Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Христос — Божјата сила

Христос — Божјата сила

‚Христос е Божја сила‘ (1. КОР. 1:24)

1. Зошто Павле можел да каже дека ‚Христос е Божјата сила‘?

ЈЕХОВА ја покажал својата сила преку Исус Христос на извонредни начини. Кога бил на Земјата, Исус правел многу чуда. Некои од нив се запишани во евангелијата, и можат многу да ни ја зајакнат верата (Мат. 9:35; Лука 9:11). Јехова навистина му дал голема моќ на Исус. Затоа апостол Павле со добра причина можел да каже за него: „Христос... е Божја сила“ (1. Кор. 1:24). Каква поука можеме да извлечеме ние од чудата на Исус?

2. Што може да научиме од чудата на Исус?

2 И апостол Петар рекол дека Исус правел „чуда“ (Дела 2:22, фус.). Моќните дела што ги правел Исус на Земјата укажувале на уште поголемите благослови кои ќе ги доживееме во Божјиот нов свет. Тие се претслика за чудата што Христос ќе ги прави по целата Земја во текот на своето илјадагодишно владеење. А ни откриваат многу и за неговите особини, како и за особините на неговиот Татко. Да разгледаме неколку од Исусовите чуда, и да видиме како тие можат да влијаат врз нашиот живот денес и во иднина.

ЧУДО ОД КОЕ УЧИМЕ ДА БИДЕМЕ ВЕЛИКОДУШНИ

3. а) Зошто Исус го направил своето прво чудо? б) Како Исус покажал великодушност во Кана?

3 Исус го направил своето прво чудо на една свадба во Кана. Бидејќи во таа прилика можеби дошле повеќе гости отколку што очекувале домаќините, почнало да снемува вино. Тоа ќе било голем срам за младоженците, затоа што било многу важно да покажат гостољубивост. Меѓу гостите на оваа свадба била и Марија, мајката на Исус. Дали го замолила својот син да направи нешто затоа што верувала дека тој има таква моќ? Таа без сомнение со години размислувала за сите пророчки ветувања кои биле дадени за него, и знаела дека ќе биде наречен „Син на Севишниот“ (Лука 1:30-32; 2:52). Како и да е, една работа е сигурна — поттикнати од сочувство, Марија и Исус сакале да им помогнат на младоженците. Затоа Исус со чудо претворил околу 380 литри вода во ‚добро вино‘. (Прочитај Јован 2:3, 6-11.) Дали бил должен да го направи ова чудо? Не. Но, тој ги сакал луѓето и постапил великодушно како што постапува неговиот небесен Татко.

4, 5. а) Што учиме од првото чудо на Исус? б) Што учиме за иднината од чудото што Исус го направил во Кана?

4 Исус со чудо обезбедил голема количина добро вино, кое било доволно за многу луѓе. Што учиме од ова чудо? Тоа нѐ уверува дека чувствата на луѓето им се многу важни на Исус и на неговиот Татко. Освен тоа, ни покажува дека тие не се скржави туку, напротив, дека се великодушни. Првото чудо на Исус е доказ дека Јехова великодушно ќе ја употреби својата моќ и во новиот свет за да подготви богата гозба за „сите народи“ по целата Земја (Прочитај Исаија 25:6.)

5 Замисли си! Наскоро Јехова ќе ги задоволи сите исправни желби и потреби на луѓето. Секој човек ќе има убав дом, и вкусна и здрава храна. Зарем нашите срца не се прелеваат од благодарност и од радост кога размислуваме за сите прекрасни работи што Јехова великодушно ќе ни ги даде во рајот на Земјата?

Кога великодушно го трошиме времето за другите, покажуваме дека сме слични на Исус (Види во пасус 6)

6. а) На кој начин Исус ја користел својата моќ? б) Како може да го следиме примерот на Исус?

6 Исус никогаш не ја користел својата моќ за себични цели. Кога Ѓаволот го искушал да ги претвори камењата во лебови, Христос одбил да направи чудо за да ги задоволи своите лични желби (Мат. 4:2-4). Но, ја употребувал својата моќ за да ги задоволи потребите на другите. Како можеме да го следиме примерот Исус и да покажеме несебична грижа за луѓето? Тој ги охрабрил Божјите слуги да даваат (Лука 6:38). Дали би можеле да бидеме дарежливи така што ќе поканиме некого кај нас дома на ручек и на изградувачко дружење? Би можеле ли да одвоиме време по состанокот за другите, на пример, да слушаме како некој брат го вежба својот говор? Што би можеле да направиме за да му помогнеме на некој соверник во службата? Покажуваме дека сме великодушни како Исус ако спремно им помагаме на другите секогаш кога можеме — и во материјален и во духовен поглед.

