Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Родители — помагајте им на вашите деца да добијат спасение

Родители — помагајте им на вашите деца да добијат спасение

Од рано детство ги познаваш светите списи, кои можат да те направат мудар за да добиеш спасение (2. ТИМ. 3:15)

ПЕСНИ: 141, 134

1, 2. Зошто можеби некои родители се загрижени кога нивните деца ќе изразат желба да се крстат како Јеховини сведоци?

СЕКОЈА година, илјадници лица кои ја проучуваат Библијата му го заветуваат својот живот на Јехова и се крштаваат. Меѓу нив има многу млади кои пораснале во вистината и го избрале најдобриот животен пат (Пс. 1:1-3). Ако си родител, веројатно едвај чекаш да дојде денот кога твојот син или ќерка ќе се крсти. (Спореди со 3. Јованово 4.)

2 Сепак, можеби си загрижен. Можеби познаваш некои млади кои откако се крстиле почнале да се сомневаат дали навистина е мудро да живеат според Божјите мерила. Некои од нив дури и ја напуштиле вистината. Затоа, можеби се грижиш дека, некое време откако ќе почне да му служи на Јехова, твоето дете ќе се смени и повеќе нема да ја сака библиската вистина како порано. Можеби си мислиш дека ќе стане како христијаните од првиот век кои живееле во Ефес. За ова собрание Исус рекол: „Ја остави својата прва љубов“ (Отк. 2:4). Како можеш да му помогнеш на твоето дете да ја зачува својата љубов кон Бог и „да порасне до спасение“? (1. Пет. 2:2). Одговорот ќе го добиеме ако го разгледаме примерот на Тимотеј.

„ГИ ПОЗНАВАШ СВЕТИТЕ СПИСИ“

3. а) Како Тимотеј станал христијанин, и како реагирал на учењата на Исус? б) Кои три аспекти во врска со учењето му ги спомнал Павле на Тимотеј?

3 Во 47 год. од н.е, апостол Павле за првпат ја посетил Листра. Можеби во тоа време Тимотеј, кој веројатно бил на тинејџерска возраст, се запознал со учењата на Исус. Тој го применувал она што го учел, и по две години почнал да патува со Павле. Околу 16 години подоцна, Павле му напишал на Тимотеј: „Остани во она што си го научил и во кое си се уверил, бидејќи знаеш од кого си го научил сето тоа и дека од рано детство ги познаваш светите списи [Хебрејските списи], кои можат да те направат мудар за да добиеш спасение преку верата која е во Христос Исус“ (2. Тим. 3:14, 15). Забележи дека Павле рекол дека Тимотеј 1) ги познавал светите списи, 2) се уверил во она што го научил и 3) станал мудар за да добие спасение преку верата која е во Христос Исус.

4. Кои публикации си ги користел за да ги поучиш своите деца? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Како родител, сигурно сакаш твоето дете да ги познава светите списи, во кои денес спаѓаат Хебрејските списи и Христијанските грчки списи. Дури и малите деца можат да стекнуваат знаење за луѓе и настани од Библијата. Јеховината организација има издадено многу книги, брошури и видеоматеријали кои родителите можат да ги користат за да им помогнат на своите деца. Дали знаеш кои од нив ги има на твојот јазик? Твоето дете треба да знае што пишува во Библијата за да може да изгради блиско пријателство со Јехова.

„СИ СЕ УВЕРИЛ“ ВО ОНА ШТО СИ ГО НАУЧИЛ

5. Од каде знаеме дека Тимотеј се уверил во добрата вест за Исус?

5 Важно е децата да ги познаваат светите списи. Но, за вистината да се всади во нивното срце не е доволно само да ги учиш за луѓе и настани од Библијата. Како што спомнавме претходно, Тимотеј ги познавал Хебрејските списи од рано детство, но бил и уверен во она што го учел. Подоцна, на темел на цврсти докази, тој се уверил и дека Исус е Месијата. Всушност, Тимотеј имал толку силна вера што се крстил и почнал да соработува со Павле во мисионерската служба.

6. Како можеш да им помогнеш на децата да изградат вера во Божјата Реч?

6 На кој начин можеш да им помогнеш на своите деца да се уверат во она што го научиле, како што било случај со Тимотеј? Важно е да бидеш стрплив. Потребно е време за да се изгради силна вера. Освен тоа, фактот дека ти веруваш во нешто не значи дека и твоите деца автоматски ќе веруваат во тоа. Секое дете треба да го користи „својот разум“ за да изгради вера во Библијата. (Прочитај Римјаните 12:1.) Како родител, ти можеш многу да им помогнеш на децата да си ја зајакнат верата, особено кога ти поставуваат прашања. Да видиме што можеме да научиме од примерот на еден татко.

