Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Народот чиј Бог е Јехова“

„Народот чиј Бог е Јехова“

„Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (ПС. 144:15)

1. Зошто некои сметаат дека нема потреба Бог да има свој посебен народ на Земјата?

ДЕНЕС мнозина мислат дека поголемите религии во светот, и христијанските и нехристијанските, не им помагаат многу на луѓето. Некои се согласуваат дека верските водачи го претставуваат Бог во лошо светло бидејќи шират лажни учења за него и прават страшни работи. Сепак, тие сметаат дека во секоја религија има искрени поединци кои Бог ги прифаќа како свои слуги на Земјата, и затоа нема потреба таквите лица да се одвојат од лажните религии на кои им припаѓаат и да го обожаваат Бог како еден посебен народ. Но, дали и Бог мисли така? Одговорот ќе го добиеме ако разгледаме што пишува во Библијата за историјата на вистинските Јеховини слуги.

НАРОД КОЈ БИЛ ВО СОЈУЗ СО БОГ

2. Кој станал Јеховин посебен народ, и по што се разликувал од другите народи? (Види ја сликата погоре.)

2 Јехова имал свој посебен народ на Земјата уште пред околу 4.000 години. Авраам, кој е наречен „татко на сите што веруваат“, бил поглавар на домаќинство кое имало стотици членови (Рим. 4:11; 1. Мој. 14:14).  Владетелите во Ханаан го сметале за „кнез“ и многу го почитувале (1. Мој. 21:22; 23:6). Јехова склучил сојуз со Авраам и со неговите потомци (1. Мој. 17:1, 2, 19). Бог му рекол: „Ова е мојот сојуз што ќе го држите, сојузот меѓу мене и вас, и твоето потомство по тебе: секое машко меѓу вас да биде обрежано... Тоа ќе служи како знак на сојузот меѓу мене и вас“ (1. Мој. 17:10, 11). Авраам го послушал, и така тој и сите машки во неговиот дом биле обрежани (1. Мој. 17:24-27). Обрежувањето било знак дека потомците на Авраам се народ кој бил во посебен однос со Јехова.

3. Како потомците на Авраам станале голем народ?

3 Јаков, односно Израел, кој му бил внук на Авраам, имал 12 синови (1. Мој. 35:10, 22б-26). Со текот на времето тие требало да станат семејни поглавари на 12-те израелеви племиња (Дела 7:8). Еден од нив, Јосиф, бил одведен во Египет, каде што подоцна фараонот му дал голема власт. Кога завладеал глад, Јосиф добил задача да се грижи за распределбата на храната во целата земја. Поради овој глад, Јаков и неговиот дом побарале засолниште во Египет (1. Мој. 41:39-41; 42:6). Таму потомците на овој Божји слуга се намножиле и станале „голем народ“ (1. Мој. 48:4; прочитај Дела 7:17).

ЈЕХОВА ГО ОТКУПУВА СВОЈОТ НАРОД

4. На почетокот, во какви односи биле потомците на Јаков со Египќаните?

4 Потомците на Јаков останале во Египет нешто повеќе од два века, во пределот околу утоката на Нил кој се викал Гесем (1. Мој. 45:9, 10). По сѐ изгледа, околу 100 години, тие биле во мир со Египќаните и живееле во гратчиња каде што ги чувале своите стада. Фараонот срдечно ги примил затоа што го познавал и го ценел Јосиф (1. Мој. 47:1-6). Што се однесува до Египќаните, тие гледале со презир на оние што се занимавале со овчарство (1. Мој. 46:31-34). Сепак, поради фараонот, морале да им дозволат на Израелците да живеат во земјата.

5, 6. а) Како се сменила состојбата на Божјиот народ во Египет? б) Како бил спасен Мојсеј, и што направил Јехова за целиот свој народ?

5 Но, состојбата на Божјиот народ наскоро се сменила од корен. Библијата вели: „Со текот на времето, над Египет завладеа нов цар кој не го познаваше Јосиф. Тој му рече на својот народ: ‚Ене, народот на синовите на Израел е поброен и помоќен од нас‘. Затоа Египќаните сурово ги присилуваа синовите на Израел на ропска работа. Им го загорчуваа животот со тешка работа: со правење малтер од глина и тули и со разни ропски работи во полето, сурово присилувајќи ги на секаква ропска работа“ (2. Мој. 1:8, 9, 13, 14).

6 Овој фараон дури заповедал сите еврејски машки бебиња да бидат убиени штом ќе се родат (2. Мој. 1:15, 16). Токму во тоа време се родил и Мојсеј. Кога имал три месеци, мајка му го скрила во трските на реката Нил, каде што го пронашла ќерката на фараонот. Таа подоцна го усвоила и ѝ дозволила на мајка му на Мојсеј, Јохаведа, да се грижи за него во првите години од неговиот живот. Со текот на времето, Мојсеј станал верен Божји слуга (2. Мој. 2:1-10; Евр. 11:23-25). Јехова го видел страдањето на својот народ и решил да го избави од неговите угнетувачи преку Мојсеј (2. Мој. 2:24, 25; 3:9, 10). На тој начин, Израелците станале народ кого Јехова го ‚откупил‘ (2. Мој. 15:13; прочитај 5. Мојсеева 15:15).

