Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ги сакаш и ги цениш духовните богатства?

Дали ги сакаш и ги цениш духовните богатства?

Каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце (ЛУКА 12:34)

ПЕСНИ: 153, 104

1, 2. а) Наведи три духовни богатства што ни ги дал Јехова. б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ЈЕХОВА е најбогатата личност што постои. Сѐ е негово (1. Лет. 29:11, 12). Многу сме благодарни што тој како дарежлив Татко ни дава изобилство духовни богатства. Некои од нив се: 1) Божјето Царство, 2) нашата служба и 3) скапоцените вистини од неговата Реч. Но ако не внимаваме, со текот на времето би можеле да изгубиме од вид колку се скапоцени овие богатства. За да не се случи тоа, мораме постојано да се потсетуваме на нивната вредност и да ја разгоруваме љубовта кон нив. Исус рекол: „Каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце“ (Лука 12:34).

2 А сега, да видиме како можеме да ги развиваме и зачуваме љубовта и ценењето за Царството, службата и вистината. Длабоко размислувај како ти лично можеш да ја продлабочиш својата љубов кон овие духовни богатства.

БОЖЈЕТО ЦАРСТВО Е КАКО СКАПОЦЕН БИСЕР

3. На што бил спремен трговецот од приказната на Исус за да купи еден бисер? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

3 Прочитај Матеј 13:45, 46. Исус раскажал приказна за еден човек што тргувал со бисери. Низ годините, овој трговец сигурно купил и продал стотици бисери. Еден ден, нашол бисер што бил повреден од сите бисери што ги имал видено во животот. Толку сакал да го има, што продал сѐ за да го купи. Можеш ли да си замислиш колку скапоцен бил овој бисер за него?

4. Што ќе направиме ако Божјето Царство го сакаме како што трговецот го сакал бисерот?

4 Што е поуката за нас од приказната на Исус? Вистината за Божјето Царството е како тој скапоцен бисер. Ако Царството го сакаме како што тој човек го сакал бисерот, ќе бидеме спремни да се откажеме од сѐ што нѐ спречува да станеме и да останеме поданици на ова Царство. (Прочитај Марко 10:28-30.) Да видиме како две личности го направиле токму тоа.

5. Што бил спремен да направи Закхеј за Царството?

5 Закхеј бил даночник кој се збогатил изнудувајќи пари (Лука 19:1-9). Но, еден ден овој неправеден човек чул како Исус зборува за Царството. Тоа толку му се допаднало што решил целосно да се смени. Тој рекол: „Еве, Господару, половината од својот имот ќе им ја дадам на сиромасите, и сѐ што сум изнудил од некого преку лажно обвинение, ќе го вратам четирикратно“. Закхеј ги вратил парите што ги зел од луѓето и повеќе не бил алчен.

6. Какви промени направила една жена, и зошто?

6 Една жена ја чула пораката за Божјето Царство пред неколку години. Во тоа време имала хомосексуална врска и била претседател на една организација што се бори за правата на хомосексуалците. Но, додека ја проучувала Библијата, сфатила дека вистината за Божјето Царство има ненадминлива вредност и дека треба да направи големи промени во животот (1. Кор. 6:9, 10). Од љубов кон Јехова, ја напуштила таа организација и ја прекинала хомосексуалната врска. Се крстила во 2009 год., а следната година станала општ пионер. Нејзината љубов кон Јехова и Царството била поголема од нејзините неисправни желби (Мар. 12:29, 30).

7. Како можеме да ја зачуваме љубовта кон Божјето Царство?

7 За да станат поданици на Божјето Царство, многу од нас морале да се сменат од корен (Рим. 12:2). Но, тоа не е крај на борбата. Не смееме да дозволиме ништо да ја ослаби нашата љубов кон Царството како, на пример, материјалните работи или неморалните сексуални желби (Изр. 4:23; Мат. 5:27-29). За да ни помогне да зачуваме силна љубов кон Божјето Царство, Јехова ни дал уште едно скапоцено богатство.

НАШАТА СЛУЖБА СПАСУВА ЖИВОТИ

8. а) Зошто Павле ја споредил службата со богатство во земјени садови? б) Како Павле покажал дека ја сака службата?

8 Исус ни дал задача да проповедаме и да поучуваме за добрата вест за Божјето Царство (Мат. 28:19, 20). Павле ја споредил службата со богатство во земјени садови (2. Кор. 4:7; 1. Тим. 1:12). Бидејќи сме несовршени, ние сме како тие земјени садови. Но, пораката која ја објавуваме е како скапоцено богатство затоа што може да значи вечен живот за нас, но и за оние што нѐ слушаат. Затоа Павле рекол: „Сѐ правам поради добрата вест, за да им ја проповедам на другите“ (1. Кор. 9:23). Бидејќи ја сакал службата, Павле давал сѐ од себе за да прави ученици. (Прочитај Римјаните 1:14, 15; 2. Тимотеј 4:2.) Љубовта кон добрата вест му помогнала да продолжи да проповеда и покрај жестокото противење (1. Сол. 2:2). Како можеме и ние да покажеме ваква љубов кон службата?