7, 8. а) Како еден родител покажува стрпливост додека ја поучува својата ќерка? б) Во која ситуација требало да бидеш стрплив со своето дете?

7 Томас, чија ќерка има 11 години, вели: „Ќерка ми некогаш поставува прашања, како на пример: ’Дали е можно Јехова да користел еволуција за да се развие живот на Земјата?‘ или ’Зошто не сме вклучени во некои активности, како што се политичките избори, за да придонесеме да се подобрат условите во општеството?‘ Понекогаш треба да се воздржувам да не ѝ кажам во што треба да верува“. Томас знае дека за да увериш некого не е доволно да му дадеш само еден силен доказ, туку треба да му изнесеш повеќе докази.

8 Исто така, Томас знае дека треба да биде стрплив за да ја поучи својата ќерка. Всушност, на сите христијани им е потребна стрпливост (Кол. 3:12). Томас сфаќа дека мора да одвојува доволно време за да разговара со ќерка му бидејќи така ќе ѝ помогне да го разбере она што го учи од Библијата и да изгради вера. Томас вели: „Особено кога станува збор за некои важни работи, јас и жена ми сакаме да бидеме сигурни дека нашата ќерка навистина верува во она што го учи и дека тоа ѝ е логично. Добро е ако има прашања. Искрено, би бил загрижен доколку прифати нешто без да постави некое прашање“.

9. Како можеш да им помогнеш на децата да веруваат во Божјата Реч?

9 Ако родителите се стрпливи додека поучуваат, со текот на времето нивните деца ќе почнат да ја разбираат „ширината и должината и височината и длабочината на вистината“ (Еф. 3:18). Родителите можат да ги поучуваат децата на начин кој е соодветен за нивните способности и возраст. Како што ќе се зајакнува нивната вера, ќе им биде полесно да ги бранат своите верувања пред другите, вклучувајќи ги и соучениците (1. Пет. 3:15). На пример, дали твоите деца можат на темел на Библијата да објаснат што се случува кога човек ќе умре? Дали им звучи логично објаснувањето од Библијата? * Не заборавај дека треба да бидеш стрплив за да им помогнеш на децата да стекнат вера во Божјата Реч. Но, трудот ќе се исплати (5. Мој. 6:6, 7).

10. Што треба да биде важен дел од твоето поучување?

10 Се разбира, ако сакаш да им помогнеш на своите деца да стекнат вера, многу е важно да им дадеш и личен пример. Стефани, која има три ќерки, вели: „Уште додека моите ќерки беа многу мали, морав да се прашам: ’Дали зборувам со децата за тоа зошто јас сум уверена дека Јехова постои, дека нѐ сака и дека секогаш постапува праведно? Дали можат да видат дека јас навистина го сакам Јехова?‘ Не можам да очекувам моите деца да бидат уверени во нешто во кое јас не сум уверена“.

„МУДАР ЗА ДА ДОБИЕШ СПАСЕНИЕ“

11, 12. Што е мудрост, и од каде знаеме дека таа не зависи од возраста?

11 Како што видовме, Тимотеј 1) ги познавал светите списи и 2) бил уверен во она што го научил. Но, што мислел Павле кога рекол дека светите списи можеле да го направат Тимотеј мудар за да добие спасение?

12 Во Увид во Светото писмо (Insight on the Scriptures, англ.), том 2, е објаснето дека мудроста е „способност да се примени знаењето за да се решат проблеми, да се избегнат опасности, да се оствари некоја цел или да се советуваат други да го сторат истото. Мудроста е спротивна на глупоста“. Библијата вели дека „глупоста е приврзана за срцето на детето“ (Изр. 22:15). Според тоа, мудроста, која е спротивна на глупоста, е еден знак на зрелост. А духовната зрелост не зависи од нечија возраст. Духовно зрел е оној што има стравопочит кон Јехова и сака да му биде послушен. (Прочитај Псалм 111:10.)

13. Како можат младите да покажат дека се мудри за спасение?

13 Младите кои се духовно зрели не се „како фрлани од бранови и како да ги носи ваму-таму секој ветар на учењето“. Тие не дозволуваат нивните желби или притисокот од врсниците да влијаат врз нивните ставови (Еф. 4:14). Напротив, нивната „моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евр. 5:14). Затоа носат мудри одлуки дури и кога нивните родители или други возрасни не ги гледаат (Фил. 2:12). Таквата мудрост е неопходна за спасение. (Прочитај Изреки 24:14.) Како можеш да им помогнеш на децата да стекнат таква мудрост? Најпрвин, јасно кажи им кои се твоите вредности. По твоите зборови и постапки тие треба да видат дека се трудиш да живееш според библиските мерила (Рим. 2:21-23).

