Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Служи му верно на Бог и покрај ,многуте неволји‘

Служи му верно на Бог и покрај ,многуте неволји‘

„Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји“ (ДЕЛА 14:22)

1. Зошто Божјите слуги не се изненадени што доживуваат неволји?

ДАЛИ сме изненадени што мора да се соочиме со „многу неволји“ пред да ја добиеме наградата — вечен живот? Веројатно не. Сеедно дали сме понови во вистината или долги години му служиме на Јехова, свесни сме дека сите ќе доживуваме неволји затоа што живееме во светот на Сатана (Отк. 12:12).

2. а) Освен проблемите со кои се соочуваат сите несовршени луѓе, на каква друга неволја наидуваат христијаните? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Кој е изворот на противењето, и од каде го знаеме тоа?

2 Сите несовршени луѓе се соочуваат со проблеми. Но, како христијани, ние имаме и додатни неволји (1. Кор. 10:13). На пример, понекогаш наидуваме на жестоко противење затоа што сме решени да останеме послушни на Божјите заповеди. Исус им рекол на своите ученици: „,Робот не е поголем од својот господар‘. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Кој е изворот на ова противење? Се разбира, тоа е Сатана, кого Библијата го опишува како „разрикан лав“ кој ,оди наоколу за да ги проголта‘ Божјите слуги (1. Пет. 5:8). Тој ќе се обидува на секој можен начин да ја скрши беспрекорноста на Христовите ученици. Да видиме што му се случило на апостол Павле.

 НЕВОЛЈИТЕ ВО ЛИСТРА

3-5. а) Каква неволја претрпел Павле во Листра? б) Во која смисла било охрабрувачко она што Павле го кажал за неволјите кои претстоеле?

3 Павле честопати бил прогонуван поради својата вера (2. Кор. 11:23-27). Еднаш, кога бил во градот Листра, тој излекувал човек кој бил сакат од раѓање. Поради ова чудо, луѓето помислиле дека тој и Варнава се богови. Тие двајца морале да го молат восхитениот народ да не им оддава чест како на богови. Но, за кратко време пристигнале еврејските верски водачи, и со злобни клевети успеале да го затрујат умот на жителите на Листра. Мноштвото луѓе за миг се свртело против Павле и Варнава! Тие го каменувале Павле и го оставиле да лежи мислејќи дека е мртов (Дела 14:8-19).

4 Откако биле во Дерва, Павле и Варнава ,се вратиле во Листра, во Иконија и во Антиохија, јакнејќи ги учениците, храбрејќи ги да останат во верата и велејќи: „Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји“‘ (Дела 14:21, 22). На прв поглед, ова можеби звучи чудно. Впрочем, помислата дека ќе се соочат со „многу неволји“ и не е баш охрабрувачка. Тогаш, зошто Библијата вели дека Павле и Варнава ,ги зајакнале учениците‘ со тоа што им рекле дека ќе мора да претрпат многу неволји?

5 Одговорот на ова прашање ќе го најдеме ако повнимателно ги разгледаме зборовите на Павле. Тој не рекол: „Ќе претрпиме многу неволји“, туку „во Божјето Царство ќе влеземе преку многу неволји“. Според тоа, Павле ги охрабрил своите браќа така што ја нагласил прекрасната награда која ќе ја добијат ако му останат верни на Бог. Таа награда не е само сон. Исус рекол: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Мат. 10:22).

6. Каква награда ги чека оние што ќе истраат?

6 Ако истраеме, ќе ја добиеме наградата. Помазаните христијани ќе бидат наградени со тоа што ќе добијат бесмртен живот на небото како совладетели на Исус. А ,другите овци‘ ќе добијат вечен живот на Земјата во која „ќе живее праведноста“ (Јован 10:16; 2. Пет. 3:13). Но, како што спомнал Павле, дотогаш ќе мора да претрпиме многу неволји. Да разгледаме два вида неволји со кои можеби ќе се се соочиме.

ДИРЕКТНИ НАПАДИ

7. Што спаѓа во директните напади?

7 Исус прорекол: „Ќе ве предаваат на судови, и ќе ве тепаат во синагогите, и ќе ве водат пред управители и цареви“ (Мар. 13:9). Од овие зборови јасно се гледа дека некои христијани ќе се соочат со директни напади, како што е прогонството. Понекогаш тоа може да биде подбуцнато од верските и политичките водачи (Дела 5:27, 28). Да размислиме уште еднаш за Павле. Дали тој се исплашил од помислата дека ќе биде изложен на прогонство? Во никој случај! (Прочитај Дела 20:22, 23.)

8, 9. Како Павле покажал дека е решен да истрае, и како некои покажуваат слична решеност во нашево време?

