Дали ‚го сакаш својот ближен како себеси‘?
„Сакај го својот ближен како себеси“ (МАТ. 22:39)
1, 2. Како Библијата покажува колку е важна љубовта?
ЉУБОВТА е главна особина на Јехова Бог (1. Јов. 4:16). Тој најпрво го создал Исус, кој живеел со него на небото милијарди години и видел од прва рака колку голема љубов има Бог (Кол. 1:15). Исус покажувал иста таква љубов во текот на целиот свој живот — и на небото и на Земјата. Затоа може да бидеме сигурни дека Јехова и неговиот Син секогаш ќе владеат со љубов.
2 Кога го прашале која е најголемата заповед во Законот, Исус одговорил: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Мат. 22:37-39).
3. Кој е нашиот „ближен“?
3 Многу е важно да покажуваме љубов кон луѓето. Забележи дека Исус ја спомнал љубовта кон ближниот веднаш по љубовта кон Јехова. Но, кој е нашиот „ближен“? Ако сме во брак, најблизок ни е нашиот сопружник. Освен тоа, наши ближни се браќата и сестрите
во христијанското собрание, како и луѓето на кои им проповедаме. Во оваа статија ќе видиме како можеме да покажуваме љубов кон сите нив.САКАЈ ГО СВОЈОТ БРАЧЕН ДРУГАР
4. Како луѓето можат да имаат среќен брак иако се несовршени?
4 Јехова ги создал Адам и Ева и го склопил првиот брак. Тој сакал да имаат среќен и траен брак, и да ја наполнат Земјата со свои потомци (1. Мој. 1:27, 28). Но, со тоа што се побуниле против Јеховината врховна власт, Адам и Ева ја поткопале својата брачна врска, и им донеле грев и смрт на сите луѓе (Рим. 5:12). И покрај тоа, денес може да имаме среќен брак. Во Библијата, Јехова — Основачот на бракот — ги дал најдобрите можни совети за брачните другари. (Прочитај 2. Тимотеј 3:16, 17.)
5. Колку е важна љубовта за бракот?
5 Љубовта претставува чувство на длабока приврзаност и силна наклоност. Божјата Реч покажува дека таа е неопходна за да имаме добри односи со другите. Ова особено важи за бракот. Апостол Павле ја опишал вистинската љубов со следниве зборови: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува, не го памти злото. Не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината. Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува“ (1. Кор. 13:4-8). Ако размислуваме за овие зборови и ако се трудиме да ги примениме, нашиот брак ќе биде уште посреќен.
6, 7. а) Што вели Библијата за поглаварството? б) Како мора христијанскиот сопруг да постапува со својата жена?
6 Љубовта е особено важна за да може исправно да се спроведе начелото за поглаварство кое го воспоставил Јехова. Павле објаснил: „Сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Кор. 11:3). Јехова очекува мажот да го спроведува поглаварството со љубов, а не со сила. Самиот Бог е грижлив и несебичен Поглавар. Затоа Исус спремно се подложува на неговиот авторитет. Тој рекол: „Го сакам Таткото“ (Јован 14:31). Исус сигурно немало да има такви чувства кон Јехова ако Тој постапувал грубо и заповеднички со својот сакан Син.
7 Иако мажот е поглавар на својата жена, Библијата го советува да ја почитува (1. Пет. 3:7). Еден начин на кој сопрузите можат да покажат почит кон својата жена е така што ќе ги земат предвид нејзините потреби и во одредени работи ќе ги прифатат нејзините предлози. Всушност, Божјата Реч вели: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Еф. 5:25). Исус си го дал дури и животот за своите следбеници. Кога мажот го следи примерот на Исус и го спроведува своето поглаварство со љубов, многу ѝ олеснува на својата жена да го сака, да го почитува и да му биде подложна. (Прочитај Тит 2:3-5.)
САКАЈ ГИ БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ
8. Каков став треба да имаат Божјите слуги кон соверниците?
