Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можат да ти користат виденијата на Захарија

Како можат да ти користат виденијата на Захарија

Вратете се кај мене и јас ќе се вратам кај вас (ЗАХ. 1:3)

ПЕСНИ: 89, 86

1-3. а) Што правеле Израелците кога Захарија почнал да пророкува? б) Зошто Јехова ги поттикнал своите слуги да му се вратат?

СВИТОК што лета, жена што седи во кошница, две жени што летаат со крилја кои наликуваат на крилја на штрк. Ова се дел од возбудливите виденија што ги добил Захарија (Зах. 5:1, 7-9). Зошто Јехова му ги дал овие впечатливи виденија на својот пророк? Во каква ситуација биле Израелците во тоа време? Како овие виденија можат да ни користат нам денес?

2 Во 537 год. пр.н.е., Јеховиниот народ имал многу причини за радост. По долги 70 години заробеништво во Вавилон, тие конечно биле слободни! Биле возбудени што ќе можат да се вратат во Ерусалим за да го изградат храмот и повторно таму да му служат на Јехова. Една година подоцна, Израелците го поставиле темелот на храмот. Во таа прилика, народот толку гласно извикувал од радост што тоа се слушало многу далеку (Езра 3:10-13). Меѓутоа, изградбата на храмот наишла на големо противење, кое со текот на времето сѐ повеќе растело. Израелците толку се обесхрабриле што сосема престанале со градењето. Наместо да го градат храмот, тие си ги уредувале куќите и ги обработувале своите ниви. Шеснаесет години откако бил поставен темелот, храмот на Јехова сѐ уште не бил довршен. На Божјите слуги им било потребно потсетување да му се вратат на Јехова и да престанат да мислат само на себе. Јехова сакал тие повторно да му служат храбро и со ревност.

3 За да му помогне на народот да се сети зошто бил ослободен од Вавилон, Јехова во 520 год. пр.н.е го испратил пророкот Захарија. Интересно е дека името Захарија значи „Јехова се сети“. Иако Израелците заборавиле што направил Јехова за нив, тој сѐ уште се сеќавал на нив. (Прочитај Захарија 1:3, 4.) Им ветил дека ќе им помогне повторно да му служат на исправен начин. Но, исто така ги предупредил дека, ако сакаат да му угодат, не смеат да му служат со поделено срце. Сега ќе ги разгледаме шестото и седмото видение на Захарија. Освен тоа, ќе дознаеме како со помош на овие две виденија Јехова ги поттикнал Израелците да преземат нешто, и како можат тие виденија да ни користат нам денес.

ЈЕХОВА ЌЕ ГИ КАЗНИ ОНИЕ ШТО КРАДАТ

4. Што видел Захарија во своето шесто видение, и зошто пораката била напишана од двете страни на свитокот? (Види ја првата слика на почетокот од статијата.)

4 Петтото поглавје од книгата Захарија почнува со едно необично видение. (Прочитај Захарија 5:1, 2.) Захарија видел еден свиток што лета во воздухот. Овој свиток бил долг речиси 9 метри и широк 4,5 метри. Тој бил отворен и на него имало напишано сериозна порака на осуда (Зах. 5:3). Во минатото, луѓето обично пишувале само на едната страна од свитоците. Но, на овој свиток пораката била напишана на двете страни, што покажува дека таа била многу важна.

Вистинските христијани не смеат да крадат (Види во пасуси 5⁠-7)

5, 6. Како гледа Јехова на крадењето?

5 Прочитај Захарија 5:3, 4. Сите луѓе се одговорни пред Јехова за своите постапки. Ова особено важи за неговите слуги, бидејќи тие го носат неговото име. Тие го сакаат и знаат дека крадењето му носи срам на Божјето име (Изр. 30:8, 9). Некои мислат дека не е погрешно да крадат ако имаат добра причина за тоа. Сепак, без оглед зошто некој краде, тоа покажува дека му е поважно да ја задоволи својата алчна желба отколку да покаже почит кон Јехова, Неговото име и Неговиот закон.