8 Павле храбро се спротивставил на директните напади на Сатана, и рекол: „Ни најмалку не се грижам за својот живот, само сакам да ја довршам својата трка и службата што ја примив од Господарот Исус: темелно да сведочам за добрата вест за Божјата незаслужена доброта“ (Дела 20:24). Јасно е дека Павле воопшто не се исплашил од прогонството. Напротив, тој бил решен да истрае по секоја цена. Најважно од сѐ му било ,темелно да сведочи‘ и покрај сите неволји.

 9 Денес многу наши браќа и сестри покажуваат слична решеност. На пример, во една земја некои Сведоци се в затвор речиси 20 години поради својата неутралност. Нивниот случај никогаш не бил разгледан на суд бидејќи во таа земја нема закон за оние кои одбиваат воена служба поради приговор на совеста. Во затворот не им е дозволена посета на членови на семејството, а некои од затворениците се тепани и измачувани на разни начини.

10. Зошто не треба да се плашиме од ненадејни неволји?

10 Други браќа и сестри се соочуваат со неволји кои се појавуваат ненадејно. Ако ова ти се случи и тебе, немој да се плашиш. Сети се на Јосиф. Тој бил продаден во ропство, но Јехова ,го избавил од сите негови неволји‘ (Дела 7:9, 10). Јехова може да го стори истото и за тебе. Никогаш не заборавај дека тој „знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени“ (2. Пет. 2:9). Дали и понатаму ќе ја полагаш својата доверба во Бог, знаејќи дека тој може да те избави од овој злобен свет и да те награди со вечен живот под власта на Царството? Имаш многу причини да веруваш во ова и храбро да се соочиш со секакво прогонство (1. Пет. 5:8, 9).

ПОДМОЛНИ НАПАДИ

11. Како подмолните напади на Сатана се разликуваат од неговите директни напади?

11 Сатана понекогаш користи и подмолни напади. Која е разликата помеѓу ваквите и директните напади, како што е прогонството? Директните напади се како ураган кој може да го зафати твојот град и да ти ја уништи куќата за неколку секунди. Но, подмолните напади се како термити кои можат полека да навлезат во твојот дом и малку по малку да ја гризат дрвената конструкција додека на крајот целата куќа не се сруши. Во вториот случај, можеби нема ни да бидеш свесен за опасноста сѐ додека не е предоцна.

12. а) Која подмолна тактика ја користи Сатана, и зошто е толку успешна? б) Како влијаело обесхрабрувањето врз Павле?

12 Сатана сака да го уништи твоето пријателство со Јехова. Тој може да користи директно прогонство или, пак, може да се послужи со индиректни напади со кои постепено ќе ја нагризе твојата вера. Еден од неговите најуспешни индиректни напади е обесхрабрувањето. И апостол Павле признал дека понекогаш се чувствувал обесхрабрено. (Прочитај Римјаните 7:21-24.) Зошто овој Божји слуга, кој имал многу близок однос со Јехова и веројатно бил член на водечкото тело во првиот век, се нарекол себеси „беден човек“? Павле рекол дека се чувствува така поради своите слабости. Тој навистина сакал да го прави она што е исправно, но тоа не му било секогаш лесно. Ако и ти понекогаш се бориш со такви чувства, утешно е да знаеш дека и апостол Павле морал да води слична борба.

13, 14. а) Зошто некои Божји слуги се обесхрабрени? б) Кој сака да ни ја уништи верата, и зошто?

13 Понекогаш многу браќа и сестри се чувствуваат обесхрабрено, загрижено па дури и безвредно. На пример, една ревносна пионерка која ќе ја наречеме Дебора, вели: „Кога ќе направам некоја грешка, постојано размислувам за тоа и се чувствувам сѐ полошо. А кога ќе помислам на сите мои пропусти и слабости, имам чувство дека нема шанси никој да ме сака, дури ни Јехова“.

14 Зошто некои ревносни Јеховини слуги одвреме-навреме се толку обесхрабрени? Причините можат да бидат различни. Некои едноставно се склони да се гледаат себеси  во лошо светло и да размислуваат негативно за своите околности (Изр. 15:15). Други имаат негативни чувства поради некој здравствен проблем кој влијае врз нивната емоционална состојба. Без оглед на причината, мора да бидеме свесни дека Сатана сака да ги злоупотреби таквите чувства и да нѐ обесхрабри до тој степен што ќе се откажеме. Бидејќи тој е оној што е осуден на смрт, сака да мислиме дека и за нас нема никаква надеж! (Отк. 20:10). Сеедно дали се служи со директни или подмолни напади, неговата цел е иста — да нѐ измачува со грижи, да ја згасне нашата ревност и да нѐ натера да кренеме раце од сѐ. Нема никакво сомнение дека ние учествуваме во духовна војна и мора со сите сили да се бориме за да му останеме верни на Јехова!