8 Низ целата Земја, милиони луѓе му служат на Јехова и сведочат за неговото име и за неговата намера. Сите тие се наши браќа и сестри. Каков став треба да имаме кон нив? Божјата Реч ни го дава одговорот: „Да им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“ (Гал. 6:10; прочитај Римјаните 12:10). Апостол Петар напишал: „Сега, кога со послушноста кон вистината ги исчистивте своите души за да можете да покажувате нелицемерна братска љубов, сакајте се еден со друг силно и од срце“. Тој исто така им го рекол следново на своите соверници: „Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг“ (1. Пет. 1:22; 4:8).
9, 10. Зошто меѓу Божјиот народ владее единство?
9 Нашата меѓународна организација е навистина нешто посебно. Зошто? Затоа што сите се сакаме горливо и од срце. Освен тоа, бидејќи го сакаме Јехова и ги слушаме неговите закони, тој нѐ поддржува со најмоќната сила во вселената — својот свет дух. Благодарение на Божјиот дух, меѓу нас владее вистинско единство. (Прочитај 1. Јованово 4:20, 21.)
10 Павле нагласил колку е важна љубовта за христијаните, кога напишал: „Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие. Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:12-14). Ние сме многу благодарни што љубовта, која „совршено нѐ поврзува“, владее меѓу нас без оглед на нашето општествено или национално потекло!
11. Кои се главни обележја на Јеховината организација?
11 Искрената љубов и единството што постојат меѓу Јеховините слуги се јасен доказ дека тие ѝ припаѓаат на вистинската религија, бидејќи Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). А апостол Јован напишал: „Децата Божји и децата на Ѓаволот се познаваат по ова: секој што не оди во праведност, не потекнува од Бог, а така и оној што не го сака својот брат. Зашто, ова е пораката што сте ја чуле од почетокот: да се сакаме еден со друг“ (1. Јов. 3:10, 11). Љубовта и единството се главни обележја по кои се препознава дека Јеховините сведоци се вистински Христови следбеници, кои Бог ги користи да ја проповедаат добрата вест за Царството по целиот свет (Мат. 24:14).
СОБИРАЊЕ НА ‚ГОЛЕМОТО МНОШТВО‘
12, 13. Што прават денес членовите на ‚големото мноштво‘, и што ќе се случи наскоро со нив?
12 Повеќето Јеховини слуги се дел од едно „големо мноштво луѓе... од сите народи и племиња и народности и јазици“. Тие „стојат пред престолот [на Бог] и пред Јагнето [Исус Христос]“. Библијата вели: „Тоа се оние што доаѓаат од големата неволја. Ги испраа своите долги облеки и ги обелија во крвта на Јагнето“ бидејќи покажуваат вера во откупната жртва на Исус. Членовите на сѐ побројното „големо мноштво“ ги сакаат Јехова и неговиот Син и „му служат [на Бог] ден и ноќ во неговиот храм“ (Отк. 7:9, 14, 15).
13 Наскоро Бог ќе го уништи овој злобен свет во ‚големата неволја‘ (Мат. 24:21; прочитај Еремија 25:32, 33). Но, затоа што ги сака своите слуги, тој ќе ги зачува како група и ќе им помогне да влезат во новиот свет. Во склад со она што било проречено пред речиси 2.000 години, Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“. Дали копнееш да живееш во рајот откако ‚сѐ што било порано, ќе помине‘? (Отк. 21:4).
14. Колку брои големото мноштво денес?
14 Кога започнале последните денови во 1914 год., во целиот свет имало само неколку илјади Јеховини слуги. Од љубов кон ближните и со помош на Божјиот дух, таа мала група помазани христијани истрајно ја проповедале добрата вест за Царството. Како резултат на тоа, денес се собира едно големо мноштво луѓе кои имаат надеж за вечен живот на Земјата. Во целиот свет има повеќе од осум милиони Јеховини сведоци во повеќе од 115.400 собранија, и овој број и понатаму расте. На пример, во текот на 2014 службена година беа крстени над 275.500 лица. Ова значи дека во просек се крштаваа околу 5.300 лица секоја седмица.
