Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Мислете на она што е на небото“

„Мислете на она што е на небото“

„Мислете на она што е на небото, а не на она што е на земјата“ (КОЛ. 3:2)

1, 2. а) Што покажува дека собранието во Колоси во првиот век било во опасност? б) Кој совет им го дал Павле на браќата во Колоси за да останат цврсти во верата?

ВО ПРВИОТ ВЕК, христијанското собрание во Колоси се нашло во опасност. Некои во собранието предизвикувале поделби со тоа што тврделе дека сите треба да го држат Мојсеевиот закон. Други ја ширеле паганската идеја дека е погрешно да се ужива во какво и да било задоволство. За да ги побие овие лажни учења, апостол Павле им напишал охрабрувачко писмо на Колошаните, во кое им го дал следново предупредување: „Пазете се некој да не ве заведе со мудрување и со празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења“ (Кол. 2:8).

2 Ако дозволеле да се поведат по човечки размислувања, тие помазани христијани ќе ја отфрлеле честа да бидат Божји синови (Кол. 2:20-23). За да им помогне да си го зачуваат скапоцениот однос со Бог, Павле ги поттикнал: „Мислете на она што е на небото, а не на она што е на земјата“ (Кол. 3:2). Овие Христови браќа требало да ја зачуваат во мислите скапоцената надеж дека ќе го добијат нераспадливото наследство кое ‚се чувало за нив на небесата‘ (Кол. 1:4, 5).

3. а) Каква надеж имаат помазаните христијани? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

 3 И денес помазаните христијани постојано мислат на Божјето небесно Царство и на својата надеж да бидат ‚Христови сонаследници‘ (Рим. 8:14-17). Но, што е со оние кои се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата? Како зборовите на Павле можат да се применат на нив? На кој начин можат ‚другите овци‘ да мислат на „она што е на небото“? (Јован 10:16). И како може сите ние да извлечеме поука од примерот на некои верни луѓе во минатото, како што биле Авраам и Мојсеј, кои не престанале да мислат на она што е на небото и покрај личните неволји и проблеми?

КАКО МОЖЕ ПОСТОЈАНО ДА МИСЛИМЕ НА ОНА ШТО Е НА НЕБОТО

4. Како можат другите овци постојано да мислат на она што е на небото?

4 Иако другите овци немаат небесна надеж, и тие можат го имаат на ум она што е на небото. Како? Така што ќе го стават Јехова Бог и неговото Царство на прво место во животот (Лука 10:25-27). За да успееме во тоа, треба да го следиме примерот на Христос (1. Пет. 2:21). Слично на нашите браќа во првиот век, и ние сме изложени на погрешни размислувања, материјализам и световни филозофии кои се раширени во светот на Сатана. (Прочитај 2. Коринќаните 10:5.) Мора да постапуваме како Исус и да се чуваме од сѐ што може да го наруши нашето пријателство со Јехова.

5. Како можеме да го преиспитаме својот став кон материјалните работи?

5 Дали можеби сме дозволиле световниот став кон материјалните работи да навлезе и во нашиот живот? Нашите мисли и постапки покажуваат што, всушност, ни е најважно. Исус рекол: „Каде ти е богатството, таму ќе ти биде и срцето“ (Мат. 6:21). За да утврдиме кон што нѐ влече срцето, добро е одвреме-навреме да се преиспитаме. Прашај се: ‚Дали често размислувам за пари? Дали постојано мислам како да најдам подобра работа и да живеам покомотно или, пак, се трудам да водам едноставен живот и да се посветам на духовните работи?‘ (Мат. 6:22). Исус рекол дека оние на кои им е најважно ‚да собираат богатство на земјата‘ се доведуваат во сериозна духовна опасност (Мат. 6:19, 20, 24).

6. Како може да победиме во борбата против телесните склоности?

6 Бидејќи сме несовршени, склони сме да им се препуштаме на телесните задоволства. (Прочитај Римјаните 7:21-25.) Ако не се потпираме на Божјиот свет дух, би можеле да почнеме да ги вршиме „делата на темнината“, во кои спаѓаат „разуздани гозби и пијанки... блудствување и бесрамни дела“ (Рим. 13:12, 13). Мора постојано да се бориме против склоностите на несовршеното тело. Во оваа борба може да победиме само ако постојано мислиме на она што е на небото, а за тоа треба да вложиме голем напор. Затоа апостол Павле рекол: „Го тепам своето тело и го држам во покорност како роб“ (1. Кор. 9:27). И ние треба да бидеме строги кон себеси ако сакаме да останеме во трката за живот. Да видиме што правеле двајца верни слуги од минатото ‚за да му угодат на Бог‘ (Евр. 11:6).

