Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој го води Божјиот народ денес?

Кој го води Божјиот народ денес?

Сеќавајте се на оние што ве предводат (ЕВР. 13:7)

ПЕСНИ: 125, 43

1, 2. Што можеби се прашувале апостолите откако Исус се вознел на небото?

АПОСТОЛИТЕ на Исус стоеле на Маслинската Гора и гледале како нивниот господар и пријател, Исус, се подига кон небото сѐ додека еден облак не го скрил од нивниот поглед (Дела 1:9, 10). Во текот на околу две години, Исус ги поучувал, ги храбрел и ги водел. Но, отсега натаму веќе немало да биде со нив. Што ќе прават?

2 Пред да оди на небото, Исус им рекол на своите следбеници: „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Како ќе успееле во тоа? Исус им ветил дека ќе им помага Божјиот свет дух (Дела 1:5). Но, кој ќе им давал упатства и кој ќе го организирал проповедничкото дело низ целиот свет? Апостолите знаеле дека Јехова во минатото ги водел Израелците преку луѓе. Затоа, можеби се прашувале дали сега Јехова ќе им избере нов водач.

3. а) Која важна одлука ја донеле верните апостоли откако Исус отишол на небото? б) Кои прашања ќе бидат одговорени во оваа статија?

3 Кратко откако Исус се вратил на небото, неговите ученици истражиле што пишува во светите списи, го молеле Бог за помош и го избрале Матиј како 12-ти апостол на местото на Јуда Искариот (Дела 1:15-26). Зошто за нив и за Јехова било важно да го направат тоа? Учениците сфатиле дека требало да има вкупно 12 апостоли. * Исус не ги избрал апостолите само колку да има придружници во службата, туку за да извршат една многу важна улога меѓу Божјиот народ. За што станувало збор, и како Јехова и Исус ги подготвиле за тоа? Дали нешто слично постои и меѓу Божјиот народ денес? И како можеме да се сеќаваме на оние што предводат, особено на „верниот и разборит роб“? (Евр. 13:7; Мат. 24:45).

ВОДЕЧКО ТЕЛО ЗАД КОЕ СТОЕЛ ИСУС

4. Каква улога имале апостолите и некои други старешини во Ерусалим?

4 На Педесетница 33 год., апостолите почнале да го предводат христијанското собрание. Библијата вели дека Петар станал со единаесеттемина и почнал да го поучува насобраното мноштво за вистините што можеле да им го спасат животот (Дела 2:14, 15). Мнозина од оние што слушале станале христијани. Потоа, овие нови христијани продолжиле да учат од апостолите (Дела 2:42). Апостолите биле одговорни за распределбата на парите со кои располагало собранието (Дела 4:34, 35). Исто така, тие се грижеле за духовните потреби на Божјиот народ, и рекле: „Ќе се посветиме на молитвата и на поучувањето за речта Божја“ (Дела 6:4). Освен тоа, испратиле искусни христијани да проповедаат на необработени подрачја (Дела 8:14, 15). Подоцна, и други помазани старешини им се придружиле на апостолите и продолжиле заедно да го предводат собранието. Ова водечко тело им давало упатства на сите собранија (Дела 15:2).

5, 6. а) Како светиот дух му помагал на водечкото тело? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Како ангелите му помагале на водечкото тело? в) Како водечкото тело било водено од Божјата Реч?

5 Христијаните во првиот век знаеле дека Јехова управува со водечкото тело преку Исус. Зошто можеле да бидат сигурни во тоа? Прво, водечкото тело ја имало помошта од светиот дух (Јован 16:13). Иако сите помазани христијани добиле свет дух, тој особено им помагал на апостолите и на старешините во Ерусалим да ја извршуваат својата улога на надгледници. На пример, во 49 год. од н.е., светиот дух му помогнал на водечкото тело да донесе одлука во врска со обрежувањето. Собранијата спремно ја прифатиле одлуката. Како резултат на тоа, тие се зацврстувале во верата и од ден на ден растеле (Дела 16:4, 5). Од писмото во врска со обрежувањето што било испратено до собранијата можеме да видиме дека водечкото тело го имало светиот дух и покажувало љубов и вера (Дела 15:11, 25-29; Гал. 5:22, 23).

