕ

6. Што им е потребно на децата?

6 Некои искуства покажуваат дека за време на војната на Балканот, децата на некои Сведоци беа среќни и покрај тешките услови. Зошто? Нивните родители не можеа да одат на работа и беа дома со нив, проучуваа заедно, си зборуваа и си играа со нив. Што ни покажува ова? На децата им требаат родители повеќе отколку пари и подароци. Божјата Реч вели дека родителите треба да им посветуваат внимание на своите деца и да ги воспитуваат (Изр. 22:6).

7, 8. а) Каква грешка прават некои родители кога ќе се вратат дома? б) Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ги надминат негативните чувства?

7 Кога ќе се вратат дома, некои родители се шокирани од реакцијата на своите деца. Можеби децата се однесуваат како родителот да не е тука или сакаат да му дадат до знаење дека немаат доверба во него. За жал, некои родители велат: „Како можете да бидете толку неблагодарни за жртвите што ги направив за вас?“ Но, можеби главната причина за таквото однесување на децата е тоа што родителот ги оставил. Што може да направи еден родител за да ги поправи нарушените односи?

8 Моли го Јехова да ти помогне да покажеш поголемо разбирање за чувствата на твоето семејство. Потоа, кога ќе зборуваш со другите од семејството признај дека и ти си придонел за овој проблем. Тоа што искрено ќе се извиниш може многу да помогне. Кога твојот брачен другар и твоите деца ќе видат дека постојано се трудиш да ги исправиш работите, ќе сфатат дека навистина сакаш да се подобри ситуацијата. Ако си упорен и стрплив, со текот на времето другите  во семејството повторно ќе почнат да те сакаат и да те почитуваат.

‚ГРИЖИ СЕ ЗА СВОИТЕ‘

9. Зошто треба да бидеме задоволни со основните работи?

9 Апостол Павле кажал дека, кога постарите христијани не можат да врзат крај со крај, децата и внуците треба да им помагаат. Меѓутоа, Павле ги советувал христијаните да бидат задоволни кога ги имаат основните работи, како што се храна, облека и покрив над глава. Не треба по секоја цена да се трудиме да си го подобриме животниот стандард или да си ја обезбедиме иднината. (Прочитај 1. Тимотеј 5:4, 8; 6:6-10.) За еден христијанин да се ‚грижи за своите‘ не е потребно да стекне богатство во овој свет кој наскоро ќе помине (1. Јов. 2:15-17). Не смееме да дозволиме „примамливото богатство“ или „животните грижи“ да го доведат во опасност „вистинскиот живот“ на нашето семејство во Божјиот нов свет (Мар. 4:19; Лука 21:34-36; 1. Тим. 6:19).

10. Зошто е мудро воопшто да не влегуваме во долгови?

10 Јехова знае дека парите ни се потребни за живот. Но, парите не можат да нѐ заштитат и да ни помогнат како што може мудроста од Бог (Проп. 7:12; Лука 12:15). Честопати, луѓето што сакаат да работат во странство не можат да проценат колку висока цена ќе треба да платат. Освен тоа, немаат никаква гаранција дека ќе заработат нешто. Всушност, така можат да западнат во посериозни проблеми. Многу од оние што се преселиле се враќаат со уште поголеми долгови. Наместо полесно да му служат на Бог, тие мора да им служат на оние на кои им должат пари. (Прочитај Изреки 22:7.) Затоа, најмудро е воопшто да не влегуваме во долгови.

11. Како може да им помогне на семејствата тоа што ќе си направат план за трошење на парите?

11 Едуардо бил свесен дека за да остане со семејството, мора да внимава како се трошат парите. Тој и жена му пресметале колку пари ќе им требаат за неопходните работи. Се разбира, не можеле да трошат толку многу како претходно. Но, сите се држеле за планот и го купувале само она што им било потребно. * Едуардо вели: „Ги отпишав децата од приватните училишта и ги запишав во државни училишта кои беа на добар глас“. Сите во семејството се молеле тој да најде работа која нема да ги попречува во заедничките духовни активности. Како Јехова одговорил на нивните молитви?

