Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали даваш сѐ од себе да бидеш духовно зрел христијанин?

Дали даваш сѐ од себе да бидеш духовно зрел христијанин?

‚Да станеме возрасни луѓе, да пораснеме до Христовата полнота‘ (ЕФ. 4:13)

ПЕСНИ: 69, 70

1, 2. Каква цел има секој христијанин? Наведи споредба.

ЕДНА домаќинка која купува свежо овошје на пазар обично не го избира она што е најголемо или најевтино. Наместо тоа, сака да купи зрело овошје, кое има убав мирис, и кое е вкусно и хранливо.

2 Слично на тоа, Бог очекува од своите слуги да бидат зрели. Но, таквата зрелост не е поврзана со возраста. Целта на секој христијанин е да стане духовно зрел Божји слуга. Затоа, тој продолжува да напредува дури и откако ќе му го заветува својот живот на Бог и ќе се крсти. Во посланието што им го испратил на христијаните во Ефес, апостол Павле им напишал дека треба духовно да созреат. Тој ги поттикнал да се трудат ‚да постигнат единство во верата и во доброто познавање на Синот Божји, додека не станат возрасни луѓе, додека не пораснат до Христовата полнота‘ (Еф. 4:13).

3. Во која смисла Божјиот народ денес е сличен на собранието во Ефес во првиот век?

3 Кога Павле го напишал ова послание, собранието во Ефес постоело веќе неколку години и мнозина тамошни христијани биле искусни и зрели. Но, имало и такви кои требало да продолжат духовно да напредуваат. Слична е ситуацијата и со Божјиот народ денес. Многу браќа и сестри кои со години му служат на Јехова се духовно зрели христијани. Сепак, ова не е случај со сите. На пример, новите лица кои се крштаваат треба да продолжат духовно да зреат. А како е со тебе? (Кол. 2:6, 7).

КАКО МОЖЕ ЕДЕН ХРИСТИЈАНИН ДА СТАНЕ ДУХОВНО ЗРЕЛА ЛИЧНОСТ?

4, 5. По што се разликуваат зрелите христијани еден од друг, но што им е заедничко на сите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Кога купуваш зрело овошје на пазар, можеш да видиш дека сите парчиња не се исти. Сепак, имаат некои заеднички карактеристики по кои се гледа дека се зрели. Истото може да се каже и за зрелите христијани — и тие не се потполно исти. Освен што потекнуваат од разни земји и култури, тие се на различна возраст и имаат различни карактери. Сепак, сите кои напредувале во духовен поглед имаат нешто заедничко — одредени особини по кои јасно се гледа дека се зрели. Кои се некои од тие особини?

5 Еден зрел слуга на Јехова го следи примерот на Исус ‚одејќи во сѐ по неговите стапки‘ (1. Пет. 2:21). Исус нагласил дека е најважно да го сакаме Јехова со сето срце, душа и ум, и да го сакаме својот ближен како себеси (Мат. 22:37-39). Зрелите христијани се трудат да живеат во склад со тој совет. Од нивниот начин на живот јасно се гледа дека односот со Јехова и самопожртвуваната љубов кон луѓето им се поважни од сѐ друго.

Постарите христијани можат да покажат понизност како Христос така што ќе ги поддржуваат оние што предводат сега (Види во пасус 6)

6, 7. а) По кои други особини можат да се препознаат зрелите христијани? б) Што треба да се прашаме?

6 Сепак, свесни сме дека љубовта е само еден од плодовите на светиот дух кои ги покажува зрелиот христијанин (Гал. 5:22, 23). Важно е да ги развива и другите плодови на духот, како што се благоста, самосовладувањето и долготрпеливоста. Тие можат да му помогнат да се справи со тешки ситуации без да се гневи, и да поднесе горки разочарувања без да падне во безнадежност и очај. Во текот на своето лично проучување, тој постојано се труди да ги разбере библиските начела кои ќе му помогнат да процени што е исправно, а што погрешно. А потоа донесува одлуки од кои се гледа дека е духовно зрела личност. На пример, постапува како што му налага совеста која е обликувана според Библијата. Зрелиот христијанин покажува понизност со тоа што признава дека Јеховините патишта и мерила секогаш се подобри од неговите. * Тој ревносно ја проповеда добрата вест и придонесува да се зачува единството во собранието.

