Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Остани лојален на Божјето Царство

Остани лојален на Божјето Царство

„Тие не се дел од светот“ (ЈОВАН 17:16)

ПЕСНИ: 63, 129

1, 2. а) Зошто лојалноста кон Бог е важна за христијаните, и како е поврзана со неутралноста? (Види ја сликата погоре.) б) На што се лојални многу луѓе денес, но какви се последиците од тоа?

НА ВИСТИНСКИТЕ христијани им е многу важно секогаш да бидат лојални и неутрални, а не само кога има војна. Зошто? Затоа што му ветиле на Јехова дека ќе го сакаат, и дека ќе му бидат верни и послушни (1. Јов. 5:3). Ние се трудиме да постапуваме во склад со Божјите праведни мерила сеедно каде живееме и какво е нашето национално и културно потекло. Лојалноста кон Јехова и кон неговото Царство за нас е најважна од сѐ (Мат. 6:33). Од таа причина, не заземаме страна во разните спорови и конфликти во овој свет (Иса. 2:4; прочитај Јован 17:11, 15, 16).

2 Многу луѓе денес се лојални на својата татковина или култура, па дури и на некој национален спортски тим. За жал, последиците од ова се страшни — непријателство и соперништво, а во некои поекстремни случаи и крвопролевања и геноцид. Иако ние не учествуваме во ваквите конфликти, тие можат да влијаат врз нас и врз нашето семејство затоа што сме составен дел од човечкото општество. Бидејќи Бог ни всадил чувство за правда, лесно би можеле да заземеме страна кога владите ќе донесат неправедна одлука (1. Мој. 1:27; 5. Мој. 32:4). Како реагираш ти во такви околности? Дали успеваш да останеш неутрален?

3, 4. а) Зошто не заземаме страна во општествените конфликти? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Понекогаш властите вршат притисок врз луѓето да застанат на нивна страна во конфликтите тврдејќи дека тоа е должност на добрите граѓани. Но, ние го следиме Исус. Не се мешаме во политиката на овој свет и не учествуваме во војни (Мат. 26:52). За вистинските христијани, ниту еден дел од сатанскиот свет не е подобар од некој друг негов дел (2. Кор. 2:11). Ние сме неутрални затоа што немаме ништо заедничко со тој свет. (Прочитај Јован 15:18, 19.)

4 Сепак, бидејќи сме несовршени, можеби сѐ уште се бориме со негативни чувства кон луѓето што се поинакви од нас (Ерем. 17:9; Еф. 4:22-24). Затоа во оваа статија ќе разгледаме некои начела што можат да ни помогнат да ги надминеме таквите чувства. Исто така, ќе видиме како може да му останеме лојални на Царството така што ќе научиме да размислуваме како Јехова и како Исус.

ЗОШТО СМЕ НЕУТРАЛНИ

5, 6. Како гледал Исус на различните групи луѓе во еврејското општество во кое живеел, и зошто?

5 Кога не знаеме што да правиме во дадена ситуација, мудро е да се прашаме: ‚Како би постапил Исус?‘ Кога тој бил на Земјата, имало спорови и несогласувања меѓу луѓето од Јудеја, Галилеја и Самарија. На пример, постоело непријателство меѓу Евреите и Самарјаните (Јован 4:9). Имало несогласувања и меѓу фарисеите и садукеите (Дела 23:6-9). Оние што биле поучувани за Законот мислеле дека се подобри од обичниот народ кој не добил такви поуки (Јован 7:49). Освен тоа, многумина ги мразеле даночниците и Римјаните (Мат. 9:11). Иако ја бранел вистината за Јехова и признал дека „спасението доаѓа од Евреите“, Исус никогаш не ги поучувал своите ученици да мислат дека се подобри од другите (Јован 4:22). Напротив, тој ги поттикнал да ги сакаат сите луѓе (Лука 10:27).

6 Зошто Исус сметал дека ниту една група луѓе не е подобра од другите? Бидејќи тој и неговиот Татко гледаат поинаку на човечкиот род. Кога ги создал првиот маж и првата жена, Бог имал намера тие да ја наполнат целата Земја со различни раси (1. Мој. 1:27, 28). Затоа, ниту Јехова ниту Исус не воздигнуваат ниедна раса, нација или јазик над другите (Дела 10:34, 35; Отк. 7:9, 13, 14). Ние мора да го следиме нивниот совршен пример (Мат. 5:43-48).

7, 8. а) На чија страна сме ние, и зошто? б) Кое е трајното решение за сите човечки проблеми?