6 Второ, водечкото тело ја имало помошта од ангелите. На пример, еден ангел му рекол на Корнелиј да го најде апостол Петар. Откако Петар им проповедал на Корнелиј и на неговите роднини, тие примиле свет дух, иако мажите не биле обрежани. Корнелиј бил првиот необрежан не-Евреин што станал христијанин. Кога за тоа слушнале апостолите и другите браќа, сфатиле дека тоа е Божја волја и прифатиле необрежаните не-Евреи да станат дел од христијанското собрание (Дела 11:13-18). Ангелите активно го поддржувале проповедничкото дело кое го надгледувало водечкото тело (Дела 5:19, 20). Трето, водечкото тело било водено од Божјата Реч. Овие мажи го користеле Светото писмо за да донесат важни одлуки во врска со верувањата на христијаните и за да му даваат водство на собранието (Дела 1:20-22; 15:15-20).

7. Зошто може да речеме дека Исус ги водел првите христијани?

7 Иако водечкото тело имало авторитет во собранието, на неговите членови им било јасно дека нивниот Водач е Исус Христос. Од каде го знаеме тоа? Апостол Павле рекол дека самиот Христос одредил „некои да бидат апостоли“. Исто така, тој рекол дека Христос „е глава“, односно Водач на собранието (Еф. 4:11, 15). Токму затоа, учениците не се нарекле по некој од апостолите, туку „преку божествено провидение“ биле наречени христијани (Дела 11:26). Павле знаел дека било важно да се следат учењата кои апостолите и другите мажи што предводеле ги темелеле на Светото писмо. Сепак, тој рекол: „Но сакам да знаете дека глава на секој маж [вклучувајќи го и секој член на водечкото тело] е Христос... а глава на Христос е Бог“ (1. Кор. 11:2, 3). Очигледно, Јехова одредил неговиот Син, Христос Исус, да го води собранието.

„ОВА НЕ Е ДЕЛО НА ЧОВЕК“

8, 9. Каква важна улога имал брат Расел?

8 Од 1870 год., Чарлс Тејз Расел и некои негови пријатели сакале и самите тие и другите луѓе да почнат да му служат на Бог во склад со Библијата. Тоа значело дека ќе треба да им помогнат и на оние што зборувале на други јазици. За таа цел, во 1884 год. законски било регистрирано правното тело Zion’s Watch Tower Tract Society, чиј претседател станал брат Расел. * Тој внимателно ја истражувал Библијата и храбро им кажувал на другите дека црковните учења како што се учењето за тројство и учењето за бесмртна душа не се темелат на Библијата. Сфатил дека враќањето на Христос ќе биде невидливо и дека „одредените времиња на незнабошците“ ќе завршат во 1914 год. (Лука 21:24). Брат Расел ги користел своето време, сили и материјални средства за да ги поучува другите за овие вистини. Нема сомнение дека Јехова и Исус го користеле за да предводи во тој значаен период.

9 Брат Расел не сакал слава од луѓе. Во 1896 год. напишал дека тој и другите мажи на одговорни положби не сакаат да им се укажува никаква посебна чест. Тие не сакале другите да им се обраќаат со посебни титули ниту, пак, некоја група да се нарекува по нивно име. Подоцна, тој рекол: „Ова не е дело на човек“.

10. а) Кога Исус го поставил „верниот и разборит роб“? б) Објасни како станало јасно дека има разлика меѓу Водечкото тело и правното тело Watch Tower Society.

10 Во 1916 год., брат Расел починал. Три години подоцна, во 1919 год., Исус го поставил „верниот и разборит роб“. Со каква цел? Тој требало да им дава на своите следбеници „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45). Во тие рани години, една мала група помазани браќа во главното седиште во Бруклин (Њујорк) им обезбедувала духовна храна на следбениците на Исус. Изразот „водечко тело“ почнал да се појавува во нашите публикации по 1940 год. Во тоа време се сметало дека водечкото тело е тесно поврзано со правното тело Watch Tower Bible and Tract Society. Меѓутоа, во 1971 год. станало јасно дека има разлика меѓу Водечкото тело и Watch Tower Society, бидејќи ова правно тело било одговорно само за правните работи. Оттогаш натаму, помазаните браќа можеле да бидат дел од Водечкото тело иако не биле дел од раководството на правното тело. Од неодамна, како управители на правните тела што ги користи Божјиот народ почнаа да служат и одговорни браќа од другите овци. Како резултат на тоа, Водечкото тело може да се посвети на обезбедувањето библиски поуки и водство (Јован 10:16; Дела 6:4). Во Стражарска кула од 15 јули 2013 беше објаснето дека „верниот и разборит роб“ е мала група помазани браќа кои го сочинуваат Водечкото тело.

