Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Знам дека ќе стане“

„Знам дека ќе стане“

Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам да го разбудам (ЈОВАН 11:11)

ПЕСНИ: 142, 129

1. Во што била уверена Марта во врска со нејзиниот брат? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

МАРТА, која била близок пријател и ученик на Исус, била ожалостена. Нејзиниот брат, Лазар, умрел. Дали имало нешто што можело да ѝ ја ублажи тагата? Да. Исус ѝ ветил: „Твојот брат ќе стане“. И покрај овие зборови, таа сѐ уште чувствувала тага. Сепак, имала доверба во ветувањето на Исус, и рекла: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:20-24). Марта била уверена дека во иднина ќе има воскресение. Но, Исус уште истиот ден направил чудо — го воскреснал Лазар.

2. Зошто би сакал да имаш цврста вера во воскресение каква што имала Марта?

2 Не можеме да очекуваме дека Исус или неговиот Татко ќе направи вакво чудо за нас денес. Но, дали и ти, исто како Марта, си цврсто уверен дека твоите блиски што починале ќе воскреснат во иднина? Можеби си изгубил брачен другар, мајка, татко, баба, дедо или дури дете. Сигурно едвај чекаш да се прегрнете, да зборувате и да се смеете заедно. Како Марта, и ти можеш со увереност да кажеш: „Знам дека ќе воскресне“. Сепак, добро е секој од нас да размисли зошто може да биде уверен во тоа.

3, 4. Како верата на Марта била зајакната од она што го направил Исус?

3 Марта живеела во близина на Ерусалим, и затоа можеби не видела како Исус го воскреснал синот на една вдовица од градот Наин во Галилеја. Но, веројатно слушнала за тоа. Марта веројатно слушнала и за воскресението на ќерката на Јаир. Оние што живееле во куќата на девојката знаеле дека таа умрела. Сепак, Исус ја фатил за рака и ѝ рекол: „Девојко, стани!“ И таа веднаш станала (Лука 7:11-17; 8:41, 42, 49-55). Марта и нејзината сестра, Марија, знаеле дека Исус може да ги излечи болните. Затоа, биле уверени дека, доколку Исус бил со нив, Лазар немало да умре. Но, бидејќи тој веќе бил мртов, што очекувала Марта? Забележи дека таа рекла дека Лазар ќе воскресне во иднина, „во последниот ден“. Зошто била уверена во ова? Зошто и ти можеш да бидеш уверен дека ќе има воскресение и дека постои можност повторно да ги видиш твоите блиски што починале?

4 Имаме силни причини да веруваме во тоа. Во оваа статија ќе разгледаме некои од нив. Всушност, можеби ќе најдеш некои мисли во Божјата Реч кои претходно не си ги поврзал со надежта дека повторно ќе ги видиш твоите најмили кои починале.

НАСТАНИ КОИ НИ ВЛЕВААТ НАДЕЖ

5. Зошто Марта била уверена дека Лазар ќе воскресне?

5 Забележи дека Марта не рекла: „Се надевам дека брат ми ќе стане“. Таа рекла: „Знам дека ќе стане“. Зошто Марта била толку уверена во ова? Затоа што знаела за воскресенијата кои се случиле во минатото. Уште како дете, таа веројатно слушнала за нив дома и во синагогата. Да разгледаме три такви воскресенија кои се спомнати во Библијата.

6. За кое чудо сигурно знаела Марта?

6 Првото воскресение се случило во времето кога Бог му дал моќ на својот пророк Илија да прави чуда. Северно од Израел, во феникискиот град Сарепта, живеела една сиромашна вдовица која му покажала гостопримство на пророкот. Јехова преку чудо ги надополнувал нејзините резерви со брашно и масло, и така таа и нејзиниот син останале живи (1. Цар. 17:8-16). По некое време, синот се разболел и умрел. Но, Илија ѝ помогнал на вдовицата. Тој му се помолил на Јехова: „Боже мој, те молам нека се врати животот во ова дете!“ И тоа навистина се случило! Бог го услишил Илија, и детето оживеало. Тоа е првото воскресение спомнато во Библијата. (Прочитај 1. Царевите 17:17-24.) Марта сигурно знаела за овој впечатлив настан.

7, 8. а) Како Елисеј утешил една ожалостена мајка? б) Што докажува чудото на Елисеј во врска со Јехова?

