Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сакаш да вршиш служба вредна за пофалба?

Дали сакаш да вршиш служба вредна за пофалба?

ФЕРНАНДО * имал голема трема кога двајца старешини го викнале на разговор. Веќе некое време, по секоја посета на покраинскиот надгледник, тие му објаснувале уште што треба да направи за да ги исполни условите за поголеми одговорности во собранието. Но, со текот на времето, Фернандо почнал да размислува дали воопшто некогаш ќе биде именуван за старешина. Бидејќи неодамна покраинскиот надгледник повторно го посетил нивното собрание, тој се прашувал што ќе му кажат браќата овој пат.

За време на разговорот, едниот од старешините се осврнал на 1. Тимотеј 3:1, а потоа му рекол дека добиле писмо во кое биле известени дека е именуван за старешина. Тој не можел да си верува на ушите. „Што? Навистина?“, ги прашал зачудено. Кога братот го повторил она што му го кажал, на лицето на Фернандо се разлеала широка насмевка. Подоцна, кога пред собранието било прочитано дека е именуван за старешина, сите многу се израдувале.

Дали е погрешно некој брат да сака да има поголеми одговорности во собранието? Воопшто не. Според 1. Тимотеј 3:1, „ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба“. Благодарение на охрабрувањето од овој стих, многу браќа биле поттикнати духовно да напредуваат и да ги исполнат условите за некои додатни собраниски одговорности. Како резултат на тоа, во Божјиот народ има десетици илјади способни старешини и слуга-помошници. Но, бидејќи собранијата постојано растат, потребни се уште именувани браќа. Како би можел некој брат да покаже дека сака да врши додатни одговорности? И дали, слично на Фернандо, треба да биде претерано загрижен ако не биде именуван за пократко време?

КАКО ДА ПОКАЖЕШ ДЕКА САКАШ ДА ИМ СЛУЖИШ НА БРАЌАТА

Грчкиот глагол кој во 1. Тимотеј 3:1 е преведен со „сака да служи“ укажува на искрена желба, и дословно може да се преведе со „посегнува“, слично како што некој посегнува со раката за да  дофати сочен плод кој виси на гранка. Но, ова во никој случај не значи дека некој треба да копнее по службата на надгледник од себични причини. Зошто? Затоа што целта на оние кои искрено сакаат да служат како старешини е да вршат „служба вредна за пофалба“, а не да се здобијат со повисока положба.

Во 1. Тимотеј 3:2-7 и Тит 1:5-9 се наведени условите што некој треба да ги исполни за да ја врши оваа скапоцена служба. Во врска со овие високи мерила, еден долгогодишен старешина по име Рејмонд објаснува: „Според мене, најважно е какви сме како личности. Иако е пожелно некој да биде добар говорник и да знае вешто да поучува, многу поважно е да биде беспрекорен, умерен, разборит, уреден, гостољубив и разумен“.

Покажи дека сакаш да им служиш на браќата со тоа што ќе учествуваш во разни собраниски активности

Браќата кои имаат искрена желба да служат како надгледници покажуваат дека се беспрекорни со тоа што не прават ништо нечисто или нечесно. Тие се умерени, разборити, уредни и разумни. Затоа, соверниците можат со доверба да го следат нивното водство и да бараат помош од нив кога ќе наидат на проблеми. Со својата гостољубивост, тие се извор на охрабрување и за младите и за новите во вистината. Бидејќи ја сакаат добротата, овие браќа им пружаат утеха и помош на болните и на постарите. Тие ги развиваат овие особини за да им бидат од корист на другите, а не за да докажат дека заслужуваат да бидат именувани. *

Иако старешините со задоволство ги даваат потребните совети и охрабрување, оној што сака да служи мора самиот да ги исполни библиските барања за надгледник. Хенри, еден искусен старешина, вели: „Ако сакаш да служиш како именуван брат, дај сѐ од себе за да покажеш дека ги исполнуваш условите за тоа“. Осврнувајќи се на Проповедник 9:10, тој вели: „,Сѐ што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го со сета своја сила‘. Кога старешините ќе ти дадат некоја задача, труди се да ја извршиш најдобро што можеш. Врши го со радост секое задолжение што ти се дава во собранието, макар тоа да е и метење на подот. Со текот на времето, другите сигурно ќе го забележат и она што го правиш и трудот што го вложуваш“. Доколку сакаш еден ден да служиш како старешина, биди трудољубив и достоен за доверба во секој аспект од светата служба.  Најважно од сѐ е да бидеш понизен, а не горделив и амбициозен (Мат. 23:8-12).

ЧУВАЈ СЕ ОД НЕИСПРАВНИ СТАВОВИ И ПОСТАПКИ

Некои што сакаат повеќе одговорности во собранието можеби се на искушение да им ласкаат на старешините или, пак, индиректно да посочуваат дека веќе треба да бидат именувани затоа што долги години се во вистината. Други се лутат кога некој старешина ќе им даде совет. Тие браќа би требало да се прашаат: ‚Дали сакам да бидам именуван од себични причини или, пак, сакам понизно да се грижам за Јеховините овци?‘

Браќата што сакаат да вршат служба на надгледник мора да имаат на ум дека од старешините се бара ‚да му бидат пример на стадото‘ (1. Пет. 5:1-3). А за некој да е пример во собранието, не смее да биде лукав и да постапува на подмолен начин. Напротив, треба да се труди да биде стрплив и истраен сеедно дали е именуван или не. Кога некој брат ќе стане старешина, тоа не значи дека со чудо ќе стане совршен (4. Мој. 12:3; Пс. 106:32, 33). Освен тоа, дури и ако некој ‚не чувствува грижа на совеста за ништо‘, другите можеби немаат толку убаво мислење за него (1. Кор. 4:4). Затоа, ако старешините ти дадат искрен, библиски совет, труди се да ги сослушаш без да се изнервираш. А потоа дај сѐ од себе да го примениш она што ти го кажале.