Зошто е важно родителите постојано да вложуваат труд за да им помагаат на децата да се уверат во вистината? (Види во пасуси 14-18)

14, 15. а) За кои важни работи треба да размислуваат младите кои сакаат да се крстат? б) Што мислиш, како можеш да им помогнеш на децата да размислуваат за благословите што ги носи послушноста кон Божјите закони?

14 Меѓутоа, за да можат децата да изградат вера, не е доволно само да им кажеш што е исправно, а што погрешно. Треба и да им помогнеш да дојдат до одговор на следниве прашања: „Зошто Библијата забранува некои работи кои можеби изгледаат привлечно? Зошто можам да бидам сигурен дека библиските мерила се секогаш за мое добро?“ (Иса. 48:17, 18).

15 Ако твоето дете сака да се крсти, помогни му да размисли и за големите одговорности што ги носи крштавањето. Како гледа на нив? Кои благослови ги носи крштавањето? Со кои тешкотии ќе се соочи? Зошто може да се каже дека ќе има повеќе благослови отколку тешкотии? (Мар. 10:29, 30). Многу е важно внимателно да размисли за овие работи пред да се крсти. Помогни му на твоето дете и длабоко да размисли за благословите што ги носи послушноста и за последиците од непослушноста. Тогаш ќе има поголема веројатност да верува дека тоа што ќе се држи за библиските мерила секогаш ќе биде за негово добро (5. Мој. 30:19, 20).

АКО СЕ ПОЈАВАТ СОМНЕЖИ

16. Што треба родителите да прават ако кај нивното дете се појават сомнежи по крштавањето?

16 Што можеш да направиш ако кај твоето дете се појават сомнежи за вистината откако ќе се крсти? На пример, можеби ќе почнат да му се допаѓаат некои работи од светот. Или можеби ќе му се јават сомнежи дали навистина е најдобро да се живее според библиските начела (Пс. 73:1-3, 12, 13). Од начинот на кој ќе реагираш може да зависи дали детето ќе продолжи да му служи на Јехова. Биди решен да не се расправаш со него за тие работи, без разлика дали сѐ уште е многу мало или, пак, е тинејџер. Напротив, твојата цел треба да биде да го увериш дека го сакаш и дека имаш желба да му помогнеш.

17, 18. Како можат родителите да му помогнат на своето дете кое има сомнежи во врска со вистината?

17 Со своето крштавање, едно младо лице покажува дека му го заветувало својот живот на Јехова. Тоа ветило дека ќе го сака Бог и дека најважно ќе му биде да ја извршува неговата волја. (Прочитај Марко 12:30.) Јехова гледа многу сериозно на таквото ветување, а така треба да гледа и секој од нас (Проп. 5:4, 5). Потсети го своето дете на ова. Но, пред да го сториш тоа, проучувај го материјалот што Јеховината организација го обезбедила за родителите. Потоа, на љубезен начин и во вистинско време нагласи му на своето дете дека тоа што му го заветувало животот на Јехова и се крстило е многу сериозна работа, но и дека носи голем број благослови.

18 На пример, можеш да најдеш убави предлози во додатокот „Родителите прашуваат“ кој се наоѓа на крајот од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1. Таму пишува: „Немој избрзано да заклучиш дека твојот тинејџер ја отфрлил твојата вера. Обично има причина за тоа што го изгубил интересот“. Можеби се соочува со притисок од врсниците или, пак, се чувствува осамено. Можеби смета дека другите млади прават повеќе во службата за Јехова од него. Во додатокот е објаснето дека „ваквите причини немаат никаква врска со учењата на твојата религија“. Тие работи „обично повеќе се поврзани со околностите поради кои не му е лесно да живее во склад со своите верувања — барем засега“. Потоа, во додатокот се наведени неколку предлози за тоа како еден родител би можел да му помогне на детето кое има сомнежи во врска со библиската вистина.

19. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да станат мудри за да добијат спасение?

19 Како родител, имаш голема одговорност и чест да ги воспитуваш своите деца „со стега од Јехова“ и да им помагаш да го „усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4). Како што видовме, ова значи дека не е доволно само да ги поучуваш децата за тоа што вели Библијата туку и дека треба да им помогнеш да се уверат во тоа што го учат. Кога нивната вера ќе биде цврста, ќе бидат поттикнати да му го заветуваат својот живот на Јехова и да му служат со цело срце. Се надеваме дека Божјата Реч, светиот дух и твојот труд ќе им помогнат на твоите деца да станат мудри за да добијат спасение.

^ пас. 9 Работните листови за книгата „Што навистина учи Библијата?“ им помагаат и на младите и на возрасните да ги разберат библиските вистини и да научат како да ги објаснат. Тие листови можеш да ги најдеш на jw.org на многу јазици. Побарај под БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ПОМОШ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ НА БИБЛИЈАТА.