Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОД НАШАТА АРХИВА

„Објавители на Царството во Британија, разбудете се!“

„Објавители на Царството во Британија, разбудете се!“

ВО ЛОНДОНСКОТО издание на Информатор * од декември 1937 год. бил упатен следниов јасен повик: „Објавители на Царството во Британија, разбудете се!“ Во еден поднаслов од истата статија стоело: „Десет години без некој поголем напредок“. Потврда за ова бил извештајот од службата за периодот меѓу 1928 и 1937 год. кој излегол на првата страница од ова издание.

ПРЕМНОГУ ПИОНЕРИ?

Зошто делото на проповедање во Британија изгубило замав? Очигледно собранијата западнале „во рутина“, тапкајќи со години во место. Освен тоа, подружницата во Британија одлучила таму да служат околу 200 пионери, кои би проповедале сами на необработени подрачја. Затоа, ги известила оние што размислувале за пионерска служба дека веќе не се потребни толку пионери во Британија и ги поттикнала да служат во други европски земји. За пофалба е тоа што голем број пионери заминале да служат во други земји како, на пример, Франција, иако имале мало или никакво познавање на тамошниот јазик.

„ПОВИК ЗА АКЦИЈА“

Во истата статија од Информатор, на објавителите во Британија им била поставена цел, во текот на 1938 год., сите заедно да поминат еден милион часови во служба! Оваа цел можела лесно да се постигне ако секој објавител проповедал по 15 часа месечно, а секој пионер по 110 часа. Меѓу другото, биле дадени предлози да се организираат групи за проповедање што некои денови ќе сведочат по пет часа, а во текот на седмицата ќе прават повторни посети, особено во вечерните часови.

Радосните пионери ревносно проповедале

Многумина се израдувале што повторно бил ставен нагласок на службата. „Повеќето од нас со години копнеевме да слушнеме ваков повик... Резултатите беа неверојатни“, рекла Хилда Паџет. * А сестра Е. Валис напишала: „Предлогот да проповедаме пет часа дневно беше одличен. Зар нешто друго можеше да ни донесе поголема радост од тоа по цел ден да му служиме на Господарот?.. Се разбира, се враќавме уморни, но бевме пресреќни!“ И младиот Стивен Милер сфатил колку е итен овој повик, и сакал да даде сѐ од себе додека може. Тој објаснил дека повеќе групи оделе во служба со велосипеди и проповедале по цел ден, а во летните вечери пуштале снимки од говори. Освен тоа, ревносно учествувале во поворки со плакати и сведочеле на улица со списанија.

Во Информатор излегол и следниов повик: „Потребни се 1.000 пионери“. Според новите упатства, пионерите повеќе не ги обработувале подрачјата сами, туку заедно со собранијата за да можат да ги поддржат и да ги зајакнат тамошните објавители. „Многу браќа станаа свесни дека треба да служат како пионери“, вели Џојс Елис. Таа додава: „Иако тогаш имав само 13 години, и јас сакав да бидам пионер“. Џојс ја остварила својата цел две години подоцна, во јули 1940 год. Питер, кој подоцна се оженил со неа, исто така бил поттикнат да размислува за пионерска служба. Во јуни 1940 год., кога имал 17 години, тој поминал околу 105 километри со велосипед за да стигне до Скарбороу, каде што бил испратен да служи како пионер.

Сирил и Кити Џонсон биле самопожртвувани нови пионери. Тие решиле да ги продадат својата куќа и своите поседи за да можат да се издржуваат. Сирил дал отказ од работа, и за еден месец биле спремни да започнат со полновремена служба. Тој си спомнува: „Бевме уверени дека тоа е добра одлука. Ја донесовме спремно и со радосно срце“.

ДОМОВИ ЗА ПИОНЕРИТЕ

Бидејќи бројот на пионери нагло пораснал, одговорните браќа почнале да размислуваат како да им пружат практична помош. Џим Кар, кој во 1938 год. бил зонски слуга (сега наречен покраински надгледник), применил еден предлог што бил даден во врска со пионерите кои служеле во градовите. Тој ги поттикнал да се групираат по неколкумина за да живеат на едно место и така да ги намалат трошоците. Во Шефилд, неколку пионери изнајмиле голема куќа, која ја надгледувал еден одговорен брат. Тамошното собрание им дало пари и мебел. Џим рекол: „Сите вложуваа напори за сѐ да биде како што треба“. Таму живееле десет ревносни пионери кои се посветиле на духовните активности. Тие секое утро го разгледувале заедно дневниот стих за време на појадокот, а потоа заминувале да проповедаат на различни подрачја во градот.

Нови пионери го преплавиле подрачјето во Британија

И објавителите и пионерите се одѕвале на повикот од 1937 год., и ја исполниле целта да поминат заедно еден милион часови во служба. Всушност, извештаите од службата на проповедање покажале дека има пораст на секое поле. За пет години, бројот на објавители во Британија се зголемил за речиси трипати. Тоа што повторно било свртено вниманието кон службата ги подготвило објавителите за тешките воени години кои им претстоеле.

Денес, додека се ближи Божјата војна Армагедон, бројот на пионери во Британија повторно расте. Во последните десет години неколку пати имаше нов највисок број на пионери. Во октомври 2015 год. тој изнесуваше 13.224. Овие пионери се свесни дека ја донеле најдобрата одлука кога решиле да започнат со полновремена служба.

^ пас. 3 Подоцна бил наречен Нашата служба за Царството.

^ пас. 8 Животната приказна на сестра Паџет излезе во Стражарска кула од 1 октомври 1995, стр. 19-24.