Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Го славиш ли Бог со својот начин на облекување?

Го славиш ли Бог со својот начин на облекување?

Правете сѐ за Божја слава (1. КОР. 10:31)

ПЕСНИ: 34, 61

1, 2. Зошто Јеховините сведоци имаат високи мерила за облекување? (Види ја сликата погоре.)

ЕДЕН холандски весник известил како биле облечени некои црковни водачи на еден нивни собир: „Повеќето беа облечени лежерно, особено кога беше жешко“. Но, истиот весник потоа навел дека Јеховините сведоци не се облекуваат така кога присуствуваат на своите конгреси. Во него пишувало дека мажите и момчињата носат сакоа и вратоврски, а жените и девојчињата се облечени во сукњи со пристојна должина, но не изгледаат старомодно. Јеховините сведоци често добиваат пофалби за начинот на кој се облекуваат. Апостол Павле рекол дека, во однос на облеката, христијаните треба „да бидат скромни и разборити“, како што доликува на Божји слуги (1. Тим. 2:9, 10). Иако тој зборувал за жените, истото мерило важи и за мажите.

2 Нам ни е важно да се облекуваме убаво и пристојно, а тоа му е важно и на Богот на кој му служиме (1. Мој. 3:21). Во Библијата, нашиот Севишен Господар Јехова дал високи мерила за тоа како да се облекуваат неговите слуги. Затоа, кога избираме што ќе носиме, не треба да се водиме само по тоа дали одредена облека ни се допаѓа или не. Важно е да имаме на ум дека, пред сѐ, со нашиот изглед и облекување треба да му носиме слава на Бог.

3. Што учиме за облекувањето од Законот кој Бог им го дал на Израелците?

3 Мојсеевиот закон содржел одредби кои ги штителе Израелците од влијанието на развратните народи што живееле околу нив. Законот јасно покажувал каков став има Јехова кон облеката. Тој не одобрувал мажите да носат женска облека, а жените да носат машка облека. (Прочитај 5. Мојсеева 22:5.) Од ова мерило учиме дека Бог мрази мажите да изгледаат како жени, а жените како мажи, односно да не може да се разликува дали некој е машко или женско.

4. Што ќе им помогне на христијаните да носат добри одлуки во врска со изгледот и облекувањето?

4 Библиските начела можат да ни помогнат да носиме добри одлуки во врска со изгледот и облекувањето. Тие важат секаде, без оглед на земјата, културата или климатските услови. Не ни треба долг список со прифатлива и неприфатлива облека. Наместо тоа, се водиме според библиските мерила, кои оставаат простор за личен избор. Да разгледаме некои начела кои ќе ни помогнат да утврдиме „која е Божјата волја“ во поглед на облекувањето, односно што е прифатливо за Јехова (Рим. 12:1, 2).

„СЕ ПРЕПОРАЧУВАМЕ КАКО БОЖЈИ СЛУГИ“

5, 6. Какво влијание може да има нашиот пристоен изглед врз другите?

5 Под водство на светиот дух, апостол Павле запишал едно важно начело во 2. Коринќаните 6:4. (Прочитај.) Нашиот изглед открива многу за тоа какви сме. Всушност, повеќето луѓе стекнуваат впечаток и мислење за нас само на темел на нашата надворешност (1. Сам. 16:7). Затоа, како Божји слуги, ние сме свесни дека не треба да се облекуваме само така како што нам ни одговара. Мерилата од Божјата Реч треба да нѐ поттикнат да не носиме тесна, разголена или провокативна облека. Со други зборови, не е во ред да носиме облека која ги открива или ги истакнува интимните делови на телото. Не смееме да дозволиме поради нашиот изглед некој да се чувствува непријатно или да биде принуден да го сврти погледот на друга страна.

6 Ако сме уредни, чисти и дотерани, и ако нашата облека е скромна, поголема е веројатноста луѓето да нѐ почитуваат како Божји слуги. Можеби и ќе бидат поспремни да ја слушаат нашата животоважна порака. Исто така, нашиот изглед ќе ја прикаже организацијата во добро светло. А како резултат на тоа, другите можеби ќе бидат привлечени кон Богот на кој му служиме.

7, 8. Во кои прилики особено треба да внимаваме како сме облечени?