12, 13. а) Што направил Едуардо за да може да го издржува своето семејство? б) Како Јехова ја благословил неговата одлука да води едноставен живот?

12 „Првите две години, едвај преживувавме“, вели Едуардо. „Парите што ги имав заштедено брзо се трошеа, а платата што ја добивав не ги покриваше секогаш трошоците. Освен тоа, работата многу ме исцрпуваше. Но, можевме да присуствуваме на сите состаноци и заедно да одиме во служба.“ Едуардо не сакал ни да помисли повторно да прифати работа што би го одвоила од неговите со месеци, па дури и со години. Тој се потрудил да стекне различни вештини за секогаш да може да наоѓа работа во своето место.

Би можел ли да стекнеш различни вештини за да го издржуваш своето семејство? (Види во пасус 12)

13 Бидејќи Едуардо не можел да ги враќа долговите навреме, морал да плаќа поголема камата. Но, тој бил спремен на ова за да може да му служи на Јехова заедно со своето семејство. Едуардо вели: „Сега не заработувам ни десет отсто од платата што ја имав во странство. Но, не сме останале без леб. Се уверивме дека ‚раката на Јехова не е прекратка‘. Дури одлучивме да станеме пионери. Во меѓувреме, економската ситуација во нашата земја се подобри, и сега можам полесно да се грижам за материјалните потреби на моето семејство“ (Иса. 59:1).

 ПРИТИСОК ОД РОДНИНИТЕ

14, 15. а) Како можат семејствата да се справат со притисокот да ги стават материјалните работи пред духовните? б) Кој може да биде резултатот од нивниот добар пример?

14 Во многу земји, луѓето сметаат дека се должни да им даваат пари и подароци на своите роднини и пријатели. Едуардо вели: „Тоа е дел од нашата култура и уживаме кога им даваме на другите. Но, мора да си поставиш граници. Љубезно им објаснив на моите роднини дека ќе им давам толку колку што ќе можам, без да ги запоставам духовните потреби на моето семејство“.

15 Некои од роднините на оној што се враќа дома за да биде со семејството или на оној што не сака да оди во странство, може да бидат лути и разочарани. Можеби ќе му велат дека е себичен или дека не ги сака. Зошто? Затоа што очекуваат да добиваат пари од него (Изр. 19:6, 7). Ана, ќерката на Едуардо, вели: „Ако не ги жртвуваме духовните работи за да добиеме повеќе пари, некои од нашите роднини можеби на крај ќе сфатат дека многу ни е важно да му служиме на Јехова. А како ќе разберат колку се важни духовните работи ако секогаш го правиме тоа што го бараат од нас?“ (Спореди со 1. Петрово 3:1, 2.)

ПОКАЖИ ВЕРА ВО БОГ

16. а) Како би можеле да се ‚залажуваме самите себе‘? (Јак. 1:22) б) Какви одлуки благословува Јехова?

16 Една сестра, која се преселила во побогата земја без мажот и децата, им рекла на старешините: „Направивме големи жртви за да дојдам тука. Маж ми дури мораше да престане да служи како старешина. Затоа, се надевам дека Јехова ќе ја благослови оваа одлука“. Јехова секогаш ги благословува одлуките со кои покажуваме дека имаме вера во него. Но, зар ќе благослови одлука која не е во склад со неговата волја и поради која некој непотребно се откажува од задачите во собранието? (Прочитај Евреите 11:6; 1. Јованово 5:13-15.)

17. Зошто треба да бараме водство од Јехова пред да донесеме одлуки, и како можеме да го правиме тоа?