ШТО АКО МОРА ДОЛГО ДА ЧЕКАШ?

На некои браќа им се чини дека мора долго да чекаат пред да бидат именувани. Доколку веќе неколку години се трудиш да ги исполниш условите за ‚да служиш како надгледник‘, дали понекогаш си загрижен? Ако да, размисли за следниве зборови од Библијата: „Од предолго исчекување се разболува срцето, а исполнетата желба е дрво на животот“ (Изр. 13:12).

Некој може да се чувствува потиштено кога му изгледа дека никако не може да оствари некоја цел што многу му значи. Авраам се чувствувал така. Иако Јехова ветил дека ќе му даде син, поминало доста долго време, а тој и Сара сѐ уште немале деца (1. Мој. 12:1-3, 7). Кога веќе навлегол во години, Авраам повикал кон Бог: „Севишен Господару Јехова, што ќе ми дадеш кога сум без деца... Ти не ми даде потомство“. Јехова го уверил дека ќе го исполни своето ветување и дека ќе му се роди син. Сепак, поминале најмалку уште 14 години пред Бог да си го одржи зборот (1. Мој. 15:2-4; 16:16; 21:5).

Бидејќи морал толку долго да чека, дали Авраам ја изгубил својата радост додека му служел на Јехова? Не. Тој никогаш не се посомневал во Божјето ветување, туку продолжил да се надева дека тоа сигурно ќе се исполни. Апостол Павле напишал: „Откако покажа стрпливост, [Авраам] го доби тоа ветување“ (Евр. 6:15). На крајот, Семоќниот Бог го благословил овој верен човек над сите негови очекувања. Што можеш да научиш од Авраам?

Ако сакаш да служиш како старешина, но веќе поминале многу години и сѐ уште не си именуван, покажувај и понатаму доверба во Јехова. Немој да ја изгубиш својата радост во службата. Ворен, кој им помогнал на многу браќа духовно да напредуваат, објаснува зошто: „Потребно е време за да се види дека некој брат ги исполнува условите да стане старешина. Низ годините, од начинот на кој се однесува и на кој ги врши  своите задачи, малку по малку се открива какви се неговите способности и ставови. Некои сметаат дека ќе бидат успешни само ако добијат одредени собраниски одговорности или задачи. Таквото размислување е погрешно и може целосно да ги преокупира мислите. Ако верно му служиш на Јехова каде и да си и што и да правиш, ти си успешен човек“.

Еден брат морал да чека повеќе од една деценија пред да биде именуван за старешина. Осврнувајќи се на познатото видение од првото поглавје на книгата Езекиел, тој кажува каква поука извлекол од тоа: „Јехова управува со својата кочија, односно со својата организација, и тој одредува со која брзина ќе се движи таа. Не е важно како ние гледаме на времето, туку како гледа Јехова. И во врска со именувањето, не е важно што сакаме ние. Можеби Јехова смета дека она што ние го сакаме во одреден момент, всушност, не ни е потребно“.

Ако имаш желба еден ден да служиш како надгледник, прави сѐ што можеш за уште денес да им помагаш на браќата во собранието да бидат среќни. Ако ти се чини дека времето бавно минува, и поради тоа стануваш загрижен и нестрплив, бори се против тие чувства. Рејмонд, кој беше спомнат погоре, вели: „Амбициозните луѓе никогаш не се задоволни. Бидејќи постојано се преокупирани со некои свои цели, тие не можат да ја почувствуваат огромната радост што ја носи службата за Јехова“. Труди се уште повеќе да ги покажуваш плодовите на духот, особено долготрпеливоста. Зајакнувај го својот однос со Јехова така што длабоко ќе ја проучуваш Библијата. Освен тоа, вложувај напори во уште поголема мера да проповедаш и да ги поучуваш заинтересираните лица за вистината. Давај му го потребното водство на семејството во поглед на духовните активности и семејното проучување. Радувај се на секоја прилика кога си заедно со своите браќа и сестри. Додека полека се движиш кон својата цел, уживај во патувањето!

Јехова им дава прекрасна можност на браќата да развијат христијански особини за уште повеќе да им помагаат на другите во собранието. Ниту тој ниту неговата организација не сакаат тие да се обесхрабрат или да ја изгубат радоста додека се трудат да ја остварат таа цел. Бог ги поддржува и ги благословува сите што му служат со чисти мотиви, и не им „задава никаква болка притоа“ (Изр. 10:22).

Ако веќе подолго време се трудиш да ги исполниш условите за да добиеш повеќе одговорности во собранието, а сѐ уште не си именуван, продолжи и понатаму духовно да напредуваш. Труди се да ги развиваш потребните особини и давај сѐ од себе да им помагаш на браќата во собранието, додека истовремено се грижиш и за своето семејство. Јехова нема никогаш да го заборави сето она што го правиш за да му служиш. Сеедно какви одговорности ќе ти бидат доверени, службата за Бог секогаш нека ти причинува радост.

^ пас. 2 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 8 Начелата изнесени во оваа статија важат и за тие што сакаат да бидат слуга-помошници. Условите што овие браќа мора да ги исполнат се наведени во 1. Тимотеј 3:8-10, 12, 13.