„АВРААМ МУ ПОВЕРУВА НА ЈЕХОВА“

7, 8. а) На какви тешкотии наишле Авраам и Сара? б) За што размислувал Авраам постојано?

7 Кога Јехова побарал од Авраам да се пресели со целото домаќинство во ханаанската земја, тој  спремно послушал. Бидејќи Авраам му поверувал и бил послушен, Јехова склучил со него сојуз, велејќи: „Од тебе ќе направам голем народ, [и] ќе те благословам“ (1. Мој. 12:2). Со години подоцна, Авраам и неговата жена, Сара, сѐ уште немале деца. Дали можеби овој верен човек си мислел дека Јехова го заборавил ветувањето што му го дал? Освен тоа, животот во Ханаан не им бил лесен. Авраам и неговото семејство го оставиле својот дом и своите роднини во Ур, богат град во Месопотамија. Тие патувале повеќе од 1.600 километри за да стигнат до Ханаан, каде што живееле во шатори, биле напаѓани од разбојници, а понекогаш трпеле и глад (1. Мој. 12:5, 10; 13:18; 14:10-16). И покрај тоа, воопшто не помислувале да се вратат на удобниот живот во Ур! (Прочитај Евреите 11:8-12, 15.)

8 Наместо да мисли на „она што е на земјата“, Авраам ‚покажал вера во Јехова‘ (1. Мој. 15:6, фус.). Тој постојано размислувал за она што му го ветил Бог. Верата на Авраам била наградена кога Севишниот Бог му се јавил во видение, и му рекол: „Те молам, погледни кон небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги изброиш“. А потоа додал: „Толкаво ќе биде твоето потомство“ (1. Мој. 15:5). Овие зборови сигурно биле многу утешни за Авраам! Секогаш кога ќе погледнел во ноќното небо начичкано со ѕвезди, тој се потсетувал на Јеховиното ветување дека неговото потомство ќе се намножи и ќе биде бројно како ѕвездите. Во време што го одредил Бог, на Авраам навистина му се родил наследник, токму како што му било ветено (1. Мој. 21:1, 2).

9. Како може да се угледаме на Авраам?

9 Исто како Авраам, и ние очекуваме да се исполнат Божјите ветувања (2. Пет. 3:13). Ако не ги насочиме мислите на она што е на небото, можеби ќе ни се чини дека Бог доцни со исполнувањето на своите ветувања, и тоа може да ни ја згасне ревноста за духовните активности. На пример, дали порано си правел жртви за да бидеш пионер или да му служиш на Јехова во поголема мера на некој друг начин? Ако да, заслужуваш пофалба. А како е сега? Не заборавај, Авраам постојано размислувал за ‚градот кој има вистински темели‘ (Евр. 11:10). Тој ‚му верувал на Јехова, а Бог го сметал за праведен поради тоа‘ (Рим. 4:3).

МОЈСЕЈ ГО ГЛЕДАЛ „НЕВИДЛИВИОТ“

10. Каков живот водел Мојсеј додека бил млад?

10 Мојсеј бил уште еден Божји слуга кој мислел на она што е на небото. Како млад, тој ‚бил поучен за сета египетска мудрост‘. Ова не било обично образование. Тој пораснал во царското семејство на фараонот кога Египет бил најголема светска сила. Ништо чудно што Библијата за Мојсеј вели дека ‚бил силен во своите зборови и дела‘ (Дела 7:22). Замисли какви можности ќе имал како важна личност во Египет! Меѓутоа, тој размислувал за многу повозвишени работи — за тоа како да ја врши Божјата волја.

11, 12. Кое спознание било скапоцено за Мојсеј, и од каде го знаеме тоа?

11 Мајка му на Мојсеј, Јохаведа, сигурно уште од мали нозе го поучувала за Богот на Евреите. Мојсеј го ценел спознанието за Бог, кое за него било многу повредно од сите богатства на светот. Затоа спремно се откажал од можноста да биде богат и моќен за да може да ја врши Божјата волја. (Прочитај Евреите 11:24-27.) Сето она што Мојсеј го знаел  за Јехова и неговата вера во Бог му помогнале да ги насочи своите мисли на она што е на небото.

12 Иако го добил најдоброто можно образование во своето време, Мојсеј не го искористил за да стекне богатство и да стане славен и моќен во Египет. Напротив, Библијата вели дека тој ‚одбил да биде наречен син на фараоновата ќерка и повеќе сакал да биде малтретиран заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите грешни задоволства‘. Со години подоцна, Мојсеј го искористил своето спознание за Бог за да го води Неговиот народ.

13, 14. а) Што требало да научи Мојсеј за да се подготви за задачата што му ја доверил Бог? б) Исто како Мојсеј, што треба да правиме ние?

