Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова ги подготвува народите за добрата вест

Јехова ги подготвува народите за добрата вест

„Проконзулот... стана верник, бидејќи беше восхитен од Јеховиното учење“ (ДЕЛА 13:12)

1-3. Зошто на Христовите ученици не им било лесно да им ја проповедаат добрата вест „на сите народи“?

ИСУС ХРИСТОС им дал огромна задача на своите следбеници. Тој им заповедал: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи“. Тие требало да ја проповедаат „добрата вест за Царството... по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14; 28:19).

2 Учениците го сакале Исус, а ја сакале и добрата вест. Сепак, најверојатно се прашувале како ќе можат да го извршат налогот што им го дал. Прво, тие биле само малкумина. Освен тоа, објавувале дека Исус е Божјиот Син, но тој бил погубен. Исто така, другите луѓе ги сметале за „неуки и обични“ (Дела 4:13). Еврејските верски водачи биле поучени на религиозни школи, но тоа не било случај со учениците на Исус. А пораката што ја проповедале била спротивна на еврејските традиции и преданија што тие верски водачи ги застапувале стотици години. Бидејќи не биле ценети ни во својата земја, учениците веројатно се прашувале дали некој воопшто би ги слушал во моќното Римско Царство.

3 Згора на тоа, Исус ги предупредил дека ќе бидат мразени и прогонувани и дека некои од нив ќе бидат убиени (Лука 21:16, 17). Нивните семејства и пријатели ќе ги предавале, а меѓу нив ќе се појавеле и лажни пророци кои ќе поучувале лаги. Исто така, ќе морале да проповедаат на подрачја каде што живееле беззаконици и насилници (Мат. 24:10-12). Но, дури и нивната порака да наишла на добар одѕив, како ќе можеле да ја пренесат „до крајот на земјата“? (Дела 1:8). На учениците сигурно не им било јасно како ќе го извршат проповедничкото дело и покрај сите тие тешкотии.

4. Какви биле резултатите од проповедањето во првиот век?

4 Иако знаеле дека ќе се соочат со многу предизвици, учениците продолжиле да сведочат не само во Ерусалим и во Самарија туку и во други земји. По 30 години, апостол Павле можел да каже дека добрата вест им е проповедана на „сите суштества под небото“ и дека ‚донесува плод и расте во целиот свет‘ (Кол. 1:6, 23). На пример, кога тој проповедал на островот Кипар, дури и еден римски проконзул, Сергиј Павле, станал Христов ученик бидејќи бил „восхитен од Јеховиното учење“. (Прочитај Дела 13:6-12.)

5. а) Што им ветил Исус на своите ученици? б) Што пишува во една книга за условите во првиот век?

5 Христовите ученици знаеле дека не можат да проповедаат со сопствена сила. Но, Исус им ветил дека ќе биде со нив и дека светиот дух ќе им помага (Мат. 28:20). Во некои погледи, условите во тогашниот свет биле поволни за проповедање на добрата вест. Всушност, една книга објаснува дека првиот век веројатно било најдоброто време за да се рашири библиската порака, и дека христијаните подоцна сфатиле дека, всушност, Бог им го подготвил патот (Evangelism in the Early Church).

6. Што ќе разгледаме а) во оваа статија? б) во следната статија?

6 Библијата не кажува до кој степен Бог влијаел врз настаните во првиот век за да може добрата вест да се проповеда во голема мера. Сепак, знаеме дека Јехова сакал неговиот народ да даде сведоштво, а Сатана не можел со ништо да го спречи тоа. Во оваа статија ќе разгледаме неколку фактори кои можеби им го олеснале проповедањето на христијаните во првиот век. А во следната статија, ќе видиме кои работи во нашево време ни овозможуваат да ја објавуваме добрата вест до крајот на Земјата.

РИМСКИОТ МИР

7. Што бил Пакс Романа, и зошто бил значаен?

7 Во првиот век, во Римското Царство владеел период на мир поради кој христијаните можеле полесно да проповедаат. Во тој период, кој бил наречен Пакс Романа или Римски мир, римските власти ги угушувале сите побуни. Сепак, понекогаш се слушало за војни, токму како што прорекол Исус (Мат. 24:6). На пример, римската војска го уништила Ерусалим во 70 год. од н.е., а се воделе и некои помали битки на границите на царството. И покрај тоа, може да се каже дека во текот на околу 200 години откако живеел Исус, на подрачјето околу Средоземното Море било прилично мирно. Во една книга се вели: „Никогаш порано во човечката историја... немало толку долг период на мир кој влијаел врз толку многу луѓе“.

