Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Подготви се уште сега за живот во новиот свет

Подготви се уште сега за живот во новиот свет

„Заповедај им да прават добро... за да го освојат вистинскиот живот“ (1. ТИМ. 6:18, 19)

ПЕСНИ: 125, 40

1, 2. а) Кои благослови со нетрпение ги очекуваш во рајот на Земјата? (Види ја сликата погоре.) б) На што најмногу ќе се радуваме во новиот свет?

‚ВИСТИНСКИ ЖИВОТ‘. Кога ќе го чујат овој израз, мнозина од нас помислуваат на вечниот живот во рајот на Земјата. Всушност, самиот апостол Павле го поврзал „вечниот живот“ со „вистинскиот живот“. (Прочитај 1. Тимотеј 6:12, 19.) Ние се надеваме на вечен живот кој ќе ни донесе бескрајна радост и задоволство. Денес е тешко дури и да си замислиме како секој ден ќе се будиме совршено здрави и среќни (Иса. 35:5, 6). Колку ќе биде убаво кога ќе се дружиме со нашите најблиски и со нашите пријатели, меѓу кои ќе бидат и оние што ќе воскреснат! (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Освен тоа, ќе можеме да учиме нови вештини. На пример, ќе може да ги прошириме нашите знаења од науката, да научиме да свириме на музички инструменти, па дури и да си изградиме свој дом!

2 Иако со нетрпение ги очекуваме овие убави работи, најмногу ќе се радуваме на духовните благослови. Замисли си, сите луѓе ќе го светат Божјето име и ќе му служат на Јехова како на свој Севишен Владетел! (Мат. 6:9, 10). Неговата првобитна намера за човештвото и за Земјата конечно ќе се исполни. Додека постепено напредуваме кон совршенство, ќе ни биде многу полесно да стануваме сѐ поблиски со Бог (Пс. 73:28; Јак. 4:8).

3. За што треба да се подготвиме уште денес?

3 Можеме да ги доживееме овие благослови затоа што Исус нѐ уверува дека „за Бог сѐ е возможно“ (Мат. 19:25, 26). Но, ако сакаме да живееме во тој нов свет — а и откако ќе заврши Христовото илјадагодишно владеење — мора уште сега да преземеме чекори за ‚да го освоиме‘ вечниот живот. Бидејќи знаеме дека крајот е многу близу, треба уште денес да се подготвиме за животот во новиот свет. Како можеме да го правиме тоа додека живееме во овој злобен свет?

КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИМЕ

4. Како може уште сега да се подготвиме за животот во новиот свет? Наведи пример.

4 Како можеме уште сега да се подготвиме за животот во Божјиот нов свет? Замисли си дека имаш намера да се преселиш во друга земја. Како би можел да се подготвиш за една таква промена? Можеби ќе почнеш да го учиш јазикот што се зборува таму. Добро е да дознаеш нешто повеќе и за тамошните обичаи. Можеби ќе пробаш и некое традиционално јадење. Всушност, во некоја смисла, ќе почнеш да живееш како веќе да си жител на таа земја. На сличен начин, можеме да се подготвиме за животот во новиот свет така што, во извесна мера, уште сега ќе живееме како веќе да сме таму. Да видиме на кои начини може да го правиме тоа.

5, 6. Како тоа што се трудиме уште денес да ги следиме упатствата од Божјата организација ни помага да се подготвиме за животот во новиот свет?

5 Денес Сатана ги тера луѓето да мислат дека можат да прават што сакаат. Мнозина сметаат дека е многу важно да бидат независни и дека нема потреба да му бидат послушни на Бог. Кои се последиците од таквиот став? Тоа што луѓето го отфрлиле Божјето водство довело до многу страдања и трагедии (Ерем. 10:23). Но, Јехова е Бог кој владее со љубов. Затоа, ние едвај чекаме да дојде времето кога сите ќе се подложат на неговото владеење!

6 Во новиот свет, со задоволство ќе ги следиме упатствата од Јеховината организација кои ќе ни помогнат да ја претвориме Земјата во прекрасен рај и да ги поучуваме воскреснатите. Ќе има многу работа за сите. Но, што ако тогаш добиеме некоја задача која нема многу да ни се допаѓа? Дали ќе ја прифатиме? Дали ќе дадеме сѐ од себе да ја завршиме, и тоа со радост? Повеќето од нас сигурно би рекле ‚да‘! Тогаш, добро е да се прашаме: ‚Дали сега ги следам упатствата од Божјата организација?‘ Кога постапуваме така, се подготвуваме да живееме вечно под Јеховината власт.

7, 8. а) Зошто треба да бидеме спремни да соработуваме уште денес? б) Какви промени морале да направат некои христијани? в) Како сигурно ќе се чувствуваме во новиот свет?