7 Сеедно колку долго му служиме на Јехова, секој од нас може да се праша: ‚На кои полиња би можел уште повеќе да го следам Исус и да продолжам духовно да напредувам?‘

„ТВРДАТА ХРАНА Е ЗА ЗРЕЛИТЕ“

8. Колку добро Исус ги познавал и ги разбирал светите списи?

8 Исус Христос многу добро ги познавал светите списи. Уште кога имал само 12 години, тој можел да разговара за нив со учителите во храмот. Библијата вели: „Сите што го слушаа, се восхитуваа на неговата остроумност и на неговите одговори“ (Лука 2:46, 47). Подоцна, во текот на својата служба на Земјата, Исус вешто користел соодветни делови од Писмото за да ги побие тврдењата на Божјите непријатели (Мат. 22:41-46).

9. а) Какви навики за проучување има еден зрел христијанин? б) Зошто ја проучуваме Библијата?

9 Христијанинот кој сака духовно да напредува го следи примерот на Исус и не му е доволно само површно да ја познава Библијата. Тој редовно ги истражува длабоките вистини запишани во неа бидејќи знае дека „тврдата храна е за зрелите“ (Евр. 5:14). Зрелиот христијанин сака ‚добро да го запознае Синот Божји‘ (Еф. 4:13). Дали ти ја читаш Библијата секој ден? Дали редовно ја проучуваш, и дали секоја седмица одвојуваш време за Семејната вечер? Додека проучуваш, труди се да ги разбереш библиските начела кои ќе ти помогнат уште подобро да сфатиш како размислува и што чувствува Јехова. А потоа труди се да ги применуваш така што ќе ги земаш предвид секогаш кога донесуваш одлуки. Тоа ќе ти помогне да станеш уште поблизок со Јехова.

10. Како влијае знаењето врз животот на зрелиот христијанин?

10 Зрелиот христијанин е свесен дека знаењето само по себе не е доволно. Тој мора и да ги сака Божјите мерила и совети. Тоа го покажува така што се труди да си поставува цели кои се во склад со Јеховината волја, а не со своите лични желби. Христијанинот прави промени и во начинот на кој живее, размислува и постапува. По примерот на Исус, тој ја облекува новата личност, која е „создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“. (Прочитај Ефешаните 4:22-24.) Важно е да имаме на ум дека Библијата била напишана под водство на Божјиот свет дух. Затоа, кога ја проучува, христијанинот дозволува светиот дух да влијае врз неговото срце и ум и да му помогне уште подобро да ги разбере и да ги засака библиските начела. Сето тоа придонесува да стане уште позрел во духовен поглед.

ЗРЕЛИОТ ХРИСТИЈАНИН ПРИДОНЕСУВА ЗА ЕДИНСТВОТО

11. Со што морал да се справува Исус додека бил на Земјата?

11 Исус бил совршен човек. Сепак, кога бил на Земјата, бил опкружен со несовршени луѓе. Неговите родители, како и неговите браќа и сестри биле несовршени. Дури и неговите најблиски следбеници понекогаш покажувале лоши особини како горделивост и себичност. На пример, вечерта пред Исус да биде погубен, ‚меѓу нив настанала препирка околу тоа кој од нив би можел да биде најголем‘ (Лука 22:24). Но, тој имал доверба дека неговите несовршени ученици духовно ќе созреат и ќе оформат едно обединето собрание. Во молитвата што истата вечер му ја упатил на својот небесен Татко, во врска со своите апостоли Исус рекол: „Да бидат сите едно, како што ти си, Татко, во единство со мене и јас во единство со тебе, и тие да бидат во единство со нас... за да бидат едно, како што сме ние едно“ (Јован 17:21, 22).

12, 13. а) Според Ефешаните 4:15, 16, каква цел имаме како христијани? б) Како еден брат научил да го гради единството во собранието?

12 Зрелиот Божји слуга придонесува да се зачува единството во собранието. (Прочитај Ефешаните 4:1-6, 15, 16.) Нашата цел како христијани е да бидеме „складно составени“ или, со други зборови, да соработуваме заедно во единство. Според Библијата, за да го постигнеме тоа, мора да бидеме понизни. Зрелиот брат или сестра понизно прави сѐ што може за да го зачува единството, дури и кога мора да ги поднесува несовршеностите на другите. Како реагираш ти кога некој брат или сестра ќе направи грешка? Што ако ти згреши тебе лично? Дали имаш склоност, па дури и навика, да подигаш ѕидови меѓу тебе и оние што те повредиле? Или, пак, се трудиш да градиш мостови? Еден зрел христијанин ќе настојува да гради мостови, а не ѕидови, односно да ги решава проблемите наместо да им прави проблеми на другите.

