Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Кој му бил татко на Јосиф?

Јосиф, кој бил од Назарет и бил дрводелец, му бил очув на Исус. Но, кој му бил татко на Јосиф? Во родословието на Исус запишано во евангелието според Матеј пишува дека татко му на Јосиф се викал Јаков. Меѓутоа, во евангелието според Лука пишува дека Јосиф бил „син на Или“. На што се должи оваа разлика? (Лука 3:23; Матеј 1:16).

Во евангелието според Матеј пишува: „На Јаков му се роди Јосиф“. Грчкиот збор што е употребен за изразот „му се роди“ покажува дека Јаков му бил биолошки татко на Јосиф. Значи, Матеј го навел биолошкото родословие на Јосиф, односно царската лоза на Давид, според која Исус, како посвоен син на Јосиф, имал законско право да го наследи престолот.

Од друга страна, во евангелието според Лука пишува: „Јосиф, син на Или“. Изразот „син на“ може да значи и „зет на“. Друг таков пример наоѓаме во Лука 3:27, каде Салатиел, чиј биолошки татко бил Јехонија, е наречен „син на Нери“ (1. Летописи 3:17; Матеј 1:12). Салатиел најверојатно бил оженет со ќерка на Нери, што значи дека му бил зет. На ист начин, и Јосиф му бил „син“ на Или затоа што бил оженет со Марија, ќерката на Или. Значи, Лука го навел родословието на Исус „по тело“, односно родословието преку неговата биолошка мајка, Марија (Римјаните 1:3). Според тоа, во Библијата се запишани две различни но значајни родословија на Исус.

Какви ткаенини и бои се користеле во библиски времиња?

Бојадисана волна пронајдена во една пештера близу Мртвото Море, од пред 135 н.е.

Во старо време, на Блискиот Исток ткаенините често се изработувале од овча волна, како и од козји и камилски влакна. Најмногу се користеле волнените ткаенини, па затоа во Библијата често се спомнуваат овци, стрижење и волнена облека (1. Самоилова 25:2; 2. Царевите 3:4; Јов 31:20). Од ленот, кој се одгледувал во Египет и во Израел, се изработувало ленено платно (1. Мојсеева 41:42; Исус Навин 2:6). Во библиски времиња, Израелците веројатно не одгледувале памук, но во Библијата се спомнува дека во Персија се користело памучно платно (Естира 1:6). Свилата била скапа и раскошна ткаенина која веројатно се увезувала преку трговците што доаѓале од Далечниот Исток (Откровение 18:11, 12).

„Волната можела да се најде во многу природни нијанси, од чисто бела па сѐ до темно кафеава“, стои во една книга со археолошки откритија (Jesus and His World). Освен тоа, волната честопати била и бојадисувана. Од некои видови мекотели се добивала скапа пурпурна боја. Црвената, жолтата, сината и црната боја се добивале од различни растенија, корења, лисја и инсекти.