7 Освен што треба да се подложиме на водството кое денес ни го дава Јеховината организација, што друго ќе ни помогне да се подготвиме за животот во новиот свет? Треба да научиме да бидеме задоволни и спремни за соработка. Ако соработуваме со оние што предводат денес — можеби така што со радост прифаќаме нови теократски задачи — веројатно ќе имаме ист став и во новиот свет. (Прочитај Евреите 13:17.) Во Ветената земја, Израелците добиле наследство со ждрепка (4. Мој. 26:52-56; Ис. Нав. 14:1, 2). Се разбира, денес не знаеме на кое место ќе биде доделен да живее секој од нас во новиот свет. Но, ако спремно соработуваме уште сега, со радост ќе ја вршиме Јеховината волја и тогаш, без разлика во кој дел од светот ќе живееме.

8 За нас навистина ќе биде огромна чест да служиме под власта на Царството во Божјиот нов свет! Затоа, вреди да правиме сѐ што можеме за да бидеме послушни на упатствата што ги добиваме денес и да ги извршуваме сите теократски задачи кои ни се доверени. Се разбира, со текот на времето околностите можат да ни се сменат. На пример, некои членови на бетелското семејство во САД беа испратени да служат на подрачјето во разни видови полновремена служба. Поради поодминатите години или од други причини, некои што беа во патувачкото дело добија задача да служат како специјални пионери. Ако научиме да бидеме задоволни, ако го молиме Бог за помош и ако даваме сѐ од себе во службата за него, ќе бидеме среќни, и тој ќе ни излее многу благослови дури и во овие тешки времиња. (Прочитај Изреки 10:22.) Како ова ќе ни помогне во новиот свет? Можеби тогаш ќе бидеме замолени да се преселиме на некое место, иако многу сме сакале да живееме на друго. Како ќе реагираме? Толку ќе бидеме среќни и благодарни што сме во новиот свет, што воопшто нема да ни биде важно ни каде живееме ни што работиме! (Неем. 8:10).

9, 10. а) На кои полиња можеби ќе треба да покажеме стрпливост во новиот свет? б) Како може да покажуваме стрпливост уште сега?

9 Во новиот свет, ќе треба да покажуваме стрпливост во разни ситуации. На пример, можеби ќе слушнеме дека некои радосно ги дочекале своите роднини и пријатели кои биле воскреснати. Но, можеби лично ние ќе треба да почекаме уште малку додека не воскреснат нашите најмили. Во тој случај, дали ќе се радуваме со другите и дали ќе бидеме стрпливи? (Рим. 12:15). Ако уште сега научиме стрпливо да чекаме да се исполнат Јеховините ветувања, тогаш нема да ни биде тешко да покажеме стрпливост и во новиот свет (Проп. 7:8).

10 Можеме да се подготвиме за животот во новиот свет така што ќе бидеме стрпливи во однос на појаснувањата кои ги добиваме во разбирањето на библиската вистина. Дали ги проучуваме новите информации и дали стрпливо чекаме ако не ги разбираме во потполност? Ако го правиме тоа, веројатно ќе ни биде полесно да бидеме стрпливи и во новиот свет, каде што Јехова постепено ќе ни открива кои други работи ги очекува од нас (Изр. 4:18; Јован 16:12).

11. Што нѐ учи Јехова уште денес за меѓучовечките односи, и како тоа ќе ни користи во новиот свет?

11 Друг начин како може да се подготвиме за животот во новиот свет е така што ќе научиме да простуваме. Во текот на Христовото илјадагодишно владеење, веројатно ќе помине некое време додека праведните и неправедните не ги отстранат своите маани и слабости (Дела 24:15). Дали тогаш ќе бидеме спремни со љубов да си простуваме еден на друг? Ако уште денес великодушно си простуваме и се трудиме да бидеме во добри односи со другите, ќе ни биде полесно да го правиме тоа и во новиот свет. (Прочитај Колошаните 3:12-14.)

12. Како нашите очекувања за идниот нов свет треба да влијаат врз нашиот живот сега?

12 Во Божјиот нов свет, можеби нема секогаш да го добиеме она што го сакаме или, пак, ќе мора да почекаме за да го добиеме. Затоа, ќе треба спремно да се подложуваме на Јеховината праведна власт така што ќе бидеме задоволни и благодарни во секакви околности. Всушност, и во тоа време ќе ни бидат потребни истите особини на кои Бог нѐ поучува сега. Со тоа што учиме да живееме уште денес како што ќе живееме тогаш, ние развиваме особини кои ќе ни користат во сета вечност. На тој начин покажуваме дека „идниот свет“ е реален за нас (Евр. 2:5; 11:1). Освен тоа, покажуваме дека копнееме да живееме во тоа време кога сите ќе му бидат послушни на Јехова.