7 Зошто не ѝ даваме поддршка на ниту една влада или човечки владетел? Затоа што ние сме на Јеховината страна. Тој е нашиот Владетел. Во рајската градина, Сатана го довел во прашање Божјиот начин на владеење и сакал да ги наведе луѓето да поверуваат дека тој може да владее подобро со нив. Јехова дозволува секој човек сам да одлучи на чија страна ќе биде во овој спор. А како е со тебе? Дали си послушен на Јеховините закони и мерила или, пак, имаш навика да си постапуваш по свое? Дали си уверен дека само Божјето Царство може да ги реши нашите проблеми или, пак, можеби си мислиш дека луѓето можат да владеат успешно без Бог? (1. Мој. 3:4, 5).

8 Одговорот на овие прашања ќе влијае врз она што ќе го кажеш кога, на пример, некој ќе те праша што мислиш за некоја политичка партија, активистичка група или друга слична организација. Некои од овие партии и групи можеби искрено сакаат да им помогнат на луѓето. Сепак, ние сме свесни дека само Божјето Царство може да ги реши човечките проблеми и да ги отстрани сите неправди. Мора да ги оставиме работите во Јеховини раце. Освен тоа, ако секој од нас прави како што тој мисли дека е најдобро, зарем нема да дојде до поделби во нашите собранија?

9. Каков проблем имало меѓу некои христијани во првиот век, и што ги советувал Павле?

9 Во првиот век, некои христијани во собранието во Коринт се расправале меѓу себе, велејќи: „,Јас сум на Павле‘, ‚А јас на Аполо‘, ‚А јас на Кифа‘, ‚А јас на Христос‘“. Кога го чул тоа, Павле се запрепастил. Ова било многу сериозен проблем бидејќи можело да го загрози мирот во собранието. Изгледало како ‚Христос да е разделен‘. Затоа Павле ги советувал: „Ве поттикнувам, браќа, преку името на нашиот Господар Исус Христос, сите да зборувате едно и меѓу вас да нема поделби, туку да бидете потполно обединети со ист ум и со ист начин на размислување“. Ни во христијанското собрание денес не треба да има никакви поделби (1. Кор. 1:10-13; прочитај Римјаните 16:17, 18).

10. Како покажал апостол Павле дека христијаните треба да бидат неутрални во општествените конфликти?

10 Павле ги поттикнал помазаните христијани да мислат на своето граѓанство на небесата, а не на она што е на Земјата (Фил. 3:17-20). * Тие требало да бидат пратеници, односно амбасадори кои го застапуваат Христос. Амбасадорите не се мешаат во политиката на државата каде што се испратени да служат. Тие се лојални на својата влада (2. Кор. 5:20). Како поданици на Божјето Царство, христијаните што имаат надеж за вечен живот на Земјата исто така не заземаат страна во денешните општествени конфликти.

НАУЧИ ДА МУ БИДЕШ ЛОЈАЛЕН НА ЈЕХОВА

11, 12. а) Какви ставови не смееме да имаме ако сакаме да му останеме лојални на Божјето Царство? б) Со какви чувства морала да се бори една сестра, и што ѝ помогнало да се смени?

11 Во повеќето делови од светот, луѓето чувствуваат посебна поврзаност со оние што имаат иста култура, историја или јазик како нив, и обично се многу горди на својот роден крај. Но, ние не смееме да дозволиме ваквите ставови да влијаат врз нас. Наместо тоа, треба да вложуваме свесен напор да размислуваме поинаку и да ја школуваме совеста за да останеме неутрални во секакви околности. Како може да го правиме тоа?

12 Да ја земеме за пример Мирјета *‚ која е родена на подрачјето на поранешна Југославија. Како мала, била воспитана да ги мрази Србите. Но, кога дознала дека Јехова е непристрасен Бог и дека Сатана е тој што ги подбуцнува луѓето на национална омраза, таа вложила голем труд за да ги искорени патриотските чувства. И покрај тоа, кога избувнале етнички судири во нејзиниот крај, кај Мирјета повторно испливала старата омраза, и поради тоа ѝ било тешко да им проповеда на Србите. Сепак, сфатила дека не може едноставно да чека и да се надева дека тие негативни чувства ќе поминат сами од себе. Таа сесрдно го молела Јехова да ѝ помогне да се избори со нив, но и да започне со пионерска служба. Мирјета вели: „Сфатив дека службата е најдобриот лек. Кога им проповедам на другите, се трудам да ги покажувам Божјите прекрасни особини и моите негативни чувства постепено исчезнуваат“.

13. а) Зошто на една наша сестра ѝ било непријатно, но што направила? б) Што учиме од примерот на Кармен?

