Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Како се именуваат старешини и слуга-помошници во собранијата?

Во првиот век од н.е., апостол Павле им го кажал следново на старешините во Ефес: „Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве постави за надгледници, да го пасете Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот Син“ (Дела 20:28). Каква улога има светиот дух во именувањето старешини и слуга-помошници денес?

Прво, под водство на светиот дух, библиските писатели запишале кои услови треба да ги исполнуваат браќата за да служат како старешини и слуга-помошници. Во 1. Тимотеј 3:1-7 се наброени 16 вакви барања. Уште некои барања се наведени во Тит 1:5-9 и Јаков 3:17, 18. Условите за слуга-помошници се изнесени во 1. Тимотеј 3:8-10, 12, 13. Второ, браќата што даваат препорака и именуваат старешини и слуга-помошници, конкретно се молат Јеховиниот дух да ги води додека разгледуваат дали некој брат во разумна мера ги исполнува библиските услови. Трето, оној што е препорачан мора да ги покажува плодовите на светиот дух во својот живот (Гал. 5:22, 23). Според тоа, Божјиот дух е вклучен во секој чекор од именувањето.

Но, кој конкретно ги именува таквите браќа? Во минатото, сите препораки за слуга-помошници или старешини беа испраќани до локалната подружница. Браќата во подружницата, кои се поставени од Водечкото тело, ги разгледуваа овие препораки и одлучуваа дали некој брат ќе биде именуван или не. Потоа подружницата му го соопштуваше тоа на старешинството. Старешините го известуваа братот кој добил именување, и го прашуваа дали сака да ја врши таа задача, и дали лично смета дека ги исполнува условите за таквата одговорност. На крајот се читаше известување пред собранието.

Но, како биле именувани браќата во првиот век? Понекогаш именувањето го вршеле апостолите, како што било случај со седумте мажи кои биле поставени да се грижат за секојдневното делење на храната на вдовиците (Дела 6:1-6). Сепак, тие браќа можеби веќе служеле како старешини уште пред да го добијат ова додатно задолжение.

Библијата не објаснува во детали како биле именувани браќата во првиот век. Сепак, некои стихови укажуваат на кој начин најверојатно се правело тоа. На пример, кога се враќале од своето прво мисионерско патување, Павле и Варнава ‚во секое собрание поставиле старешини, па со молитва и  пост му ги довериле на Јехова‘ (Дела 14:23). Со години подоцна, Павле му го напишал следново на својот соработник Тит, со кого патувал во посета на собранијата: „Те оставив на Крит за да го исправиш она што има некаков недостаток и да назначиш старешини по градовите, како што те упатив“ (Тит 1:5). По сѐ изгледа, апостол Павле му дал слични овластувања и на Тимотеј, кој често патувал со него (1. Тим. 5:22). Според тоа, јасно е дека именувањата ги вршеле патувачките надгледници, а не апостолите и старешините во Ерусалим.

Врз основа на овие примери од Библијата, Водечкото тело на Јеховините сведоци направи измена во начинот на кој се именуваат старешини и слуга-помошници. Од 1 септември 2014 год., именувањето се врши на следниов начин: Секој покраински надгледник внимателно ги разгледува препораките во својата покраина. За време на посетата на собранието, тој се труди подобро да ги запознае браќата што се препорачани и, ако е можно, да оди во служба со нив. Откако ги разгледува препораките заедно со старешинството, покраинскиот надгледник има одговорност да постави старешини и слуга-помошници во собранијата во својата покраина. Целта на оваа промена е уште потесно да се следи начинот на кој се вршело именувањето во првиот век.

Старешините и покраинскиот надгледник разгледуваат дали братот што е препорачан ги исполнува библиските барања (Малави)

Кој сѐ е вклучен во оваа постапка, и каква улога има секој од нив? Како и секогаш, главната одговорност на „верниот и разборит роб“ е да им дава храна на слугите (Мат. 24:45-47). Браќата што го сочинуваат верниот роб ја проучуваат Библијата под водство на светиот дух за да дадат упатства како да се применат библиските начела во начинот на кој се организирани собранијата. Верниот роб исто така ги именува сите покраински надгледници, како и членовите на Одборите на подружниците. Секоја подружница, од своја страна, обезбедува практична помош за да може да се применат добиените упатства. Старешинството има сериозна одговорност темелно да испита дали оние што ги препорачува да служат како старешини или слуга-помошници во Божјето собрание ги исполнуваат библиските барања. А секој патувачки надгледник има важна одговорност внимателно и под молитва да размисли за препораките од старешините, и потоа да ги именува браќата кои ги исполнуваат условите за таквата служба.