13 Размисли за примерот на Уве. Во минатото, тој лесно се вознемирувал поради несовршеностите на соверниците. Но, потоа одлучил да го проучува животот на Давид со помош на Библијата и на книгата Увид во Светото писмо. Зошто го избрал баш Давид? Уве објаснува: „Давид со свои очи гледал како некои сонародници постапувале спротивно на Божјите закони. На пример, цар Саул се обидел да го убие, некои луѓе сакале да го каменуваат, па дури и сопствената жена го исмејувала (1. Сам. 19:9-11; 30:1-6; 2. Сам. 6:14-22). Но, Давид никогаш не дозволил однесувањето на другите да ја згасне неговата љубов кон Јехова. Освен тоа, овој цар бил милостив, а јас требаше да работам на таа особина. Она што го научив, ми помогна да гледам сосема поинаку на слабостите на моите соверници. Веќе не водам евиденција за секоја нивна грешка. Наместо тоа, се трудам да го градам единството во собранието“. Дали и ти имаш цел да придонесуваш да се зачува единството во собранието?

БАРАЈ ПРИЈАТЕЛИ МЕЃУ ОНИЕ ШТО ЈА ВРШАТ БОЖЈАТА ВОЛЈА

14. Кои му биле блиски пријатели на Исус?

14 Исус Христос се однесувал пријателски со сите. Во негово друштво им било пријатно на секакви луѓе — мажи, жени, млади, стари, па дури и деца. Сепак, Исус внимателно ги избрал своите блиски пријатели. Тој им рекол на своите верни апостоли: „Вие сте мои пријатели ако го правите она што ви го заповедам“ (Јован 15:14). Исус ги избрал за свои пријатели оние кои верно го следеле и кои со сета душа му служеле на Јехова. Дали и ти ги избираш за свои блиски пријатели оние кои безрезервно му служат на Јехова? Зошто ова е важно?

15. Зошто е добро младите да се дружат со зрели христијани?

15 Исто како што овошјето најбрзо созрева под топлите сончеви зраци, така и топлата и срдечна љубов на нашите браќа и сестри може да придонесе за нашиот духовен раст. Можеби си млада личност и размислуваш на што да го посветиш својот живот. Вистинските пријатели можат да ти помогнат да го избереш најдобриот животен пат. Затоа, дружи се со оние кои веќе со години му служат на Јехова и кои се трудат да го зајакнат единството во собранието. Можеби тие имале свои подеми и падови во животот, и се соочиле со разни предизвици додека му служеле на Бог. Изградувачкото дружење со таквите браќа и сестри може да ти помогне да донесеш мудри одлуки и да продолжиш духовно да напредуваш. (Прочитај Евреите 5:14.)

16. Како некои зрели христијани во собранието ѝ помогнале на една млада сестра?

16 На пример, Хелга се сеќава дека, во последната година од школувањето, нејзините соученици зборувале за своите планови за иднината. Мнозина од нив имале цел да се запишат на факултет, бидејќи сметале дека тоа им е гаранција за успешна кариера. Но, Хелга разговарала за ова со пријателите од собранието. Таа вели: „Повеќето од нив беа постари од мене, и многу ми помогнаа. Ме поттикнаа да започнам со полновремена служба. Служев пет години како пионер. Сега, со години подоцна, многу сум среќна што посветив дел од младоста на службата за Јехова. Воопшто не жалам за тоа“.

17, 18. Како можеме најдобро да му служиме на Јехова?

17 За да бидеме духовно зрели христијани, треба го следиме примерот на Исус. Така ќе станеме уште поблиски со Јехова и кај нас ќе се разгори силна желба да му служиме во најголема можна мера. Еден христијанин може да му го даде своето најдобро на Јехова само ако е духовно зрела личност. Исус ги поттикнал своите следбеници: „Нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата“ (Мат. 5:16).

18 Како што видовме, зрелите христијани можат да влијаат многу позитивно врз собранието. Духовната зрелост на поединецот се гледа и од тоа дали тој постапува во склад со својата совест. Како може совеста да ни помогне да донесуваме мудри одлуки? И како може да покажеме почит кон совеста на другите? Овие прашања ќе бидат одговорени во следната статија.

^ пас. 6 На пример, постарите и искусни браќа можеби ќе бидат замолени да се откажат од одредени одговорности и да ги поддржуваат помладите браќа кои ќе ги преземат тие задолженија од нив.