„СИТЕ ЈАДОА И СЕ НАСИТИЈА“

7. Што ќе има до крајот на Сатановиот свет?

7 Сиромаштијата не е нов проблем. Јехова им рекол на древните Израелци дека секогаш ќе има сиромаси (5. Мој. 15:11). Со векови подоцна, и Исус рекол: „Сиромасите секогаш ќе ги имате покрај себе“ (Мат. 26:11). Дали со тоа сакал да каже дека на Земјата секогаш ќе има сиромашни луѓе? Не, туку дека ќе има сиромаси сѐ додека трае овој расипан свет на Сатана. Колку ќе биде поинаку кога ќе живееме во новиот свет! Чудата на Исус покажуваат дека во тоа време сите ќе имаме храна во изобилство и дека ништо нема да ни недостига.

8, 9. а) Што го поттикнало Исус да нахрани илјадници луѓе? б) Што мислиш ти за ова чудо?

8 Псалмистот му рекол на Јехова: „Ти ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ што е живо“ (Пс. 145:16). Слично на својот Татко, Христос често ја отворал раката за да ги задоволи желбите на своите следбеници. Но, не го правел тоа само за да ја покаже својата моќ. Напротив, тој им помагал на другите затоа што искрено се интересирал за нив. Да ги разгледаме стиховите запишани во Матеј 14:14-21. (Прочитај.) Мноштво луѓе од разни градови оделе пеш по Исус (Мат. 14:13). Кога се свечерило, неговите ученици се загрижиле за луѓето, кои веќе биле исцрпени и гладни. Затоа го замолиле Исус да го распушти народот за да си купи нешто за јадење. Што направил Исус?

9 Со само пет леба и две риби, Исус нахранил околу 5.000 мажи, како и многу жени и деца! Зошто го направил ова чудо? Затоа што навистина ги сакал луѓето и сочувствувал со нив. Извештајот вели: „Сите јадоа и се наситија“. Ова покажува дека имало храна во изобилство. Исус обезбедил доволно храна за луѓето да имаат сила да го издржат долгиот пат до дома (Лука 9:10-17). На крајот, откако сите се најале, учениците наполниле 12 кошници со парчињата кои преостанале!

10. Што ќе се случи со сиромаштијата во блиска иднина?

10 Поради алчните и неправедни владетели, денес стотици милиони луѓе живеат во сиромаштија. Дури и некои наши браќа немаат доволно храна. Но, наскоро оние што му се послушни на Јехова ќе живеат во свет во кој ќе нема неправди и сиромаштија. Кога ти би имал моќ, зарем не би ги задоволил потребите на луѓето? Семоќниот Бог има и моќ и желба да го стори токму тоа. Тој ветува дека наскоро ќе му стави крај на сето страдање! (Прочитај Псалм 72:16.)

11. Зошто си уверен дека Христос наскоро ќе ја искористи својата моќ за да им помага на луѓето низ целиот свет, и на што те поттикнува тоа?

11 Кога живеел како човек, Исус правел чуда на едно мало подрачје во период од само три и пол години (Мат. 15:24). Но, во текот на своето илјадагодишно царување, тој ќе им помага на луѓето низ целиот свет (Пс. 72:8). Чудата на Исус нѐ уверуваат дека тој сака да ја користи својата моќ за наше добро. Иако ние не можеме да правиме чуда, можеме да го користиме своето време и сила за да им зборуваме на другите за прекрасните работи што ги ветува Библијата. Како Јеховини сведоци, ние поседуваме скапоцено знаење за иднината, и должни сме да им го пренесуваме на другите (Рим. 1:14, 15). Ако размислуваме за она што Христос наскоро ќе го направи, ќе бидеме поттикнати да им ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство на луѓето (Пс. 45:1; 49:3).

ЈЕХОВА И ИСУС ИМААТ КОНТРОЛА НАД ПРИРОДНИТЕ СИЛИ

12. Зошто може да бидеме сигурни дека Исус знае сѐ за Земјата?

12 Заедно со својот единороден Син, кој бил во улога на „вешт градител“, Бог ја создал Земјата и сѐ што е на неа (Изр. 8:22, 30, 31; Кол. 1:15-17). Значи, Исус најдобро ги познава екосистемите на нашата планета. Тој знае како треба да се користат природните богатства на исправен начин, и има контрола над природните сили на Земјата.

Зошто си восхитен од начинот на кој Исус ја користел својата чудотворна моќ? (Види пасуси 13-14)

13, 14. Кој пример покажува дека Христос може да ги контролира природните сили?

