Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Решавај ги несогласувањата со љубов

Решавај ги несогласувањата со љубов

Бидете во мир еден со друг (МАР. 9:50)

ПЕСНИ: 39, 77

1, 2. Кои несогласувања се спомнати во 1. Мојсеева, и зошто тие извештаи се корисни за нас?

ДАЛИ некогаш си размислувал за несогласувањата и непријателствата кои се спомнати во Библијата? Уште во првите неколку поглавја од 1. Мојсеева, читаме дека Каин го убил Авел (1. Мој. 4:3-8); Ламех убил еден младич (1. Мој. 4:23); пастирите на Авраам се расправале со пастирите на Лот (1. Мој. 13:5-7); Агара почнала да ја презира Сара, а Сара му се налутила на Авраам (1. Мој. 16:3-6); Исмаел се кревал против секого, и секој се кревал против него (1. Мој. 16:12).

2 Зошто во Библијата се зборува за вакви несогласувања? Бидејќи тоа може да им помогне на несовршените луѓе да разберат нешто многу важно — зошто треба да бидат во мир со другите, и како можат да го постигнат тоа. Божјата Реч содржи извештаи за вистински луѓе кои се бореле со вистински проблеми. Исто така, таа ни открива на кој начин некои од нив ги решавале меѓусебните спорови. Од тоа учиме како треба, а како не треба да постапиме кога ќе се најдеме во слични ситуации (Рим. 15:4).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе видиме зошто и како треба да ги расчистуваме несогласувањата. Ќе разгледаме и некои библиски начела што можат да ни помогнат да ги решаваме меѓусебните проблеми и да го зачуваме добриот однос со Јехова и со другите.

ЗОШТО ТРЕБА ДА ГИ РЕШАВАМЕ НЕСОГЛАСУВАЊАТА?

4. Кој став се раширил низ целиот свет, и какви се последиците од тоа?

4 Сатана е главниот виновник за поделбите и несогласувањата меѓу луѓето. Зошто го велиме ова? Во рајската градина, тој ја навел Ева да мисли дека секој може и треба сам да одлучува што е добро а што лошо, и дека нема потреба луѓето да го слушаат Бог (1. Мој. 3:1-5). Но, условите во светот јасно покажуваат дека таквата независност од Творецот е извор на безброј проблеми. Многу луѓе сметаат дека имаат право самите да одлучуваат што е добро за нив. Тие се горделиви, себични и сакаат по секоја цена да бидат подобри од другите. Бидејќи им е најважно да ги остварат своите лични интереси, воопшто не им е гајле ако со тоа ги повредуваат другите. Таквиот себичен став води до расправии. Библијата јасно предупредува: „Човек што е склон кон гнев, предизвикува караница, и избувливиот човек прави многу престапи“ (Изр. 29:22).

5. Какви совети дал Исус за тоа како да се решат несогласувањата?

5 Исус ги поучувал луѓето да даваат сѐ од себе за да бидат во мир со другите, дури и да им се чини дека тоа ним лично нема да им оди во прилог. Во својата Проповед на гората, тој дал многу добри совети за тоа како да се избегнат или да се решат несогласувањата. На пример, ги поттикнал учениците да бидат љубезни и мирољубиви, да не држат лутина, брзо да ги решаваат меѓусебните проблеми и да ги сакаат своите непријатели (Мат. 5:5, 9, 22, 25, 44).

6, 7. а) Зошто е битно брзо да ги решаваме несогласувањата? б) Кои прашања треба да си ги постават сите Божји слуги?

6 Денес го славиме Јехова кога проповедаме, кога му се молиме и кога одиме на состаноци. Сепак, сето тоа би било залудно ако не сме спремни да ги решаваме несогласувањата и да го зачуваме мирот со нашите браќа (Мар. 11:25). Не можеме да бидеме Божји пријатели ако не им простуваме на другите кога ќе ни згрешат. (Прочитај Лука 11:4; Ефешаните 4:32.)

7 Јехова очекува од сите свои слуги спремно да простуваат и да бидат во мир со другите. Затоа, добро е внимателно да размислиме и искрено да се прашаме: „Дали брзо им простувам на моите браќа? Дали се радувам кога сум со нив иако можеби некој од нив ти згрешил?“ Ако совеста ти вели дека би можел да се подобриш во овој поглед, моли го Јехова да ти помогне. Нашиот небесен Татко ќе ги слушне таквите понизни молитви и ќе одговори на нив (1. Јов. 5:14, 15).

МОЖЕШ ЛИ ДА ПРЕМИНЕШ ПРЕКУ НЕЧИЈА ГРЕШКА?