9. Како може да покажеме дека ја сакаме службата?

9 Еден начин на кој Павле покажал дека ја сака службата било тоа што ја користел секоја прилика за да разговара со другите. Исто како првите христијани, и ние им ја пренесуваме добрата вест на луѓето од куќа до куќа, неформално и на јавни места (Дела 5:42; 20:20). Во склад со околностите, се трудиме да правиме повеќе во службата. На пример, би можеле да служиме како помошни или општи пионери, да научиме нов јазик, да се преселиме во друго место од нашата земја, па дури и да служиме во друга земја (Дела 16:9, 10).

10. Како била благословена Ајрин за ревноста во службата?

10 Ајрин, немажена сестра од САД, сакала да им ја објавува добрата вест на доселениците што зборуваат руски. Затоа, во 1993 год. почнала да служи во руската група во Њујорк. Во тоа време, во оваа група имало околу 20 објавители. После 20 години, Ајрин рекла: „Сѐ уште не зборувам руски совршено“. Сепак, Јехова ја благословил ревноста на Ајрин и на другите објавители кои сведочеле на овој јазик. Денес во Њујорк има шест собранија на руски јазик. Ајрин ја проучувала Библијата со многу луѓе, а 15 од нив се крстиле. Некои од нив служат како бетелски слуги, пионери и старешини. Таа вели: „Во животот можев да се посветам и на други цели. Но, знам дека ниедна од нив немаше да ме направи толку среќна“. Ајрин навистина ја цени и ја сака службата!

Дали ја сметаш службата за нешто скапоцено и дали одвојуваш време за служба секоја седмица? (Види во пасуси 11, 12)

11. Какви се резултатите кога продолжуваме да проповедаме и покрај прогонството?

11 Ако ја цениме службата, ќе бидеме како апостол Павле и ќе продолжиме да проповедаме дури и кога нѐ прогонуваат (Дела 14:19-22). Во периодот помеѓу 1930 и 1944 год., нашите браќа во САД наидоа на жестоко противење. Сепак, исто како Павле, продолжија да проповедаат. Кога властите се обидоа да ги спречат, браќата одеа на суд и добија многу случаи. Во 1943 год., во врска со една таква победа на Врховниот суд на САД, брат Нор рече дека ако браќата не продолжеа со службата, ќе немаше основа за ниеден случај пред овој Суд. Тој додаде дека со тоа што браќата низ целиот свет продолжија да проповедаат, покажаа дека прогонството нема успех. Слични правни победи има и во други земји затоа што браќата заземаат цврст став и продолжуваат да ја објавуваат добрата вест. Бидејќи ја сакаме службата, нема да дозволиме прогонството да нѐ спречи да ја извршуваме.

12. Што си решен да правиш?

12 Кога гледаме на службата како на скапоцен дар од Јехова, нема само да броиме часови. Ќе даваме сѐ од себе темелно да сведочиме за добрата вест (Дела 20:24; 2. Тим. 4:5). Но, за што ќе ги поучуваме другите? Имаме уште едно богатство кое ни го дал Бог.

НАШАТА РИЗНИЦА СО ВИСТИНИ

13, 14. Што е ризницата за која зборувал Исус во Матеј 13:52, и како можеме да ја полниме?

13 Трето духовно богатство е нашата ризница со библиски вистини. Јехова е Богот на вистината (2. Сам. 7:28; Пс. 31:5). Бидејќи е дарежлив Татко, тој сака да ни ги открие овие вистини. Откако ја прифативме добрата вест, си собираме вистини преку неговата Реч, нашите публикации, конгресите, собирите и седмичните состаноци. Со текот на времето, си правиме ризница во која има „старо и ново“. (Прочитај Матеј 13:52.) Јехова ќе ни помогне да ја полниме нашата ризница ако трагаме по овие вистини како по скриено богатство. (Прочитај Изреки 2:4-7.) Како го правиме тоа?