Кога знаеме како се врши именувањето, уште подобро сфаќаме колку важна улога има светиот дух во тоа. На тој начин расте и нашата доверба и почит кон оние што се именувани да служат во христијанското собрание (Евр. 13:7, 17).

 Кои се двајцата сведоци спомнати во Откровение поглавје 11?

Во Откровение 11:3 се зборува за двајца сведоци кои ќе проповедаат 1.260 дена. Потоа извештајот вели дека ѕверот „ќе ги победи и ќе ги убие“. Но, откако ќе завршат тие „три и пол дена“, двајцата сведоци ќе бидат вратени во живот, на големо изненадување на сите ‚што ги гледале‘ (Отк. 11:7, 11).

Кои се овие двајца сведоци? Деталите од извештајот ни помагаат да го откриеме тоа. Прво, читаме дека „тие се претставени со двете маслинови дрвја и со двата светилника“ (Отк. 11:4). Ова нѐ потсетува на светилникот и двете маслинки кои се опишани во пророштвото на Захарија. За маслиновите дрвја се вели дека ги претставуваат „двајцата помазаници“, односно управителот Зоровавел и првосвештеникот Исус, „што стојат покрај Господарот на целата земја“ (Зах. 4:1-3, 14). Второ, за двајцата сведоци се вели дека прават чуда слични на оние што ги правеле Мојсеј и Илија. (Спореди Откровение 11:5, 6 со 4. Мојсеева 16:1-7, 28-35 и 1. Царевите 17:1; 18:41-45.)

Што им е заедничко на извештаите од Откровение и Захарија? Во секој од нив се зборува за Божји помазаници кои предводеле во некој тежок период на испити за Јеховиниот народ. Според тоа, во исполнување на видението од Откровение поглавје 11, помазаните браќа што предводеле кога било воспоставено Божјето Царство на небото во 1914 год. се двајцата сведоци кои проповедале три и пол години облечени „во козина“.

На крајот на периодот во кој проповедале во козина, овие помазаници биле „убиени“. Во која смисла? Тие биле фрлени в затвор за релативно кратко време — симболични три и пол дена. Непријателите на Божјиот народ многу се радувале бидејќи биле уверени дека му ставиле крај на делото што го извршувале двајцата сведоци (Отк. 11:8-10).

Но, како што било проречено, на крајот од тие три и пол дена двајцата сведоци биле вратени во живот. Овие помазаници биле ослободени од затвор, и тие што останале верни добиле посебна задача од Бог преку нивниот Господар, Исус Христос. Во 1919 год., тие биле меѓу оние што биле поставени да служат како ‚верен и разборит роб‘ кој ќе се грижел за духовните потреби на Божјиот народ во последните денови (Мат. 24:45-47; Отк. 11:11, 12).

Интересно е тоа што Откровение 11:1, 2 ги поврзува овие настани со времето кога требало да биде измерен, односно прегледан духовниот храм. Во Малахија, поглавје 3, се спомнува слична проверка на духовниот храм, по која следел период на пречистување (Мал. 3:1-4). Колку долго траеле проверката и пречистувањето? Од 1914 год. до првата половина на 1919 год. Овој период ги опфаќа и 1.260-те дена (42 месеци) и симболичните три и пол дена спомнати во Откровение, поглавје 11.

Колку сме среќни што Јехова го извршил ова духовно пречистување на еден посебен народ кој прави добри дела! (Тит 2:14). Многу го цениме и примерот што ни го оставиле верните помазаници кои предводеле во тешкиот период на испити, и со тоа ја исполниле улогата на симболичните двајца сведоци. *