13 Друг пример е Кармен, една сестра од Мексико која сега живее во Европа. Таа забележала дека, во собранието, некои браќа од Јужна Америка давале необѕирни и навредливи коментари за нејзината земја, како и за мексиканската култура и музика. Како би реагирал ти да си бил на нејзино место? На Кармен ѝ било непријатно. Но, за пофалба е што решила да го моли Јехова да ѝ помогне да ги искорени негативните чувства од своето срце. Мора да признаеме, некои од нас сѐ уште се борат со слични чувства. Сепак, никогаш не би сакале да кажеме или да направиме нешто со што би воздигнале некоја група над другите. Не сакаме да предизвикаме поделби ни меѓу нашите браќа ни меѓу другите луѓе (Рим. 14:19; 2. Кор. 6:3).

14. Што ќе ти помогне да гледаш на луѓето како што гледа Бог?

14 Можеби твоето семејство и оние со кои си пораснал ти всадувале љубов кон родното место или земја. Дали во твоето срце сѐ уште тлеат такви чувства? Христијаните не смеат да дозволат патриотизмот да влијае врз нивното гледиште за другите. Но, што ако забележиш дека сепак имаш негативни чувства кон луѓето од друга земја, култура, јазик или раса? Тогаш, мудро е да размислуваш за тоа како гледа Јехова на национализмот и на предрасудите. Можеби ќе биде добро да истражуваш нешто повеќе за овие теми во текот на личното или семејното проучување. А потоа моли го Јехова да ти помогне да го стекнеш неговото гледиште за овие работи. (Прочитај Римјаните 12:2.)

За да му останеме лојални на Јехова, мора да му бидеме послушни без оглед на заканите и притисокот од другите (Види во пасуси 15-16)

15, 16. а) Како ќе реагираат некои затоа што сме поинакви од другите луѓе? б) Како можат родителите да им помогнат на децата да му останат лојални на Јехова?

15 Ние сакаме да му служиме на Јехова со чиста совест. Затоа, порано или подоцна, сигурно ќе се најдеме во ситуација кога ќе мора јасно да се види дека се разликуваме од нашите колеги, соученици, соседи или роднини (1. Пет. 2:19). Не треба да се изненадиме што светот ќе нѐ мрази поради тоа што сме поинакви. Исус предупредил дека ќе биде така. Повеќето противници не знаат ништо за Божјето Царство. Затоа не можат да разберат зошто ни е толку важно да му бидеме лојални на тоа Царство наместо на човечките влади.

16 За да му останеме лојални на Јехова, мора да му бидеме послушни без оглед на заканите и притисокот од околината (Дан. 3:16-18). Иако стравот од човек може да влијае врз сите нас, на младите им е особено тешко да се издвојуваат како поинакви од другите. Ако твоите деца се плашат да одбијат да го поздрават знамето или да учествуваат во патриотски церемонии, потруди се да им помогнеш. На Семејната вечер можете да проучувате како гледа Јехова на овие работи. Поучи ги како храбро и со почит да ги објаснат своите верувања (Рим. 1:16). Освен тоа, ако е неопходно, помогни им така што ќе разговараш со нивните наставници и ќе им го објасниш нашиот став.

УЖИВАЈ ВО СИТЕ ЈЕХОВИНИ ДЕЛА!

17. Кој став не треба да го имаме, и зошто?

17 Обично ни се допаѓаат храната, јазикот и културата на земјата во која сме пораснале. Но, дали сметаме дека „нашето секогаш е најдобро“? Јехова создал најразлични работи во кои можеме да уживаме (Пс. 104:24; Отк. 4:11). Тогаш, зошто да мислиме дека начинот на кој ние ги правиме работите е најдобар?

18. Зошто е добро да ги гледаме другите како што ги гледа Јехова?

18 Бог сака најразлични луѓе да ја запознаат вистината и да добијат вечен живот (Јован 3:16; 1. Тим. 2:3, 4). Затоа, ние сме спремни да го сослушаме мислењето на нашите браќа, и честопати го прифаќаме, дури и ако се разликува од нашето. Кога го правиме ова, животот ни станува побогат и поинтересен. Исто така, тоа помага да го зачуваме единството со нашите соверници. Бидејќи сме лојални на Јехова и на неговото Царство, ние не заземаме страна во општествените конфликти. Ги мразиме горделивоста и натпреварувачкиот дух кои преовладуваат во светот на Сатана. Навистина сме многу благодарни што Јехова нѐ поучил да го сакаме мирот! Со сето срце се согласуваме со зборовите на псалмистот, кој рекол: „Гледај, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство!“ (Пс. 133:1).

^ пас. 10 Филипи бил римска колонија. Некои во тамошното собрание можеби имале некој вид римско граѓанство, и поради тоа имале и одредени привилегии во однос на своите браќа.

^ пас. 12 Некои имиња се сменети.