14 Треба да стекнеме навика редовно да ги проучуваме Библијата и нашите публикации и внимателно да истражуваме. Ова ќе ни помогне да откриеме вистини кои се „нови“ во таа смисла што порано не сме ги знаеле (Ис. Нав. 1:8, 9; Пс. 1:2, 3). Во првиот број од Стражарска кула кој излезе во јули 1879 год., стоеше следново: „Вистината е речиси задушена од мноштво лаги, исто како мало цвеќенце меѓу трње и троскот. За да го најдеш, мора многу да го бараш. За да го имаш, мора да се наведнеш и да го набереш... Но, зошто да се задоволиш со само една вистина?... Продолжи да ги собираш, не престанувај да ги бараш“. Треба да бидеме желни да ја збогатиме нашата ризница од библиски вистини.

15. Зошто некои вистини може да ги наречеме „стари“, и кои од нив ти се посебно вредни?

15 Кога почнавме да ја проучуваме Библијата, откривме прекрасни вистини. Овие вистини може да ги наречеме „стари“ затоа што ги научивме на почетокот. Дознавме дека Јехова е нашиот Творец и дека има своја намера со луѓето. Дознавме и дека го испратил својот Син на Земјата да умре како откупна жртва за да нѐ ослободи од гревот и од смртта. Научивме дека Божјето Царство ќе му стави крај на страдањето и дека може засекогаш да живееме на Земјата, среќно и во мир (Јован 3:16; Отк. 4:11; 21:3, 4).

16. Што треба да направиме кога ќе добиеме појаснување на нашето разбирање на библиските вистини?

16 Одвреме-навреме добиваме појаснувања на нашето разбирање за некое пророштво или стих. Кога ќе добиеме таква промена, важно е да одвоиме време да го проучиме тој материјал и длабоко да размислуваме за него (Дела 17:11; 1. Тим. 4:15). Не е доволно само да разбереме кои се главните разлики меѓу старото и новото објаснување. Треба да обрнеме внимание и на деталите од новото разбирање. Внимателното проучување ќе ни помогне оваа нова вистина да стане дел од нашата ризница. Зошто вреди сиот тој труд?

17, 18. Како може да ни помогне светиот дух?

17 Исус рекол дека Божјиот дух може да нѐ потсети на она што некогаш сме го научиле (Јован 14:25, 26). Како ова може да ни помогне во службата? Во 1970 год., еден брат по име Питер имал 19 години и само што почнал да служи во Бетелот во Велика Британија. Додека проповедал од куќа до куќа, сретнал средовечен човек со брада. Го прашал дали сака да ја разбере Библијата. Човекот бил еврејски рабин и се шокирал што едно младо момче си мисли дека може да го учи за Библијата. За да го испита Питер, рабинот прашал: „Синко, на кој јазик била напишана книгата Даниел?“ Питер рекол: „Дел од книгата била напишана на арамејски“. Тој раскажува: „Рабинот се изненади дека го знаев тоа, но јас бев уште поизненаден! Како го знаев одговорот? Кога се вратив дома, ги разлистав Стражарска кула и Разбудете се! од претходните месеци и најдов статија во која беше објаснето дека дел од книгата Даниел бил напишан на арамејски“. * Очигледно, светиот дух може да ни помогне да се сетиме на нешто што сме го читале порано и сме го ставиле во нашата ризница (Лука 12:11, 12; 21:13-15).

18 Ако ја сакаме и цениме мудроста од Јехова, никогаш нема да престанеме да собираме вистини во нашата ризница. Како што расте нашата љубов и благодарност за Јеховината мудрост, така ќе се подобруваме како учители на добрата вест.

ЧУВАЈ ГИ СВОИТЕ ДУХОВНИ БОГАТСТВА

19. Зошто мора да ги чуваме нашите духовни богатства?

19 Во оваа статија научивме колку е важно да ги цениме духовните богатства. Но, мора многу да пазиме Сатана и неговиот свет да не ја ослабат нашата љубов кон овие богатства. Инаку вниманието би можеле да ни го одвлечат ветувања за престижна кариера и голема заработувачка, копнеж по живот на висока нога, или желба да се истакнуваме со материјално богатство. Апостол Јован нѐ потсетува дека наскоро ќе го снема овој свет заедно со сѐ што ни нуди тој (1. Јов. 2:15-17). Затоа мора да останеме благодарни за нашите духовни богатства и да ги чуваме.

20. Што си решен да правиш за да ги заштитиш своите духовни богатства?

20 Биди спремен да се откажеш од сѐ што би можело да ти ја ослаби љубовта кон Божјето Царство. Остани решен ревносно да проповедаш и немој никогаш да ја изгубиш љубовта кон службата. Не престанувај да трагаш по библиски вистини. Така ќе си насобереш „богатство на небесата, каде што крадец не се приближува и молец не нагризува“. Зашто, каде што е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце (Лука 12:33, 34).

^ пас. 17 На арамејски бил напишан Даниел 2:4б — 7:28.