СТАВИ ГИ ДУХОВНИТЕ АКТИВНОСТИ НА ПРВО МЕСТО

Ревносно проповедај

13. Кои активности ќе ни бидат најважни во новиот свет?

13 Јехова ни ветил дека во новиот свет ќе имаме сѐ што ни е потребно во материјален поглед. Сепак, најголема радост ќе ни причинува тоа што ќе бидат задоволени сите наши духовни потреби (Мат. 5:3). Духовните активности ќе ни бидат најважни од сѐ додека со радост му служиме на Јехова (Пс. 37:4). Според тоа, кога ги ставаме духовните работи на прво место денес, ние се подготвуваме за вистинскиот живот во иднина. (Прочитај Матеј 6:19-21.)

14. Кои духовни цели можат да си ги постават младите?

14 Како може уште порадосно да му служиме на Јехова? Еден начин е така што ќе си поставуваме духовни цели. Ако си млад човек кој сериозно размислува да му го посвети својот живот на Јехова, би можел во нашата литература да разгледаш некои информации за разните видови полновремена служба. Зошто не си поставиш за цел да учествуваш во некоја од нив? * Би можел да поразговараш со некои браќа и сестри кои со години служат полновремено. Ако уште денес го користиш својот живот во службата за Јехова, стекнуваш скапоцено искуство кое ќе ти помогне да продолжиш да му служиш во новиот свет.

Учествувај во теократските активности

15. Кои духовни цели би можел да си ги постави секој од нас?

15 Кои духовни цели може да си ги постави секој од нас? Би можеле да решиме да станеме повешти во некоја гранка од службата на проповедање. Освен тоа, би можеле да се потрудиме уште подобро да ги разбереме библиските начела и да научиме како да ги применуваме. Дали би можел да си поставиш цел да станеш подобар читач, да држиш поубави говори или да даваш посмисловни коментари на состаноците? Сигурно има и други работи во кои би можел да се подобриш. Не заборавај: кога си поставуваш духовни цели, тоа уште повеќе ја разгорува твојата ревност и те подготвува за животот во новиот свет.

НАЈДОБАР НАЧИН НА ЖИВОТ УШТЕ СЕГА!

Покажи дека си благодарен за духовната храна

16. Зошто службата за Јехова ни помага да живееме на најдобар можен начин?

16 Дали пропуштаме нешто со тоа што го трошиме времето да се подготвиме за Божјиот нов свет? Во никој случај! Затоа што му служиме на Јехова, живееме на најдобар можен начин. Но, не го правиме тоа бидејќи некој нѐ присилува или само за да ја преживееме големата неволја. Всушност, ние сме создадени да му служиме на Бог, и затоа сме најсреќни кога добиваме водство од него и кога постојано ја чувствуваме неговата лојална љубов. Пријателството со Јехова ни е најважно од сѐ. (Прочитај Псалм 63:1-3.) Се разбира, не треба да чекаме на новиот свет за да уживаме во духовните благослови кои Јехова ги излева врз оние што му служат со сета душа. Всушност, неговите верни слуги кои со децении добиваат такви благослови можат од лично искуство да потврдат дека го избрале најдобриот животен пат (Пс. 1:1-3; Иса. 58:13, 14).

Следи го водството од Божјата Реч

17. На кое место ќе ни бидат личните интереси во рајот?

17 Во Божјиот нов свет ќе посветуваме време на работи кои нѐ интересираат и ни носат задоволство. На крајот на краиштата, Јехова нѐ создал за да ‚уживаме во добрите работи од нашиот труд‘, и тој ветува дека во новиот свет ќе ‚ја задоволи желбата на сѐ што е живо‘ (Проп. 2:24; Пс. 145:16). Се разбира, имаме потреба и од одмор и разонода. Сепак, уште повеќе уживаме во нив кога пријателството со Јехова ни е на прво место во животот. Така ќе биде и во рајот на Земјата. Затоа е мудро уште денес да ги задржиме нашите лични интереси на исправно место така што ќе го ‚бараме најнапред царството‘ и духовните благослови кои Јехова ги излева врз својот народ (Мат. 6:33).

18. Како може да покажеме дека се подготвуваме за вечниот живот во рајот?

18 Во рајот што го очекуваме, животот ќе биде далеку поубав отколку што воопшто може да си замислиме! Затоа, да покажеме колку многу сакаме да бидеме таму со тоа што уште сега ќе се подготвиме за вистинскиот живот. Да ги развиваме особините кои му се допаѓаат на Јехова и ревносно да ја проповедаме добрата вест за Царството. Да си поставиме духовни цели кои ќе ни помогнат да му служиме во поголема мера и да чувствуваме уште поголема радост. Потполно сме уверени дека во новиот свет Јехова ќе ги исполни сите свои ветувања. Затоа, да живееме уште денес како веќе да сме таму!