8. Како христијаните го искористиле Римскиот мир?

8 Во третиот век од н.е., еден теолог по име Ориген напишал нешто за тој период на мир. Тој изјавил дека, затоа што Рим владеел над толку многу земји, Христовите следбеници можеле да проповедаат насекаде. Луѓето не војувале за да ја бранат татковината, туку воделе мирен живот по селата. Ориген сметал дека поради тоа мнозина имале можност да ги слушаат учениците на Исус кои проповедале за љубов и мир. Иако биле прогонувани во Римското Царство, христијаните го искористиле овој мирен период за да ја проповедаат добрата вест секаде каде што можеле. (Прочитај Римјаните 12:18-21.)

ЛЕСНО СЕ ПАТУВАЛО

9, 10. Зошто за христијаните било релативно лесно да патуваат низ Римското Царство?

9 Римјаните изградиле патишта во должина од 80.000 километри кои ги поврзувале речиси сите делови на царството. На тој начин, моќната римска војска можела брзо да патува за да ја одбрани земјата и да задржи контрола над поданиците. Христијаните ги користеле овие патишта за да преминуваат шуми, пустини и планини, и да ја проповедаат добрата вест низ целото царство.

10 Освен што имале изградено мрежа од копнени патишта, Римјаните патувале и со бродови по пловните реки и канали, кои имале вкупна должина од околу 27.000 километри. Римските бродови пловеле по околу 900 поморски патишта. Затоа христијаните можеле да патуваат низ целото Римско Царство, иако тоа не било секогаш лесно. Апостол Павле и другите можеле да се движат низ целата римска територија без пасоши и визи. Патиштата биле прилично безбедни затоа што криминалците се плашеле од строгите казни. А бидејќи многу римски воени бродови пловеле на отворено море, патниците не се плашеле од пирати. Иако Павле претрпел бродолом неколку пати и бил во опасности на море, Библијата не кажува дека некогаш бил нападнат од пиратска банда (2. Кор. 11:25, 26).

ГРЧКИОТ ЈАЗИК

Било многу полесно да се најдат стиховите во книга отколку во свиток (Види во пасус 12)

11. Зошто христијаните го користеле грчкиот јазик?

11 Бидејќи Римјаните владееле над многу територии кои со години пред тоа биле освоени од Александар Велики, луѓето што живееле во тие места го зборувале народниот грчки јазик (познат како коине или кини). Затоа Божјите слуги можеле лесно да се разберат со најразлични луѓе, и ова придонело да се рашири добрата вест. Освен тоа, христијаните можеле дури и да им цитираат стихови од Хебрејските списи затоа што тие веќе биле преведени на грчки. Овој превод, кој го направиле некои Евреи што живееле во Египет, бил наречен Септуагинта и им бил познат на многумина. Писателите на христијанските списи исто така ги напишале своите книги на грчки. Грчкиот јазик имал богат речник со кој можеле да се објаснат длабоките библиски вистини. Благодарение на него, собранијата во првиот век можеле лесно да комуницираат едни со други и да го зачуваат единството.

12. а) Што е кодексот, и зошто бил полесен за користење од свитоците? б) Кога христијаните почнале да користат книги?

12 Како христијаните во првиот век ги поучувале луѓето за Библијата? Во почетокот тие се служеле со свитоци. Но, свитоците биле тешки за носење и за користење бидејќи обично биле испишани само од едната страна и секогаш одново требало да се одмотуваат и да се смотуваат. Само Евангелието според Матеј сочинувало еден цел свиток! Потоа, до вториот век, почнал да се користи кодексот — првиот облик на книга. Тоа било збирка од подврзани страници. Оној што читал можел да ја отвори книгата и лесно да најде библиски стих. Иако не се знае кога точно христијаните почнале да го користат кодексот, историчарите велат дека тоа било прилично брзо и дека во почетокот на вториот век повеќето од нив веќе употребувале книги.

РИМСКИОТ ЗАКОН

13, 14. а) Како Павле го искористил своето римско граѓанство? б) Како римскиот закон им користел на христијаните?