6 Дали забележа дека во Захарија 5:3, 4 пишува дека „проклетството... [ќе] влезе во куќата на крадецот“ и дека „ќе престојува во неговата куќа и ќе ја уништи“? Тоа значи дека Јехова може да го открие и да го осуди секое погрешно постапување меѓу неговиот народ. Некој што краде, може да го крие тоа од полицијата, од работодавачите, од старешините или од родителите, но не може да го крие од Јехова. Бог ќе се погрижи да биде откриена секоја кражба (Евр. 4:13). Навистина е големо задоволство да се биде меѓу луѓе кои даваат сѐ од себе за да бидат чесни во сѐ! (Евр. 13:18).

7. Како можеме да го избегнеме „проклетството“ од свитокот што лета?

7 Јехова го мрази крадењето. За нас претставува чест да живееме според Јеховините високи мерила за исправно и погрешно, и да внимаваме со ништо да не му нанесеме срам на Божјето име. На тој начин ќе го избегнеме „проклетството“, односно осудата што Јехова ќе ја изврши врз оние што намерно го прекршуваат неговиот закон.

ИСПОЛНУВАЈ ГИ СВОИТЕ ВЕТУВАЊА „ОД ДЕН НА ДЕН“

8-10. а) Што е заклетва? б) Која заклетва не ја исполнил цар Седекија?

8 Пораката која била запишана на свитокот што лета пренесува и едно предупредување до секој што „се колне лажно“ во Божје име (Зах. 5:4). Заклетва е изјава со која едно лице потврдува дека нешто е вистина, или сериозно ветување дека ќе направи, односно дека нема да направи нешто.

9 Да се даде заклетва во името на Јехова е многу сериозна работа. Таква заклетва дал Седекија, последниот цар кој владеел во Ерусалим. Тој се заколнал во името на Јехова дека ќе му се потчини на царот на Вавилон. Но, Седекија не ја исполнил заклетвата и го раскинал сојузот што го склучил со вавилонскиот цар. Од таа причина Јехова рекол дека Седекија ќе умре во Вавилон (Езек. 17:16).

10 Јехова очекувал цар Седекија да ја исполни заклетвата што ја дал во Негово име (2. Лет. 36:13). Наместо тоа, Седекија побарал помош од Египет за да се ослободи од јаремот на Вавилон. Но, Египет не можел да му помогне (Езек. 17:11-15, 17, 18).

11, 12. а) Кое е најважното ветување што можеме да го дадеме? б) Како може секој ден да постапуваме во склад со заветот што сме му го дале на Јехова?

11 Од она што му се случило на Седекија учиме дека Јехова ги слуша ветувањата што ги даваме и гледа сериозно на нив. Ако сакаме да му угодиме, мора да ги исполнуваме нашите ветувања (Пс. 76:11). Најважното ветување што можеме да го дадеме е нашиот завет дека безусловно ќе му служиме на Јехова.

12 Како можеме да го исполниме тој завет? Постојано се соочуваме со големи или мали испити на нашата вера. Со начинот на кој реагираме на нив, покажуваме дали го сфаќаме сериозно нашиот завет дека ќе го славиме Јехова „од ден на ден“ (Пс. 61:8). На пример, што би направил доколку некој на работа или на училиште почне да флертува со тебе? Дали ќе ти годи таквото внимание или ќе го одбиеш, и така ќе покажеш дека сакаш да му бидеш послушен на Јехова? (Пс. 128:1). Ако само ти во семејството му служиш на Јехова, дали се молиш тој да ти помага постојано да постапуваш христијански? Без разлика во каква ситуација се наоѓаш, дали секој ден му благодариш на Јехова за неговата љубов и за водството што ти го дава? Дали секој ден одвојуваш време за да ја читаш Библијата? Послушноста во сите овие работи е дел од нашиот завет што сме му го дале на Јехова. Кога сме му послушни на Бог и му го даваме најдоброто, му покажуваме дека го сакаме и дека му припаѓаме само нему. За нас, служењето на Бог не е само формалност туку начин на живот. А бидејќи сме му верни, Јехова ни ветува прекрасна иднина (5. Мој. 10:12, 13).

13. Што можеме да научиме од шестото видение на Захарија?

13 Шестото видение на Захарија ни помага да разбереме дека, ако го сакаме Јехова, нема да крадеме и нема да ги прекршуваме нашите ветувања. Исто така учиме дека, иако Израелците направиле многу грешки, Јехова си го одржал своето ветување и не ги напуштил. Тој имал разбирање дека, бидејќи биле опколени со непријатели, се наоѓале во тешка ситуација. Јехова ни оставил добар пример со тоа што секогаш си ги исполнува ветувањата, а ќе ни помага и ние да го правиме истото. Еден начин на кој ни помага е со тоа што ни дава надеж за иднината. Наскоро, тој ќе му стави крај на сето зло што се врши на Земјата. Оваа надеж е истакната во следното видение на Захарија.