Водечкото тело во 1950-тите

11. Како Водечкото тело ги носи одлуките?

11 Водечкото тело ги носи важните одлуки како група, кога неговите членови се состануваат секоја седмица. Ваквите состаноци им помагаат да имаат добра комуникација и да останат обединети (Изр. 20:18). Ниту еден член на Водечкото тело не е поважен од другите, па затоа секоја година различен брат претседава со ваквите состаноци (1. Пет. 5:1). Истото е случај со сите шест одбори на Водечкото тело. Никој од членовите на Водечкото тело не смета дека е водач на своите браќа. Секој од нив е дел од слугите, и добива духовна храна и го следи водството од верниот роб.

Откако бил поставен во 1919 год., верниот роб подготвува духовна храна за Божјиот народ (Види во пасуси 10-11)

„КОЈ Е ВЕРНИОТ И РАЗБОРИТ РОБ“?

12. Кои прашања ќе бидат одговорени во продолжение?

12 Водечкото тело не е вдахновено од Бог ниту, пак, е совршено. Може да се случи погрешно да објасни нешто од Библијата или да донесе погрешна организациска одлука. На пример, во Прирачникот за истражување се наведени статии што содржат некои неодамнешни промени во нашето разбирање на Библијата. * Исус не рекол дека неговиот верен роб ќе ни дава совршена духовна храна. Тогаш, како да дојдеме до одговорот на прашањето на Исус: „Кој е верниот и разборит роб“? (Мат. 24:45). Какви докази постојат дека Водечкото тело е верниот роб? Да ги разгледаме истите три работи што му помагале на водечкото тело во времето на апостолите.

13. Како светиот дух му помагал на Водечкото тело?

13 На Водечкото тело му помага светиот дух. Светиот дух му помогнал на Водечкото тело да ги разбере библиските вистини што претходно не биле јасни. На пример, разгледај ги појаснетите верувања наведени во Прирачникот за истражување. Ниту еден човек не би можел самиот од себе да ги разбере и објасни „Божјите длабочини“! (Прочитај 1. Коринќаните 2:10.) Водечкото тело го мисли истото што го напишал апостол Павле: „За тоа и зборуваме, не со зборови со кои поучува човечката мудрост, туку со оние со кои поучува духот“ (1. Кор. 2:13). По векови погрешни учења и нејасно водство, зар може нешто друго освен светиот дух да биде причината за сѐ појасното разбирање на Библијата од 1919 год. наваму?

14. Според Откровение 14:6, 7, како ангелите му помагаат на Божјиот народ денес?

14 Водечкото тело ја има помошта од ангелите. Водечкото тело има огромна одговорност да го надгледува светското проповедничко дело што го извршуваат над осум милиони објавители. Зошто ова дело е толку успешно? Една причина е затоа што во него се вклучени ангелите. (Прочитај Откровение 14:6, 7.) Во многу случаи, ангелите ги воделе објавителите до некое лице кое штотуку го молело Бог да му помогне! * Освен тоа, и покрај жестокото противење во некои земји, им се проповеда на сѐ повеќе луѓе, и сѐ поголем број од нив стануваат ученици. Ова е можно единствено со помошта од ангелите.

15. По што се разликуваат Водечкото тело и водачите на христијанскиот свет? Наведи пример.