7 Второто воскресение запишано во Библијата го направил пророкот Елисеј. Во градот Сунам живеела една Израелка која немала деца. Бидејќи му покажала големо гостопримство на Елисеј, Јехова ги благословил оваа жена и нејзиниот остарен сопруг така што им дал син. Но, по неколку години, детето починало. Замисли си колку голема тага чувствувала оваа мајка! Со дозвола од нејзиниот маж, таа патувала 30 километри за да стигне до Елисеј на планината Кармил. Пророкот му рекол на својот слуга Гиезиј да тргне за Сунам пред него за да го воскресне детето. Но, Гиезиј не можел да го врати во живот. По кратко време, пристигнале и мајката и Елисеј (2. Цар. 4:8-31).

8 Елисеј влегол во просторијата каде што било детето и се помолил. Јехова му одговорил на молитвата така што со чудо го воскреснал детето. Кога го видела жив својот син, мајката била пресреќна. (Прочитај 2. Царевите 4:32-37.) Тогаш, можеби се сетила на зборовите од молитвата на Ана. Таа не можела да има деца, но Јехова ја благословил со син на кој му дала име Самоил. Кога го донела во светиот шатор, Ана го фалела Бог со зборовите: „Јехова... спушта во гробот и подига од него“ (1. Сам. 2:6). Со тоа што го оживеал детето од Сунам, Јехова покажал дека навистина може да ги воскресне мртвите.

9. Опиши го третото воскресение запишано во Библијата.

9 Друг впечатлив настан се случил по смртта на Елисеј. Тој служел како пророк повеќе од 50 години, а потоа се разболел и умрел. Како што минувало времето, останале само коските на Елисеј. Еден ден, некои Израелци погребувале еден човек. Одеднаш виделе како доаѓаат разбојници. Израелците се обиделе да избегаат и затоа го фрлиле мртвиот човек во гробот на Елисеј. Во Библијата пишува: „Кога се допре до коските на Елисеј, мртовецот веднаш оживеа и застана на нозе“ (2. Цар. 13:14, 20, 21). Овие извештаи ја увериле Марта дека Бог има моќ над смртта. Тие можат да те уверат и тебе дека Бог има огромна, неограничена моќ.

ВОСКРЕСЕНИЈА ВО ВРЕМЕТО НА АПОСТОЛИТЕ

10. Што се случило со Дорка, и што направил Петар?

10 Во Христијанските грчки списи исто така има извештаи за воскресенија кои ги направиле некои верни Божји слуги. Веќе ги спомнавме воскресенијата што ги направил Исус во близина на градот Наин и во домот на Јаир. Некое време подоцна, апостол Петар ја воскреснал Дорка (Тавита). Петар дошол во просторијата каде што било положено нејзиното тело, се помолил, и потоа рекол: „Тавита, стани!“ Таа веднаш оживеала и Петар им ја покажал на другите христијани кои биле таму. Поради овој настан, многумина станале ученици на Исус. Овие нови ученици имале можност да им ја објавуваат на другите добрата вест за Исус, но и да им кажуваат дека Јехова има моќ да ги воскресне мртвите (Дела 9:36-42).

11. Што утврдил лекарот Лука за едно момче, и како тој настан влијаел врз другите?

11 Да разгледаме уште едно воскресение за кое исто така имало очевидци. Во една прилика, апостол Павле бил на состанок во една горна соба во Троада, во денешна северозападна Турција. Павле држел говор до полноќ. Едно момче, по име Ефтих, седело на прозорецот и слушало. Но, додека Павле зборувал, Ефтих заспал и паднал од вториот кат. Можеби лекарот Лука прв дотрчал кај него и утврдил дека не е само повреден и онесвестен. Тој бил мртов! Павле исто така слегол долу, го прегрнал Ефтих и рекол: „Не викајте, зашто е жив!“ Ова чудо сигурно им оставило голем впечаток на сите што биле таму. Неизмерно ги утешило тоа што со свои очи виделе како Павле го воскреснал мртвото момче (Дела 20:7-12).

СИГУРНА НАДЕЖ

12, 13. Кои прашања се појавуваат на темел на она што го разгледавме за воскресението?

12 Воскресенијата што ги разгледавме треба да те уверат во нешто во што била уверена и Марта. Можеме да бидеме сигурни дека Бог, оној што ни дал живот, може да ги воскресне оние што се починати. Интересно е дека, секое од овие воскресенија било направено преку некој верен Божји слуга, како Илија, Исус или Петар. Тие се случиле во времето кога Јехова правел чуда. А што е со оние што починале во време кога немало вакви чуда? Дали верните мажи и жени кои живееле во други периоди можеле да очекуваат дека во иднина ќе има воскресение? Дали и тие можеле да го кажат истото што Марта го кажала за својот брат: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“? Зошто Марта била уверена дека ќе има воскресение во иднина, и зошто можеш и ти да бидеш уверен во тоа?