13 Кога бил на Земјата, Исус покажал дека може да ги контролира природните сили. Тоа било јасен доказ дека Бог му дал огромна моќ. Размисли што направил Исус кога во една прилика изгледало дека неговите ученици ќе изгинат во една бура. (Прочитај Марко 4:37-39.) Еден библиски изучувач објаснува дека грчкиот збор за „бура“ што се користи во Марко 4:37 укажува на многу силна бура, односно на ураган кој е проследен со мрачни облаци, силни налети на ветар, грмотевици и поројни дождови. Откако ќе заврши една ваква бура, сѐ е во потполн хаос.

14 Замисли си ја сцената: Брановите удираат во чамецот и при секој удар фрлаат вода во него. Но, и покрај бучавата од бурата и силното нишање на чамецот, Исус продолжува да спие. Преморен е од својата напорна служба, и потребен му е одмор. Преплашени од бурата, учениците го будат, викајќи: „Ќе изгинеме!“ (Мат. 8:25). Што прави Исус? Станува и им се заканува на ветрот и на морето, велејќи: „Смири се! Молкни!“ (Мар. 4:39). Силната бура во тој миг стивнува, и ‚настанува потполна тишина‘. Исус навистина покажал огромна моќ!

15. Како Семоќниот Бог покажал дека има контрола над природните сили?

15 Бидејќи изворот на Христовата моќ е Јехова, имаме причина да веруваме дека Семоќниот Бог има потполна контрола над природните сили. Да спомнеме неколку примери. Пред Потопот, Јехова изјавил: „По само седум дена ќе пуштам да врне дожд на земјата четириесет дена и четириесет ноќи“ (1. Мој. 7:4). Во 2. Мојсеева 14:21 пишува: „Јехова... го потиснуваше морето со силен источен ветар“. А во Јона 1:4 се вели: „Јехова подигна силен ветар на морето, и на морето настана толку голема бура што изгледаше дека бродот ќе се разбие“. Многу е утешно што знаеме дека Јехова има контрола над природните сили. Јасно е дека иднината на нашата планета е во добри раце.

16. Зошто е утешно што знаеме дека нашиот Творец и неговиот првороден Син имаат моќ над природните сили?

16 Многу сме охрабрени кога размислуваме за огромната моќ на нашиот Творец и на неговиот „вешт градител“. Кога тие ќе ѝ посветат целосно внимание на Земјата во текот на Христовото илјадагодишно владеење, сите луѓе ќе бидат на безбедно. Страшните природни катастрофи ќе бидат минато. Во новиот свет, нема да живееме во страв дека ќе бидеме повредени или дека ќе загинеме во тајфун, цунами, вулканска ерупција или земјотрес. Нема да се плашиме од никаква катастрофа затоа што „Божјиот шатор [ќе биде] меѓу луѓето“ (Отк. 21:3, 4). Може да бидеме сигурни дека, за време на илјадагодишното владеење, Јехова ќе му даде на Исус моќ да ги контролира сите природни сили.

ПОСТАПУВАЈ КАКО БОГ И КАКО ХРИСТОС

17. Во кој поглед можеме да бидеме слични на Бог и на Христос?

17 Се разбира, за разлика од Јехова и од Исус, ние не можеме да ги спречиме природните катастрофи. Сепак, имаме одредена моќ. Како ја користиме? На пример, можеме да го примениме стихот од Изреки 3:27. (Прочитај.) Кога нашите браќа страдаат, можеме да ги тешиме и да им дадеме материјална, емоционална и духовна поддршка (Изр. 17:17). На пример, може да им помогнеме да закрепнат по некоја природна катастрофа. Една вдовица, чиј дом бил тешко оштетен во еден ураган, рекла: „Многу сум благодарна што припаѓам на Јеховината организација — не само поради материјалната туку и поради духовната помош“. Една друга немажена сестра се чувствувала безнадежно кога видела колку една бура ја оштетила нејзината куќа. Откако добила помош, таа рекла: „Немам зборови да опишам како се чувствувам... Фала ти, Јехова!“ Ние се радуваме што сме дел од едно братство кое искрено се грижи за потребите на другите. Но, уште посреќни сме што Јехова и Исус Христос толку многу нѐ сакаат.

18. Зошто си восхитен од начинот на кој Исус ја користел моќта да прави чуда?

18 Во текот на својата служба, Исус покажал дека е „Божја сила“. Но, тој никогаш не ја користел таа сила за себични цели или за да ги восхити другите. Всушност, чудата што ги правел Исус откриваат колку многу тој го сака човечкиот род. Во следната статија ќе дознаеме нешто повеќе за тоа.