Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Библијата сѐ уште ти го менува животот?

Дали Библијата сѐ уште ти го менува животот?

Преобразете се така што ќе го обновите својот ум (РИМ. 12:2)

ПЕСНИ: 61, 52

1-3. а) Кои промени можеби ќе ни биде тешко да ги правиме откако ќе се крстиме? б) Кои прашања може да си ги поставиме ако не се менуваме толку брзо колку што сме очекувале? (Види ги сликите погоре.)

КЕВИН [1] со години се коцкал, пушел, се опивал и се дрогирал. Но, потоа ја дознал вистината за Јехова и најмногу од сѐ сакал да биде близок пријател со него. За да ја стекне Божјата милост, тој морал да направи огромни промени. Кевин успеал во тоа така што се потпрел на Јехова и дозволил Библијата од корен да го промени неговиот живот (Евр. 4:12).

2 Откако се крстил, Кевин морал да продолжи да ја менува својата личност за да стане подобар христијанин (Еф. 4:31, 32). На пример, му било многу тешко да го контролира својот избувлив темперамент. Всушност, тој рекол дека тоа му било потешко отколку да престане со сите лоши навики кои ги имал пред да се крсти! И покрај сѐ, успеал да направи промени затоа што горливо го молел Јехова и длабоко ја проучувал Библијата.

3 Слично на Кевин, пред крштавањето мнозина од нас морале да направат големи промени за да почнат да живеат во склад со библиските мерила. Сепак, свесни сме дека мора и понатаму да се менуваме за да бидеме послични на Бог и на Христос (Еф. 5:1, 2; 1. Пет. 2:21). На пример, можеби забележуваме дека постојано ги критикуваме другите, чувствуваме страв од човек, склони сме кон оговарање или имаме некоја друга слабост. Веројатно со години се трудиме да се смениме, но сѐ уште ги правиме истите грешки. Затоа можеби се прашуваш: „Зошто ми е тешко да правам помали промени кога веќе успеав да направам многу поголеми промени? Како да ги применам советите од Библијата за да станам подобра личност?“

ИМАЈ РЕАЛНИ ОЧЕКУВАЊА

4. Зошто не успеваме секогаш да го радуваме Јехова?

4 Ние го сакаме Јехова и имаме силна желба да го радуваме. За жал, бидејќи сме несовршени, не успеваме секогаш да постапуваме како што сака тој. Честопати се чувствуваме како апостол Павле, кој рекол: „Способен сум да го сакам она што е добро, но не и да го правам она што е добро“ (Рим. 7:18; Јак. 3:2).

5. Кои промени ги направивме пред да се крстиме, но со кои слабости можеби и понатаму се бориме?

5 Пред да станеме дел од христијанското собрание, ние моравме да престанеме да правиме многу работи што Јехова ги мрази (1. Кор. 6:9, 10). Сепак, сѐ уште сме несовршени (Кол. 3:9, 10). Затоа, и понатаму грешиме иако можеби сме крстени прилично долго време. Понекогаш ни се појавуваат неисправни желби и чувства, или ни е тешко да контролираме некоја слабост. Всушност, со некои вкоренети слабости можеби ќе мора да се бориме со години.

6, 7. а) Зошто може да бидеме пријатели со Јехова и покрај тоа што сме несовршени? б) Зошто не треба да престанеме да го молиме Јехова да ни простува?

6 Иако сме наследиле несовршенство, ние можеме да бидеме блиски пријатели со Јехова и да му служиме. Размисли за следново: Кога нѐ привлекол кон себеси, тој бил свесен дека и понатаму ќе правиме грешки (Јован 6:44). Бидејќи добро нѐ познава и го чита нашето срце, Бог сигурно знаел кои маани и слабости ќе ни биде особено тешко да ги искорениме. И покрај тоа, сакал да му бидеме пријатели.