15. Што сме решени да правиме во склад со 2. Коринќаните 4:16, 17?

15 Биди решен да не се предадеш. Постојано мисли на наградата. Павле им го напишал следново на христијаните во Коринт: „[Ние] не се откажуваме. Напротив, дури и ако нашиот надворешен човек се распаѓа, оној внатрешниот се обновува од ден на ден. Зашто, нашата моментална и лесна неволја ни донесува сѐ поголема, вечна слава“ (2. Кор. 4:16, 17).

ПОДГОТВИ СЕ УШТЕ СЕГА ЗА ИДНИТЕ НЕВОЛЈИ

И младите и постарите христијани вежбаат да ја бранат својата вера (Види во пасус 16)

16. Зошто е важно уште сега да се подготвиме за идните неволји?

16 Како што видовме, Сатана користи многу „сплетки“ против нас (Еф. 6:11). Затоа, сите треба да го послушаме советот од 1. Петрово 5:9: „Спротивставете му се цврсти во верата“. За да бидеме цврсти, треба да го подготвиме својот ум и срце, и уште сега да вежбаме да го правиме она што е исправно. Да наведеме  еден пример: Обично војниците минуваат низ посебна и исцрпувачка обука долго пред да се појави закана од војна. Истото важи и за нас. Не знаеме на кој начин ќе треба да „војуваме“ во иднина. Затоа е мудро добро да се подготвиме уште денес, кога е релативно мирно. Павле им напишал на Коринќаните: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Кор. 13:5).

17-19. а) На кои начини може да се преиспитаме? б) Како можат младите да се подготват да ја бранат својата вера на училиште?

17 Еден начин на кој би можеле да го послушаме овој совет е искрено да се прашаме: ,Дали се молам постојано? Дали сум му послушен на Бог кога другите ме ставаат под притисок да постапам погрешно? Дали сум редовен на христијанските состаноци? Дали смело ги бранам моите верувања? Дали навистина се трудам да преминувам преку грешките на соверниците, исто како што и тие преминуваат преку моите? Дали сум им подложен на оние што предводат во собранието и во нашата меѓународна организација?‘

18 Опкружени сме со луѓе кои се обидуваат да влијаат врз нашето размислување. Многу млади браќа и сестри мораат смело да ги бранат своите верувања на училиште. Тие не се срамат и не се плашат да го прават тоа. Од голема помош им се и предлозите во нашите списанија. На пример, во Разбудете се! од јули 2009 год. беше кажано дека, ако некој соученик те праша: „Зошто не веруваш во еволуција?“, едноставно би можел да одговориш: „Зошто да верувам кога не веруваат ни сите научници? И тие имаат различни гледишта за таа работа!“ Родители, редовно вежбајте со вашите деца за да можат успешно да се справат со ваквите притисоци на училиште.

19 Точно, не е секогаш лесно смело да зборуваме или да правиме други работи што Јехова ги очекува од нас. На пример, по еден долг и напорен ден на работа, можеби треба да се присилиме да одиме на состанок. Можеби не ни е лесно да станеме рано за да одиме во служба на проповедање. Сепак, имај на ум дека, ако уште сега имаш навика да ги правиш овие работи, ќе можеш многу подобро да се соочиш со неволјите во иднина.

20, 21. а) Како тоа што ќе размислуваме за откупнината ќе ни помогне да се бориме со негативните чувства? б) На што треба да бидеме решени?

20 А како да се справиме со подмолните напади? На пример, како да се бориме со обесхрабрувањето? Еден од најдобрите начини е длабоко да размислуваме за откупнината. Тоа го направил и апостол Павле. Иако понекогаш се чувствувал бедно, тој добро знаел дека Христос не умрел за совршени луѓе туку за грешници каков што бил и самиот. Всушност, Павле напишал: „Живеам поради верата во Синот Божји, кој ме сакаше и се предаде себеси за мене“ (Гал. 2:20). Тој ја прифатил откупнината и верувал дека Христос умрел и за него лично.

21 Ако и ние гледаме на откупнината како на дар што Јехова ни го дал нам лично, тоа може многу да ни помогне. Ова не значи дека обесхрабрувањето веднаш ќе исчезне. Некои ќе мораат повремено да се борат со вакви чувства сѐ додека не дојде новиот свет. Сепак, не заборавај: Наградата ќе ја добијат оние што нема да се предадат. Сѐ поблизу е величествениот ден кога Божјето Царство ќе воспостави мир и ќе им помогне на сите верни луѓе да станат совршени. Биди решен да влезеш во тоа Царство — дури и ако треба да претрпиш многу неволји.