8, 9. Како треба да постапиме кога некој ќе ни згреши?

8 Бидејќи сите сме несовршени, кога-тогаш некој ќе ни згреши — или со збор или со постапка (Проп. 7:20; Мат. 18:7). Како ќе реагираме? Може да извлечеме важна поука од следново искуство: На едно дружење на кое присуствувале повеќе Сведоци, една сестра се поздравила со двајца браќа, кои ќе ги наречеме Мартин и Филип. Но, Мартин се навредил од начинот на кој таа го поздравила. Кога останале насамо, тој почнал да ја критикува сестрата за она што му го рекла. Тогаш Филип го потсетил дека таа верно му служи на Јехова цели 40 години, и покрај многуте неволји со кои се соочувала. Тој бил уверен дека сестрата немала никаква намера да го навреди. Како реагирал Мартин? Тој рекол: „Во право си“, и решил повеќе да не мисли на она што се случило.

9 Што учиме од ова? Кога некој ќе ни згреши, ние избираме како ќе реагираме. Ако сме полни со љубов, спремно ќе простиме. (Прочитај Изреки 10:12; 1. Петрово 4:8.) Јехова многу се радува кога сме спремни да преминеме преку нечии грешки (Изр. 19:11; Проп. 7:9). Затоа, следниот пат кога некој ќе ти згреши со збор или со постапка, прашај се: „Можам ли да преминам преку оваа грешка? Дали навистина треба да правам проблем од тоа?“

10. а) Во почетокот, како реагирала една сестра на негативните забелешки? б) Кои библиски стихови ѝ помогнале на оваа сестра да си го зачува мирот?

10 Сепак, кога некој зборува лошо за нас, понекогаш не е лесно да преминеме преку тоа. Да видиме што се случило со една пионерка која ќе ја наречеме Розе. Некои во собранието ја критикувале за тоа како ја врши службата и како го троши времето. Бидејќи ова многу ја вознемирило, таа побарала совет од некои зрели браќа. Розе вели дека, со помош на Библијата, тие ѝ помогнале да сфати дека не треба да си става на срце сѐ што ќе кажат другите, туку дека треба да ѝ биде најважно што мисли Јехова. Таа многу се охрабрила кога ги прочитала стиховите во Матеј 6:1-4. (Прочитај.) Тоа ја потсетило дека главна цел треба да ѝ биде да го радува Бог. Затоа решила да не обрнува внимание на негативните забелешки. Бидејќи знае дека дава сѐ од себе за да му угоди на Јехова, таа сега е среќна дури и кога некој зборува лошо за нејзината служба.

ШТО АКО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕМИНЕ ПРЕКУ НЕШТО?

11, 12. а) Што треба да прави еден христијанин ако сфати дека неговиот брат „има нешто против“ него? б) Што учиме од начинот на кој Авраам решил еден проблем? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Библијата вели: „Сите ние честопати грешиме“ (Јак. 3:2). Што треба да направиш ако дознаеш дека некој брат многу се вознемирил затоа што си кажал или си направил нешто? Исус рекол: „Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Мат. 5:23, 24). Во склад со овој совет, разговарај со братот кој си го вознемирил. Твојата цел треба да биде да се смириш со него. Наместо да го обвинуваш, треба да си ја признаеш својата грешка. Не заборавај дека најважно од сѐ е да останеме во мир со нашите браќа.

12 Библијата покажува како Божјите слуги можат да го зачуваат мирот кога ќе дојде до несогласување. На пример, Авраам и неговиот внук Лот поседувале многу стока, и нивните овчари почнале да се караат затоа што немало доволно земја за сите. Бидејќи Авраам сакал да има мир, му дозволил на Лот прв да избере каде ќе се насели (1. Мој. 13:1, 2, 5-9). Колку убав пример за нас! Дали Авраам претрпел трајна штета затоа што бил великодушен? Воопшто не. Веднаш по овој настан, Бог му ветил дека многу ќе го благослови (1. Мој. 13:14-17). Која е поуката за нас? Јехова нема никогаш да дозволи неговите слуги да претрпат трајна штета затоа што постапуваат во склад со неговите начела и ги расчистуваат несогласувањата со љубов. [1]

13. Како реагирал еден надгледник на грубите зборови што му ги кажал еден брат, и што учиме од неговиот пример?