7 Всушност, Јехова толку многу нѐ сака што ни дал еден скапоцен дар. Тој го испратил својот Син на Земјата за да плати откупнина за нашите гревови (Јован 3:16). Кога грешиме, можеме да го молиме Јехова да ни прости. Поради откупнината, може да бидеме сигурни дека ќе го стори тоа, и дека ќе останеме негови пријатели (Рим. 7:24, 25; 1. Јов. 2:1, 2). Не заборавај, Исус умрел за грешниците кои се каат. Затоа, дури и да мислиме дека сме грешни и нечисти, не смееме никогаш да престанеме да го молиме Јехова да ни прости. Ако не го молиме за прошка, тоа е исто како да не сакаме да си ги измиеме рацете кога ќе ги извалкаме. Навистина сме многу благодарни што, и покрај нашата грешна природа, Јехова ни овозможил да бидеме негови пријатели! (Прочитај 1. Тимотеј 1:15.)

8. Зошто не треба да ги игнорираме нашите слабости?

8 Се разбира, не можеме да ги игнорираме нашите слабости или упорно да си бараме оправдание за нив. Јехова ни кажува какви треба да бидат неговите пријатели (Пс. 15:1-5). Затоа, ако сакаме да бидеме блиски со Бог, мора да даваме сѐ од себе за да бидеме што послични на него и на неговиот Син. Освен тоа, мора да се трудиме да ги контролираме неисправните желби, па дури и да искорениме некои од нив. Сеедно колку долго сме крстени, мора и понатаму да се исправаме и да се подобруваме како личности (2. Кор. 13:11).

9. Што нѐ уверува дека можеме и понатаму да се подобруваме и да продолжиме да ги развиваме христијанските особини?

9 Апостол Павле им рекол на христијаните: „Треба да ја соблечете старата личност, обликувана според вашиот поранешен начин на живот, која ја расипуваат нејзините измамливи желби, а да се обновувате во силата што го задвижува вашиот ум и да ја облечете новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Еф. 4:22-24). Изразот „да се обновувате“ укажува на трајно дејство, што значи дека треба постојано да вложуваме напори за да се менуваме и да ја облекуваме „новата личност“. Ова нѐ уверува дека, без разлика колку долго му служиме на Јехова, можеме и понатаму да се подобруваме. Библијата може многу да ни помогне да ги развиваме христијанските особини кои се дел од новата личност.

ЗОШТО Е ТОЛКУ ТЕШКО?

10. Што мора да правиме за и понатаму да се менуваме со помош на Библијата, и кои прашања може да си ги поставиме?

10 Сите сакаме да живееме во склад со она што стои во Библијата. Но, мора многу да се напрегаме за да можеме и понатаму да се подобруваме. Зошто е потребен толку голем труд? Зарем Јехова не може едноставно да ни ги отстрани грешните склоности и да ни олесни да постапуваме исправно?

11-13. Зошто Јехова очекува да вложуваме труд за да ги совладаме нашите слабости?

11 Кога ќе помислиме на вселената, воопшто не се сомневаме дека Јехова има моќ да направи сѐ што сака. На пример, тој го создал Сонцето, кое секоја секунда претвора пет милиони тони материја во светлосна и топлинска енергија. Иако само мал дел од сончевата енергија минува низ атмосферата и стигнува до нашата планета, тоа е доволно да го поддржува животот на Земјата (Пс. 74:16; Иса. 40:26). Бог им дава сила и на своите слуги кога им е потребна (Иса. 40:29). Нема сомнение дека, ако сака, тој може да ни даде сила да ја совладаме секоја слабост без голем напор и без да учиме од сопствените грешки. Зошто не го прави тоа?

12 Јехова ни дал слободна волја. Тој дозволува сами да одлучиме дали ќе му бидеме послушни. Кога избираме да го слушаме и даваме сѐ од себе да ја вршиме неговата волја, тоа е доказ дека го сакаме и дека имаме желба да го радуваме. Сатана тврди дека Јехова нема право да владее. Но, кога сме му послушни на Бог, ние покажуваме дека сакаме тој да биде наш Владетел. Може да бидеме уверени дека нашиот грижлив Татко цени сѐ што правиме за да му служиме (Јов 2:3-5; Изр. 27:11). Кога настојуваме да си ги контролираме слабостите — иако тоа не е секогаш лесно — покажуваме дека сме му верни на Јехова и дека го поддржуваме како Севишен Владетел.

13 Јехова нѐ поттикнува сесрдно да се трудиме да ги развиеме особините што ги има тој (Кол. 3:12; прочитај 2. Петрово 1:5-7). Освен тоа, очекува да правиме сѐ што е во наша моќ за да ги контролираме нашите мисли и чувства (Рим. 8:5; 12:9). Кога со сето срце се напрегаме да правиме промени и успеваме во тоа, ние сме уште посреќни бидејќи гледаме дека Библијата навистина го менува нашиот живот.