17 Барај водство од Јехова пред да донесеш некоја одлука, а не откако ќе ја донесеш. Моли го Јехова да ти дава свет дух, мудрост и водство (2. Тим. 1:7). Прашај се: ‚Дали сум спремен да му бидам послушен на Јехова во секакви околности, дури и под прогонство?‘ Ако да, тогаш зошто не би бил спремен да му бидеш послушен на Јехова и да останеш со своето семејство  и кога тоа би значело да живееш поскромно? (Лука 14:33). Побарај совет од старешините и примени го. Со тоа ќе покажеш доверба во Јеховиното ветување дека ќе се грижи за тебе. Старешините не можат да ти кажат што да направиш, но со помош на Библијата можат да ти помогнат да донесеш мудри одлуки поради кои ќе бидеш вистински среќен (2. Кор. 1:24).

18. Кој има одговорност да се грижи за семејството, и како можат другите од собранието да помогнат?

18 На поглаварите Јехова им дал одговорност да се грижат за секојдневните потреби на своите семејства. Треба да ги пофалиме и да се молиме за оние што, и покрај силниот притисок, ја исполнуваат својата одговорност без да ги остават сопругата и децата. Кога неочекувано ќе се случи некоја катастрофа или на некој од нашите браќа и сестри ќе им се појави здравствен проблем, можеме да покажеме дека ги сакаме и дека сочувствуваме со нив (Гал. 6:2, 5; 1. Пет. 3:8). Би можел ли да му помогнеш на некој сохристијанин да најде работа во местото каде што живее или да му дадеш нешто што итно му треба, на пример пари или храна? Така, ќе му ја олесниш ситуацијата и можеби нема да мора да си го остави семејството за да работи на друго место (Изр. 3:27, 28; 1. Јов. 3:17).

НЕ ЗАБОРАВАЈ ДЕКА ЈЕХОВА Е ТВОЈОТ ПОМОШНИК!

19, 20. Зошто христијаните можат да бидат уверени дека Јехова ќе се грижи за нивните потреби?

19 Во Библијата пишува: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате. Зашто, [Бог] рекол: ‚Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам‘. Затоа, исполнети со храброст, можеме да речеме: ‚Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?‘“ (Евр. 13:5, 6). Како се исполнуваат овие зборови?

20 Еден старешина кој живее во една сиромашна земја кажува дека луѓето честопати велат дека Јеховините сведоци се многу среќни. Освен тоа, тие забележуваат дека и Сведоците што се сиромашни секогаш се убаво облечени и имаат сѐ што им е потребно. Токму ова им го ветил Исус на оние што го ставаат Царството на прво место во својот живот (Мат. 6:28-30, 33). Навистина, нашиот небесен Татко, Јехова, нѐ сака и ни го посакува најдоброто нам и на нашите деца. „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Лет. 16:9). Заповедите што ни ги дал — вклучувајќи ги заповедите поврзани со семејниот живот и материјалните потреби — се за наше добро. Кога живееме според нив, покажуваме дека го сакаме Јехова и дека имаме доверба во него. „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јов. 5:3).

21, 22. Зошто си решен да покажеш доверба во Јехова?

21 Едуардо вели: „Знам дека годините што ги поминав далеку од моето семејство никогаш нема да се вратат. Иако ми е жал, се трудам да гледам напред. Многу мои поранешни колеги се богати, но не се среќни. Нивните семејства имаат сериозни проблеми, а моето семејство е вистински среќно. Многу ме радува кога гледам како некои браќа во нашата земја, иако се сиромашни, ги ставаат духовните работи на прво место во својот живот. Сите ние можеме да почувствуваме колку се вистинити зборовите што ги кажал Исус“. (Прочитај Матеј 6:33.)

22 Биди храбар! Слушај го Јехова и имај доверба во него. Љубовта кон Бог, кон твојот брачен другар и кон твоите деца нека те поттикне да ја исполниш својата библиска одговорност како поглавар на семејството. Така ќе се увериш дека ‚Јехова е твојот помошник‘.

^ пас. 1 Имињата се сменети.

^ пас. 11 Види ги уводните статии од Разбудете се! од септември 2011, кое носи наслов „Како да управуваш со парите“.