13 Да разгледаме еден пример од нашево време. Џон, новиот надгледник на едно конгресно одделение, му се јавил телефонски на Марк за да го праша дали ќе може да служи како доброволец за време на конгресот. Но, Марк му возвратил со неколку груби забелешки, и му исклучил. Всушност, тој сѐ уште му бил лут на претходниот надгледник на тоа одделение. Џон не се налутил, но не можел ни да премине преку она што се случило. По еден час, повторно му се јавил на Марк и му предложил да се сретнат. Следната седмица, тие се нашле во салата за состаноци и, откако се помолиле, разговарале околу еден час. Марк објаснил што му се случило со претходниот надгледник. Џон внимателно го сослушал и споделил неколку библиски стихови со него. Како резултат на тоа, се разделиле во мир, а Марк прифатил да служи во конгресното одделение. Тој е благодарен што Џон постапил смирено и обѕирно со него.

ТРЕБА ЛИ ДА ГИ ВКЛУЧИШ СТАРЕШИНИТЕ?

14, 15. а) Кога треба да го примениме советот од Матеј 18:15-17? б) Кои три чекори ги спомнал Исус, и со која цел треба да ги примениме?

14 Повеќето проблеми меѓу двајца христијани можат и треба да се решаваат насамо. Меѓутоа, понекогаш ова не е можно. Во некои ситуации можеби ќе биде неопходна помошта од старешините, како што покажува Матеј 18:15-17. (Прочитај.) „Гревот“ што го спомнал Исус во овие стихови не е некое мало несогласување меѓу христијаните. Од каде го знаеме тоа? Исус рекол дека, ако престапникот не сака да се покае откако зборувал со својот брат, со сведоците и со старешините, со него треба да се постапува како со незнабожец и даночник. Со други зборови, тој требало да биде исклучен. Според тоа, „гревот“ за кој станува збор во Матеј 18:15-17 е посериозен, и би можел да се однесува на измама или на клевета со која бил нарушен нечиј углед. Меѓутоа, за гревови како што се прељуба, хомосексуалност, отпадништво или идолопоклонство, секогаш мора да решаваат старешините.

Можеби ќе треба да разговараме неколку пати со нашиот брат за да се помириме со него (Види во пасус 15)

15 Целта на овој совет на Исус е со љубов да му се помогне на братот кој згрешил (Мат. 18:12-14). Како може да го послушаме? Прво, треба да се обидеме да се помириме со нашиот брат без да вклучуваме други лица. Можеби ќе мора да разговараме со него неколку пати. Ако не успееме да го решиме проблемот, тогаш може да го преземеме вториот чекор. Треба да зборуваме со него заедно со некој што ја знае ситуацијата или кој може да одреди дали навистина бил направен грев. Ако се среди работата, тогаш „си го придобил својот брат“. Но, ако сте зборувале повеќе пати и сепак не сте успеале да го решите несогласувањето, тогаш можеш да го направиш третиот чекор, односно да ги известиш старешините за проблемот.

16. Што може да постигнеме ако го послушаме советот на Исус, и зошто тоа е знак на љубов?

16 Во повеќето случаи, не мора да се преземат сите три чекори од Матеј 18:15-17. Тоа е охрабрувачко. Зошто го велиме ова? Затоа што оној кој згрешил најчесто си ја признава грешката и ги исправа работите, и нема потреба да биде исклучен. Потоа оној кој бил оштетен или навреден треба да му прости за да се зачува мирот. Од советот на Исус јасно се гледа дека не треба веднаш да одиме кај старешините. Треба да ги известиме за проблемот дури откако сме ги проследиле првите два чекора и навистина имаме цврсти докази дека некој направил грев против нас.

17. Какви благослови ќе имаме ако се трудиме да живееме во мир едни со други?

17 Сѐ додека сме несовршени, ќе им грешиме на другите. Ученикот Јаков напишал: „Ако некој не греши во зборови, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото тело“ (Јак. 3:2). За да ги решиме несогласувањата, најважно од сѐ треба да ни биде да останеме во мир со другите (Пс. 34:14). Ако сме миротворци, ќе бидеме добри пријатели со браќата и сестрите, и тоа ќе го зацврсти нашето единство (Пс. 133:1-3). Но, пред сѐ, ќе бидеме блиски пријатели со Јехова, нашиот „Бог, кој дава мир“ (Рим. 15:33). Тој ќе ни ги излее сите овие благослови ако ги решаваме несогласувањата со љубов.

^ [1] (пасус 12) Некои други што ги решиле проблемите на мирољубив начин биле Јаков, со неговиот брат Исав (1. Мој. 27:41-45; 33:1-11); Јосиф, со своите браќа (1. Мој. 45:1-15); и Гедеон, со луѓето од племето на Ефрем (Суд. 8:1-3). Веројатно ќе се сетиш и на други слични библиски примери.