15 Водечкото тело е водено од Божјата Реч. (Прочитај Јован 17:17.) Да земеме за пример една ситуација од 1973 год. Во Стражарска кула од 1 јуни беше поставено прашањето „дали може да се крсти некој што не прекинал со пушењето“. Одговорот беше: „Библиските докази водат до заклучокот дека не може“. Во оваа Стражарска кула беа цитирани некои стихови и беше објаснето зошто секој што нема да престане да пуши треба да биде исклучен (1. Кор. 5:7; 2. Кор. 7:1). Во неа стоеше дека ова строго барање не доаѓа од луѓето, туку „од Бог, кој ни ги кажал своите мерила преку својата пишана Реч“. Ниту една друга религиозна организација не била спремна да се држи толку тесно за Божјата Реч, особено кога тоа значело дека на некои нејзини членови ќе им биде многу тешко да ги почитуваат донесените одлуки. Една книга за религиите во САД издадена неодамна наведува дека „христијанските верски водачи редовно ги менувале своите учења за да одговараат на ставовите и мислењата што преовладувале меѓу нивните членови или поширокото општество“. Водечкото тело не се води според она што го сака мнозинството. Наместо тоа, членовите на Водечкото тело се водени од Божјата Реч, што докажува дека Јехова е вистинскиот водач на неговиот народ денес.

„СЕЌАВАЈТЕ СЕ НА ОНИЕ ШТО ВЕ ПРЕДВОДАТ“

16. Кој е еден начин на кој можеме да се сеќаваме на Водечкото тело?

16 Прочитај Евреите 13:7. Библијата вели да се сеќаваме на оние што нѐ предводат. Еден начин на кој можеме да го правиме тоа е така што ќе го спомнуваме Водечкото тело во нашите молитви (Еф. 6:18). Тие браќа имаат многу одговорности како, на пример, да даваат духовна храна, да го водат светското проповедничко дело и да управуваат со доброволните прилози. Навистина е важно редовно да се молиме за нив!

17, 18. а) Како покажуваме дека соработуваме со Водечкото тело? б) Како ги поддржуваме Водечкото тело и Исус со нашето проповедање?

17 Можеме да се сеќаваме на Водечкото тело и со тоа што ќе ги следиме неговите упатства. Водечкото тело ни дава водство преку публикациите, состаноците, собирите и конгресите. Тоа исто така именува покраински надгледници, кои потоа именуваат старешини. Покраинските надгледници и старешините покажуваат дека се сеќаваат на Водечкото тело со тоа што тесно ги следат упатствата од него. А сите ние покажуваме почит кон нашиот Водач, Исус, така што сме им послушни на мажите што тој ги користи денес (Евр. 13:17).

18 Уште еден начин на кој можеме да се сеќаваме на Водечкото тело е така што ќе даваме сѐ од себе во делото на проповедање. Во Евреите 13:7 сме поттикнати да се угледаме на верата на оние што предводат. Водечкото тело покажува голема вера со тоа што ревносно ја проповеда и ја шири добрата вест. Дали ги поддржуваме помазаниците во ова важно дело? Ако да, ќе се радуваме кога ќе слушнеме како Исус ни вели: „Сѐ што сте му направиле на еден од овие мои најмали браќа, мене сте ми го направиле“ (Мат. 25:34-40).

19. Зошто си решен да го следиш нашиот Водач, Исус?

19 Кога Исус се вратил на небото, тој не ги напуштил своите следбеници (Мат. 28:20). Исус знаел дека светиот дух, ангелите и Божјата Реч му помагале додека предводел на Земјата. Затоа, тој му ја дава истата помош на верниот роб денес. Водечкото тело и понатаму го следи Јагнето, Исус, „каде и да појде“ (Отк. 14:4). Затоа, кога го следиме водството од Водечкото тело, го следиме нашиот Водач, Исус. Под негово водство, наскоро Божјиот народ ќе стигне во новиот свет, каде што ќе може да живее вечно (Отк. 7:14-17). Нема водач меѓу луѓето што може да вети и да исполни такво нешто!

^ пас. 3 Изгледа дека Јехова имал намера да има 12 апостоли кои во иднина ќе бидат „дванаесет камен–темелници“ на Новиот Ерусалим (Отк. 21:14). Затоа, немало потреба да биде заменет ниту еден од верните апостоли кои подоцна умреле.

^ пас. 8 Од 1955 год., ова правно тело е познато како Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania.

^ пас. 12 Види во темата „Јеховини сведоци“, поднаслов „Гледишта и верувања“, во делот „Појаснувања на нашите верувања“.