ЈЕХОВА ГО ОТСТРАНУВА ЗЛОТО

14, 15. а) Што видел Захарија во седмото видение? (Види ја втората слика на почетокот од статијата.) б) Што претставувала жената што седела во кошницата, и зошто ангелот ја затворил кошницата?

14 Откако Захарија го видел свитокот што лета, еден ангел му рекол: „Подигни ги очите“. Тогаш Захарија видел како излегува „ефа“. Тој израз се однесува на кошница која се користела за да се измери една ефа, што во тоа време била мерка за тежина. (Прочитај Захарија 5:5-8.) Кошницата имала тркалезна оловна поклопка. Откако кошницата се отворила, Захарија видел дека внатре седи една жена. Ангелот му објаснил на Захарија дека жената во кошницата е „Злото“. Замисли колку се исплашил Захарија кога видел дека жената се обидува да излезе! Но, ангелот брзо ја турнал назад во кошницата и ја затворил со тешкиот оловен капак. Што значи ова?

15 Ова видение нѐ уверува дека Јехова нема да толерира какви и да било зли постапки меѓу неговиот народ. Ако види такво нешто, тој брзо ќе реагира за да ги отстрани (1. Кор. 5:13). Ангелот го потврдил ова со тоа што брзо го вратил тешкиот оловен капак врз кошницата.

Јехова направил сѐ што е потребно за вистинската религија да остане чиста (Види во пасуси 16⁠-18)

16. а) Што се случило со кошницата? (Види ја третата слика на почетокот од статијата.) б) Каде ја однеле кошницата жените со крилјата?

16 Потоа Захарија видел две жени кои имале силни крилја како крилја на штрк. (Прочитај Захарија 5:9-11.) Овие жени биле сосема поинакви од злобната жена во кошницата. Тие долетале со нивните силни крилја, ја подигнале кошницата со „Злото“ и одлетале. Каде ја однеле кошницата? „Во земјата Сенар“, односно во Вавилон. Зошто ја однеле таму?

17, 18. а) Зошто Вавилон било соодветно место за „Злото“? б) Што си решен да правиш?

17 За Израелците од времето на Захарија било сосема соодветно што „Злото“ било однесено во Вавилон. Тие знаеле дека тоа е злобен град полн со неморал и идолопоклонство. Захарија и другите Евреи кои живееле таму секој ден се труделе да се спротивстават на паганското влијание. Ова видение сигурно многу ги утешило бидејќи било гаранција дека Јехова нема да дозволи вистинската религија да биде извалкана.

18 Освен тоа, видението ги потсетило Евреите на нивната одговорност да останат чисти во духовен поглед. Слугите на Јехова не смеат и нема да дозволат „Злото“ да се вовлече и да престојува меѓу нив. Јехова нѐ довел во својата чиста организација, каде што ја чувствуваме неговата љубов и заштита. Затоа, секој од нас има одговорност да помогне таа да остане чиста. Меѓу Јеховиниот народ нема место за „Злото“.

ЧИСТ НАРОД КОЈ МУ НОСИ СЛАВА НА ЈЕХОВА

19. Какво значење имаат виденијата на Захарија за нас денес?

19 Шестото и седмото видение на Захарија се сериозно предупредување за оние што прават лоши работи. Јехова нема да дозволи злото да постои засекогаш. Како негови слуги, ние треба да го мразиме злото. Освен тоа, овие виденија нѐ уверуваат дека, ако се трудиме да го радуваме нашиот грижлив небесен Татко, тој нема да ни нанесе „проклетство“ туку ќе нѐ штити и ќе нѐ благословува. Иако не е лесно да останеме чисти во овој злобен свет, со помош од Јехова можеме да успееме! Но, како можеме да бидеме сигурни дека вистинската религија ќе опстане во овој безбожен свет? Каква гаранција имаме дека Јехова ќе ја заштити својата организација во големата неволја која е сѐ поблизу? За овие прашања ќе стане збор во следната статија.