Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ОД НАШАТА АРХИВА

„Има уште многу работа на жетвата“

„Има уште многу работа на жетвата“

Џорџ Јанг пристигнал во Рио де Жанеиро во март 1923

ЗАМИСЛИ СИ дека сега е 1923 год., и дека се наоѓаш во преполната концертна сала на Драмскиот и музички конзерваториум во Сао Паоло. Можеш ли да го слушнеш смирувачкиот глас на Џорџ Јанг? Неговиот говор се преведува на португалски јазик. Сите 585 присутни го слушаат со големо внимание. Библиските стихови се прикажуваат на екран на португалски. По завршувањето на програмата, поделени се околу сто примероци од брошурата Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат на португалски, англиски, германски и италијански јазик. Говорот ја постигнал својата цел! Добрата вест им била пренесена на многу лица. Два дена подоцна, голем број луѓе повторно дошле во салата за да слушнат уште еден говор. Но, кои настани воделе до тоа?

Во 1867 год., Сара Белона Фергусон, заедно со своето семејство, ги напуштила Соединетите Држави и се преселила во Бразил. Во 1899 год., Сара прочитала некои библиски публикации кои нејзиниот брат ги донел од САД, и веднаш сфатила дека ја пронашла вистината. Таа многу сакала да ја чита нашата литература, и затоа се претплатила на Стражарска кула на англиски јазик. Бидејќи библиската порака ја допрела до срце, му напишала писмо на брат Ч. Т. Расел во кое се опишала себеси како „жив доказ дека никој на светов не е предалеку за да ја дознае вистината“.

Можат ли живите да зборуваат со мртвите? (на португалски)

Сара Фергусон правела сѐ што можела за да им ја пренесе библиската вистина на другите. Но, честопати се прашувала кој ќе продолжи да ѝ помага нејзе и на нејзиното семејство, како и на искрените луѓе во Бразил. Во 1912 год., добила известување од Бетелот во Бруклин дека некој ќе дојде во Сао Паоло и ќе донесе илјадници примероци од трактатот со наслов Каде се мртвите? на португалски јазик. Во 1915 год., таа рекла дека ѝ било чудно тоа што многу Истражувачи на Библијата очекувале наскоро да отидат на небото. За да ги  изрази своите мисли и чувства, напишала: „А што ќе се случи со луѓето во Бразил и во цела Јужна Америка?.. Кога ќе размислиме за тоа колку големо подрачје е Јужна Америка, ќе ни стане јасно дека има уште многу работа на жетвата“. И навистина било така, полињата биле зрели за жетва!

Околу 1920 год., осум млади морнари од Бразил отишле на неколку собраниски состаноци во градот Њујорк, додека нивниот воен брод бил на поправка. Кога се вратиле во Рио де Жанеиро, им го кажувале на други луѓе она што го дознале од Библијата. Кратко потоа, во март 1923 год., Џорџ Јанг, кој служел како пилгрим, односно како патувачки надгледник, пристигнал во Рио де Жанеиро. Таму нашол некои заинтересирани лица. Тој се погрижил неколку публикации да бидат преведени на португалски јазик. Потоа, брат Јанг отишол во Сао Паоло, град во кој тогаш имало околу 600.000 жители. Таму одржал говор и делел примероци од брошурата Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат, како што беше спомнато во почетокот. Тој известил: „Бидејќи бев сам, единствен начин на кој можев да ги најавам говорите беше преку весници. Ова беа првите јавни говори од Меѓународното здружение на Истражувачите на Библијата најавени на ваков начин во Бразил“.

Додека брат Јанг ги одржувал своите говори, библиските стихови се прикажувале на екран

Во еден извештај за Бразил, во Стражарска кула од 15 декември 1923 год. стоело: „Со оглед на тоа што делото таму започна од 1 јуни и тогаш немаше литература на португалски јазик, можеме да кажеме дека е неверојатно како Господарот го благослови делото“. Во извештајот пишувало дека од 1 јуни до 30 септември брат Јанг одржал вкупно 21 говор. На неговите говори присуствувале сѐ на сѐ 3.600 лица. Пораката почнала постепено да се шири и во Рио де Жанеиро. За само неколку месеци, биле поделени повеќе од 7.000 публикации на португалски јазик! Освен тоа, во 1923 год., излегло првото издание на Стражарска кула на португалски за месеците ноември/декември.

Сара Белона Фергусон била прва во Бразил што се претплатила на Стражарска кула на англиски јазик

Џорџ Јанг се сретнал со Сара Фергусон. Во Стражарска кула пишувало: „Сестрата отиде кај брат Јанг и некое време не можеше да изусти ни збор. Го фати за рака и се загледа во него. Потоа го праша: ‚Дали навистина си пилгрим?‘“ Наскоро, таа и неколку од нејзините деца се крстиле. Всушност, таа чекала цели 25 години за да се крсти! Во Стражарска кула од 1 август 1924 год., пишувало дека во Бразил се крстиле 50 лица, од кои повеќето биле од Рио де Жанеиро.

Денес, 90 години подоцна, не треба да прашуваме „Што ќе се случи со луѓето во Бразил и во цела Јужна Америка?“ Повеќе од 760.000 Јеховини сведоци ја проповедаат добрата вест во Бразил. А во цела Јужна Америка пораката се објавува на португалски, шпански и на многу домородечки јазици. Во 1915 год., Сара Фергусон била во право — ‚навистина имало уште многу работа на жетвата‘. (Од нашата архива во Бразил.)