13 Во Библијата има неколку извештаи кои покажуваат дека верните Божји слуги знаеле дека во иднина ќе има воскресение. Да разгледаме некои од нив.

14. Што учиме од извештајот на Авраам во врска со воскресението?

14 Размисли за она што Јехова побарал од Авраам да го направи со Исак, синот кој толку долго го очекувал. Бог рекол: „Те молам, земи го својот син, својот единец, Исак, кого толку го сакаш, па... принеси го како жртва паленица“ (1. Мој. 22:2). Замисли како се чувствувал Авраам кога ја чул оваа заповед! Јехова ветил дека преку потомството на Авраам ќе се благословат сите народи (1. Мој. 13:14-16; 18:18; Рим. 4:17, 18). Исто така, Бог рекол дека тој благослов ќе дојде „преку Исак“ (1. Мој. 21:12). Но, како ќе се исполнело ова доколку Авраам го жртвувал својот син? Под водство на светиот дух, Павле објаснил дека Авраам верувал дека Бог може да го воскресне Исак. (Прочитај Евреите 11:17-19.) Сепак, во Библијата не пишува дека Авраам мислел дека Исак ќе оживее веднаш — за неколку часа, за еден ден или за една седмица. Авраам не можел да знае кога ќе воскресне неговиот син. Но, тој бил уверен дека Јехова може да го воскресне.

15. Каква надеж имал верниот Јов?

15 Верниот Јов исто така знаел дека во иднина ќе има воскресение. Тој знаел дека, ако едно дрво се пресече, може повторно да пушти гранки како младо растение. Но, ова не може да се случи со еден човек (Јов 14:7-12; 19:25-27). Кога ќе умре, човекот не може самиот да се оживее (2. Сам. 12:23; Пс. 89:48). Се разбира, тоа не значи дека Бог не може да го воскресне. Всушност, Јов верувал дека Јехова ќе се сети на него. (Прочитај Јов 14:13-15.) Јов не можел да знае кога точно ќе се случи тоа. Сепак, бил уверен дека оној што му дал живот на човекот може да го воскресне и дека ќе го направи тоа.

16. Како еден ангел го охрабрил Даниел?

16 Размисли и за пророкот Даниел. Тој целиот свој живот верно му служел на Јехова, и Бог го поддржувал. Во една прилика, еден ангел го нарекол Даниел „љубимецу Божји“ и му рекол: „Имај мир! Биди силен“ (Дан. 9:22, 23; 10:11, 18, 19).

17, 18. Што му ветил Јехова на Даниел?

17 Кога имал речиси 100 години и бил при крајот на својот живот, Даниел можеби си размислувал што ќе се случи со него. Дали очекувал дека повторно ќе живее? Се разбира. На крајот од книгата Даниел е запишано следново ветување што му го дал Бог: „А ти оди кон својот крај. Ќе почиваш“ (Дан. 12:13). Остарениот Даниел знаел дека мртвите почиваат и дека нема „ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот“, каде што тој наскоро ќе одел (Проп. 9:10). Сепак, тоа не било крај за Даниел. Јехова му дал прекрасно ветување за иднината.

18 Јеховиниот ангел понатаму му рекол на Даниел: „На крајот од деновите ќе станеш за да го добиеш своето наследство“. Даниел не знаел кога точно ќе се случи тоа. Тој сфатил дека ќе умре и дека ќе почива. Но, кога го слушнал ветувањето „ќе станеш за да го добиеш своето наследство“, сфатил дека ќе воскресне во иднина. Тоа ќе се случело „на крајот од деновите“, односно долго време откако ќе умрел.

Исто како Марта, и ти можеш да бидеш уверен дека ќе има воскресение (Види во пасуси 19-20)

19, 20. а) Каква врска имаат настаните кои ги разгледавме со она што му го кажала Марта на Исус? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Марта навистина имала силни причини да верува дека нејзиниот брат Лазар кој верно му служел на Бог „ќе стане при воскресението во последниот ден“. Ветувањето што Јехова му го дал на Даниел, како и цврстата вера во воскресението што ја имала Марта, треба и нам денес да ни влеат доверба дека ќе има воскресение.

20 Видовме дека воскресенијата што се случиле во минатото потврдуваат дека мртвите навистина ќе се вратат во живот. Видовме и дека мажи и жени кои верно му служеле на Бог очекувале дека ќе има воскресение некогаш во иднина. Но, постојат ли докази дека едно воскресение може да се случи долго време откако било ветено? Ако да, тогаш ќе имаме уште поголема причина со нетрпение да го чекаме воскресението во иднина. Но, кога точно ќе се случи тоа? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеме во следната статија.