БИБЛИЈАТА И ПОНАТАМУ НЕКА ТЕ МЕНУВА

14, 15. Како можеме да развиваме особини со кои ќе го радуваме Бог? (Види ја рамката „ Библијата и молитвата им го смениле животот“.)

14 Што мора да правиме за да развиваме особини со кои ќе го радуваме Јехова? Наместо самите да одлучуваме што да смениме кај себе, треба да го следиме водството кое ни го дава Бог. Во Римјаните 12:2 пишува: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“. Преку својата Реч и светиот дух, Јехова ни помага да ја разбереме и да ја вршиме неговата волја, и да ги направиме сите потребни промени за да ги исполниме неговите барања. Затоа мора секојдневно да ја читаме Библијата, да размислуваме за прочитаното и да се молиме за свет дух (Лука 11:13; Гал. 5:22, 23). Така Јехова ни помага да разбереме што е прифатливо за него и да размислуваме како што размислува тој. На тој начин, ќе го радуваме со нашите мисли, зборови и постапки, и ќе научиме да ги контролираме нашите слабости. Но, дури и тогаш ќе мора да продолжиме да се бориме со нив (Изр. 4:23).

Добро е да си чуваш статии и стихови поврзани со некои твои слабости, и да ги читаш одвреме-навреме (Види во пасус 15)

15 Освен што ја читаме Библијата секој ден, треба и да ја проучуваме со помош на нашите публикации, како што се Стражарска кула и Разбудете се! Материјалот во нив може да ни помогне да развиваме христијански особини и да се бориме со нашите слабости. Ако наидеме на статии или на стихови кои можат да ни бидат од особена помош, добро е да си ги чуваме на едно место за да си ги читаме одвреме-навреме.

16. Зошто не треба да се разочараме ако не можеме брзо да правиме промени?

16 Треба време за да ги развиеш особините што ги има Јехова. Затоа, ако ти се чини дека не напредуваш брзо во духовен поглед, биди стрплив. Во почетокот, можеби ќе мора да се тераш да го правиш она што го вели Библијата. Но, колку повеќе се трудиш да размислуваш и да постапуваш како што сака Јехова, толку полесно ќе ти биде да го правиш тоа (Пс. 37:31; Изр. 23:12; Гал. 5:16, 17).

МИСЛИ НА ПРЕКРАСНАТА ИДНИНА

17. Каква иднина им претстои на верните Божји слуги?

17 Со душа го чекаме времето кога ќе бидеме совршени и кога ќе можеме да му служиме на Јехова засекогаш. Тогаш ќе нема потреба да се бориме со каква и да било слабост, и ќе ни биде многу полесно да ги покажуваме Божјите особини. Сепак, уште сега можеме да му служиме на Јехова затоа што ја дал откупнината. Иако сме несовршени, може да го радуваме ако и понатаму со сите сили се трудиме да правиме промени и да живееме во склад со она што го учиме од Библијата.

18, 19. Што ќе нѐ увери дека Библијата има моќ и понатаму да го менува нашиот живот?

18 Кевин вложил голем напор за да успее да ја контролира својата избувливост. Длабоко размислувал за она што го читал во Библијата, и многу се трудел да прави промени во својот живот. Освен тоа, ги послушал и советите што му ги давале сохристијаните. Сепак, му биле потребни неколку години за да се промени. Со текот на времето Кевин станал слуга-помошник, а последните 20 години служи како старешина. Но, дури и сега, тој е свесен дека мора да продолжи да се бори со своите слабости.

19 Исто како Кевин, ние можеме и понатаму да ја подобруваме нашата личност. Така ќе стануваме уште поблиски со Јехова (Пс. 25:14). Ако со сите сили се трудиме да правиме промени за да го радуваме, тој ќе ни ја даде потребната помош да успееме. Кога ќе видиме како Јехова го благословува нашиот труд, тоа ќе биде јасен доказ дека Библијата има моќ и понатаму да го менува нашиот живот (Пс. 34:8).

^ [1] (пасус 1) Името е сменето.