15. Како мнозина ја дознаваат добрата вест денес?
15 Денес проповедничкото дело достигнува невидени размери. Нашите публикации сега се достапни на повеќе од 700 јазици. Стражарска кула е најраспространетото списание во светот. Секој месец се печатат над 52 милиони примероци на 247 јазици. Освен тоа, досега беа отпечатени повеќе од 200 милиони примероци од книгата Што навистина учи Библијата? на повеќе од 250 јазици.
16. На што се должи духовниот напредок на Јеховиниот народ?
16 Извонредниот пораст денес се должи на тоа што имаме вера во Бог и ја прифаќаме Библијата како негова вдахновена Реч (1. Сол. 2:13). Јеховиниот народ доживува огромен духовен напредок, и покрај омразата и противењето од страна на „богот на овој свет“, Сатана (2. Кор. 4:4).
СЕКОГАШ ПОКАЖУВАЈ ЉУБОВ КОН ДРУГИТЕ
17, 18. Каков став треба да имаме кон оние што не му служат на Јехова?
17 Каков став треба да имаат Јеховините слуги кон оние што не му служат на единствениот вистински Бог? Кога проповедаме, некои луѓе ја прифаќаат добрата вест, а некои ја отфрлаат. Сепак, без оглед како реагираат, ние сме послушни на следниов совет кој ни е даден во Библијата: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол, да знаете секому да му одговорите како што треба“ (Кол. 4:6). Ние ги браниме нашите верувања „благо и со длабока почит“ затоа што ги сакаме нашите ближни (1. Пет. 3:15).
18 Ние покажуваме љубов кон ближните дури и кога станарите се лутат и нѐ навредуваат затоа што не им се допаѓа нашата порака. Се трудиме да постапуваме како Исус, за кого Библијата вели: „Кога го навредуваа, не враќаше со навреди. Кога страдаше, не се закануваше, туку му се препушти на оној [Јехова] што праведно суди“ (1. Пет. 2:23). Сеедно дали сме со нашите соверници или со други луѓе, ние покажуваме понизност и го применуваме следниов совет: „Не враќајте зло за зло, ни навреда за навреда, туку, напротив, благословувајте“ (1. Пет. 3:8, 9).
19. Како треба да постапуваме со нашите непријатели?
19 Понизноста ни помага да се држиме за едно важно начело што го дал Исус. Во својата Проповед на гората, тој рекол: „Сте чуле дека било речено: ‚Сакај го својот ближен и мрази го својот непријател!‘ А јас ви велам: сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат, за да бидете синови на својот Татко кој е на небесата, бидејќи тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Мат. 5:43-45). Како Божји слуги, мора да научиме ‚да ги сакаме своите непријатели‘ без оглед како постапуваат со нас.
20. Од каде знаеме дека во новиот свет ќе владее љубов? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
20 Ние секогаш мора да покажуваме и со својот став и со своите постапки дека ги сакаме Јехова и нашите ближни. На пример, дури и кога некои не ја прифаќаат пораката за Царството, ние покажуваме љубов кон нив ако имаат некаква потреба. Апостол Павле напишал: „Не должете никому ништо, освен да се сакате еден со друг. Зашто, оној што го сака ближниот, го исполнил Законот. Зашто, заповедите од Законот: ‚Не врши прељуба‘, ‚Не убивај‘, ‚Не кради‘, ‚Не посакувај‘, и ако има уште некоја заповед, се содржани во овие зборови: ‚Сакај го својот ближен како самиот себе!‘ Љубовта не му прави зло на ближниот. Според тоа, љубовта е исполнување на Законот“ (Рим. 13:8-10). Како Јеховини сведоци, ние покажуваме вистинска љубов во овој разединет, насилен и злобен свет, кој е под власта на Сатана (1. Јов. 5:19). Откако Јехова ќе ги уништи Ѓаволот, неговите демони и злобните луѓе, во новиот свет ќе завладее љубов. Животот навистина ќе биде прекрасен кога сите луѓе на Земјата ќе ги сакаат Бог и своите ближни!