7 Треба да носиме облека со која ќе го славиме Јехова и ќе ѝ придаваме поголема важност на пораката што ја проповедаме. Начинот на кој се облекуваме влијае врз нашиот свет Бог, врз нашите соверници и врз луѓето на кои им проповедаме (Рим. 13:8-10). Особено е важно како сме облечени кога одиме на состанок и во служба. Треба да се облекуваме така како што им доликува на Божји слуги (1. Тим. 2:10). Се разбира, она што е прифатливо на некои места можеби не е прифатливо на други места. Затоа, како Јеховини сведоци треба да земеме предвид каква облека е прифатлива во средината во која живееме за да не ги вознемируваме другите.

Дали со својот изглед и облека ќе им помогнеш на другите да го почитуваат Богот на кој му служиш? (Види во пасуси 7-8)

8 Прочитај 1. Коринќаните 10:31. Кога присуствуваме на собири и конгреси, треба да носиме пристојна и скромна облека. Не треба да ги следиме екстремните модни стилови кои се вообичаени во светот. Освен тоа, не треба да бидеме облечени претерано лежерно или немарно кога пристигнуваме и си заминуваме од студентскиот дом или од хотелот. Ова важи и за слободното време пред и по конгресната програма. Така нема да се срамиме да кажеме дека сме Јеховини сведоци, и ќе бидеме спремни да сведочиме во секоја прилика.

9, 10. Зошто начелото од Филипјаните 2:4 треба да влијае врз нашето облекување?

9 Прочитај Филипјаните 2:4. Зошто треба да размислуваме како нашата облека влијае врз соверниците? Една причина е тоа што, како Божји народ, се трудиме да бидеме послушни на следниов совет: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст“ (Кол. 3:2, 5). Некои браќа и сестри воделе неморален живот во минатото, и можеби сѐ уште се измачуваат со нечисти желби. Ако не внимаваме како се облекуваме, може да им биде уште потешко да ги следат библиските совети и да се борат со таквите неисправни желби (1. Кор. 6:9, 10). Сигурно не би сакале да им ја отежнеме таа борба, зарем не?

10 Кога сме заедно со нашите браќа и сестри, ние сме во една морално чиста средина. Со начинот на кој се облекуваме придонесуваме таа да остане чиста, сеедно дали сме на состанок или се дружиме во други прилики. Иако имаме слобода да се облекуваме по свој избор, имаме и одговорност да носиме облека со која ќе им помогнеме на другите да ги почитуваат Божјите свети мерила и да останат чисти во своите мисли, зборови и постапки (1. Пет. 1:15, 16). Вистинската љубов „не се однесува непристојно, не ја бара својата корист“ (1. Кор. 13:4, 5).

ОБЛЕКА КОЈА ОДГОВАРА НА ПРИЛИКАТА

11, 12. Како начелото од Проповедник 3:1, 17 ни помага да бидеме разумни?

11 Кога треба да одлучат каква облека ќе носат, Божјите слуги имаат на ум дека „секоја работа и секое дело си има свое време“ (Проп. 3:1, 17). Врз нашиот избор на облека може да влијае климата, годишното време и разни други околности. Но, Јеховините мерила не се променливи како времето — тие се секогаш исти (Мал. 3:6).

12 Особено на места каде што климата е потопла, може да биде тешко да се избере облека која е пристојна и скромна. Браќата и сестрите се многу благодарни ако не носиме облека која е тесна или премногу отворена (Јов 31:1). Освен тоа, кога сме на плажа или на базен, треба да носиме скромен костим за капење (Изр. 11:2, 20). Иако многумина во светот носат непристојни костими за капење, нам треба да ни биде најважно со својата облека да го славиме нашиот свет Бог, Јехова.

13. Зошто советот кој е запишан во 1. Коринќаните 10:32, 33 треба да влијае врз нашиот избор на облека?

13 Има уште едно важно начело што треба да влијае врз нашиот избор на облека. Мора да ја земеме предвид совеста на другите — и на браќата и на луѓето во службата. (Прочитај 1. Коринќаните 10:32, 33.) Треба сериозно да ја сфатиме нашата одговорност да не носиме облека со која би можеле да ги вознемириме. Апостол Павле напишал: „Секој од нас нека му угодува на својот ближен во она што е добро за изградување“. А потоа објаснил од која причина: „Зашто, ниту Христос не си угодуваше себеси“ (Рим. 15:2, 3). Исто како на Исус, и нам треба да ни биде поважно да ја вршиме Божјата волја и да им помагаме на другите отколку да си угодуваме себеси. Затоа, не би сакале да носиме облека која можеби нам лично ни се допаѓа, но може да ги спречи луѓето да ја слушаат нашата порака.