13 Христијаните во првиот век имале корист од римскиот закон бидејќи тој им гарантирал многу права и слободи на римските граѓани. На пример, апостол Павле го искористил своето римско граѓанство во неколку прилики. Кога војниците го уапсиле во Ерусалим и сакале да го камшикуваат, тој го прашал римскиот стотник: „Зарем смеете да камшикувате човек кој е римски граѓанин, и тоа без судење?“ Тоа не било дозволено. Кога Павле им кажал дека е роден како римски граѓанин, ‚оние што требало да го испрашуваат со мачење веднаш отстапиле од него. А илјаданачалникот се уплашил кога дознал дека Павле е римски граѓанин, а тој го имал врзано‘ (Дела 22:25-29).

14 Тоа што Павле имал римско граѓанство влијаело врз начинот на кој властите постапиле со него во Филипи (Дела 16:35-40). А кога една насилна толпа луѓе сакале да нападнат неколку христијани во Ефес, градскиот писар ги стивнал, а потоа ги предупредил дека со тоа го кршат римскиот закон (Дела 19:35-41). Подоцна, додека бил во Цезареја, Павле барал да му се дозволи да го изнесе својот случај пред цезарот (Дела 25:8-12). На тој начин, римскиот закон им овозможил на христијаните да го ‚бранат и законски да го потврдат правото да ја проповедаат добрата вест (Фил. 1:7).

ЕВРЕИТЕ ЖИВЕЕЛЕ ВО МНОГУ ЗЕМЈИ

15. Каде живееле многу Евреи во првиот век од н.е.?

15 Можеби на христијаните во првиот век им било полесно да проповедаат и затоа што Евреите биле расеани низ целото Римско Царство. Со векови пред тоа, Израелците најпрво биле одведени во изгнанство во Асирија, а подоцна и во Вавилон. Уште во петтиот век пр.н.е., имало еврејски заедници во 127 покраини во Персиското Царство (Ест. 9:30). Кога Исус бил на Земјата, имало Евреи во Египет и во други делови на северна Африка, како и во Грција, Мала Азија и Месопотамија. Се проценува дека од околу 60 милиони луѓе кои живееле во Римското Царство, повеќе од четири милиони биле Евреи. Иако биле расеани на многу места, тие ја задржале својата религија (Мат. 23:15).

16, 17. а) Бидејќи имало Евреи во толку многу земји, како тоа им користело на голем број не-Евреи? б) Како христијаните го следеле примерот на Евреите?

16 Бидејќи имало Евреи во толку многу земји, мнозина од другите народи биле запознати со Хебрејските списи. На пример, тие дознале дека има само еден вистински Бог, и дека оние што му служат мора да ги држат неговите високи морални мерила и закони. Во Хебрејските списи имало и многу пророштва за Месијата (Лука 24:44). Како резултат на тоа, кога христијаните ја проповедале добрата вест, и на Евреите и на не-Евреите веќе им биле познати многу од работите за кои зборувале тие. Затоа, кога проповедал, апостол Павле можел лесно да најде заеднички темел за разговор со оние кои имале искрено срце. Тој имал обичај да оди во синагогите каде што се собирале Евреите и да ‚расправа со нив на темел на Писмата‘. (Прочитај Дела 17:1, 2.)

17 Евреите имале утврден начин на кој го обожавале Јехова. Тие редовно се собирале во синагоги или на отворено. Пееле песни, се молеле и разговарале за светите списи. Христијаните го следеле нивниот пример, а истото го правиме и ние денес во нашите собранија.

ВОЗМОЖНО СО ЈЕХОВИНА ПОМОШ

18, 19. а) Какви биле околностите во првиот век? б) Што научи за Јехова од оваа статија?

18 Првиот век навистина бил посебен период во историјата. Во Римското Царство имало мир, многу луѓе зборувале ист јазик, и законот ги штител поданиците. Било полесно да се патува, и многу луѓе од другите народи знаеле за Евреите и за Хебрејските списи. Сите овие работи им помогнале на христијаните да продолжат да го вршат делото што им го доверил Бог.

19 Четири векови подоцна, грчкиот филозоф Платон напишал дека е многу тешко луѓето да го запознаат својот Творец, и дека, дури и да успеат во тоа, ќе биде невозможно да им кажат на сите за Него. Но, Исус рекол: „Она што не е можно за луѓето, можно е за Бог“ (Лука 18:27). Создателот на вселената сака луѓето да го најдат и да го запознаат. Освен тоа, Исус им заповедал на своите следбеници: „Правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:19). Со Јеховина помош, можно е да го исполниме тој налог. Во следната статија ќе видиме како денес добрата вест се проповеда низ целиот свет.