Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Неочекуван подарок за Јапонија

Неочекуван подарок за Јапонија

НА ЕДЕН посебен собир кој се одржа во Нагоја (Јапонија), на 28 април 2013 год., Ентони Морис од Водечкото тело ги изненади присутните со една возбудлива вест. Тој го најави излегувањето на една нова публикација на јапонски со наслов Библија — Евангелие според Матеј. Оваа вест беше поздравена со долг аплауз од над 210-те илјади лица кои присуствуваа на овој собир или ја следеа програмата преку видеоврска.

Ова издание на Евангелието според Матеј, кое има 128 страници, е препечатено од Преводот Нов свет. Сепак, тоа има некои посебни обележја. Брат Морис објасни дека е наменето да им помогне на луѓето на јапонското подрачје. Што е карактеристично за ова издание? Зошто беше подготвено? И на каков прием наиде?

ШТО Е КАРАКТЕРИСТИЧНО ЗА ЕВАНГЕЛИЕТО СПОРЕД МАТЕЈ?

Многумина беа изненадени од форматот на ова ново издание. Иако јапонското писмо може да биде вертикално или хоризонтално, прилично голем дел од текстовите што излегуваат во печат, вклучувајќи ги и нашите понови публикации, се пишувани хоризонтално. Но, текстот во оваа нова публикација е испишан вертикално, слично на стилот што се користи во многу јапонски весници и книжевни дела. За многу Јапонци, овој стил е полесен за читање. Освен тоа, насловите кои обично стојат на врвот на страниците беа ставени како поднаслови во текстот за да можат читателите полесно да ги сфатат главните мисли.

Браќата и сестрите во Јапонија веднаш почнаа да го читаат ова издание на Матеј. Една сестра во своите 80-ти години рече: „Сум ја читала книгата на Матеј многу пати досега, но вертикалниот стил и поднасловите ми помогнаа подобро да ја разберам Проповедта на гората“. Една млада сестра напишала: „Ја прочитав оваа книга во еден здив! Јас сум навикната на хоризонталното писмо, но на многу Јапонци повеќе им се допаѓа вертикалното“.

НАМЕНЕТО ЗА ЈАПОНСКИТЕ ЧИТАТЕЛИ

Зошто токму оваа библиска книга е особено корисна за јапонското подрачје? Иако голем број Јапонци не знаат многу за Библијата, тие би сакале да ја читаат. Благодарение на ова издание на Матеј, мнозина што никогаш не виделе Библија сега ќе имаат можност да прочитаат дел од таа света книга.

Од која причина беше избрано токму Евангелието според Матеј? Кога ќе го слушнат зборот „Библија“, повеќето Јапонци помислуваат на Исус Христос. Затоа беше избрано ова евангелие кое вклучува информации за родословието и раѓањето на Исус, а ја содржи и прочуената Проповед на гората, како и Христовото значајно пророштво за последните денови — теми кои ќе бидат интересни за многу Јапонци.

Објавителите на Царството во Јапонија ревносно почнаа да ја нудат оваа публикација од куќа до куќа и на повторни посети. „Сега имам повеќе прилики да им ја понудам Божјата Реч на луѓето на подрачјето“, напиша една сестра. „Всушност, имав можност да дадам еден примерок од ова издание на Матеј истиот ден кога го добивме на посебниот состанок!“

НА КАКОВ ПРИЕМ НАИДЕ?

Како објавителите ја нудат оваа книга? На многу Јапонци им се познати изразите „тесната врата“, „бисери пред свињи“ и „не бидете загрижени за утрешниот ден“ (Мат. 6:34; 7:6, 13). Но, изненадени се кога ќе слушнат дека тие зборови ги кажал Исус Христос. Кога ќе ги видат овие изрази во Евангелието според Матеј, мнозина велат: „Отсекогаш сум сакал барем еднаш да ја прочитам Библијата“.

Кога објавителите прават повторни посети кај оние што го зеле новото издание на Матеј, станарите честопати велат дека веднаш прочитале нешто од него, а некои го прочитале дури и целото. Еден човек во своите 60-ти години му рекол на еден објавител: „Го прочитав многу пати и најдов голема утеха. Ве молам, помогнете ми да научам нешто повеќе за Библијата“.

Објавителите го нудат ова издание и кога сведочат на јавни места. Додека учествувала во оваа активност, една сестра ѝ ја дала својата имеил адреса на една девојка која го зела Евангелието според Матеј. По еден час, девојката ѝ пратила имеил на сестрата во кој ѝ пишала дека веќе прочитала дел од оваа публикација и дека сака да дознае нешто повеќе. Една седмица подоцна, таа почнала да ја проучува Библијата, а наскоро потоа почнала да оди и на состаноци.

До собранијата во Јапонија беа испратени преку 1.600.000 примероци од Евангелието според Матеј, и секој месец Сведоците им даваат на луѓето десетици илјади од нив. Во уводот на ова издание се запишани следниве зборови кои ги изразуваат чувствата на неговите издавачи: „Искрено се надеваме дека оние што ќе ја прочитаат оваа публикација уште повеќе ќе се заинтересираат за Библијата“.