 ИЗРАЕЛЦИТЕ СТАНУВААТ БОЖЈИ НАРОД

7, 8. Како Израелците станале свет народ на Јехова?

7 Иако Израелците сѐ уште не биле организирани во нација со свои закони и свештенство, Јехова сепак ги сметал за свој народ. Затоа им заповедал на Мојсеј и на Арон да му кажат на фараонот: „Вака вели Јехова, Богот на Израел: ‚Пушти го мојот народ да појде во пустината и да одржи свеченост во моја чест!‘“ (2. Мој. 5:1).

8 Но, фараонот не сакал да ги пушти Израелците. За да ги ослободи, Јехова му нанел десет неволји на Египет, и подоцна ги уништил фараонот и неговата војска во Црвеното Море (2. Мој. 15:1-4). По неполни три месеци, Јехова склучил сојуз со Израелците на планината Синај, каде што им го дал следново ветување: „Ако го слушате верно мојот глас и ако го држите мојот сојуз, ќе ми бидете најмилата сопственост меѓу сите други народи... свет народ“ (2. Мој. 19:5, 6).

9, 10. а) Според 5. Мојсеева 4:5-8, како Законот ги разликувал Израелците од сите други народи? б) Што требало да прават Израелците за да му ‚бидат свет народ на Јехова‘?

9 Пред да станат робови во Египет, Евреите биле поделени на племиња со кои предводеле семејни поглавари. Тие поглавари, слично на Јеховините слуги кои живееле пред нив, имале улога на господари, судии и свештеници во своето домаќинство (1. Мој. 8:20; 18:19; Јов 1:4, 5). Но, преку Мојсеј, Јехова им дал на Израелците Закон кој ги разликувал од сите други народи. (Прочитај 5. Мојсеева 4:5-8; Пс. 147:19, 20.) Законот пропишувал посебна група луѓе да служат како свештеници, а како судии служеле „старешините“, кои биле познати по своето знаење и мудрост (5. Мој. 25:7, 8). Овој Закон содржел упатства за начинот на кој Израелците требало да го обожаваат Јехова, како и за нивниот секојдневен живот.

10 Кога биле на самиот праг на Ветената земја, Јехова им ги повторил своите закони, а Мојсеј им рекол: „Јехова денес те обврза тебе да ветиш дека ќе бидеш негов народ, негова најмила сопственост, како што ти вети, и дека ќе ги држиш сите негови заповеди, и дека ќе те возвиши над сите други народи што ги создал. И ќе му донесуваш фалба, слава и чест, а ќе му бидеш свет народ на Јехова, својот Бог“ (5. Мој. 26:18, 19).

ЛУЃЕ ОД ДРУГИТЕ НАРОДИ СТАНУВААТ ДЕЛ ОД БОЖЈИОТ НАРОД

11-13. а) Кој можел да служи заедно со Божјиот народ? б) Што требало да прават не-Израелците кои сакале да му служат на Јехова?

11 Иако ги избрал Израелците да бидат негов народ на Земјата, Јехова не им забранил на не-Евреите да живеат заедно со нив. Тој дозволил едно големо „мешано мноштво“ од другите народи, меѓу кои имало и Египќани, да му се придружат на неговиот народ кога го избавил од Египет (2. Мој. 12:38, фус.). Веројатно меѓу нив биле и некои од фараоновите слуги кои го послушале предупредувањето на Мојсеј во врска со седмата неволја (2. Мој. 9:20).

12 Пред Израелците да ја преминат реката Јордан за да влезат во Ханаан, Мојсеј им заповедал ‚да го сакаат дојденецот‘ кој живее меѓу нив (5. Мој. 10:17-19). Божјиот избран народ требало да ги прифати во својата средина сите туѓинци што биле спремни да ги држат основните закони кои Јехова ги дал преку Мојсеј, како што биле десетте заповеди (3. Мој. 24:22). Некои од тие дојденци почнале да му служат на Јехова. На пример, Моавката Рут ѝ го рекла  следново на Израелката Ноемина: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог“ (Рут 1:16). Овие туѓинци се преобратиле во еврејската вера, а мажите биле обрежани (2. Мој. 12:48, 49). Јехова ги прифатил како дел од својот избран народ (4. Мој. 15:14, 15).