14. Како можат родителите да им помогнат на децата да го слават Бог со начинот на кој се облекуваат?

14 Христијанските родители се должни да ги поучуваат децата да се држат за библиските мерила. Меѓу другото, треба да им помогнат да сфатат на кој начин можат да го радуваат Бог со својот скромен изглед и облекување (Изр. 22:6; 27:11). Како можат родителите да ги поучат своите деца да го почитуваат нашиот свет Бог и неговите мерила? Така што ќе им дадат добар пример. Освен тоа, треба да ги поучат каде да најдат и како да одберат соодветна облека. Децата не треба да носат некоја облека само затоа што им се допаѓа туку, пред сѐ, затоа што со неа го слават Јехова, Богот на кој му служат.

КОРИСТИ ЈА МУДРО СЛОБОДНАТА ВОЛЈА

15. Што ќе ни помогне да направиме мудар избор?

15 Библијата ни дава практично водство кое може да ни помогне да направиме мудар избор со кој ќе му оддадеме чест на Бог. Се разбира, ова не значи дека сите треба да се облекуваме исто. Секој може да се облекува по свој вкус. Нашиот стил и облеката што можеме да си ја купиме можеби се разликува од она што го носат другите. Во секој случај, облеката треба да биде чиста, уредна, скромна, соодветна на приликата и прифатлива за средината во која живееме.

16. Зошто вреди да вложиме труд за да најдеме соодветна облека?

16 Не е секогаш лесно да се најде скромна и пристојна облека. Во многу продавници има само облека која е по последна мода. Затоа можеби ќе треба да вложиме повеќе време и труд за да најдеме пристојни сукњи, фустани и блузи, или панталони и костуми кои не се тесни. Сепак, нашите браќа и сестри ќе забележат дека сме вложиле напор за да се облечеме вкусно и скромно, и уште повеќе ќе нѐ ценат поради тоа. Не смееме да заборавиме дека вреди да направиме жртви во однос на облекувањето за и на тој начин му оддаваме слава на нашиот небесен Татко.

17. Кои фактори треба да ги земат предвид браќата кога размислуваат дали да носат брада?

17 Дали е во ред браќата да носат брада? Според Мојсеевиот закон, мажите морале да имаат брада. Но, христијаните не се под овој Закон и не се обврзани да го држат (3. Мој. 19:27; 21:5; Гал. 3:24, 25). Во некои култури или земји е прифатливо мажите да имаат уредно потстрижена брада, и тоа воопшто не ги одвраќа луѓето од нашата порака. Всушност, таму носат брада дури и некои именувани христијани. И покрај тоа, некои браќа можеби ќе одлучат да се бричат (1. Кор. 8:9, 13; 10:32). Во други култури, не е вообичаено да се носи брада, и се смета дека тоа не му прилега на еден Јеховин сведок. Во ваков случај, ако некој брат има брада, нема да му носи слава на Бог и нема да се смета за примерен (1. Тим. 3:2, 7; Рим. 15:1-3).

18, 19. Како може да ни помогне начелото од Михеј 6:8?

18 Ние сме среќни што Јехова не ни дава долг список со правила како да се облекуваме. Наместо тоа, ни дал слободна волја за да донесуваме мудри одлуки на темел на библиските начела. На тој начин, можеме да покажеме дека сакаме скромно да одиме со него дури и кога станува збор за нашиот изглед и облекување (Мих. 6:8).

19 Ние признаваме дека Јехова е чист и свет, и дека неговите мерила се за наше добро. Покажуваме дека сме понизни и скромни кога ги следиме тие мерила на секое поле од нашиот живот. Скромноста ни помага и да покажуваме почит кон чувствата и мислењата на другите.

20. Како треба нашиот изглед и облека да влијае врз другите?

20 Од нашата облека треба јасно да се види дека сме слуги на Бог. Тој има високи мерила, а ние со задоволство се трудиме да живееме во склад со нив. Браќата и сестрите кои внимаваат на својот изглед и однесување се навистина за пофалба! Освен што ги привлекуваат искрените лица кон животоспасувачката порака од Библијата, тие го слават и го радуваат Јехова. Ако носиме мудри одлуки во врска со нашето облекување, ние и понатаму ќе му оддаваме слава на Оној што се облекува „во чест и величие“! (Пс. 104:1, 2).