Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нем сведок за едно исполнето пророштво

Нем сведок за едно исполнето пророштво

ВО РИМ СЕ НАОЃА ЕДНА ТРИУМФАЛНА ПОРТА КОЈА ПРИВЛЕКУВА ПОСЕТИТЕЛИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ. ОВАА ПОРТА БИЛА ИЗГРАДЕНА ВО ЧЕСТ НА ТИТ, ЕДЕН ОД ОМИЛЕНИТЕ ИМПЕРАТОРИ НА ДРЕВНИТЕ РИМЈАНИ.

На триумфалната порта на Тит има два релјефа кои прикажуваат познат историски настан. Но, она што на повеќето не им е познато е дека постои врска меѓу оваа порта и Библијата. Таа е нем сведок за точноста на библиските пророштва.

ГРАД ОСУДЕН НА ПРОПАСТ

Во почетокот на првиот век од н.е., Римската империја се протегала од Велика Британија и Галија (денешна Франција) па сѐ до Египет. Во тој регион владеела дотогаш невидена стабилност и економска благосостојба. Но, на едно подрачје имало народ кој постојано му задавал маки на Рим. Тоа биле Евреите од римската провинција Јудеја.

Во една енциклопедија пишува: „На ретко која територија под римска власт владеело толку големо непријателство меѓу Римјаните и некој локален народ како што било случај во Јудеја. Евреите ги мразеле туѓите владетели на кои не им било гајле за нивните традиции. А поради тврдоглавоста на Евреите, Римјаните биле сурови кон нив и ги угнетувале“ (Encyclopedia of Ancient Rome). Многу Евреи се надевале дека ќе се појави некој водач кој ќе ги протера Римјаните и ќе му ја врати на Израел поранешната слава. Но, во 33 год. од н.е., Исус Христос навестил дека Ерусалим ќе биде уништен.

Исус рекол: „За тебе ќе дојдат денови кога твоите непријатели ќе подигнат околу тебе ограда од зашилени колци, и ќе те опколат, и ќе те притиснат од сите страни. И ќе те срамнат со земјата, тебе и твоите деца во тебе. И нема да остават во тебе ни камен на камен“ (Лука 19:43, 44).

Учениците на Исус, очигледно, биле збунети од овие зборови. Два дена подоцна, еден од неговите ученици додека гледал кон храмот му рекол: „Учителе, гледај! Какви камења, какви градби“. Можно е некои камења од храмот да биле над 11 метри долги, 5 метри широки и 3 метри високи! И покрај тоа, Исус рекол: „Ќе дојдат денови кога од сето ова што го гледате овде нема да биде оставен ниту камен на камен, сѐ ќе биде разурнато“ (Марко 13:1; Лука 21:6).

Исус понатаму додал: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш знајте дека се приближило неговото опустошување! Тогаш оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините! Оние што ќе бидат во градот, нека го напуштат, а оние што ќе бидат во селата, нека не влегуваат во градот!“ (Лука 21:20, 21). Дали зборовите на Исус се исполниле?

УНИШТУВАЊЕТО НА ЕРУСАЛИМ

Поминале 33 години откако Исус ги кажал овие зборови, а Јудејците сѐ уште воздивнувале под јаремот на Рим. Но, во 66 год. од н.е., римскиот управител на Јудеја, Гесиј Флор, украл пари од светата храмска ризница. За Евреите ова било премногу. Кратко потоа, еврејските бунтовници навлегле во Ерусалим, ги убиле римските војници и прогласиле независност.

Околу три месеци подоцна, преку 30.000 римски војници, предводени од Цестиј Гал, се упатиле кон Ерусалим за да го задушат бунтот. Римјаните брзо успеале да влезат во еден дел од градот, и го поткопале надворешниот ѕид на храмот. Потоа, без некоја очигледна причина, се повлекле. Еврејските бунтовници биле пресреќни и веднаш тргнале во потера по нив. Бидејќи римската војска и еврејските бунтовници си заминале од градот, христијаните можеле да го послушаат предупредувањето на Исус. Тие избегале од Ерусалим во планините кои се наоѓале на другата страна од реката Јордан (Матеј 24:15, 16).

Следната година, Рим повторно тргнал против Јудеја на чело со генералот Веспазијан и неговиот син Тит. Сепак, кратко по смртта на императорот Нерон во 68 год. од н.е., Веспазијан се вратил во Рим за да го преземе престолот и го оставил својот син Тит, заедно со 60.000 војници, да го доврши походот.

Во јуни 70 год. од н.е., Тит наредил неговите војници да ги исечат дрвјата од околината на Ерусалим. Подоцна, со нив направиле ѕид од зашилени колци околу Ерусалим кој бил долг 7 километри. Околу три месеци подоцна, римските војски ги опљачкале и ги запалиле градот и храмот, и ги разурнале камен по камен, токму како што прорекол Исус (Лука 19:43, 44). Според некои скромни проценки, речиси 500.000 луѓе од Ерусалим и Јудеја го изгубиле животот.

ПОБЕДА ЗА РИМ

Во 71 год. од н.е., Тит се вратил во Италија каде што граѓаните на Рим му приредиле раскошен дочек. Целиот град излегол на улиците да ја прослави победата и да ја види триумфалната поворка која била една од најголемите вакви поворки одржани во Рим.

Мноштвата се восхитувале додека низ улиците на Рим го гледале огромното богатство што го запленил Тит. Со воодушевеност ги гледале запленетите чамци, предметите од храмот во Ерусалим и украсените подвижни платформи со нацртани и одглумени сцени од битките.

Тит станал император на местото на неговиот татко Веспазијан во 79 год. од н.е. Но, по само две години, Тит ненадејно умрел. Престолот го наследил неговиот брат, Домицијан, кој изградил триумфална порта во чест на Тит.

ТРИУМФАЛНАТА ПОРТА ДЕНЕС

Триумфалната порта на Тит денес

Стотици илјади посетители кои секоја година доаѓаат во Рим се воодушевени од триумфалната порта на Тит. За некои таа е величествено уметничко дело, за други симбол за моќта на Римската империја, а за трети, пак, спомен за древниот Ерусалим и неговиот храм.

Сепак, за оние што длабоко ја истражуваат Библијата, триумфалната порта на Тит има уште поголемо значење. Таа е нем сведок за точноста на библиските пророштва и потврдува дека тие навистина се од Бог (2. Петрово 1:19-21).