Израелците ги сакале туѓинците што живееле меѓу нив (Види во пасуси 11-13)

13 Една молитва на Соломон исто така покажува дека Јехова ги прифаќал како свои слуги и не-Израелците. Кога храмот му бил посветен на Јехова, овој цар се молел: „Туѓинецот, кој не му припаѓа на твојот народ Израел, туку дошол од далечна земја заради твоето велико име и твојата силна рака и твојата подигната мишка, кога ќе дојде и ќе се помоли свртен кон овој дом, тогаш чуј од небото, од своето живеалиште, и направи го сето она за кое те моли овој туѓинец, за да го запознаат твоето име сите народи на земјата и за да се бојат од тебе исто како твојот народ Израел, и за да знаат дека овој дом што го изградив го носи твоето име“ (2. Лет. 6:32, 33). Дури и во времето на Исус, не-Израелците кои сакале да му служат на Јехова можеле да го прават тоа заедно со Неговиот избран народ (Јован 12:20; Дела 8:27).

НАРОД КОЈ СВЕДОЧИ ЗА ЈЕХОВА

14-16. а) Во која смисла Израелците требало да бидат народ кој ќе сведочи за Јехова? б) Каков став мора да има Јеховиниот народ денес?

14 Израелците му служеле на својот Бог, Јехова, но другите народи им служеле на свои богови. Затоа морало да се одговори едно важно прашање: Кој е вистинскиот Бог? Во времето на пророкот Исаија, Јехова рекол дека ова спорно прашање мора да биде одговорено на сличен начин како што се решава некој спор изнесен на суд. Тој рекол дека, ако боговите на другите народи се вистински, тогаш треба да повикаат сведоци кои ќе го потврдат тоа. Јехова изјавил: „Нека се соберат сите народи на едно место, нека се соберат племињата! Кој од нивните богови може да го прорече тоа? Можат ли да ни навестат што ќе се случи прво? Нека ги доведат своите сведоци и  нека се оправдаат, или тие сведоци нека ги чујат, па нека речат: ‚Вистина е!‘“ (Иса. 43:9).

15 Боговите на другите народи не можеле со ништо да докажат дека се вистински. Тие биле обични идоли кои не можеле да зборуваат и кои луѓето требало да ги носат (Иса. 46:5-7). Од друга страна, Јехова му рекол на својот народ Израел: „Вие сте мои сведоци... и мој слуга кого го избрав, за да знаете и да ми верувате и да разберете дека јас сум оној истиот. Пред мене не беше направен ниту еден бог и по мене не ќе има ниту еден. Јас, јас сум Јехова, и освен мене нема спасител... Затоа, вие сте мои сведоци... а јас сум Бог“ (Иса. 43:10-12).

16 Како сведоци во еден судски процес, слугите на Јехова имаат чест да посведочат дека тој е единствениот вистински Бог. Јехова ги нарекол ‚народ што го создал за себе за да ја разгласува неговата фалба‘ (Иса. 43:21). Израелците биле познати како народ што го носел Божјето име. Бидејќи ги ослободил од Египет, Јехова очекувал од нив да му бидат послушни и да го фалат како свој Севишен Владетел. Всушност, тие требало да живеат во склад со зборовите кои подоцна ги напишал пророкот Михеј кога кажал каков став ќе треба да има денешниот Божји народ. Тој рекол: „Сите народи ќе одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Мих. 4:5).

БУНТОВНИЧКИ НАРОД

17. Во Јеховини очи, како Израел станал ‚лоза што се расипала‘?

17 За жал, Израелците не му останале верни на Јехова. Тие паднале под влијание на народите што им служеле на богови од дрво и камен. Во осмиот век пр.н.е., пророкот Осија напишал: „Израел е лоза што се расипа... Ги умножува своите жртвеници... Срцето нивно стана лицемерно. Затоа се виновни“ (Оси. 10:1, 2). Отприлика еден и пол век подоцна, Еремија ги запишал следниве зборови што Јехова му ги кажал на својот неверен народ: „Јас те посадив како благородна црвена лоза, како добро семе. Тогаш, зошто ми се измени и стана изопачен ластар од некоја туѓа лоза?.. Каде се твоите богови што си ги направи за себе? Нека станат ако можат да те спасат во времето на твојата неволја!.. Мојот народ ме заборава мене“ (Ерем. 2:21, 28, 32).

18, 19. а) Како Јехова прорекол дека ќе избере нов народ за своето име? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Израелците родиле расипан плод затоа што не му служеле на Јехова на исправен начин. Тие не му останале верни сведоци, туку почнале да им служат на идоли. Затоа, Исус им го рекол следново на лицемерните еврејски водачи: „Царството Божје ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ кој ги донесува неговите плодови“ (Мат. 21:43). Само оние што биле земени во ‚новиот сојуз‘, кој Јехова го претскажал преку својот пророк Еремија, можеле да бидат дел од тој нов народ, духовниот Израел. Во врска со нив, тој прорекол: „Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат мој народ“ (Ерем. 31:31-33).

19 Кога ги отфрлил родените Израелци во првиот век затоа што му биле неверни, Јехова го избрал духовниот Израел како народ за своето име. Но, кој е негов народ денес? Како можат искрените луѓе да ги препознаат вистинските Божји слуги? Ова ќе го разгледаме во следната статија.