13 Мојсеј многу ги сакал Јехова и Неговиот народ. Кога имал 40 години, тој мислел дека е спремен да ги ослободи Евреите од египетското ропство (Дела 7:23-25). Но, пред Јехова да му ја довери таа задача, Мојсеј требало да стекне уште некои особини, како што биле понизноста, стрпливоста, кроткоста и самосовладувањето (Изр. 15:33). Му била потребна обука што ќе го подготвела да ги издржи неволјите и тешкотиите кои му претстоеле. Во текот на 40-те години кои ги поминал како пастир, тој ги стекнал тие многу важни особини.

14 Библијата вели дека Мојсеј станал „најкроткиот од сите луѓе на земјата“ (4. Мој. 12:3). Затоа што стекнал понизност, тој можел да биде стрплив со најразлични луѓе и да им помага во тешките проблеми со кои се соочувале (2. Мој. 18:26). И ние треба да развиваме христијански особини кои ќе ни помогнат да ја преживееме „големата неволја“ и да влеземе во Божјиот праведен нов свет (Отк. 7:14). Дали добро се сложуваме со другите, па дури и со оние што ни се чини дека лесно се лутат или се навредуваат? Добро е да го послушаме апостол Петар, кој им го дал следниов совет на своите соверници: „Почитувајте го секого, сите браќа сакајте ги“ (1. Пет. 2:17).

ДА МИСЛИМЕ ПОСТОЈАНО НА ОНА ШТО Е НА НЕБОТО

15, 16. а) Зошто е многу важно постојано да мислиме на она што е на небото? б) Зошто христијаните треба секогаш да се однесуваат примерно?

15 Живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). Затоа, за да останеме духовно будни, многу е важно постојано да мислиме на она што е на небото (1. Сол. 5:6-9). Да видиме на кои три начини можеме да го правиме тоа.

16 Со нашето однесување: Петар знаел колку е важно добро да се однесуваме. Тој рекол: „Живејте примерно меѓу луѓето во светот... Кога ќе ги видат вашите добри дела, ќе го слават Бог“ (1. Пет. 2:12). Сеедно дали сме дома, на работа, на училиште, во служба или, пак, се рекреираме, ние се трудиме со нашето добро однесување да му оддадеме слава на Јехова. Се разбира, бидејќи сме несовршени, сите грешиме (Рим. 3:23). Но, ако продолжиме да ‚ја водиме добрата борба на верата‘, можеме да ги победиме склоностите на нашето несовршено тело (1. Тим. 6:12).

17. На кој начин може да покажеме дека имаме ист став како Исус Христос? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

17 Со нашиот став: За да се однесуваме примерно, мора да имаме исправен став. Апостол Павле рекол: „Размислувајте така како што размислуваше и Христос Исус“ (Фил. 2:5). Каков став имал Исус? Тој бил понизен, и затоа самопожртвувано  ја извршувал службата. За него проповедањето на добрата вест за Божјето Царство било најважно од сѐ (Мар. 1:38; 13:10). Исус ја сметал Божјата Реч за најголем авторитет (Јован 7:16; 8:28). Тој трудољубиво ги проучувал светите списи за да може да ги цитира, да ги брани и да ги објаснува. Ако сме понизни, и ако ревносно проповедаме и длабоко ја проучуваме Библијата, ќе покажеме дека навистина се трудиме да размислуваме како Исус.

За Исус, проповедањето на добрата вест за Божјето Царство било најважно од сѐ (Види во пасус 17)

18. На кои важни начини покажуваме дека му се подложуваме на Јехова?

18 Со нашата подложност: Јехова има намера сите „оние што се на небото и... на земјата“ да му се подложат на неговиот Син (Фил. 2:9-11). Но, иако Исус е на толку возвишена положба, тој понизно ќе му се подложи на својот Татко. Истото треба да го правиме и ние (1. Кор. 15:28). Како? Така што ќе се трудиме со цело срце да ја извршуваме задачата што ни е доверена — ‚да правиме ученици од луѓето од сите народи‘ (Мат. 28:19). Освен тоа, ние сакаме да „им правиме добро на сите“, а особено на нашите браќа (Гал. 6:10).

19. На што треба да бидеме решени?

19 Многу сме благодарни што Јехова нѐ потсетува постојано да мислиме на она што е на небото! За да успееме во тоа, треба „со истрајност да ја трчаме трката што е пред нас“ (Евр. 12:1). Затоа, ‚што и да работиме, да го правиме тоа со сета душа како за Јехова‘, уверени дека нашиот небесен Татко ќе го благослови нашиот труд (Кол. 3:23, 24).